Лавиринтот на правдата

Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Крсте Шупев и Синиша Илијески
Монтажа: Крсте Шупев и Синиша Илијески
Продукција: Види Вака

Благоја Бандоски и Нуретин Даци од Скопје со години талкаат низ институционалните и судски лавиринти барајќи ги своите права од социјална заштита. Административната правда е спора, забележува и Европската комисија. Институциите, пак, се жалат на несоработка и неспроведување до крај на нивните одлуки

Десет години, четири институции, две судски пресуди без епилог. Вака накратко може да се опише патот на предметот на 63-годишниот Благоја Бандоски од Скопје. За барање за остварување на надомест за телесно оштетување наместо да прима, според наши пресметки, максимум по 2.000 илјади денари месечно, тој со години талка од една во друга институција без да добие конечно решение – одобрение на надоместокот или целосно одбивање на неговото барање.

Предметот на Бандоски во моментов е пред две институции – пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и пред Врховниот суд.

Државната комисија одлучува по жалбата на Бандоски на решението на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а Врховниот суд по барањето за судење во разумен рок.

Управните постапки, иако треба да бидат кратки и економични, сè уште траат со години. Со проблемот на Бандоски се соочуваат уште многу граѓани кои, наместо ефикасна правда, добиваат долги жалбени постапки и доцнење со спроведувањето на управните судски одлуки.

По објавувањето на сторијата на Види Вака за институционалните лавиринти во кои е „заглавено“ барањето на Бандоски, ги прашавме институциите зошто конечно не се одлучи по неговиот предмет и како да се заштитат граѓаните од бесконечно талкање во потрагата по своите права.

Низ административниот лавиринт на Благоја Бандоски

Бандоски прима инвалидска пензија од 2001 година. Кога го поднел барањето за надоместок за телесно оштетување, во 2011 година, имал проблеми со видот и со слухот, а одењето му било отежнато и користел патерици. Сега веќе користи и инвалидска количка.

Од ПИОМ, кој постојано го одбива барањето на Бандоски, неспроведувањето на пресудите на Управниот суд (Пресуда 20152018, одлучувањето на Комисијата за оцена на работната способност во полн состав, го оправдаа со ситуацијата со ковид-19, иако предметот е стар десет години.

Во однос на прашањето дали може да користи и надоместок за телесно оштетување лице кое е корисник на инвалидска пензија, од Фондот одговорија дека има такви случаи, но за случајот на Бандоски наведоа:

„Лицето кое бара право на паричен надоместок за телесно оштетување, меѓу другите услови, треба во моментот на настанување на телесното оштетување да е пријавен во задолжително социјално осигурување, односно осигуреник, а не корисник на пензија. Во конкретниот случај, барателот на надоместок за телесно оштетување, во моментот на поднесување на барањето, веќе бил корисник на инвалидска пензија“, стои во одговорот на ПИОМ.

Од Државната комисија велат дека не можат да одлучуваат мериторно по предметот, иако ја усвоиле жалбата на Бандоски, бидејќи недостасува доказ – правилно утврдена фактичка состојба од тричлена Комисија, кој ПИОМ не го обезбедил.

Поголемиот дел од управните постапки се водат во согласност со новиот Закон за општата управна постапка (ЗОУП), и доколку истите се почитуваат во целост, граѓаните би можеле да ги остваруваат навремено своите права во рамките на управните постапки, смета директорката на Државната комисија, Даница Чадиева.

„Меѓутоа во реалната пракса се јавуваат извесни пречки, кои некогаш се од објективен, некогаш од субјективен карактер, а поради кои поминува подолг рок до моментот на конечно решавање на една управна постапка. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е недоставувањето на списи од страна на првостепените органи“, вели Чадиева. 

За промена на ваквата слика, додава Чадиева, потребно е да се создадат услови за непречено функционирање на електронската комуникација помеѓу јавните органи, што е предвидено во новиот ЗОУП. Со тоа би се забрзала и поедноставила размената на податоци, а би се намалило и талкањето на граѓаните по институциите.

Управниот суд со надлежности, но без можности за мериторно одлучување 

И претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, се пожали дека пониските органи не доставуваат списи за предметите кои се водат пред судот. Тоа им ја намалува можноста за носење мериторна одлука.

Сејдини додава дека и покрај ваквите услови успеале да го забрзаат решавањето на управносудските постапки.

„Фамозното недоставување на списи уште останува како можност на органите. Во тој случај Судот не може да донесе одлука или премногу тешко би донел одлука во полна јурисдикција. Имаме ситуации на недоставување на комплетни списи. Сега се предвидоа казни за одговорните лица во самите државни органи, меѓутоа очекуваме да ја видиме примената каква ќе е во тој дел“, вели претседателот на Управен, Сејдини.

Сепак Судот досега нема поведено кривична постапка против ниту еден орган или одговорно лице во органот.

Она што загрижува е дека ние пречесто зборуваме за доверба во судовите, а не и за недоверба во јавните органи, додава Сејдини.

Чадиева, пак, смета дека Управниот суд треба да ги користи механизмите за обезбедување на списите од првостепените органи и можностите за санкции.

„Затоа што пресуда донесена без списи, со која е уважено тужбено барање, за неука странка значи дека таа го добила спорот пред Управен суд, со што се добива лажна надеж. Потоа предметот се враќа на второстепен орган и кога странката ќе добие поинаква одлука за истиот, почнува голгота и повторно тужба пред Управен суд, па Виш управен суд, и сето тоа трае со години“, вели директорката на Државната комисија.

Во потрага по одговори за случајот на Нуретин Даци

Случајот на Бандоски не е единствен. Покусо, но исто така без епилог, се одвива и случајот на Нуретин Даци. Неговата „голгота“ трае 5 години откако Центарот за социјални работи утврдил дека тој не ја дал точната семејна состојба, па му ја укинал постојаната парична помош што ја примал.

За неговиот случај одлучувале Центарот, Министерството за труд и социјална политика, Управниот суд и Врховниот суд.

За случајот на Даци од Министерството за труд и социјална политика не добивме конкретен одговор за тоа како може да се реши со конечна одлука. Но од таму нè информираа дека:

Се поставува прашањето како ќе му се надоместат изгубените години откако му било укинато правото на постојана парична помош.

Да се обезбедат услови за непречено спроведување на законите

Доследната примена на законите треба да обезбеди подобра заштита на правата на граѓаните, сметаат и Чадиева и Сејдини.

Според Чадиева, за да се забрзаат управните постапки, потребно е подобрување на кадровската екипираност и опременост на јавните органи, како и доследно почитување и применување на законските одредби и воедно вршење на надзор над органите.

Во случај на Управниот суд, потребни се континуирани обуки за судиите и најважно просторни услови, вели претседателот на Судот. Судот има законска обврска за одржување на јавни седници, а располага со една просторија која е приспособена во судница. Јавни седници се одржуваат во секоја канцеларија на судиите, а предмети има насекаде низ ходниците.

Потребно е и постојано следење на правната пракса во спроведувањето на Законот за општата управна постапка со цел навремено подобрување на законската рамка во оние ситуации каде што не се добиваат посакуваните резултати, заклучува Чадиева.

Дотогаш, Бандоски и Даци ќе чекаат од највисокиот суд во земјава да одлучи дали, наместо во кратка и економична постапка, нивните предмети се одлучувале во неразумен рок.

Facebook
Twitter
LinkedIn