Криза на родова еднаквост во врвот на општините

Жените се многу ретко на листите за градоначалници автоматски и помалку добиваат можност да управуваат со општините.
Автор: Марија Севриева
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска

Родовата еднаквост во локалната самоуправа во Македонија е предизвик кој сè уште е недостижен и по 30 години од независноста на земјава. Иако на хартија, односно во законите, ова прашање е регулирано, во реалноста жените се застапени, исто така само на хартија, односно само на кандидатските листи, но не и во градоначалничките или советничките столчиња. 

Ниското ниво на кандидатки за градоначалнички е рефлексија истовремено на недоволна политичка волја и посветеност на партиите, но и на одредбите во Изборниот законик кои не стимулират квоти за помалку застапениот пол кога станува збор за изборните листи за градоначалници, оценуваат од истражувачката организација Реактор – истражување во акција. 

„Ваквата состојба е навистина загрижувачка, особено имајќи предвид дека ова е константна ситуација, односно ова е правилото, а не исклучокот во рамките на локалните избори гледано низ историјата на државата“, велат од Реактор.

Колку законската рамка поттикнува родова еднаквост?

Низ годините, законите во кои се уредуваат изборите и родовата еднаквост неколкупати се менувани. Крајната цел секогаш била подобра законска рамка за поголема еднаквост во претставувањето на двата пола. Но за жал во реалноста, кандидирањето на жени и понатаму се прави со цел само да се пополнат квотите или процентите коишто се предвидени со законите без посериозна заложба за сликата да се промени. 

Да го погледеме развојот на правната рамка. 

Овие квоти се почитуваат поради законската обврска и опасноста од неприфаќање на кандидатските листи од страна на Државната изборна комисија. Но за вистинска еднаквост треба мажите и жените да имаат исти можности за учество, односно 50:50, велат од Реактор. 

„За да се смени оваа практика, за почеток, мора да се промени Изборниот законик и да се воведат квоти за помалку застапениот пол на кандидатските листи, слично како што тоа е сторено со листите за парламентарните избори и советничките места за локалните избори“, предлагаат од Реактор. 

Градоначалнички Од нула до „рекордни“ шест

Од 1991 година до сега во земјава се одржале седум редовни избори за локална самоуправа. За жал, јавно достапните податоци не се доволни за калитетна анализа на родовата застапеност во локалните самоуправи, а од Државната изборна комисија ни одговорија дека се премногу зафатени со тековните локални избори за да ни обезбедат подобри податоци. 

Анализата на достапните податоци е направена врз основа на број на кандидатки и избрани градоначалнички, иако за некои години воопшто не постојат достапни податоци ниту за кандидатки ниту за градоначалнички. 

Резултатите се поразителни. Во 1996 и 2009 ниту една жена не седнала на чело на некоја општина, додека најголем број на градоначалнички, дури 6, биле избрани во 2017 година. 

Да погледнеме хронолошки – од првите до последните локални избори. 

1996 година

Локалните избори во 1996 години се први локални во самостојна и независна Македонија. За овие избори, од пред 25 години, постојат информации само за избраните градоначалници, но не и за кандидатите. 

Според Конечните резултати од локалните избори за градоначалници и членови на советите на општините и градот Скопје, односно од вкупно 124 општини во ниту една не била избрана градоначалничка. 

2000 година

Виолета Аларова беше избрана за градоначалничка на Општина Центар во 2000 година како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ. Таа ја водеше најбогатата скопска општина два мандати, до 2009 година.  

Но за жал, на сајтот на Државната изборна комисија нема податоци за голем број на изборни циклуси, вклучително и за локалните избори во 2000 година и не беше возможно да се провери колку други кандидатури за градоначалнички имало и која од нив, покрај Аларова, добила градоначалничка функција. 

Преку проекти на граѓански организации направена е базата на податоци https://izbornaarhiva.mk, но за жал ниту во моментот кога е таа формирана овие податоци не биле јавно достапни. 

2005 година

На првите избори одржани по новата територијана поделба на Македонија направена со Закон за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија од 2004 година, со кој се определуваат 84 општини плус градот Скопје, избрани се вкупно три градоначалнички. 

Лефкија Гажоска во Крушево (СДСМ)

Виолета Аларова во Центар (ВМРО-ДПМНЕ)

Саније Садику во Осломеј (ДУИ)

За советничките листи, пак, избрани се жени носителки на советнички листи во помалку од половина од општините, односно во 35 општини.

2009

На Локалните избори во 2009 година биле кандидирани само 13 кандидатки од кои ниту една не добила градоначалничка позиција. Осумдесет и петте општини во Македонија станале 100% машки. 

За среќа, истата година процентот на учество на жената во советите е поголем и изнесува 27, но сепак е под посакуваните минимум 30% застапеност. Или во бројки, од вкупно 1.390 советници, 300 биле жени.

2013

Во 2013 година, на изборите биле кандидирани 29 кандидатки (7,6% од вкупниот број), од кои само четири добиле градоначалничка позиција наспроти 76 градоначалници од 351 кандидат.

Анастасија Олумчева во Богданци (ВМРО-ДПМНЕ)

Жанета Чаушевска во Градско (ВМРО-ДПМНЕ)

Теута Арифи во Тетово (ДУИ)

Билјана Беличанец во Кисела Вода (ВМРО-ДПМНЕ)

2017

Во 2017 година е избран „рекордниот“ број на градоначалнички. „Рекордот“ е вкупно шест. Минатите локални избори во 2017 година биле кандидирани 15 кандидатки (6% од вкупниот број), од кои шест добиле градоначалничка позиција. 

Наташа Петровска во Битола (СДСМ)

Меликие Халими во Арачиново (СДСМ)

Теута Арифи во Тетово (ДУИ)

Соња Стаменкова во Македонска Каменица (СДСМ)

Жаклина Јовановската во Старо Нагоричане (СДСМ)

Јасмина Гулевска во Могила (СДСМ)

2021 година

Оваа година беа кандидирани 25 кандидатки за градоначалнички, што е најголем број во последните 30 години. Пет од нив беа по втор пат кандидирани. Од последните избрани градоначалнички во новата трка за втор мандат не влезе само Наташа Петровска од Битола. Останатите пет добија шанса за уште еден избор. Колку за споредба, бројот на мажи кандидати беше 272.

Во првиот круг не беше избрана ниту една жена да раководи со некоја од општините, но неколку од кандидатките добија шанса за вториот круг. 

Теута Арифи ја продолжи трката со Билјал Касами од БЕСА, Миликије Халими со Ридван Ибраими од ДУИ во трката за Арачиново, за Центар кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар-Трајкова влезе во втор круг против Горан Герасимовски од СДСМ. 

Понатаму, во општина Македонска Каменица кандидатката од СДСМ Соња Стаменкова против Димчо Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Јовановска од СДСМ против Власте Димковиќ од ТМРО за општина Старо Нагоричане и Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ против Петре Шилегов од СДСМ за Скопје. 

Од овие седум жени кои продолжија во вториот круг градоначалничка позиција добија само Арсовска во Скопје и Јовановска доби втор мандат во Старо Нагоричане. 

По точно 73 години Скопје ја доби втората жена градоначалничка. 

Во Република Македонија според последните статистички податоци од Државниот завод за статистика има вкупно 2 076 255 жители. Од нив 1 039 716 се мажи додека 1 036 539 се жени што дава за право да заклучиме дека постои баланс во однос на половата структура на населението која за жал ни одблиску не се пресликува во управувањето со општините.

За овој баланс да се отслика и во политиката не е потребно само менување на законите туку и подготвеност на политичките елити да направат структурни промени во самите партии. 

„Имено, тие може да работат на затворање на постоечкиот внатре-партиски родов јаз преку регрутирањето на повеќе жени и тоа што порано, но и да работат на тоа да се елиминираат дискриминаторските практики при самата регрутација. Понатаму, може да воведат посебни мерки за вклучување на жени во извршните тела на сите нивоа и во сите организациски структури на партијата. Исто така, треба да работат на обезбедување посебни можности за градење на капацитети за жените во политичките партии со цел нивно политичко зајакнување“, велат од Реактор.   

Спроведеното истражување на јавното мислење во Македонија од ИРИ во 2014 година, покажува дека мнозинството од населението ги поддржува жените во политиката и дека родот не е битен фактор за време на изборите. 

„Мнозинството од испитаниците (59%) изјавиле дека родот на кандидатите не им е важен, а 23% навеле дека би преферирале жена, во споредба со 16% кои би преферирале машки кандидат“, потсетуваат од Реактор. 

Кога ќе имаме и гледаме повеќе градоначалнички во државата, ќе се менува и свеста на граѓаните за тоа што е нормално во политичкиот и јавниот живот, заклучуваат од
Реактор – истражување во акција. 

Facebook
Twitter
LinkedIn