Корупцијата како корен на трагедијата во Кочани

Македонија ќе го памети 16-ти март како еден од најтрагичните денови во историјата на државата, како ден кој ќе остави лузни и траги засекогаш, а 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе останат вечен симбол на коруптивниот систем и неправедноста. Тие не се само бројки, тие се животи изгубени поради негрижата и неспособноста на системот да ги заштити своите граѓани.
Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Дискотеката „Пулс“ го запре пулсот на градот Кочани каде 59 лица настрадаа во пожар во раните утрински часови на 16-ти март во Кочани. Уште 197 лица се повредени, од кои 25 се деца и голем дел од нив се борат за живот на клиниките ширум светот.

Седумдневната жалост која е прогласена на територијата на Македонија се прелеа во бес, разочарување, болка и жал што уште еднаш невини луѓе страдаа поради мито и корупција, поради нефункционален систем кој како што порачаа граѓаните е корен на трагедиите и ја убива македонската иднина.

„Ние коишто успеавме да преживееме во дискотеката доколку седиме овде, останува да гинеме секој ден, гинеме од нечист воздух, гинеме од несериозни институции, гинеме од корупција, гинеме од секаков вид на нефункционионалност којшто ни го продуцираат самите чинители и самите носители на тие институции“ – изјави преживеан од пожарот во дискотеката.

Кочани и Македонија обвиени во црнина

Кочани како нем и мртов град во име на 59-те жртви кои загинаа во пожарот стана симбол за коруптивниот систем во државава.

„Кој ќе ни ги врати децата?“ се слушаше меѓу толпите луѓе кои пристигаа на погребот.

Цел град се собра на последното испраќање на 31-те загинати од Кочани кој се одржа на 20-ти март. Погреби се одржаа и во Штип, Пробиштип, Облешево, Струмица, Виница и Скопје.

Во пожарот во Кочани загинаа и седум членови од популарната хип-хоп група ДНК, пејачот Андреј, пратечкиот вокал Сара, тапанарот Ѓорѓи, тонецот Игор, клавијатуристот Филип, гитаристот Александар, битбоксерот Мартин и фотографот на ДНК, Александар.

На 16.03.2025 околу 02.35 часот во ОВР Кочани било пријавено дека во кочанската дискотека „Пулс“ избувнал пожар додека се одржувал концерт на групата „ДНК“.

Истрагата во тек – осомничени се 34 физички лица, истражна постапка се води против 27 физички и три правни лица

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од КЗ. Сите осомничени во период од 2012 до 16.03.2025 година заеднички, но секој од аспек на свое својство, надлежности и одоворности воопшто не постапиле според прописите за мерки за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и делото на луѓето и имотот од големи размери.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека доколку се обезбедат докази, ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица кои иако не биле свесни дека поради нивно сторување или несторување придизвикале штетни последици.

Просторните услови не дозволувале внесување и употреба на пиротехнички средства, има осномничени и за пропуст во обезбедувањето за овозможување влез на малолетни и не водење грижа за преполнетоста на капацитетот во објектот и не спречиле внес на пиротехнички средства поради кои настанал пожарот.

Пропустите во „Пулс“ започнале уште пред повеќе од една деценија.

Осомничени се 34 лица и се бара мерка притвор за сите нив. Коцевски изјави и дека постојат посебни детали од истрагата за кои Јавното обвинителство не може да соопштува како докази, содржина на докази, искази на осомничени.

Осомничените се теретат за кривично дело за кое е пропишана казна од најмалку три години, максимумот на казната е 20 години, соопшти Коцевски.

Девет обвинители работат на расветлување на трагедијата во Кочани, а првично за 16 лица беше определен 48 часовен притвор помеѓу кои за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, поранешниот директор на пазарен инспекторат Горан Трајковски. Осомничените се теретат за тешки дела за предизвикување на општа опасност и за несовесно работење. Од петокот одреден е 30 дневен притвор за Бектеши и уште 13 лица, а уште седум лица, од кои полициски началници и службеници, беа уапсени поради поврзаност во незаконското издавање на лиценцата на дискотеката во Кочани.

Уапсен е и потписникот на проектот дека кочанската дискотека „Пулс“ ги исполнува условите за да добие лиценца за работа.

Дискотеката не исполнувала ниту 20% од условите за работа – известија надлежните.

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ден по трагедијата си поднесе неотповиклива оставка, а во четвртокот, се приведоа тројцата последни градоначалници на Кочани: Ратко Димитровски, Николче Илијев и Љупчо Папазов поради сомнение за инволвираност со нивно постапување или непостапување во врска со работењето на дискотеката.
МВР пак разреши седум началници, помошници и командири во Штип и Кочани, а министерот Тошковски најави дека се води внатрешна истрага во МВР.

Премиерот Мицковски пак најави законски измени и засилени контроли за сите кабареа, дискотеки во земјава за проверка на нивното работење.

Ноќен живот во илегала

Дискотеката „Пулс“ во која загинаа 59 лица во Кочани немала валидна лиценца. Како што известија надлежните, лиценцата на дискотеката била со важност до март 2024 година, меѓутоа истата била стекната нелегално, со мито и корупција. Објектот бил регистриран за лесна индустрија, а не како угостителски објект.

Според информации од жители на Кочани, објектот е изграден во 1999 година, претходно бил магацин, па конфекција „Ги.Лу Текс“, па потоа е пренаменета во дискотека „Пулс“.

Како таква импровизирана дискотека работела цели 15 години, а употребата на пиротехнички средства не биле нешто што се користи за првпат таа ноќ, напротив на видеа од дискотеката, на претходни настапи на музички групи можат да се забележат такви и слични пиротехники и покрај немањето услови за истите.

За една дискотека да поседува лиценца потребно е да ја обновува секоја година, но и да исполнува услови пропишани со закон, меѓу кои и противпожарни елаборати, безбедносни излези и протоколи кои очигледно оваа дискотека не ги поседувала.

„Пулс“ немала хидрантска мрежа, ниту во објектот имало хидратант во употребна функција, а во цел објект се наоѓале само два ПП апарати.

Покрај тоа дискотеката немала две врати за евакуација на луѓе, туку само една која била импровизирана метална врата заклучена и без квака, обложена и наменета за звучна изолација, поради што кобната ноќ присутните можеле да излегуваат само од една врата.

Трагедијата во Кочани ја извади на виделина информацијата дека само 12 дискотеки во Македонија работат со лиценци и легално, односно дека во целосна илегала се одвива ноќниот живот во Македонија.

Во Скопје лиценца имаат само два клуба и тоа „Станица 26“ и „12:12“.

Во Регистарот за издадени лиценци за вршење угостителска дејност – кабаре, ноќен бар, диско клуб и диско клуб на отворено регистрирани се 206 кабареа, 6 диско клубови, 9 диско клубови на отворен простор и 2 ноќни клубови. Вкупно 35 лиценци се одбиени за вршење на угостителска дејност – кабаре, ноќен бар, диско клуб и диско клуб на отворено

Три од 12-те објекти со активна важечка лиценца е утврдено дека не исполнуваат услови, односно исполнуваат минимум технички услови, а сепак имаат активна лиценца за вршење на дејност, беше соопштено на прес-конференција во средата по извршените контроли од Државниот инспекторат, по што е испратено барање за одземање на лиценците, забрана за вршење дејност и сите казнени одредби коишто се возможни согласно законот.

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршил контрола во 60 до 70 локали, меѓу кои и во оние со важечки лиценци, но повеќето од половината не ги исполнувале минимално-техничките услови за работа.

Македонија нема Центар за изгореници

Веќе девет години, односно од 2016 година Македонија нема Центар за третман на изгореници. Пред 2016 година Центарот функционирал како посебен оддел и бил опремен со најсовремена опрема, за период од речиси 16 години се лекувале 1 316 пациенти со екстензивни изгореници, просечно 84 пациенти годишно со тешки изгореници.

„Значајно е да се нагласи дека лекувањето на тешките изгореници е повеќемесечно и „скапо” го чини Фондот, но ништо не е поскапо од човечкиот живот. Ако се изземе актуелната ситуација каде бројни пријателски држави прифатија лекување на повредените (најбројни во Србија и Бугарија) треба да се напомене дека искуството покажало дека лекување на еден пациент со изгореници во европска држава би го чинело Фондот минимум 150 – 250 илјади евра, а бидејќи сме социјална држава, секој пациент за чие лекување нема услови во македонското здравство има право да се лекува во друга држава на товар на Фондот. Па, се поставува прашањето дали државата ќе ја чини помалку да формира современ Центар за изгореници или да испраќа пациенти на повеќе – месечно лекување надвор?“пишува д-р Добрила Андоновска која работела во Центарот за изгореници.

Македонија нема доволно капацитети за хоспитализирање и третман на овие пациенти, поради што 101 пациенти се пренесени во Србија, Грција, Бугарија, Словенија, Литванија.

Азбестот како опасност за преживеаните во пожарот

Објектот или како што го нарекоа „штала и импровизирана дискотека“ порано била магацин за теписи. Сопствениците се менувале, но кровот на објектот кој бил изграден од азбест останал непроменет како таков.

59-те жртви во Кочани загинаа како последица на насилно задушување, а кај четворица е утврдено задушување во стампедо, покажаа резултатите од обдукцијата, меѓутоа на социјалните мрежи лекарите апелираат прегледи за сите кои присуствувале во дискотеката таа ноќ поради азбестиот покрив на истата каде поради вдишување на честички од тој материјал доаѓа до штетни последици по здравјето.

Лекарот Бојан Трајковски во фејсбук статус објасни зошто се тие предупредувања за прегледи и кои се можните ризици од изложување на канцерогените азбестни честички.

Покрај тоа, соопштувајќи за состојбата на пациентите, директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев соопшти дека при пожарот горела пластика, текстил, сунѓер при што биле ослободени голема група отровни гасови меѓу кои јаглероден моноксид, јаглероден диоксид и цијанводород кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето практично на целиот организам.

„При труењето со овие гасови посебно со јаглеродниот моноксид и јаглеродниот диоксид, имаме нарушувања на централнот нервен систем на периферните нерви, срцето, бубрезите, белите дробови. Многу е важно колкава концентрација имало во моментот и колку време била изложеноста на тие гасови. Ние од прилика знаеме колку време биле изложени, но не ја знаеме концентрацијата. Таму никој не може во тој момент да измери,“ изјави Чибишев.

Згасна светлината во Кочани, но се разбуди поривот за промена и правда за жртвите

Кочани по трагедијата е тивко и завиено во тага, со остатоци од мирис на пожар во воздухот. Граѓаните се скршени од тага, секој од нив познавал некој од починатите. Своите емоции ги искажаа на улиците.

Во знак на револт граѓаните на Кочани го демолираа кафулето кое е во сопственост на газдата на дискотеката „Пулс“.

„Децата вчера што го изразија својот гнев, тоа беше маса што никој не ја поттикнал, тоа беше нарација на нивните другарчиња, браќа, сестри што се избезумени,“ изјави граѓанин на Кочани на собирот што се одржа во Паркот на револуција во Кочани.

Кочанчани посочија дека делови од ова кафуле се дивоградба и дека општината треба да преземе мерки за негово отстранување.

Мирни собири за сочувство низ цела Македонија, но и светот

На масовни собири, во целосен молк, граѓаните ширум Македонија изразија сочувство за жртвите во пожарот. Но, исто така порачаа дека корупцијата е корен на трагедијата и дека оваа трагедија не смее да помине неказнето.

„Доколку би требало во едно нешто да ја најдам грешката на системот, со еден збор би било неказнивоста. Тоа што континуирано може сите да се извлечат со секакви нерегуларности, со секакви непочитување на регулации, бидејќи „знам некој таму, тој ќе ми помогне, уживај нема проблем“, и ако постои генерално систем на казнивост ќе знаат дека нема да можат да се извлечат со вакво нешто, а сега е веќе предоцна,“ порача студентот Бојан Гаговски на собирот на студенти на платото на УКИМ каде илјадници студенти оддадоа почит на починатите.

Галерија – УКИМ собир
Галерија – ПМФ собир
Галерија – ФЕИТ собир

Студентите огранизираа собир и на кампусот на техничките факултети во Скопје каде со молк, свеќи и цвеќе одадоа почит за починатите.

„Сакам пред сѐ да изразам сочувство на најблиските и на фамилиите на загинатите. Сакам да кажам дека ние тука не сме политички организирани, немаме партиска книшка, ние сме студенти што сакаме да дадеме сочувство,“ Милан Петровски, студент.

Мирен собир и поворка се одржа и во Пробиштип.

Големите светски медиуми како BBC, Washington post, The New York Times… ја пренесоа информацијата за трагедијата во Кочани. Дијаспората, но и граѓаните од Балканот, па и Европа излегоа на мирни собири во чест на починатите од Кочани.

Седумдневна жалост е прогласена во земјава, а денови на жалост (ден по трагедијата) беа прогласени во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Галерија – Собир на плоштадот во Скопје

ДОНАЦИИ ЗА ПОМОШ, НО И ЛАЖНИ ПОВИЦИ

За злото да биде поголемо, во екот на најголемата трагедија на социјалните мрежи се раширија и лажни повици за донации за настраданите граѓани од пожарот во Кочани.

Веднаш по трагичниот настан во Кочани, Црвениот крст во Македонија соопшти дека се отворени официјални телефонски линии за донации од Македонски телеком и А1 Македонија

Официјален број: 143 400 (донација од 100 денари од телефонски повик).

Меѓудругото, оттаму соопштија дека донации може да се направат и преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.

Од Црвениот крст информираа дека се отворени и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје, кои ќе бидат во функција 24/7.

Тим од млади од Кочани отворија и веб страна која ги содржи податоците за семејствата на повредените преку која директно ќе може да се донира на нивните сметки. Веб страната www.supportkocani.com е создадена со цел да нема злоупотреби.

Како да се носиме со товарот од трагедијата?

Без разлика дали сме или не сме биле директно инволвирани во некој трагичен настан, сепак тоа останува како колективна траума на општеството, која останува потсвесно.

„Луѓето кои доживеале криза често минуваат низ различни фази на емоционално прилагодување: почетен шок, негирање, тага, гнев и постепено прифаќање на новата реалност. Овие чувства се нормални и дел од процесот на заздравување. Затоа е потребно да се практикуваат активности кои ќе помогнат во полесно надминување и намалување на последиците од кризните и трауматични искуства,“ истакнува специјализантот по психијатрија, Моника Јовчевска.

Јовчевска вели дека справувањето со трагедија е долг процес кој бара време, поддршка и свесна работа на менталното здравје.

„Со практикување на ментална хигиена, развивање резилиентност и препознавање на механизмите на одбрана, луѓето можат да ја зголемат својата способност за адаптација и закрепнување. Најважно е да се знае дека никој не мора да се носи со овие искуства сам – барањето помош е знак на сила, а не на слабост,“ потенцира Јовчевска.

Македонија ќе го памети 16-ти март како еден од најтрагичните денови во историјата на државата, како ден кој ќе остави лузни и траги засекогаш, а 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе останат вечен симбол на коруптивниот систем и неправедноста. Тие не се само бројки, тие се животи изгубени поради негрижата и неспособноста на системот да ги заштити своите граѓани.

Трагедијата ќе остане вечен потсетник на тоа како нашето општество не успеа да обезбеди основни безбедносни стандарди и не се погрижи за човечкиот живот.

Граѓаните будно ја следат истрагата и бараат отчетност за трагедијата, да не помине неказнето како и во многу други случаи во минатото. Меѓу нив се семејства што изгубиле најблиски, пријатели, соседи, но и сите кои ја чувствуваат болката како своја. Во истовреме, расте јавното незадоволство од институциите кои треба да се грижат за безбедноста, а кои, често, оставаат вакви трагедии да се повторуваат.

Ова не е само прашање на правда за жртвите, туку и прашање на целокупната иднина на државата. Треба да се постават високи стандарди за безбедност и да се спречи повторување на вакви трагедии. Само ако се извлече поука од оваа трагедија и ако сите одговорни лица ја преземат својата одговорност, ќе можеме да започнеме процес на обновување на довербата во институциите и на градење на едно безбедно и праведно општество.

Facebook
Twitter
LinkedIn