Коронавирус – борба низ иглени уши за работничките права

Здравјето на текстилните работнички изложено помеѓу отказот и опасниот вирус. Дали за да бидат безбедни во пандемијата треба да ја изгубат работата и егзистенцијата?
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и дрон: Крсте Шупев
Монтажа: Синиша Илијески и Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Звукот на машина, „низ иглени уши“ со часови, денови и години го слуша една текстилна работничка која лебот за своето семејство го вади од иглата и конецот. Таа работничка е постојано во некаква борба. Борба да ја постигне нормата која и е зададена тој ден, борба со постојаниот монотон звук од машината, болката во прстите… Последната година и се појавува нов невидлив непријател, пандемија, која значи борба за сопственото здравје и здравјето на најблиските.

Звукот од текстилните машини е најгласен во Кочани и Штип, кои се главните индустриски центри на истокот од Македонија и во најголем број на случаи, единствениот избор за работа и егзистенција на многу семејства.

Штип на почетокот на кризата предизвикана од ковид-19, стана жариште на вирусот. Оваа здравствена криза, како да ги стави пред нови искушенија работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Во Кривичниот закон (член 206), јасно стои дека: „Тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.“

Така е на хартија, но, за жал, реалноста е поинаква. Колективни отпуштања, прекини на договорите за работа со спогодба и намалување на плати, беа дел од листата на проблеми со кои се соочуваа работниците. На почетокот на воведување на вонредната состојба во државава, немаше посебни мерки за регулирање на работниот процес во производствените погони, а бројот на прекршувања на работничките права се зголемуваше.

Кршење на работнички права во време на пандемија

Работничка од Куманово го доби судскиот процес за кршење на работничките права во кризата предизвикана од коронавирусот. Оваа работничка била бремена и ги користела времените мерки, со кои бремените жени беа ослободени од работа. Работодавачот и дал незаконски отказ, поради кршење на работниот ред и дисциплина. Судот го усвои тужбеното барање и утврди незаконско постапување кај работодавачот, со што биле повредени работничките права.

На сличен ваков пример, ние наидовме во Кочани. Тука се работеше за самохрана мајка на две малолетни деца, која ја изгуби работата во конфекција за време на вонредната состојба. Таа ги користеше мерките на Влада за превенција од ширење на болеста ковид-19, овие мерки предвидуваат вработените лица во институции кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение, за кого е неопходна домашна грижа, да бидат ослободени од работа и отсуството за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот. Ова се однесуваше и за самохраните родители.

Но, текстилната работничка ни раскажа дека додека ги користела мерките на Владата, работодавачот без да ѝ најави, ја одјавил од работа.

Оваа самохрана мајка, со високо образование, никогаш немала можност да работи по струка. Целиот свој работен стаж го има поминато во текстилната индустрија, а сега и по девет месеци, сè уште е без работа. Временските рокови за приговор и беа пробиени, бидејќи ја одјавиле и немала време да поведе постапка пред Инспекторатот за труд или пред судските органи.

Освен отпуштањата, останување без плата или нејзино намалување, претседателката на Здружението на граѓани „Гласен текстилец“, Кристина Ампева, истакна дека на почетокот на пандемијата, овие работници се соочувале со други проблеми, каде било загрозено нивното здравје.  

„Страшно беше како ДЗСИ (Државниот санитарен и здравствен инспекторат) вели ние немаме ингеренции да затвориме фирма каде што имате на триесет посто заразени. Страшно беше да имате скрининг само во четири фирми, пет или шест колку и да беа, а оние коишто во моментот не пројавиле симптоми, да ги вратите назад да се дозаразат,“ истакна Ампева

.

Според Законот за безбедност и здравје при работа (член 39, став 2): „Вработен има право да одбие извршување на работа, доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување.“ Но, за жал, стравот да ја изгубат работата е многу поголем, отколку здравјето, кое им виси на конец.

Изминативе триесет години, еден од проблемите на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија беше превозот до работа. Токму тој, според Ампева, придонесе уште повеќе да се шири вирусот.

Работничка од Штип ни посочи дека немало многу мерки за заштита од вирусот.

„Немаше делење на работниците. Прво ни кажаа кој може да оди пешки, кој е во близина на фирмата да си оди пешки, после тоа направија еден мал, сплет на околности, ајде прво едните ќе ги носиме, после другите ќе ги носиме во растојание на половина час. Тоа беше само таму, други мерки немаше,“ истакна работничката.

Хелсиншкиот комитет и здружението Гласен текстилец, за периодот од јануари до декември 2020 година, правна и параправна помош на текстилните работнички и работници им овозможиле на 691 случаи во повеќе општини во Македонија. Најмногу параправна помош имаат дадено во Делчево, на 90 случаи. Додека во Штип на 187 случаи имаат дадено правна помош.

Розета Арсова, која претходно има работено како текстилна работничка, сега како параправничка им помага на работниците и работничките во текстилната индустрија во Кочани. Кажа дека причината зошто се одлучила да биде параправничка е тоа што голем дел од овие работници не си ги знаат доволно своите права. 

„Најголема причина беше што повеќето мои колешки не беа доволно едуцирани, не си ги знаеја своите права. Макар сето тоа стои во законот, значи, ама ако ти не бидеш упорен и не знаеш дека тоа постои, не можеш да го оствариш. Сето тоа ме наведе, да станам параправничка, за да им помогам на моите колешки, па и на моите поблиски,“ посочи Арсова.

Работничката од конфекција во Штип, ни посочи дека на овие работници им е потребна поголема мотивација, подобар пристап кон работникот и поголеми плати.

„Можеби малку повеќе совест би им дала на извесни личности или добра волја. А магично стапче нема, барем не тука во Македонија. Или малку повеќе мотивација, со поголеми плати, со малку пофин пристап кон работникот, да не биде разочаран кога ќе знае дека треба да оди на работа или барем со мирна душа да отиде дома и да им каже на децата дека можат да си купат леб денес, или, на некому да не му ја исклучат струјата, да биде без струја, зашто и тоа го има. Магично стапче не постои, треба само совест од човекот,“ истакна работничката од Штип.

Според истражувањето на Гласен текстилец, спроведено на 870 испитаници, 70% од работниците работат прекувремено, 59,3% работат над 50 часа неделно, а само 11,3% кажале дека не работат на празници и за време на викенди.

Со новото законско решение се ветува дека ќе бидат решени овие прашања, недела ќе биде неработен ден, а работниците коишто ќе работат ќе се плаќаат по час. Времето ќе покаже колку овие работи ќе се променат и ќе бидат во корист на работниците.

Мали светли точки на крајот на работничкиот тунел

Во текстилната, кожарската и чевларската индустрија малку фирми ги почитуваа препораките за заштита на работниците во време на оваа светска пандемија.

Според Ампева, има и такви фирми ккои го ценат работникот.

Конфекцијата „Метас“ од Кочани, постои 26 години и има 140 вработени. Со производствен процес организиран во четири производствени линии. На почетокот на пандемијата како компанија се соочиле со многу проблеми, но, се обиделе тоа да не влијае врз нивните работници.

Според менаџерката на конфекцијата „Метас“, Маја Захаријева Ситновска, проблеми со кои се соочувале се откажување на налозите и отсуството на вработените поради користење на мерките.

„Уште на самиот почеток се соочивме со проблемот од откажување на налозите коишто веќе ни беа предвидени во тековното производство. Со тоа, немавме можност да ги пополниме производствените капацитети. Исто така, се соочивме со проблемот од отсуство на вработени поради ослободување на родители на деца до 10 годишна возраст и хронично болните. Меѓутоа, и покрај сите овие негативни ефекти и негативни моменти, ние успеваме да го надминеме овој негативен тренд,“ истакна Маја Захаријева Ситновска, менаџерка во „Метас“.

Невладините организации предупредуваат дека во следниов период, лошата економска состојба и недостигот на работа, ќе влијаат во зголемувањето на притисоците врз работниците. Непочитување на законите во пракса, а со тоа и на  работничките права, дополнително придонесува да се продолжува нивното кршење.

Работниците и работничките се главната алка за успехот на една фирма, а задоволен работник, значи и продуктивен работник.

Здравјето на овие луѓе, виси на конец, државата и работодавачите во раце ги имаат ножиците, прашање е колку тие ќе го зајакнат конецот или ќе го истенчат и пресечат.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn