КОМПЈУТЕРИ СО ЧОВЕЧКО СРЦЕ

Автор: Александар Манасиев
Камера и фотографии: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Во време на пандемија од коронавирус Борче Стаменов од Кавадарци, познат по иницијативата „Донирај компјутер“, за само неколку месеци подари приближно 400 компјутери помагајќи им на оние деца и млади, чии семејства, не можат да си дозволат да купат компјутер

Десетина картонски кутии на кои се испишани имиња и адреси на луѓе од различни македонски градови се уредно спакувани и наредени на влезот од мала компјутерска продавница во Кавадарци. На влезот од продавницата со скромна и прикриена насмевка, налик на Мона Лиза, не пречека Борче Стаменов, човекот кој пред неколку години го започна проектот „Донирај компјутер“.

Од февруари годинава, Стаменов работи со продолжено работно време поради коронавирусот. Додека голем дел од граѓаните работат од дома тој оди во својата канцеларија и од старите и искористени компјутери прави вредна опрема за донирање.

За некого неговата канцеларија наликува како да паднала бомба, но за него тоа е организиран хаос. Ова може да се види и на самиот влез од неговото „царство“ на хардверот.

„Извинете за овој неред, но овие компјутери се подготвени за донирање и штом ги донирам ќе се расчисти малку нередот“, ни рече со насмевка Стаменов знаејќи дека нередот ќе остане подолго бидејќи едни компјутери „доаѓаат“, а други си „заминуваат“.

Во време на пандемија од коронавирус тој самоиницијативно, за само неколку месеци, донираше приближно 400 компјутери. Ова им помогна најмногу на оние деца и млади, чии семејства, не можат да си дозволат да купат компјутер, а треба да бидат вклучени во образовниот процес.

Со подарените компјутери Борче им овозможи на овие ученици да го продолжат своето образование.

„Не се подготвував некако посебно откако почнав да добивам сѐ поголем број на барања за донации како што почна пандемијата. Едноставно, сфаќаш дека на луѓето им е потребно и се трудиш да работиш што побрзо да за испорачаш што поголем број“, објаснува Стаменов.

Според податоците на македонското Министерство за образование, до 1 октомври 70% од учениците следеле онлајн настава, а 30 отсто немале можност. На 1 ноември оваа бројка била 90% наспроти 10% кои не следат онлајн настава.

Луѓето како Стаменов се обидуваат да го намалат овој број и да ги вклучат сите деца во образовниот процес. На овој начин тој со секој компјутер небаре подарува и дел од срцето.

„Обично, во последно време ми бараат компјутер поради онлајн-наставата. Немаат сите пари да си купат компјутер. И не е само заради онлајн-наставата, сепак на сите деца им треба компјутер и за секој вид на настава. Мораш да имаш компјутер за да бидеш писмен на некој начин.“, додава кавадарчанецот.

Донации во време на пандемија

Иако постојано го интервјуираат и снимаат тој не може да се навикне на камерите. Најкомотен е кога работи на подготвување на компјутерите за донација, подалеку од фотоапаратите и камерите на новинарските екипи.

„Отсекогаш сум сакал вакво нешто да работам. Тоа е како домашно воспитување, да бидеш фер и добар кон оние што не можеле да се снајдат во животот подобро“, вели скромно Стаменов.

Разговорот со него ни го прекинува телефонски повик. Му олеснува што камерата не го снима барем за момент.

„Ало! Да, јас сум! Тука сум во канцеларија, слободно доставете ги компјутерите“, му вели Стаменов на лицето од другата страна на линијата.

ДОНИРААТ И СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ

Ни вели дека тоа е курирската служба која постојано му носи компјутери кои ги донираат жители на земјава, но и странски државјани. Неговата акција започна долго време пред пандемијата, но опасноста и проблемите кои ги донесе Ковид-19 ја разбуди солидарноста кај многумина. Секој ден има луѓе кои бараат компјутер за донација, но и оние кои го контактираат за да донираат стар и искористен или пак сосема нов компјутер.

„Вака е секој ден. Секојдневно некој ми испраќа компјутери кои би можел да ги искористам, прилагодам и донирам на оние на кои навистина им требаат“, објаснува младиот кавадарчанец.

Пет минути по телефонскиот разговор на местото пристигнува автомобил „пик-ап“. Возачот излегува од возилото, го поздравува Стаменов и пред да си замине истовара десетина кутии полни со опрема.

Стаменов се фаќа за работа и ги внесува компјутерите во канцеларијата. Иако изгледа тешко сепак ова е полесниот дел од работата. Додека тој ја носи опремата, ние разговараме со неговите комшии.

„И вие ли сте новинари? Многу стана познат Борче. Нема никој како него во Кавадарци“, со широка насмевка на лицето вели една од девојките кои работат во блиската продавница.

Во меѓувреме Стаменов проверува што испратиле оние што ги донирале компјутерите. Во кутиите уредно има спакувано десктоп и лаптоп компјутери, монитори и друга опрема. Тешкиот дел, за него, започнува од тој момент. Треба да селектира што може да употреби, да ги спои потребни елементи, да ја инсталира потребната опрема и софтвер и да ги одбере луѓето на кои ќе им го донира компјутерот.

ОПЕРАЦИЈАТА МУ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ

Стаменов е роден во Кавадарци. Основно и средно школо завршил во таму. Најголемиот животен предизвик му било дијагностицирањето на тумор на мозокот.

„Се запишав и на факултет, но поради тешка операција и болест никогаш не го завршив. Од прилика, тоа време, кога ми помина таа криза и малку се опоравив, се вработив во Био информатика. Веќе 20 години сум вработен тука. Тоа е скоро целиот мој живот во две минути.“

Дваесет години секојдневно доаѓа на истото работно место, во истата канцеларија. И дента кога го интервјуиравме го затекнавме таму.

„Порано имав многу поразлични денови, не беше развиена интернет мрежата, па одев и на терен. Сега одржувањето на интернет мрежите на компаниите се прави и од тука“, објаснува тој.

Со акциите за донирање компјутери започнал пред неколку години кога една жена влегла во фирмата каде работи и побарала половен компјутер.

„За среќа, сите компјутери што нашите клиенти ги оставаа, а за нив не се корисни ги чувам. Средив еден компјутер, инсталирав некоја игра и им го однесов дома“, се сеќава Стаменов.

За него тоа била иницијална каписла да ја започне акцијата за донирање со цел да им донесе среќа на оние помалку среќните.

„Гледаш три дечиња како се радуваат на компјутер што за некого е речиси ѓубре. Тоа беше почетокот. Имав едно 20-30 компјутери тука собрано. Земав делови од сите и мислам дека на крај составив едно десетина. Пуштив муабет по градот. Се пријавија, пријатели, луѓе што ме знаат и не ме знаат. Ми посочија каде треба да се даде и така отидоа првите 10 компјутери“, објаснува тој.

Потоа ја креирал фан страницата на Фејсбук и оттука натаму тргнал возот. За три години донирал околу 100 компјутери, а вистински бум има годинава кога само за време на пандемијата „средил“ и донирал околу 400 компјутери. Откако почнал да донира компјутери секој работен ден му почнува со проверка на пораките, кој му пишал.

„Има заинтересирани за донирање, а некој сака да прими донација. Потоа следи проверка на пратките, што ми стигнало тука, па проверка што е исправно, а што не е исправно“, објаснува кавадарчанецот.

ПРЕПЛАВЕН ОД ПОРАКИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МЕДИУМИ

Во меѓувреме во дуќанот влегува муштерија. Додека го чекаме го отвараме Фејсбук и Инстаграм профилот на „Донирај компјутер“. Читаме една од стотиците пораки.

Вакви и слични пораки Стаменов добива секојдневно. Контактот со оние што ги примаат донациите, но и оние што ги даваат е моторот што го движи целиот процес. Целата јавност може да види дека компјутерите завршуваат во вистински раце.

„Сите се надеваат дека нивната донација ќе отиде на вистинското место. Вчера на пример имав муабет со еден човек кој има компанија и сака да донира 30 компјутери со монитори. Во пораката напиша дека се информирал дека моите донации одат на вистинско место и дека ќе му биде чест да помогне. Имаат доверба која не е лесно да се стекне. Треба време и многу работа“, признава тој.

Не ги открива сите пораки од тие што примаат донации и дел од тие моменти ги задржува за себе.

„Тие моменти ги доживувам многу емотивно. Не ми е некако филм да правам слава на туѓа несреќа. Во последно време, сите што добиле донација ми праќаат некоја честитка, порака. Дури сум на идеја да направам некоја изложба“, објаснува тој.

Добро знае што значи да се се биде во безизлезна ситуација и токму затоа сака да им донесе, барем за миг, насмевка на луѓето.

„И мене ми била потребна помош и знам колку е тешко и незгодно да се обратиш некому за помош, на некој што можеби не ни го знаеш. Но, луѓето се охрабруваат. И јас ги охрабрувам да ми пишуваат“, ни вели Стаменов.

Не секој може да добие компјутер од Борче. Тој има воспоставен систем на кој би му позавидат и голем број државни институции.

„Оние што сакаат да добијат компјутер треба да ми достават некаква потврда дека имаат ниски примања, дека се самохрани родители, невработени и сл. Не отстапувам од тоа.“, дециден е тој.

Сам проверува кој ги исполнува условите за да добие бесплатен компјутер. Фактот дека целиот процес е транспарентен за јавноста ја зголемува довербата кај оние кои сакаат да донираат некому опрема.

„Сум воспоставил некој систем, и покрај тоа што одам на работа, секој слободен момент го користам за да средам некој компјутер. Пузата за кафе за тоа ја користам. Балансирам некако. Ако видам дека некој навистина има итна потреба за компјутер, вадам од некој од готовите кои ги чувам за вакви ситуации. Имам секогаш барем еден спремен оставен на страна“, вели тој.

Признава дека има голем ентузијазам, но и голем товар до одговорноста.

„Сето ова го правам на своја рака, не сум должен да го правам, но ете сакам да помогнам. Секогаш сум искрен со сите, и тоа го очекувам и од другата страна.“, вели тој.

Вели дека има луѓе во соседството со слични акции во Србија и во Хрватска, но не со толкав интензитет.

„Кај мене е во поголем обем, некогаш се чудам како постигнувам. Од организирање, склопување, поправање, испорака, се правам сам. Буквално од А до Ш.“, вели Стаменов.

Има голема поддршка од семејството и пријателите.

„На сите им е несфатливо како го постигам сето ова. И цело време сум насмеан. Имам поддршка од моите, сите пријатели.  Мислам дека се горди на мене и акцијата“, вели кавадарчанецот.

Не се двоуми да повтори и да ги повика сите кои сакаат да донираат да го сторат тоа.

„Донирањето е на некој начин здрав разум. Ќе се помогне на некој, на некое дете на кое му е потребно за образование, на некој начин како да си му дал стипендија. Секој што може да донира нека не се двоуми“, ги охрабрува тој.

Од друга страна, мм порачува на оние што им треба компјутер да не се срамат да побараат.

Си заминуваме од Кавадарци, а Стаменов остана во своето компјутерско царство. Продолжува од старото да прави ново, од она што за некого е смет, да прави вредна алатка за работа и за учење.

Facebook
Twitter
LinkedIn