Кога SLAPP тужбите се модерни, а Индексот за слобода на медиуми е „задоволителен“

SLAPP тужбите влијаат на новинарството и слободата на медиумите во Македонија. Моќниците во земјава ги користат овие тужби како алатка за замолчување на новинарите и загрозување на слободата на изразување.
Автор: Христина Ѓорѓиевска Илиевска, Љубица Иванова
Продукција: Види Вака

Пари, адвокати, закани…се само дел од низата притисоци со кои се соочуваат медиумските работници во Македонија и во светот. Ова свето тројство „пари, адвокати и закани“ се главните алатки на SLAPP тужбите. Кога зборуваш против моќник, некој може да ти поднесе тужба, а SLAPP е стратегија која го користи судот за да го замолчи критичкиот глас пред да биде слушнат. Во Европа, стотина медиуми и невладини организации секојдневно се соочуваат со SLAPP тужби, а дали и во Македонија се случува овој тренд?

Апелацискиот суд ја отфрли жалбата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и уредничката Сашка Цветковска и ја потврди првостепената пресуда во која пишуваше дека Кочо Анѓушев бил наклеветен и оти ИРЛ не е медиум.

Станува збор за случај кој произлезе по објавата на истражувачкиот документарец на ИРЛ „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година на МРТВ каде беше споменат и Анѓушев, кој во текот на истражувањето беше вицепремиер.

Анѓушев ги тужеше ИРЛ и уредничката Цветковска за клевета и навреда изнесени во документарниот филм.

Одлуката на Апелација да ја отфрли жалбата е уште еден показател за системскиот проблем со кој се соочуваат независните медиуми – наместо суштинска заштита на слободата на изразување, се сведочиме на формализам кој не ја препознава јавната важност на истражувачкото новинарство.

Како ИРЛ, сметаме дека ваквите одлуки испраќаат загрижувачка порака: дека новинарите можат да бидат вовлечени во долги и исцрпувачки правни процеси без ефективна можност за заштита. Нашата работа е во јавен интерес и се темели на докази, а институциите имаат обврска тоа да го препознаат и да обезбедат баланс помеѓу заштитата на угледот и правото на информирање.
Ова не е само прашање за ИРЛ — ова е прашање за просторот во кој новинарството може слободно да функционира
– вели Сашка Цветковска за Види Вака.

Аргументи изнесени во пресуда за ИРЛ

Основниот граѓански суд со пресуда од 7.3.2022 година ја одбил тужбата како неоснована, но Апелациониот суд Скопје со решение од 7.4.2023 година ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно одлучување. Во повторената постапка првостепениот суд го усвоил тужбеното барање и утврдил дека е сторена клевета на тужителите.

Европската федерација на новинари (EFJ) и Меѓународната федерација на новинари (IFJ) ја осудија ваквата одлука на судот и нагласија дека судот со ова го отвора патот до цензурата.

Европската федерација на новинари, која претставува 300.000 новинари во 44 европски земји, вклучувајќи ја и Македонија го осудува овој опасен авторитарен потег. Во демократијата, не е до властите да одлучуваат кој е новинар и што претставува медиум“ – генерален секретар на Европската федерација на новинари, Рикардо Гутиерез.

Загриженост за ваквата пресуда изразија и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) посочувајќи дека истата отвора сериозни прашања за заштитата на истражувачкото новинарство и слободата на изразување и порачаа дека ваквите одлуки нема да ги обесхрабрат, туку дополнително ќе ги мотивираат да застанат зад независните медиуми и јавниот интерес.

Документарец „Заговор против воздухот“ на ИРЛ

Расте бројот на SLAPP тужби, а состојбата во Македонија „задоволителна“ според Индексот на слобода на медиумите

Бројот на стратешките тужби против јавното учество во Европа се зголемува континуирано почнувајќи од 2010 година односно од 4 случаи во 2010 година на 167 случаи во 2024 година. Во Македонија во 2022 година се регистрирани 5 SLAPP постапки. Следната година, во 2023, Здружението на новинари на Македонија идентификуваше 6 SLAPP случаи, додека во 2024 година 8 тужби, според нивната внатрешна листа на индикатори усогласена со стандардите на Советот на Европа за SLAPP тужби. Според Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на „Репортери без граници“, Македонија падна од 36-то на 42-ро место, а состојбата со слободата на медиумите во земјата е оценета како „задоволителна“.

Креатива генерирана со помош на Вештачка интелигенција

Од 2010 година, Коалицијата против SLAPP тужби во Европа документира вкупно 1.303 SLAPP тужби во Европа. Само во 2024 година се забележани 167 нови случаи – мало зголемување во споредба со 166 случаи од претходната година. Овој феномен сега е потврден во 43 европски земји. Црна Гора и Андора беа додадени во 2024 година.

Во последниот извештај од 2025 година на Коалицијата против SLAPP тужби во Европа (CASE), од регионов, Србија е со најголем број на таканаречени стратешки тужби против јавното учество.

Во извештајот стои дека во 2024 година, значителен број SLAPP тужби биле поднесени во Италија (21), Германија (20), Србија (13), Унгарија (12), Турција (10) и Украина (10). Бројот на SLAPP тужби во Италија останува висок, иако во овој извештај е применета зголемена внимателност за да се исклучат случаи на државна цензура. И оваа година, Италија забележа најголем број SLAPP тужби.

Галерија на срамот

Кампања на Коалиција против SLAPP тужби во Европа (CASE) насловена како „Галерија на срамот“ прикажува физички и правни лица кои поднеле SLAPP тужби против новинари.

„Лесно е да се заштитиш од срам ако имаш пари и лесно е да прикажеш SLAPP како вистинска тужба ако имаш тим скапи адвокати“ – стои во описот на кампањата.

Дали стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) се закана за слободата на изразување?“

Македонско здружение на млади правници (МЗМП) во соработка со Види Вака направи Анализа „Дали стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) се закана за слободата на изразување?“ каде се осврнува на стандардите за заштита на правото на слободата на изразување воспоставени од Европскиот суд за човековите права, Советот на Европа и Европската Унија во споредба со македонското право како и предизвици во спроведување на македонското законодавство и идентификување и презентирање на добри практики од другите земји, а кои се однесуваат на заштита од SLAPP постапки насочени против јавно учество заедно со препораки за унапредување на законодавството и практиките заради зголемена заштита на правото на слобода на изразување.

SLAPP тужбите како оружје за замолчување – овој поткаст е создаден со помош на Вештачка интелигенција врз основа на Анализата на Види Вака и МЗМП – „Дали стратешките тужби против јавното учество (SLAPP) се закана за слободата на изразување?“

SLAPP тужбите претставуваат тежок финансиски и психолошки товар за медиумите и новинарите и негативно влијаат на слободата на изразување и вклучувањето во јавните дебати. Постапките против медиумите, несомнено задираат во правото на слободата на изразување – произлегува од Анализата „Дали SLAPP е закана за слободата на изразување“.

Праксата во државава покажува дека иако SLAPP тужбите не се премногу чести во државата, нивниот број континуирано се зголемува. Оттука искуствата на адвокатите покажуваат дека би требало да се дефинира SLAPP во македонското законодавство, да се воведе можноста за рано испитување на елементите на SLAPP и воведување на анти-SLAPP тужби со кои тужениот би можел да бара надомест на штета по одбивање на тужбеното барање. Исто така однесувањето на адвокатите значително може да придонесе кон одолговлекување на постапките, но кон тоа придонесуваат и судиите кои го дозволуваат таквото однесување.

Понатака, Македонските закони предвидуваат можности за превенирање и спречување на SLAPP постапки, но тие не се доволно искористени. Иако Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда (ЗГОКН) предвидува итност на постапките, подготвителните рочишта некогаш траат и по две години.

Она што се нагласува како потребно е континуирани обуки за судиите и за адвокатите во поглед на правото на слобода на изразување како и широка дебата по однос на механизмите кои би требало да се воведат за спречување на SLAPP тужбите со оглед на тоа што и меѓу интервјуираните адвокати нема консензус околу ова прашање за кое впечатокот е дека генерално мал број адвокати се запознаени со стандардите за заштита на правото на слобода на изразување, додека пак судиите, генерално, недоволно се запознаени со стандардите за заштита на правото на слобода на изразување.

Според новинарските здруженија, иако генерално новинарите работат во порелаксирана атмосфера во споредба со претходните години, не се исклучени притисоците од бизнис и политичките елити пред сѐ во однос на истражувачкото новинарство и локалните медиуми.

Заканите од тужби за клевета и навреда влијаат врз новинарите во зависност од степенот на интегритет и ресурсите со кои располагаат. Заканите од судски процеси доведуваат до авто-цензура која влијае на објективност и професионалноста на новинарите.

Финансиски товар и притисоци кон новинарите

SLAPP тужбите влијаат на новинарството и слободата на медиумите во Македонија. Моќниците во земјава ги користат овие тужби како алатка за замолчување на новинарите и загрозување на слободата на изразување.

Во пракса, една ваква постапка може да чини илјадници евра, што за непрофитен медиум значи сериозно ограничување на капацитетот да работи и да истражува – истакнува Цветковска додавајќи дека СЛАП тужбите не треба да се гледаат како изолирани правни случаи, туку како стратегија за замолчување — и токму затоа е потребна системска заштита на новинарите и медиумите.

Имаме тужби со коишто од нас се побаруваат и по 200.000 евра штети, но и онакви како онаа од „Фероинвест“ на Кочо Анѓушев кои од нас побаруваат само едно, време. Од перспектива на ИРЛ:
Кога тужбите формално не бараат финансиска отштета, туку служат како повод за хајки, тогаш уште појасно се гледа нивната вистинска цел – не е правдата, туку дискредитацијата.
Ова е ужасен притисок. Наместо судницата да биде место за утврдување факти, таа станува алатка за создавање наратив дека новинарот „е под истрага“, „има спор“, „нешто не е во ред“. Потоа тој наратив се прелева во јавниот простор преку координирани напади, медиумски спинови и социјални мрежи
. За нас, тоа има неколку последици:
    •    Се троши време и енергија на деманти и одбрана, наместо на истражување.
    •    Се создава сомнеж кај јавноста, без оглед на фактите.
    •    Се таргетира кредибилитетот на новинарите лично, не само нивната работа.
И токму затоа велиме: дури и кога нема финансиско побарување, ваквите постапки се суштински СЛАП – затоа што нивната цел е да замолчат, да заплашат и да оттурнат од јавниот простор.
Ова не е правна стратегија, туку комуникациска тактика маскирана како правен процес
, истакна Сашка Цветковска.

Потреба за промени и анти SLAPP регулатива

„Кај нас или би требало да се промени законот за парничната постапка во однос на тие механизми за рано отфрлање на тужбите или да се унапреди практиката на судовите за да се искористат и оние можности кои сега ги дава сегашниот закон за парнична постапка за во рана фаза односно во подготвително рочиште да се отфрлаат овие тужби,“ вели Бојан Трпевски од Здружение на млади правници и еден од авторите на анализата, дополнувајќи дека во насока на поддршка на условно кажано на жртвите на SLAPP тужби сегашниот Закон за бесплатна правна помош ја исклучува бесплатната правна помош во случаите за клевета и навреда така што би требало да се измени и тој закон во поглед на тоа, ова право да биде достапно за жртвите на SLAPP тужби и на крајот на денот и адвокатите преку правните акти на адвокатската комора да имаат право или обврска изрично предвидени да одбијат застапување на странки кои сакаат да ги користат овие алатки на SLAPP.

Македонија нема усвоено посебна анти-SLAPP регулатива, ниту законски механизми, кои експлицитно ја препознаваат или ја санкционираат злоупотребата на судските постапки против новинари, активисти и граѓански организации.
Степенот на усогласеност на Македонија со Препораката на Советот на Европа за борба против SLAPP тужбите е во почетна фаза на имплементација, фокусирана првенствено на обука и подигање на свеста, додека формалната законска заштита сè уште недостасува.

Не постои назначена државна институција со мандат за следење и реагирање на SLAPP тужби. Оттука, во Македонија не постои државен механизам, фонд за поддршка и формална контакт-точка за SLAPP случаи. Дополнително, не постојат механизми за рано отфрлање тужби со SLAPP карактер, ниту судот има можност формално да идентификува и да санкционира такви случаи. Во пракса, јавни функционери, политичари и бизнисмени често поднесуваат тужби за „навреда на угледот и честа“ со високи побарувања, што има ефект на заплашување и автоцензура кај медиумите.

Во однос на усогласеноста со меѓународните стандарди, државата нема конкретни мерки за усогласеност со ЕУ Директивата.
Неуспехот да се воведе механизам за рано отфрлање и институционален одговор на неосновани тужби во националното законодавство останува најголемата системска слабост во заштитата на јавното учество – стои во Компаративна анализа за справување со SLAPP во регионот на Западен Балкан и ЕУ визави Северна Македонија.

Документарец на Види Вака: Слап тужби – ново оружје против слободата на изразување

Во јануари годинава, Судскиот совет на Косово донесе стратегија со која SLAPP случаите добиваат приоритетно решавање во судовите. Тригодишната стратегија е обврзувачки документ за сите судии. Косовскиот судски совет е меѓу првите судски совети во Европа што им дава приоритет на ваквите случаи.

SLAPP тужбите земаат се поголем замав, тие стануваат современа форма на притисок врз новинарите и медиумите, со цел да го замолчат критичкиот глас, кој правдата не ја добива на суд. Во Европа, овој феномен наречен SLAPP тужби расте секоја година, а Балканот не е исклучок. Македонија иако на хартија има релативно мал број на случаи, околу 8 во 2024 година според Здружението на новинари, сепак тие имаат „ефект на ладење“ (chilling effect), каде новинарите и редакциите се доведуваат во позиција да се самоцензурираат, да одложуваат или да се откажуваат од истражувања за теми од висок јавен интерес, односно ги одвраќа редакциите од слободно истражување и јавно известување.  

Македонија треба да го следи примерот на некои европски земји, вклучувајќи го и Косово, кои воведуваат приоритетно решавање на SLAPP случаите, за да ги заштитат критичките гласови и да обезбедат дека правото не се користи како средство за заплашување и цензура, тука за заштита на јавниот интерес.

Затоа што основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана!

Facebook
Twitter
LinkedIn