Кога институциите потфрлаат, самозаштитата станува реалност

Податоците на Државниот завод за статистика за 2020, 2021 и 2022 година покажуваат дека најголем број од сторителите на кривични дела се брачни партнери на жртвите, по што следат синовите на жртвите и останати машки сторители.
Автор: Бјанка Станковиќ
Продукција: Види Вака

Силувани, малтретирани, демнети, нападнати, убивани жени, насилство коe им се повторува… Вака медиумите и полициските билтени се полни со вести за сторени кривични дела поврзани со семејно и родово базирано насилство.

Жената од Кратово која ги уби сопругот и свекорот по претходно претрпено насилство е во 30 дневен притвор и против неа ќе биде поднесена судска постапка.

„По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Тие починале од повредите на лице место,“ изјавија од Основното јавно обвинителство Куманово.

Жртвите на семејно и родово базирано насилство ги убиваат насилниците во одбрана, реагираат невладините организации

Адвокатските тимови низ државата сѐ почесто се охрабруваат да ги застапуваат про боно жртвите на овие случаи, а од невладините организации реагираат дека жртвите на семејно и родово базирано насилство откако нема да ја добијат потребната заштита од државата, ги убиваат насилниците во одбрана.

За одлуката на Основното јавно обвинителство Куманово да започне постапка против 36-годишната В.И. од Кратово, која е жртва на семејно насилство реагираше Платформата за родова еднаквост.

„Сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение. Крајно парадоксално е што жртвата на семејно насилство сега е гонета од Јавното обвинителство како извршителка на семејно насилство,“ велат од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму додаваат дека ова постапување на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и како акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично, како во овој случај и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.

Платформата за родова еднаквост сега бара Судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти.

„Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале. Особено, треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани,“ децидни се од Платформата за родова еднаквост.

Податоците на Државниот завод за статистика за 2020, 2021 и 2022 година покажуваат дека најголем број од сторителите на кривични дела се брачни партнери на жртвите, по што следат синовите на жртвите и останати машки сторители. Најголем дел од жртвите на кривични дела се жени, најчесто сопруги на сторителите. Според бројот на регистрирани прекршоци во врска со семејно насилство, најчесто прекршочно дело е физички напад, по што следи малтретирање на друг во стан. Мажите се повторно позастапени како сторители со 84%, додека пак меѓу жртвите се речиси подеднакво застапени и мажите и жените.

Во 2022 година за време на светската пандемија предизвикана од Ковид-19, бројот на поплаки во врска со семејно насилство е нагло пораснат. Најголем број поплаки се однесуваат на случаи на психолошко малтретирање при вршење семејно насилство, односно 84% од поплаките. Повторно најголем дел од сторителите се мажи, односно околу 82%, додека 66% од жртвите се жени, најчесто сопруги на сторителите.

Приказната оригинално е објавена на 12.11.2020 година

Граѓанскиот сектор ги охрабрува жртвите на семејно насилство да пријавуваат, државата ги игнорира овие случаи

Граѓанските организации апелираат ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите.

Сличен на овој случај беше и кога велешанката Пале Илоска, која со нож го усмрти својот невенчан сопруг. Тогаш обвинителството во Велес поднесе обвинителен предлог дека извршила убиство.

Организациите за заштина на човековите права и правата на жените тогаш остро реагираа дека станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство на миг“.

„Пале Илоска е жртва која се борела за здив, која била физички малтретирана и претепана во критичниот момент и директно и бил загрозен животот, па оттука постојат јасни индиции дека не е сторено кривично дело согласно чл.125 од КЗ „убиство во миг”, туку во овој случај станува збор за примена на институтот „нужна одбрана” согласно чл.9 од КЗ. Имено институтот на нужна одбрана е составен од два дела – напад и одбрана. Во конкретниот случај одбраната била преземена во истиот момент кога бил и нападот и таа е сразмерна на нападот, не се пречекорени границите на одбраната, па со што се исполнети елементите на самиот институт – нужна одбрана, кој не дозволува лицето да биде гонето за кривично дело“, посочија тогаш здруженијата.

Подигнување на свеста дека насилството секојдневно се случува во различни форми и мора да се казнува да започне од медиумите

Според Платформата за родова еднаквост, понатамошното постапување на правосудните органи во случајот од Кратово несомнено ќе го одрази и нивото на општествена свест.

„Медиумите кои мора да известуваат согласно етичките стандари и да внимаваат да не придонесуваат за двојна виктимизација. Тоа ќе придонесе и за охрабрување на жртвите за пријавување на насилство врз жените и семејно насилство,“ децидни се од Платформата.

Во Македонија, случаите со семејно и родово базирано насилство се „уште една прилика“ за сензационализам во медиумите. Во насловите и текстовите од медиумите што известуваат за оваа тема, најчесто се забележува двојна виктимизација и стереотипизирање. Дополнително во таканаречената „трка за лајкови и кликови“, медиумите одлучуваат да не ги отстрануваат коментарите под објавите, а со тоа само се зголемува говорот на омраза, стереотипите за семејно и родово базирано насилство, стереотипите за жените и така натаму.

Медиумите имаат морална одговорност да ги отстранат овие коментари, а согласно законите секој што ќе повика на насилство или ќе му се закани со живот ќе сноси кривична одговорност за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Види Вака континурано работи на темата со семејно и родово базирано насилство. Во самостојна продукција, „Види Вака Раскажувачкото Студио“ го изработи видеото „Сам си го барал“ во кое испрати силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот. Затоа што ниту една жртва, сама не си го бара!

Facebook
Twitter
LinkedIn