Кога брзината убива, а правдата замижува

По македонските патишта, во последните пет години просечно умираат 127 луѓе како резултат на сообраќајни несреќи, а правда за загубените животи речиси и да нема. Додека правдата молчи, жртвите зборуваат – колку чини животот одземен од несовесни возачи.
Автор: Љубица Иванова, Ангела Петровска, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Брзи, пијани, недопирливи или казнети со казни под законскиот минимум се возачите кои предизвикале сообраќајни несреќи со смртни последици во Македонија во последните неколку години. По македонските патишта, во последните пет години просечно умираат 127 луѓе како резултат на сообраќајни несреќи, а правда за загубените животи речиси и да нема.

Оние кои преживеале трауматични незгоди со полесни или потешки повреди предизвикани од сообраќајќи, но и блиските на трагично загинати, велат дека во судниците привилегирани се сторителите, но додека правдата молчи, жртвите зборуваат – колку чини животот одземен од несовесни возачи.

Петровски: Убиецот на брат ми доби казна затвор од само 18 месеци, но ни толку не издржа

Во јули 2020 на улиците во Битола животот го загуби младиот Оливер Петровски, додека со електричен тротинет одел на работа. Неговото семејство тогаш организираше протести во Битола во знак на револт за пресудата која беше донесена за сторителот на оваа трагедија, кој беше осуден само на 18 месеци затвор.

Бојан Петровски, братот на Оливер Петровски, за Види Вака вели дека иако правосилна, пресудата никогаш не била фактички спроведена и сторителот не ги одлежал ни тие 18 месеци.

„Убиецот на брат ми, од страна на бесрамната Татјана Петровска, сегашен претседател на Основен суд Битола, беше осуден на само 18 месеци затвор. Истата пресуда ја потврди битолска Апелација, односно совет кој го сочинуваа судиите Љиљана Чочковска, Зоран Караџовски и актуелниот претседател на Судскиот совет, Александар Камбовски. Иако правосилната пресуда никогаш не беше фактички спроведена и сторителот не ги одлежа ни тие 18 месеци. Накратко, сторителот управувајќи автомобил со недозволена брзина, го удри брат ми кој стоел меѓу банкините кои ја делат улицата, на место каде нема зебра, но има знак за пешачки премин, исфрлајќи го 40 метри, по што брат ми им подлегнал на повредите,“ вели Бојан Петровски за Види Вака.

Според Петровски, кој е докторанд по Уставно право, судскиот процес бил апсурден, бидејќи за сторителот на оваа сообраќајка не бил ниту побаран притвор, а пасошите му биле одземени дури 4 месеци по случајот.

„Автомобилот му беше вратен по неколку дена, тој си го поправи и си го возеше. Делото беше оквалификувано како небрежност, согласно член 300, став 4 од КЗ, иако како правник ви тврдам дека во случајот се работеше за евентуална умисла и дека квалификацијата требаше да биде согласно став 2 од истиот член. Понатаму, целиот процес се одвиваше со цел да се префрли дел од вината кај брат ми. Вештачењата, вклучувајќи го и супервештачењето, беа полни со нелогични и контрадикторни заклучоци, кои одеа во прилог на сторителот и кои многу очигледно не беа вистинити (ова тврдење можам да го докажам). Сторителот не призна вина. И покрај сево ова, Татјана Петровска процени дека доволни му се 18 месеци затвор, а истото, меѓу другите, го потврди Александар Камбовски. Сами заклучете дали сме задоволни. Знаев дека живеам во корумпирана држава, но не очекував дека дотаму ќе отиде безобѕирноста на судиите. Во нормални околности, треба да има многу строга казна. Во нашиве околности, согласно праксата, барем 4-5 години, но и тие би биле далеку од задоволителни,“ вели Бојан Петровски.

Со условни казни завршуваат сторителите на тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот

Според податоците кои Види Вака ги доби од Кривичен суд во период од април 2021 до мај 2024 година, за ставовите од член 300 од Кривичниот законик кои се однесуваат на прaвосилни пресуди за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, судот во последните пет години има изречено една највисока казна затвор од времетраење од 10 години, една од 7 години, а останатите се во просек до 5 години. Во текот на овие години судот има изречено 101 условна казна на строрители на тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Еден месец е најниска казна затвор која е одредена за овој вид на кривично дело, а во најголем број од случаите се одредени парични казни, односно за 289 од 547 предмети судот пресудил парична казна.

Колку чини еден живот?

На 12 ноември 2021 година, Теано Кардула наместо да се забавува со пријателите, ноќта ја поминува во Ургентниот центар на Државната клиника во Скопје откако во неа удира автомобил додека таа го поминува пешачкиот премин во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во скопски Центар. Незгодата ја преживува, со последица, повреда на ногата на која и следи операција, но и доживотен страв и траума од настанот.

„Кога прашав во обвинителство колку се казните за вакво дело, што може да очекувам како казна, одговор добив дека се работи за лесно дело во сообраќајот. Јас прво што прашав е дали требаше да умрам на пешачки за да биде тешко дело, значи тоа газење човек на пешачки премин не може никако да биде лесно дело и ете толку беше и само парична казна е во прашање кога се работи за такви дела. И така и беше. По месеци може и цела година да помине, добив одговор, писмо официјално од обвинителство дека сторителот е казнет со парична казна од 18.000 денари. Не знам сега каков прекршок да направите што не загрозува нечија безбедност сигурно ќе биде дури и поголема сумата од нешто вакво. Ете толку вреди кај нас газење човек на пешачки премин,“ раскажува Кардула за Види Вака.

Поминати се скоро четири години од незгодата, но Кардула сè уште се движи со страв во сообраќајот.

„Она што можам да кажам колку и да си внимателен, некој друг не е и тоа се должи на нашата сообраќајна некултура. На истиот тој пешачки неколку месеци после мојата незгода, имаше двајца или тројца повредени пешачи и тоа некако очигледно беше аларм за локалните власти да се постави визуелна светлечка сигнализација дека постои пешачки премин таму, што е за поздрав и секако придонесува кон поголема безбедност во сообраќајот кое е далеку од доволно бидејќи Скопје е преполн со црни точки,“ истакнува таа.

Според Кардула, институциите треба да преземат повеќе мерки во однос на зголемување на безбедноста во сообраќајот, како соодветна сигнализација, имплементирање на законите, соодветни казни и засилени контроли кои се особено потребни во вечерните часови на веќе познати црни точки во Скопје, но и во другите градови низ Македонија.

Кога врските купуваат слобода, правдата замижува

На 27 јули, 2016 година, за само еден миг ѝ се рушат соништата на девојката која 10 години тренираше за да заигра за ракометната репрезентација на Македонија, тогаш надежната ракометарка Бети Котовчевска од Ресен.

Униформиран полицаец во сопствено возило, под дејство на алкохол на работно место, предизвикува тешки телесни повреди на Коточевска и ја остава на улица повредената девојка без да ѝ пружи помош.

„Тој ден решив да возам точак, извозев околу 40+км, го завршувам мојот кондиционен тренинг и пополека се упатувам кон дома, градот Ресен. Незгодата се случи во близина на Градскиот пазар во Ресен. Во колона бевме застанати, во еднонасочна улица, имаше залутан човек од Скопје што ја промашил улицата, а јас бев во тостер на две автомобили, пред мене чичко полицаец, зад мене друг автомобил. Чичко полицаец беше во сопствено возило, униформа, во работно време, брзајќи да ја обезбедува напоредната улица. Дерејќи се му кажува на човекот од Скопје да се врати назад. Во тој момент полицаецот правејќи место да се разминат, тој воопшто не се врти назад, а се враќаше во  рикверц со голема брзина, зошто нели човеков се брза да обезбедува делегација. Јас  стојам  зад него сплескана во средина на две коли. Во ниеден момент не очекував дека човекот толку брзо ќе врати рикверц. Па ме собра под кола, ми ја прегази левата нога и раката. Се здобив со тешки повреди. Во тој момент на болка почнав да викам и со слободната десна рака да мавам на неговиот автомобил. Испаничена бев, уплашена и во болка,“ се сеќава Бети Котовчевска, девет години после несреќата и додава како полицаецот заминал како ништо да не било.

Замина како ништо да не било. Ме остави на улицата, а јас едвај се извлечкав на страна уплашена да не ме согазат цела, раскажува Котовчевска сеќавајќи се на полниот пазар со луѓе во градот Ресен, кој како што вели таа „е како големо село, сите се знаеме“. Иако очевидците во прв момент биле тие кои ѝ помогнале да ја тргнат од улица и ја уверувале дека ќе сведочат за овој настан, сепак понатака останале неми и тие.

Во просек 27 пешаци годишно умираат како резултат на сообраќајни несреќи, а 127 луѓе просечно се загинати лица во сообраќајќи. Брзо возење, непочитување на правилата за првенство на минување, управување под дејство на алкохол се најчести причини за сообраќајни незгоди според Министерството за внатрешни работи.

Смртта на Фросина Кулакова ја разбуди борбата за правда кај граѓаните

Кривична одговорност со умисла ќе сноси 20-годишниот Васил Јованов кој на 29 јануари 2025 година, со своето возило ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова додека таа го преминувала пешачкиот премин на „Партизански одреди“ во близина на пекарницата „Силбо“. Ова го изјави Гаврил Бубевски, Основен јавен обвинител на ОЈО Скопје. Постапката против Васил е веќе проширена и за влијанието на неговите родители врз него, како на пример, овозможување да има автомобил и така натаму.

Според првата проценка на Јавното обвинителство се работи за поголема брзина на возење, црвено светло за возачот, зелено за жртвата, со што овој случај влегува во умислено постапување, со оглед на тоа дека се работи за пешачки премин.

Преку овој случај, јавноста дозна и за историјатот на кривични дела кои Васил ги има зад себе. Тој во 2023 година предизвикал уште една сообраќајна несреќа, каде удира во возило кое стои и ја повредува сопатничката, а за таа сообраќајна несреќа платил казна од 18.000 денари. Васил и тогаш управувал со возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Покрај сообраќајните несреќи кои ги предизвикал, тој бил обвинет и за 2 кривични дела поврзани со трговија со дрога, каде што тогаш на 19-годишниот Васил, фатен со 80 пакети амфетамин, наместо во затвор, му се изрекува мерка за во поправниот дом во Тетово.

„Родителите да одговараат како свесни сооучесници во ова убиство бидејќи го прикриваат“, вели таткото на Фросина, Тодор Кулаков, на гостување на телевизија Сител.

Семејството на Фросина бара доживотен затвор за Васил, бидејќи сметаат дека не треба да биде казнет само за сообраќајната несреќа во која почина Фросина, туку за сите кривични дела кои досега ги сторил.

Доживотен затвор, а такво нешто треба и заслужува некој што претходно дивјачки возел, цело време дивјачки возел, на ниту еден прекршок изречен со казна од судија, не обрнал никакво внимание, нула, нема грижа, ниту грижа родителска па нешто да видиш, туку само поагресивно и поагресивно. Тоа е монструм, некој го создал тој монструм, а ние ги живееме последиците од тоа,“ изјави таткото на Фросина во интервјуто на телевизија Сител.

Случајот со младата Фросина поттикна револт кај граѓаните кои организираа протести во Скопје, Кавадарци и Неготино каде побараа најстрога казна за Васил и системски промени, за кои велат дека се потребни за случајот на Фросина да не се повтори на никој.

Црна историја испишува сообраќајното дивеење на Партизанска

Граѓаните секојдневно особено во летните периоди апелираат за сообраќајното дивеење на улицата Партизанска. На социјалните мрежи честопати се споделуваат видеа од трки со автомобили и мотори, но долгорочно и системско решение за овој проблем властите немаат утврдено. Жителите на Партизанска, но и целата јавност се уште ја памети загубата на младите животи токму на оваа улица.

Три години затвор доби возачот кој ја прегази Викторија Николова од Радовиш во 2022 година, на пешачки премин кај Сити Мол. Шест и пол години казна затвор за возачот кој смртно ја прегази студентката Фросина Цековска на Партизански одреди во 2015 година, со брзина над дозволената и алкохол во крвта. Сега Македонија будно ја следи истрагата за загубениот живот на Фросина Кулакова чиј живот исто така згасна на пешачки премин на Партизанска.

„Врските убиваат“, „Кој е следен?“, „Убиство е, не е несреќа“, порачаа илијадници граѓани по скопските улици на низа протести во чест на Фросина, барајќи правда, максимални казни за сторителите и да не остануваат неказнети кривичните дела во сообраќајот. Протести се организираа и во родниот град на Фросина, Неготино, но и во други градови низ Македонија.

Условни или благи затворски казни не ги одвраќаат возачите од дивеење по улиците

Шест месеци казна затвор за убиство од небрежност за Зоран Милески Кичеец за сообраќајната несреќа која ја предизвика кај Стража во 2018 година.

Две години и шест месеци казна затвор доби момчето кое ја прегази Верица Белчовска во Струмица во 2021 година, на пешачки премин.

Условна затворска казна доби велешанец кој на 18 години без возачка дозвола, пијан и со технички неисправно возило предизвика сообраќајна несреќа во која едно лице почина.

Условна, па затворска казна од две години и два месеци доби и возач кој усмрти сопруг и предизвика тешки повреди на неговата бремена сопруга која го изгуби бебето во 2018 година на улица во скопски Капиштец.

Во 2014 година, претседателот на УМС и пратеник од редовите ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов, бил фатен пијан зад воланот, со 1,43 грам промили алкохол во крвта, без дозвола за возење и предизвикал тешка сообраќајна несреќа, каде повредил жена.

Ова се само дел од случаите на сообраќајни несреќи со фатални последици каде условни или минимални казни биле пресудени на сторителите поради кои со години тлее и преовладува чувство кај граѓаните дека имаме судство кое е на страна на сторителите на кривични дела поради што македонската јавност се крена на нозе да бара правда.

Бојан Петровски вели дека смртта на неговиот брат Оливер, како и неразрешеноста на другите вакви случаи се должи на корупцијата во оваа држава и дека е потребно да се воведат построги санкции за сите поеднакво.

„Пораката која сакам да ја испратам е „ДОСТА БЕШЕ!“ Доволно невини жртви одзеде лудачкото возење на разгалените детишта на богатите. Промените кои се потребни би ги сумирал во следнава фраза: ефикасен систем на санкции. Што повеќе контроли со радар. Казнување на секој еден, без разлика кој е и „чиј е“. Воведување построги санкции за брзо возење. И најважното: темелни реформи на судскиот систем, така што ќе се повикаат на одговорност сите судии и останати чинители кои биле инволвирани во донесување на срамни пресуди за убијците со возила. Земање предвид на укажувањата на оштетените во ваквите постапки. Разрешување и кривичен прогон за сите корумпирани судии, обвинители и вештаци. За почеток, убаво е да се почне со разрешување на Судскиот совет, но не е доволно ако тука се застане. Најголем дел од судиите се дел од ова, а тоа се гледа и по нивното однесување деновиве и по тоа како се бранат и правдаат овие денови.“ вели Петровски.

Во Македонија сѐ уште не функционира автоматскиот систем за следење и казнување во сообраќајот како низ Европските држави. Системот на безбедносни камери и казни на домашни адреси кој беше најавен пред десетина година не функционира.

Случајот со Фросина Кулакова е само уште еден во долгата низа на трагедии што се случуваат на македонските улици, каде што невини животи згаснуваат поради несовесни возачи, а правдата останува незадоволена, неретко на страна на сторителите. Сообраќајните трагедии што се случуваат секојдневно на македонските улици и патишта се должат на долгогодишно мито, корупција, непотизам, сообраќајна некултура, изречени условни или затворски казни под законскиот праг, лошата инфраструктура, институционален криминал итн.

Додека граѓаните и блиските на жртвите во сообраќајот бараат правда и строги казни за сторителите, институциите сè уште не нудат конкретни одговори и решенија. Доколку не се преземат системски мерки и промени, црната статистика ќе продолжи да расте, а довербата во правниот систем ќе продолжи да опаѓа.

Facebook
Twitter
LinkedIn