Казни за невакцинирање има, но Македонија и понатаму со низок опфат на вакцинација

Антиваксерството и пандемијата со ковид-19 ги актуелизираа болестите пред искоренување. Во Македонија казни за невакцинирање има, но не даваат ефект.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Државен санитарен и здравствен инспекторат повел 141 постапка за „порамнување“ (плаќање казна) на невакцинирани деца и 69 барања за невакцинирни деца биле дадени на суд изминатата година, за родителите кои одбиваат да ги вакцинират своите деца. Од Инспекторатот велат дека заради неказнивоста, мерката изрекување на казни за невакцинирање, не ги дава посакуваните резултати.

Од 300 до 650 евра во денарска противвредност глоба за физичко лице (родител) е предвидена за родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца согласно Календарот за задолжителна имунизација според Законот за заштита на населението од заразни болести.

„Постапките завршуваат во најголем дел со опомена од страна на судовите, за дел од поведените барања за поведување прекршочна постапка немаме повратен одговор, така што целта на изрекување казни од страна на ДСЗИ не ги дава посакуваните резултати заради неказнивоста од страна на судските органи“, Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

СИСТЕМСКИ СУДИР – ЗАДОЛЖИТЕЛНО ОБРАЗОВАНИЕ, ЗАДОЛЖИТЕЛНА ВАКЦИНАЦИЈА

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

Член 46 став 2 од Законот за основно образование:
Дете не може да биде запишано во училиште без потврда за примени задолжителни вакцини. 

Колку што се задолжителни вакцините, толку повеќе неприкосновено е правото на образование, па помеѓу двете задолжителни обврски настанува системски судир.

Исклучоци секогаш постојат, најчесто поради медицински причини, за што се приложува соодветна лекарска документација“, велат од Министерство за образование и наука во однос на невакцинираните деца кои го отпочнале процесот на образование, но сепак потенцираат дека согласно Законот за основното образование за упис на дете во прво одделение, родителот односно старателот е потребно да приложи потврди за примени задолжителни вакцини, за извршен стоматолошки и офталмолошки преглед.

ОПРАВДАНИ ИСКЛУЧОЦИ ПОСТОЈАТ, НО ШТО КОГА РОДИТЕЛОТ Е ДЕЦИДЕН ДЕКА НЕ САКА ДА ГО ВАКЦИНИРА СВОЕТО ДЕТЕ?

Со оглед на тоа што мерката изрекување казни за невакцинирање не ги дава посакуваните резултати, односно родителот дури и да ја плати казната, повторно може да одбие да го вакцинира своето дете, а од друга страна и градинките, односно основните училишта имаат право да ги одбијат децата поради неприложена документација за примени вакцини, родителите правдата ја бараат кај Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Пред законски определениот рок за запишување на ученици во прво одделение, зачестени беа јавувањата и претставките во врска со уписите на децата во основно образование, меѓу кои имаше поплаки од родители, кои изразуваа незадоволство од неможноста за упис на нивните деца во основно образование поради нецелосен вакцинален статус. Од друга страна, за истиот проблем имаше обраќање и од страна на неколку училишта кои од Народниот правобранител бараа совет и насоки како да постапат во случаи кога родител/старател не ја доставува потребната документација, во врска со вакциналниот статус на детето.
Ова стои во годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права (2021 година).

Тогаш Народниот правобранител побара да се разгледа можноста за изнаоѓање на алтернативно/и решение/ја за опфаќање во задолжителното основно образование на децата, кои не се вакцинирани или имаат нецелосен вакцинален статус, а Министерството за образование извести дека учениците за кои се одлага вакцинирањето поради здравствени причини и за истото имаат соодветна лекарска документација, треба да бидат запишани на училиште, при што децата ќе можат да го комплетираат вакцинирањето согласно насоки од соодветни установи. Во овој контекст, се повика на мислењето на Уставниот суд дека со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира, туку се создава и колективен имунитет меѓу населението, односно се спречува циркулацијата на инфективните болести.

Во друг случај пак, поднесен до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во 2021 година, родителка поднесе претставка против Општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје и смета дека е жртва на дискриминација врз основ на личен и општествен статус од областа на образование, наведувајќи дека нејзиниот син е дискриминиран врз основа на вакцинален статус од страна на општинското основно училиште „Св. Климент Охридски“ од Скопје, каде при уписниот период одбиле да го запишат нејзиното дете поради отсуство на потврда за примени на сите задолжителни вакцини, односно подносителката на претставката не го вакцинирала своето дете со MRP вакцина.

Тогаш КСЗД не утврди дискриминација врз основ на вакцинален статус, односно личен и општествен статус во областа на образование. Односно откако бил извршен увид во работата на училиштето, било констатирано дека училиштето не постапило спротивно на законските норми.

„Основното училиште постапувало согласно законот, мерките и препораките на надлежните власти кои се во насока на заштита на јавното здравје. Во едно демократско општеството надлежните власти го земаат предвид врвниот приоритет на заштита на здравјето на сите граѓани. Следствено, релевантните закони и документи поврзани со задолжителната вакцинација имаат легитимна цел во насока на заштита од болести кои претставуваат сериозна закана по здравјето на граѓаните. Иако со Уставот на Република Македонија на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот и на достоинството и угледот, сепак граѓаните имаат и обврска да не го загрозуваат здравјето на другите. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во конкретниот случај не утврди дискриминација врз основа на личен статус од страна на општинското основно училиште Св. Климент Охридски од Скопје врз М. Г. од Скопје.“ – стои во годишниот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

РИЗИК ОД ШИРЕЊЕ НА БОЛЕСТИ КОИ МОЖАТ ДА СЕ ИСКОРЕНАТ СО ВАКЦИНАЦИЈА

Годинава во Македонија регистрирани се два случаи на пертусис (голема кашлица) кај невакцинирани дечиња. Во 2019 година имавме епидемија на мали сипаници – морбили кога четири дечиња од шест до 13 месеци починаа. Годишно се евидентират од 150 до 200 случаи на туберколоза – сите овие се болести за кои имаме вакцини, но и недоверба во истите.

Приказната оригинално е објавена на 17.01.2024

АНТИВАКСЕРСКИТЕ ДВИЖЕЊА И КОВИД-19 КАКО КАТАЛИЗАТОРИ НА ПРОЦЕСОТ НА ШИРЕЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА ВАКЦИНИТЕ

Нискиот опфат за сите вакцини и ревакцини последниве години, пред сé, се должи на пандемијата со Ковид-19, потврдуваат извештаите за имунизација на населението на Институт за јавно здравје.

Ова го потврдува и д-р Злате Мехмедовиќ кој вели дека Ковид-19 беше катализатор на процесот на ширење на дезинформации, но воедно ни беше и на нас аларм дека треба да направиме нешто посериозно со цел да ги неутерализираме дезинформациите.
Направени се стратегии и стандардни оперативни процедури, воедно и систем за пријавување на сите сомнежи коишто се јавуваат кај родителите, а се резултат на дезинформации коишто се шират помеѓу нив, за да можат лекарите полесно да ги адресираат и да изнаоѓаат соодветни одговори коишто ќе допрат до родителите и ќе им ги објаснат работите на научен начин со помош на медицина базирана на докази, а не онака паушално, лаички, произволно сместено во еден наслов којшто практично само прави забуна кај родителите, а притоа поголемата трагедија е што ги изложува нивните деца на опасност од болести и можност со смртен исход“, истакнува д-р Злате Мехмедовиќ.

Трендот антиваксерство пак се провлекува со години, особено се актуелизираше на почетокот на 2000-те години кога контроверзен доктор од лукративни причини лажираше податоци кои го загрозија јавното здравје, наведувајќи дека аутизмот е последица на вакцинирањето.

Доктор Мехмедовиќ потенцира дека точно се докажува дека не постои поврзаност меѓу аутизмот и вакцинацијата кај децата со било која вакцина, не само со вакцината на онаа фамозна МРП вакцина којашто е за заштита од морбили.

Изјава д-р Злате Мехмедовиќ

Овде Злате Мехмедовиќ прави паралела со примањето вакцини поради патување во езготични земји за кои е задолжително вакцинирањето и вели во тие случаи луѓето немаат проблем да ги примат истите, па според него не верувањето во вакцините е тренд и покрај децениските докази дека вакцините спасуваат животи.

„Веројатно стана тренд да верувате во теории на заговор, да имате конспиративна свест, како да очекувате дека тоа вештачки ќе ви ја подигне интелигенцијата, ако се сомневате во сè, ако сметате дека вие сте најпаметени, мислите дека ништо не функционира. Бенефитот кој го добиваме со вакцините и аргументите се исклучително силни и имаме намера силно да ги употребиме со цел да ги обесхрабриме дезинформаторите, кои ги одвлекуваат родителите од вакцинација на своите деца и ги изложуваат туѓите деца на опасност“, посочи д-р Мехмедовиќ.

НИЗОК ВАКЦИНАЛЕН ОПФАТ НА НАЦИОНАЛНО НИВО

Во однос на примарна вакцинација не e констатиран препорачаниот опфат над 95% за ниту една вакцина, на национално ниво. Регистрираниот опфат за примарната вакцинација е под 90% за сите вакцини и тоа против хепатитис Б, Хемофилус инфлуенца тип Б, ДиТеПер/ИПВ и МРП вакцината, како и вакцинацијата против ХПВ, која бележи најнизок опфат од сите вакцини.

И во однос на ревакцинацијата не е реализиран опфат над препорачаните 95% за ниту една ревакцина. Регистрираниот опфат за ревакцинација со сите вакцини е под 90%. ДиТеПер/ ХиБ/ИПВ I ревакцина се регистрира со најнизок опфат од 69,3%, додека ДиТеПер/ИПВ II и ДиТе/ИПВ III ревакцинација имаат опфат од 88,5% и 89,3%, соодветно.

Вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од Хуман папилома вирус (ХПВ) во земјава изнесува 52,5% односно вакцината против карцином на грлото на матката е најмалку прифатена.

СКОПЈЕ И КУМАНОВО МЕЃУ РЕГИОНИТЕ СО НАЈНИЗОК ОПФАТ НА ВАКЦИНИ

Според извештајот на Институт за јавно здравје за 2022 година, териториите кои ги опфаќаат ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Куманово се водечки по нискиот опфат на вакцини и ревакцини.

Така, вкупниот опфат со МРП вакцина за целата република изнесува 70,7%, а од подлежечките лица за МРП вакцина на територијата на целата република, не се опфатени со вакцинација вкупно 6.551, од кои 2.478 или 37,8% се жители на територијата која ја покрива ЦЈЗ Скопје и 1.466 или 22,4% се жители на територијата што ја покрива ЦЈЗ Куманово.

И во однос на МРП ревакцинацијата, од неопфатените вкупно 2.568, најголем процент 29,0% се жители на територијата која ја покрива ЦЈЗ Скопје.

Региони со најнизок опфат од вкупниот број на невакцинирани лица кои се подложни на вакцинација:

Интересно е доколку ја погледнете мапата по региони и по градови и по населени места е дека во одредени места имате процент на вакцинација и над 95% за одредени вакцини. Мислам дека тие се таканаречени „џепови на извонредност“, каде што навистина би требало да се видат искуството зашто тоа се случува и да се простудира малку подобро каков е менталитетот на луѓето кои што го прифаќаат тоа толку лесно, добро, јасно, како ефикасна мерка. И да го споредиме со оние места каде што имаме 40% вакцинација. Во Шуто Оризари на пример имате 95% покриено со вакцинација, а во Куманово имате 40% покриеност со вакцинација за морбили. Во Скопје покриено со вакцинација за ХПВ мислам дека е само 15%, меѓутоа некада имате каде што е и над 70%. По зависност од регион, во зависност од тоа какви се етничките културалошките, социјалните навики во одредена средина, различно се прифаќа вакцинацијата и научивме, меѓу другото, со тек на времето, дека не може да направиме еден пристап за сите, туку треба да имаме еден пристап засебен, за секого, и да го адаптираме наќинот на кој што разговараме со луѓето во различни региони, затоа што треба да се спознаат и нивните потреби, и нивните навики за да можеме подобро да ги објасниме вакцините како безбедни,  ефикасни, на моделот на спречување на болести.

Приказната оригинално е објавена на 14.2.2019 година.

Регионот „го следи трендот“ за невакцинација

Намалувањето на опфатот со вакцинација е тренд присутен не само во нашата земја, туку и на глобално ниво, а последните неколку години несомнено е поврзан со тековната пандемија на Ковид-19.
Моментално во регионот со ширење на пертусис се соочуваат и Хрватска и Србија.
Во Србија годинава има регистрирано 1.000 случаи на пертусис. Во Хрватска пак има околу 4.500 позитивни деца и возрасни на пертусис, но како што истакнува доктор Мехмедовиќ, иако имаме бројка од два случаи на пертусис во Македонија и е охрабрувачки во однос на хрватското сценаријо, сепак недоволен е опфатот со вакцинација за да кажеме дека нема да ни се појави ниту еден случај на претусис во нашата земја.

Загрижува фактот што на одредени територии во земјава има многу низок опфат со вакцинација. Трендот на намалување на опфатот со задолжителната вакцинација го зголемува ризикот од појава на епидемии од вакцино-превентабилни заболувања, а се враќаат и болести кои биле близу до искоренување. Според резултатите од извештаите за спроведена задолжителна имунизација од Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици во 2022 година, како и според препораките на СЗО и други меѓународни компетенти институции, се наметнува неопходна потреба од преземање на сериозни мерки во однос на задолжителната вакцинација во Република Македонија. Доколку антиваксерскиот тренд продолжи да расте, ќе се враќаат мнозина болести за кои светот последниов еден век се обиде да ги искорени.

Facebook
Twitter
LinkedIn