КАРАНТИНСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Иван Алушевски, Драган Котовски и Синиша Илијески
Монтажа: Синиша Илијески и Николај Митрески
Продукција: Види Вака

Голем број од вкупно 257.220 ученици во државава немаат пристап до таканаречените „дигитални училници“. Најголем дел од нив потекнуваат од социјално ранливи семејства. 

Првоодделенецот Јан Попов и неговата мајка Тамара, секојдневно учат заедно и ги пишуваат задачите кои им ги испраќа наставничката по имејл. Наместо на училиште, Јан учи од дома поради коронавирусот. Многу веројатно ќе го дочека крајот на оваа учебна година дома, наместо во клупите на ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Скопје.

Ова момче е едно од 21.687 првачиња во државава, кои годинава се дел од новиот предизвик во образовниот систем, наречен далечинско учење.

Дигитални училници?

Според новинската агенција „Анадолија“, вкупно 184 земји ги затворија вратите на образовните институции ширум светот, една од нив е и нашата држава.  Вкупниот број на ученици во земјите од светот кои се зафатени со пандемијата, изнесува приближно 87%, што во бројки изнесува над 1,5 милијарда лица.

Кај нас, според Државниот завод за статистика, на почетокот на учебната 2019/2020 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 187.240, додека во редовните средни училишта изнесува изнесува 69.980 ученици. Тоа значи дека вкупно 257.220 ученици во државава учат преку „дигиталните училници“.

Но, што се случува со оние ученици кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, кои не располагаат со електронски уред, немаат пристап до Интернет, односно, немаат услови за да бидат дел од онлајн наставата?

Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека се имаат обратено до училиштата со барање да се обезбедат овие податоци во најкус можен рок.

„По добивањето на податоците и нивна анализа, заедно со локалните самоуправи ќе се обидеме да најдеме начин воспитно – образовниот процес да продолжи за сите ученици во овој период кога е прогласена вонредна состојба, а за што јавноста ќе биде дополнително информирана“, посочија од Министерството за образование и наука.

Сибел Бајрам е наставничка по англиски јазик во ООУ „26 Јули“ во Шуто Оризари. Ова е најголемата општина со ромско население во нашата држава. Според неа, во оваа општина има ученици кои немаат пристап до Интернет.

„Преку нивните класни/одделенски наставници, добивам информација за нив. Меѓутоа, во овој кризен период со оглед на ситуацијата дека има многу семејства кои се или пак не се приматели на социјална помош, коишто се отпуштени од своите работни места и луѓе коишто едвај врзуваат крај со крај за да обезбедат основни егзистенцијални потреби за живот, секако, тие прво ќе гледаат да се снајдат и на своите семејства да им обезбедат храна, отколку пристап до Интернет што е сосема оправдано“,  објаснува Бајрам.

Според Бајрам, државата треба да најде соодветно решение за овие семејства.

„За поздрав се иницијативите на државата, меѓутоа има уште многу работа којашто треба да се заврши. Навистина треба овие семејства коишто се во социјален ризик, со невработени членови од семејството и не примаат социјална помош, мора да бидат меѓу првите приоритети на нашата држава, којашто треба да изнајде соодветно решенија за помош и обезбедување на основни потреби за нивно непречено функционирање во ова време на криза“, вели наставничката.

Професорката по англиски јазик во СУГС „Владо Тасевски – Скопје“, Рената Трајановска, посочи дека училиштето им стои на располагање на учениците кои немаат услови да бидат дел од онлајн наставата.

„Има многу мал број на такви ученици и тие се пријавени секој одделно кај своите класни раководители. Меѓутоа, нашето училиште веќе е во тек да снабди уреди со тоа што располагаме во училиштето, за оние ученици кои немаат“, вели професорката Трајановска.

Како едно од решенијата за немање Интернет, „Македонски Телеком“ одлучи на 30.000 ученици во основно и средно образование, од вкупно 18.400 социјално загрозени семејства во земјава, да добијат картички за мобилен интернет со капацитет од 10 гигабајти месечно. Овие ученици ќе можат да пристапат на Интернет, само за платформите за далечинско учење, одредени од Министерството за образование и наука.

Бајрам, вели дека нејзините учениците ги користат мобилните телефони на своите родители.

„Покрај учениците, комуницирам и со родителите, а тоа вообичаено се родители на учениците од III и V одделениe. Ученици коишто не поседуваат сопствен смарт телефон и го користат мобилниот на своите родители“, кажа наставничката по англиски јазик во ООУ „26 Јули“ во Шуто Оризари, Сибел Бајрам.

Лина и дедо Менде, но, и останатите другари на Петко од „5+ Фамилија“, од 16 март на МРТВ се дел од едукативната програма наречена „ТВ училница“. Овој проект е во организација на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и ОХО продукција. МТВ1 и МТВ2 започнаа да емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште. „ТВ училница“ е наменета само за основци и деца од претшколска возраст.

„Во првите неколку денови се емитуваа содржини наменети за децата од пониските одделенија – прво, второ, трето, имајќи предвид дека кај нив прекинот на образовниот процес, односно, привременото затворање на училиштата би можело да има најголемо влијание. Но, сега веќе во емисијата се емитуваат и содржини за сите ученици од прво до деветто одделение“, истакнаа од Министерство за образование и наука.

За секој предмет во „ТВ училница“ се одржува 15 минутна лекција од некој наставник, кој доброволно се пријавил за оваа работа.

„Наставници предаваат лекциите кои во овој период требаше да бидат совладани согласно наставните планови и програми, доколку учениците посетуваа училиште. Додека за децата од претшколска возраст се емитуваат едукативни емисии и приказни согласно нивната возраст“, посочија од МОН.

Сличен ваков пример на едукативна програма, има и на Хрватската Радио Телевизија (ХРТ), каде се емитува настава само за ученици од I до IV одделение.

На „Едуино“ видео лекции само за предучилишна возраст и основно

Од МОН известуваат дека има околу 1.000 видео лекции за ученици на првата национална веб-платформа за образование – „Едуино“. На оваа платформа секојдневно пристигнуваат нови, се прегледуваат, одобруваат и прикачуваат. Но, има видео лекции само за предучилишна возраст и основно образование, но, не и за средно.

Според професорката Рената Трајановска од средното училиште „Владо Тасевски“, комуникацијата со своите ученици ја немаат преку платформата „Едуино“ туку преку апликацијата „Google Classroom“.

„Комуницираме главно преку алатката „Google Classroom“ каде им испраќаме на учениците наставни единици, видеа, туторијали и задолженија кои треба да ги изработат во одреден рок. А секако преку имејл ни ја испраќаат сработената задача. Релативно одговорни и заинтересирани се учениците, бидејќи им е јасно дека ова е единствениот начин да не дојде до прекин во нивното образование. Можеби помалку одговорни се оние ученици кои и во училишните клупи беа такви“, посочи професорката Трајановска.

На YouTube каналот Е-занимална за предучилишна возраст (заклучно средина на месец април) има поставено 173 видеа. 

Додека на двата канали на „Едуино“ има објавено 652 видео лекции само за основно образование. Освен на македонски јазик, има лекции и на албански, турски и босански јазик

Матурантите оваа година сè уште не знаат кога и како ќе ја полагаат државната матура. Додека тие се во исчекување, што ќе се случува, од МОН уверуваат дека никој од нив, нема да биде оштетен.

„Државниот испитен центар како надлежна институција за организирање на процесот на државна матура до МОН достави повеќе предлози за начинот на негова реализација оваа година и истите сè уште се разгледуваат. Не е донесена конечна одлука, но бидете сигурни дека при одлучувањето во прв план ќе биде земен најдобриот интерес на учениците. Никој нема да биде оштетен“, соопштуваат од МОН.

Високи предизвици во високото образование

„Платформа за далечинско учење наменета за високо образование во овој период не е предвидено да се изработува, но сепак, на располагање се бројни други алатки и платформи кои можат да се употребат. А за тоа, напоменуваме одлучуваат заедно професорите и студентите“, истакнуваат од МОН.

Високото образование има поголем предизвик од основното и средното. Според Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Горан Коевски, на факултетот спроведуваат настава преку видеоконференциски платформи, какви што се: ZOOM US, Microsoft Teams или Skype.

„Бројот на студенти со кои онлајн се комуницира во овие услови е зачудувачки голем. Од лично искуство можам да кажам дека бројот на студенти кои се присутни на моите онлајн предавања е дури и поголем од бројот на присутни кога наставата се одржуваше „во живо“ во предавалните и амфитеатрите на Факултетот. По моја слободна проценка, најмалку 2/3 од студентите по години и по предметни програми се вклучуваат во наставата. Тоа, веројатно се должи и на потребата студентите да имаат некаква професионална активност во услови на самозолација“, посочи проф. д-р Горан Коевски, Декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

На Правниот факултет во Скопје има воспоставено и систем за електронско најавување на студенти во службата за студентски прашања, еден вид на „мој термин“ за давање на услуги, во случај на ургентна потреба на некој оригинален документ. Но, најголемиот проблем во високото образование не се предавањата, ниту пристапот до информации или комуникацијата со професорите, најголемиот проблем е како ќе се спроведе испитната сесија.

Според Правилникот на УКИМ за спречување на внесување и ширење на коронавирусот CoVid-19: „Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето. Ако не се исполнети условите од став 1 на овој член, испитите и колоквиумите ќе се реализираат кога ќе се создадат услови за тоа, за што одлука донесува единицата.“ (член 4)

Професорот Коевски, истакна дека се води дискусија за полагањето кое согласно Глобалниот календар на активности на УКИМ и на Факултетот, започнува на 1 јуни 2020 година.

„Во моментов, на факултетот се води интензивна е-дискусија со претставниците на факултетското студентско собрание околу начинот на полагање на испитите во јуни“, рече професорот Коевски. 

Согласно уставно загарантираната автономија на универзитетите, секој професор има академска слобода во поглед на изведување на наставата и во организирање на испитите. Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, истакна дека се отворени за сите иницијативи и се надеваат дека ќе најдат заедничко прифатливо решение.

„Студентите се против електронско полагање од повеќе причини: дека не постојат соодветни технички решенија кои ќе обезбедат идентификација, но пред сé, контрола на работата на студентите за време на полагањето што, од своја страна, може да доведе до препишување и манипулации со испитите и со тоа да се доведе во прашање квалитетот на идните издадени дипломи, дека таквиот начин на полагање може да доведе до диксриминација на одреден број студенти кои немаат квалитетен пристап до Интернет и со тоа да им се ускратат некои права при студирањето и слично“, истакна проф. д-р Горан Коевски.

Универзитет Св. Кирил и Методиј (Фото: Фејсбук страна на УКИМ)

Нашето образование со години мака мачи околу пристапот, програмата, содржината на книгите и како да го задржи вниманието на учениците. Далечинското учење, дополнително ги задлабочи слабостите со кои се соочува. Образовниот систем, мора што поскоро да ја најде својата вакцина и да стане имун на искушенијата кои сега ги предизвика вирусот. Ковид-19 го промени начинот на живот во целиот свет. Покрај економската штета, непроценлива штета ќе претрпи и образованието. Во некои земји се размислува за поништување на учебната година, со цел децата да не останат покуси од важниот наставен материјал. Но, вакви планови, засега нема во Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn