Како во магичен круг – Агенцијата за млади и спорт и Националната пливачка федерација

Десет години е блокирана сметката на Националната пливачка федерација, а најмногу страдаат пливачите.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами и Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Со кредити и парични средства од родителите за учество, повеќе од десет години пливачите репрезентативци на Македонија освојуваат медали и рушат рекорди на Светски, Европски, меѓународни, државни пливачки првенства, бидејќи Агенцијата за млади и спорт и Националната пливачка федерација не можат да изнајдат заедничко решение за да се одблокира сметката на Националната пливачка федерација. Двете страни се согласни во едно – сметката треба да се деблокира, а за тоа се потребни волја и желба, но чија?

За нешто повеќе од десет години, долг од околу 100.000 евра во денарска противвредност како основен долг и плус камати наталожила Националната пливачка федерација, по основ хотелски сместувања на пливачи за маратони и за припреми за маратони во Охрид, тестирања за коронавирус, сместувања за странски пливачи. Дополнително, за целиот тој период има и блокирана сметка поради долговите.

Горан Стојановски – претседател на Национална пливачка федерација:

„Блокираната сметка се должи на долгувања кон доверители од типот хотелски сместувања, од типот припреми за пливачите кои учествувале на Охридскиот маратон односно користење на еден од хотелите во Охрид, и така натаму, сѐ се приватни доверители. Имаме еден доверител Центар за јавно здравје Охрид, имаме исто така Биотек Скопје во времето на коронавирусот се направени тестирања за одредена сума којашто не е исплатена од страна на Националната пливачка федерација, а е направена фактура, значи ново дополнително задолжување, меѓутоа најголемото задолжување е направено во времето на коронавирусот 2021 чинам, а тоа е долг кон хотел Метропол Охрид за сместување на пливачите коишто пристигнаа и коишто учествуваа на Охридскиот маратон и тоа е долг кој некаде изнесува околу 30.000 евра за сместување на пливачите и дел од тогашното раководство на Федерацијата, сѐ со цел дека таа фактура ќе се плати меѓутоа таа фактура не е платена, сопственикот на хотелот доставил тужба којашто стигнала на извршител и тоа е еден од поголемите долгови којшто е направен сега во поскоро време.“

Националната пливачка федерација се финансира преку Национални годишни програми и буџет кој го одобрува Агенцијата за млади и спорт, но под образложение дека сметката е блокирана, Агенцијата за млади и спорт во изминатите 10 години не исплатила ниту денар на Националната пливачка федерација, односно како што посочува директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски, оваа институција не може да одобрува програма и буџет зашто првично треба сметката да биде одблокирана.

Според директорот Мојсовски, претседателот на Националната пливачка федерација треба да изнајде решение за да се одблокира сметката. Наумче Мојсовски тврди дека Агенцијата нема ингеренции во деблокирање на сметка.

  • Нашата заложба уште сегашниот претседател кога беше и претходниот, јас истото го кажував дека единствено решение кое го нуди Агенцијата на претседателот или на Пливачката федерација е тоа што секој, да сме јасни и гласни, секој долг направен кој е преземен од сегашниот претседател, државата не може да му го решава или Агенцијата. Ние нудиме секоја следна програма кога ќе дојде, прво, мора нели да е одблокирана сметката, секоја програма кога ќе дојде дали за учество на Светско првенство, Европско, балканско, државно првенство во Македонија и сѐ останато, може да го покрива Агенцијата за млади и спорт, но старите долгови не смее по закон – вели Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Мојсовски појаснува дека сите трошоци кои доаѓаат тековно во натпреварувачката година или календарска ќе ги покрива Агенцијата, но за сите стари долгови треба да се изнајде решение, кое според него би било да се побара од доверителите кон кои е направен долгот, да се отпишат каматите или да се направат на рати и да се побара одложено плаќање на долгови. Но исто така, според Мојсовски, претседателот и Управниот одбор на Националната пливачка федерација се должни да обезбедуваат средства преку фирми и спонзорства.

Изјава Наумче Мојсовски

Мојсовски посочува дека по законот на сила, Закон за спорт, Агенцијата за млади и спорт не смее да се меша во правата и обврските на самите федерации зошто тие се независни друштва, па така наследените долгови треба да ги решаваат самите.

Сегашниот претседател на Национална пливачка федерација, Горан Стојановски е на чело на федерацијата година и пол, а при доаѓањето на таа функција го затекнал долгот од 100.000 евра направен за време на претходното раководство на Националната пливачка федерација. Тој пак, од друга страна тврди дека токму во Агенцијата за млади и спорт лежи единствениот излез од ситуацијата.

  • Единствен излез од целата ситуација можеби лежи токму во државната институција, а тоа е Агенцијата за млади и спорт која е одговорна за работата на сите федерации, не е одговорна за настанатиот долг меѓутоа е одговорна да најде, мислам дека е одговорна да најде решение за ситуацијата, вели Горан Стојановски, претседателот на НПФ и додава каде го гледа тој излезот.


Ако, еве да претпоставиме дека годишната програма на Националната пливачка федерација би изнесувала најмалку, во зависност од настаните што покриваат една година, би изнесувала некаде околу 100 000 евра – 6 милиони денари, овие пари покриваат учество на Светски првенства, припреми, национални првенства и организации итн., ако сето тоа го помножиме со десетина години неисплатени средства од страна на државата односно Агенцијата, доаѓаме до една сума од речиси милион евра коишто секако би биле доволни да се одблокира Федерацијата, меѓутоа пак ќе кажам дека не е виновна Агенцијата затоа што ни кажува дека не смее да префрли пари на блокирана сметка, тоа е така во финансовото работење и една фирма, односно, институција како што е Агенцијата којашто има пари од буџетот на државата, не може да префрли пари на здружение како што е федерацијата која има блокирана сметка, значи тоа е строго забрането и пак ќе кажам тоа е еден „маѓепсан круг“ којшто ја доведува пливачката федерација, односно самите спортисти во една нефункционалност.

Стојановски апелира и Владата да се вклучи во изнаоѓање на решение за блокираната сметка на федерацијата за да конечно истата профункционира.

Би апелирал Владата да се вклучи во решавање, сигурно постои начин со некаква одлука, а ние како раководство да ги почитуваме сите одлуки коишто ќе ги донесат како Влада или како Агенција, тоа да го сработиме максимално коректно со сите оние упатства којашто би ни ги дала Владата. На пример, Владата да донесе одлука дека се одблокира сметката и дека раководството во некој си период од година, две, од програмата или од средства кои не знам какви средства да гарантира под морална и кривична одговорност, раководството на чело со мене како претседател, дека тие средства коишто Владата ќе ги намени за таа цел, за спортистите да бидат строго наменети за таа цел. И ние стоиме на располагање доколку има такво добро, расположени од таа страна, ние тоа да го изработиме максимално, предлага Горан Стојановски.

Претседателот на НПФ дополнително истакна дека тешко се наоѓаат спонзори кога една федерација има блокирана сметка, а во меѓувреме во отсуство на решение, товарот за учество на пливачки првенства паѓа на грбот на родителите и самите пливачи.

-Јас доаѓам од позиција на родител, јас имам двајца пливачи така што сето тоа ми е јасно, ништо страно нема да кажам или туѓо, целиот товар за одржување на националните првенства, на државните првенства кои ги има во годината две, зимско, летно првенство паѓаат на товар на родителите, односно на самите пливачи. Со самото тоа што тие плаќаат котизација заради тоа што НПФ не ги добива средствата потребни од Аенцијата за организирање на едно државно првенство, сето тоа односно 90% оди на товар на пливачите.


Според претседателот Горан Стојановски, тоа е така и бидејќи многу тешко се наоѓаат спонзори во вакви услови на кризи, пандемии.

-И спонзорите кога ќе ги најдеме секој сака да донира на сметката на федерацијата знаете кога ќе отидеме ние да преговараме со спонзорот кога ќе му кажеме немојте на сметката на федерацијата нас ни треба поддршка на клубот, едноставно не сме сериозни да тоа го испреговараме одма на почеток изгледаме несериозни и ги оддалечуваме и оние вљубеници во пливањето да ни помогнат на некој начин. Инаку дека товарот паѓа на децата, товарот паѓа на децата и на родителите, сведоци сме за учество на Светско првенство во Фукока оваа година.

Стојановски посочува дека раководството на НПФ би гарантирале со работење, со материјална, морална одговорност, кривична одговорност доколку некој од институциите покаже интерес за решавање на прблемот.

– Ние тоа да го спроведеме, само така го гледаме излезот, инаку од приватни пари некој да дојде па да даде 100.000 евра па да ја раздолжиме Федерацијата, па после тоа да Агенцијата исплати мислам дека тоа е малку импровизација којашто не му оди во прилог на никому. Секој оној спонзор или било кој, карикирам, којшто би се дрзнал да извади 100 000 евра прво не се малку пари, за да ја одблокира сигурно ќе бара некој возврат после тоа и сето тоа во една друга насока од нашата којашто јас како претседател не би сакал да ни се случи, затоа што тоа бара после тоа некои дела коишто ќе бидат спротивни на статутот на работење на Федерацијата и на друго финансово работење, а во такво нешто не би сакал да учествувам.

Фото: Види Вака

Ѓуретановиќ Никола од пливачки клуб „Вардар 2018“, Андреј Стојановски од пливачки клуб „Нептун“, Ева Петровска од пливачки клуб „Аквапро“ и Миа Еминова Блажевска од пливачкито клуб „Орион“, се четворицата пливачи кои годинава ќе ја претставуваат Македонија на Светското пливачко првенство во Фукока, Јапонија. Тие се национални и повеќекратни рекордери во своите категории, а како и секоја година така и до пред само две недели тие беа во неизвеснот дали воопшто ќе се обезбедат средства за карти и престој за тие да можат да заминат на Светското првенство кое пак е предуслов за учество на Олимпијада 2024 година.

Младите пливачи во минатато веќе се соочувале со неможност за учество поради финансиски недостаток.

А до пред извесен период тие единствената надеж ја гледаа во донациите кои се собираа преку „Куќа на среќата“.

Видео: Финансиски грч во вода

Но, сега конечно две недели пред нивното заминување, Агенцијата за млади и спорт испрати 900.000 денари на сметка на Сојуз на спортска федерација каде наменски се купени билети и обезбедено е сместување за петчлената екипа која ќе замине на Светско во Јапонија.

Средствата кои АМС ги префлила на Сојуз на спортови, 900.000 денари се наменети за петчлената делегација составена од четири пливачи и еден тренер за Светското пливачко првенство во Јапонија за авионски карти и смештај.

Директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски, решавањето на проблемот го гледа од друг агол, според претходна пракса.

-Сега се изнајде некое решение да се помогне Светско првенство преку Сојуз на спортови кои се они членки, членки мислам дека во Сојуз на спортови има над 20 и нешто федерации, не ме држете за збор точно колку се, изнајдовме решение со претседателот нивни, со секретарот да им се помогне да се оди на Светско првенство, значи пред точно 14, 15 дена тоа се заврши, од наша страна беа одобрени средствата за патување во Јапонија и веќе се префрлени средствата на Сојуз на спортови на Македонија – изјави Мојсовски.

Во целото натегање со Агенцијата и Федерацијата, се заборава на репрезентативците. Неизвесноста многу влијае на психолошката состојба на пливачите.

Наумче Мојсовски – директор на АМС:

Горан Стојановски – претседател на НПФ:

Во минатото, за овие пливачки првенства, дел субвенционирала и Светската пливачка федерација ФИНА, но поради направените долгови кон неа, укинати се бенефитите да се користат дел од нивните средства и нивната помош.

Националната пливачка федерација има долг од околу 100.000 евра и кон Светската пливачка федерација ФИНА, а претседателот на НПФ, Горан изјави дека најнова информација е дека ФИНА планира да го опрости долгот.

-Ќе се надоврзам на коректноста од страна на Светската пливачка федерација ФИНА со којашто во моментов соработуваме на истата тема и блиску е решението, таму имаме, дали они имаат подобар механизам за тоа да го направат или имаме подобро разбирање не знам, меѓутоа одиме во добра насока и сме кон опростување на долгот односно одблокирање на, таму не сме блокирани додуша, имаме само долг којшто стои од порано, таму исто долгот е околу 100.000 евра меѓутоа еве со добра релација со Светската пливачка организација и челниците од таму, наидовме на разбирање и на повидок е одблокирање на долгот односно отпишување на истиот. Тоа е еден добар знак, еден добар сигнал од страна на ФИНА којашто ни даде максимална поддршка на новото раководство покрај сите глупости направени во изминатиот перидо од страна на претходното раководство, веќе имаме таму добра релација, добро разбирање. Пред неколку месеци ни беа гости потпретседателот на ФИНА, во Македонија после години и години, значи сме немале такви високи гости од страна на ФИНА, така да мислам дека ќе одиме во некои мирни води, пливањето ќе го доведеме во мирни води.

Националната пливачка федерација со блокирана сметка функционира преку пливачки клубови кои се јавуваат како технички организатори.

-За организирање на едно државно првенство ни е потребна одредена сума пари, пошто сметката ни е блокирана, технички организатор на едно државно првенство е еден клуб којшто е член на Националната пливачка федерација и ние всушност како го покриваме, пошто немаме средства од страна на Агенцијата за млади и спорт, самите пливачи плаќаат стартарина односно котизација за учество на државното првенство и тие средства ги уплаќаат на клубот којшто има чиста сметка со назнака котизација за учество на државно првенство, по пливачи, по одредена сума доаѓаме до сумата којашто ни е потребна да го организираме тоа државно првенство, појаснува Стојановски.

Тој додава дека на тој начин се заобиколува сметката на пливачката федерација, а сите трошоци коишто се потребни за одржување – електроника за електронско мерење на времето, користење на базенот Борис Трајковски или базенот Центар, им се доставуваат фактури кои одат на пливачкиот клуб којшто е технички организатор и на тој начин тие трошоци се подмируваат. На истиот принцип го организираат и охридскиот маратон преку пливачкиот клуб „Охридски бранови“ којшто ги пребира средствата од спонзори и од локалната самоуправа.

Со такво менаџирање, Националната пливачка федерација постигнува да одржува државно првенство, да додели награди, да прогласи најуспешни пливачи на истото, најуспешни клубови на истото како би понатаму можеле да конкурираат во Агенцијата за млади и спорт за добивање на ваучери, стипендии.
Вака, вели Стојановски тој успеал во неговото раководство да не генерира дополнителен долг во федерацијата.

Директорот на АМС и претседателот на НПФ во магичниот круг на барање решенија за да се одблокира сметката

Наумче Мојсовски се потсети за слични вакви ситуации во спортот кога тој бил дел од терените во улогата на спортист.

„Ние имавме случај со Металург ракометниот клуб кајшто јас бев побарувач таму и бевме 20 и нешто спортисти и сите останати се договоривме на нотар кажавме дека даваме два месеци слободна да биде сметката, нашите долгови ќе одат поединечно како ќе доаѓаат приливи на самата сметка, ќе ни се доставуваат нас. Истото може да се направи во самата Федерација, веќе се случило таков случај такашто не е никаков проблем да седне претседателот со сите чинители кои се долговите не знам кои се и како се, нивна работа е тоа и да се седне да се побара, пошто вака ни тие кои се бараат средства од самата Федерација би ги земале не знам кога, а вака би спомнале и би им кажале дека секој месец ќе добиваат средства на нивната сметка и нивниот долг ќе се исплати.“

А слична ситуација имала и Кугларска федерација. Мојсовски вели дека веќе се на добар пат и го решаваат проблемот, иако потенцира дека тие се со помал долг и со мали добавувачи, но веќе договорено е од сите институции и земаат потпис дека ќе се одблокираат.

Моментално решение за заминување на печлениот пливачки тим на Светско во Фукока, Јапонија е изнајдено, но со блокирана сметка на Национална пливачка федерација проблемот останува да тлее.
За во иднина пливачите без финансиски притисок да можат да заминуваат на првенства, фокусирајќи се само на тренинзите, потребно е конечно да се дојде до решение за деблокирање на сметката и конечно без институционални грчеви да ја претставуваат Македонија во мирни води.

Facebook
Twitter
LinkedIn