Како говореше Гоце!

Со Гоце Делчев прошетавме низ Скопје, на нашата редакција и даде ексклузивно интервју. *Интервјуто е составено од неговите зборови запишани во сопствените писма, но и од спомените на некои негови соборци.
Гоце Делчев

ИНТЕРВЈУ ИНСПИРИРАНО ОД ПИСМАТА НА ДЕЛЧЕВ (1872 – 1903)

Гоце Делчев

Новинарот:
Господине Делчев, со која цел станавте еден од основоположниците на (како што вие најчесто во своите писма ја нарекувате) Внатрешната организација?

Делчев:
„На Внатрешната организација јас имам чест да ѝ бидам само скромен деец“[i], а за мојата цел ќе ви одговорам сосем кратко, а не на широко како што му го напишав тоа на господин Ефрем Каранов во 1895 година кога: „господин Чакаров се беше јавил во офицерска униформа (чин потпоручник) во Виница со намера да прогласи внатрешно востание! Благородна намера! Нема поспасоносен лек од оној со кој се зафатил Чакаров. Ослободувањето на Македонија (навистина м.б.) лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Но, кои се тие што сега ќе кренат востание? Господин Чакаров ли? Ако востание може да се крене со 140 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Но, бидејќи тоа е невозможно, а требаат луѓе, тогаш што да се прави? Треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, барем тогаш еден дел од него…“[ii] затоа што „Моралната револуција – револуцијата во умот, срцето и душата на еден ропски народ е најголемата задача.“[iii] Затоа и му пишав на Каранов дека: „Во Македонија се развива систематска агитација за едно општо внатрешно востание, коешто има земено големи размери и нема катче во Македонија што не е опфатено. Населението се подготвува во едно блиско време за востание, затоа должност е на секој родољубец да помогне колку што може повеќе…“[iv]

Новинарот:
Говорите за развиена системска агитација во Македонија, на што ги темелите тие тврдења?

Делчев:
По одржувањето на Солунскиот конгрес на Организацијата во 1896 г. го составивме со Ѓорче Уставот на ТМОРО и во него напишавме дека ТМОРО има за цел: „…да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елементи во Македонија и во Одринско, без разлика на народност, за извојување преку револуција на полна политичка автономија на тие две области“. Поради тоа: „Член на ТМОРО може да биде секој Македонец и Одринец, кој не е компроминтиран со ништо нечесно и бескарактерно пред општетсвото и кој ветува и се задолжува да биде корисен за револуционерното ослободително дело.“[v]

Новинарот:
Пишувате „сите незадоволни елементи без разлика на народност“?

Делчев:
Ние се бориме „само против тиранијата на турската власт, но не и против турскиот народ“[vi] Мислите ли „дека тие сиромаси се во подобра положба од нас при сѐ што се Турци? Напротив. Се има и кај нив некоја пијавица што ги цица, а тие се си мислат дека Бог им ги праќа за казна овие маки“[vii] На кавадарчани им кажував: „Не жалете ги парите за оружје, прибирајте во својата организација што повеќе напредни луѓе, работете за единството на нашиот народ, во своите редови земете ги напредните Турци, не одбегнувајте ги ни Ромите – во своите редови приберете ги сите што искрено сакаат да се борат за слободата на својот народ“[viii]Значи „јас сакам слобода за македонското население, а не за македонската земја.“ Токму затоа  „ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население.“[ix]

Новинарот:
Значи Вашата намера беше да го сплотите сето македонско насление?

Делчев:
Да! Затоа што „патриотизмот не е патентиран, Делото има потреба од помош – тоа е олтар, кој ги голта жртвите…без разлика на богати и сиромаси.“[x] А, „Македонското Дело – тоа е опширно море на најголеми потреби.“[xi] Затоа само „кураж и силна верба во себеси- тоа е силата што ги дава сите успеси“[xii] И немојте да мислите „дека сме сесилни и семоќни на сите страни“[xiii] затоа што „Организацијата на македонскиот народ е нужна да го собори ропството над себе, а не да тргува.“[xiv]

Новинарот:
Често го користите зборот револуционер. Што тој збор точно означува за вас?

Делчев:
„Револуционерот треба да биде во својата љубов кон луѓето вистински човек; во својата самодејност – вистински борец; во своето јасновидство- вистински пророк.“[xv]„Револуционерот се издигнува во свеста на народот преку своите дела. Бунтовникот уште не е револуционер.“[xvi] Меѓутоа „не може човек да го предвиди шарлатанството на луѓето.“ [xvii] За мене „најголем престап е да го ограбиш народот за кој се бориш.“ [xviii]

Новинарот:
И сега едно футиристичко прашање за вас господине Делчев. Сега во 21 век седнати зад своите лаптопи, по фејсбук профилите и стриминг мрежите, војна водат младите Македонци и Бугари докажувајќи дали припаѓате на македонската или бугарската нација. Што мислите вие за една ваква состојба?

Делчев:
О..! Светот отишол многу напред, машала. Затоа, сите овие зборови што ги кажавте јас не знам што воопшто значат (?) освен можеби „нација“ ама ако тој збор има врска со „шовинистичките пропаганди и националните расправии“ јас имам кажано дека „шовинизмот ја помрачува и најсветата идеја“[xx]А, за мене, тоа е лесно, затоа што „јас не си припаѓам себеси, туку на Делото“[xxi] И како што му реков уште на времето и на еден друг новинар: „Не ни ги слушајте зборовите, туку гледајте ни ги делата“.[xxii]


[i] Гоце Делчев, Документација-Печат-Летопис- Хронологија- Изреки- Библиографија, том IV, редакција Христо Андонов – Полјански, Скопје, 1972, стр.239.
[ii] Гоце Делчев , Преписка…, стр. 9−14.
[iii] Гоце Делчев, Документација-Печат-Летопис- Хронологија- Изреки- Библиографија…, стр. 233.
[iv] Гоце Делчев , Преписка…, стр. 9−14.
[v] Гоце Делчев, Документација-Печат-Летопис- Хронологија- Изреки- Библиографија…,стр. 9−11.
[vi] Истото, стр.244.
[vii]Истото, стр. 221.
[viii]Истото, стр. 234.
[ix]Истото, стр. 244.
[x] Истото, стр. 223.
[xi] Истото, стр. 230.
[xii] Истото, стр. 230.
[xiii] Истото, стр. 228.
[xiv] Истото, стр. 242.
[xv] Истото, стр. 234.
[xvi] Истото, стр. 143.
[xvii] Истото, стр. 226.
[xviii] Истото, стр. 242.
[xx]Гоце Делчев, Документација-Печат-Летопис- Хронологија- Изреки- Библиографија…, 242.
[xxi]Истото, стр. 245.
[xxii]Истото, стр. 246.


Белешка од авторката:
Секогаш кога се навраќаме кон животот и делото на еден од основоположниците на Македонската револуционерна организација (1893-1908) Георги-Гоце Делчев ние се навраќаме и кон едно минато, кое по многу што се разликувало од нашето совремие. Ние, историчарите преку своите истражувања длабински проникнуваме во тоа време во обид да го осознаеме во сите негови финеси на секојдневното живеење. Тоа се однесува и на животната врвица и целокупното делување на Гоце Делчев (1872-1903). Ете, на пример, што се однесува конкретно за Делчев, познат е фактот дека, за разлика од поголемиот дел негови соборци или современици, тој зад себе нема оставено никакви спомени или мемоари. Тоа се должи на фактот што тој многу млад загинува и тоа непосредно пред Илинденското востание во 1903 г. Па тогаш, се поставува прашањето, како ние, како историчари стигнуваме до податоците за него? За оваа прилика во неколку точки јас ќе се обидам, на оние кои помалку ја познаваат историјата како наука, да им објаснам како ние како истражувачи ги спознаваме овие историски процеси.

1) Гоце Делчев зад себе има оставено голем број на пишана документација во форма на писма (шифирани или не), депеши/пораки и телеграми. Скоро сета до сега позната негова кореспонденција (што значи произлезена од неговото перо) е систематизирана во две публикации. Едната, бугарска на Дино Ќосев[i] и другата македонска на професорот Христо Андонов-Полјански[ii] објавени во далечните 1967 и 1972 г. И ние, македонските историчари напоредно ги користиме овие две изданија иако тие во однос на распложливите факти многу малку се разликуваат. Разликата е што трудот на Дино Ќосев е пренесен на бугарски јазик во форма поблиска до Гоцевата преписка, додека кај Полјански се работи за превод на македонски јазик и тоа од 70-тите години на минатиот век. А, сите знаеме дека јазикот е жива материја подложна на постојани промени. Приредувачите на македонското издание уште веднаш напишале: „Оригиналниот јазик на кој се пишувани писмата на Гоце Делчев е во основата бугарски. Школовката во бугарски училишта каде што првобитно се учи писмениот јазик извршила пресудно влијание на тој план…“, но сепак „Гоцевото пишување во чија основа лежи бугарскиот литературен јазик, е преплавено со фасцинантен број македонски народни изрази, што се, главно, карактеристика на неговиот роден кукушки говор. Тоа се однесува како на лексиката, така и на морфолошките и синтактичните форми… што треба да биде предмет на понатамошни проучувања…“ (преведувач: Лидија Ежова).[iii] Оваа кореспонденција на Делчев и воопшто не е атрактивна за поширката читателска публика затоа што, во својот најголем процент се состои од чисто теренски извршувања на задачите во однос на преноси на оружјето или четите, проблемите со финансирањето на МРО, издавањето на распсиски за потрошени пари, функционирањето на сите илегални канали на Организацијата и слични бројни редовни активности. Она што е фасцинантно е Делчевото познавање не само на сите активности и задачи кои се слевале и одлевале кон него и од него, туку и на бројноста на луѓето инволвирани во тие активности или селата и градовите и функционирањето на илегалните комитети во нив. Оваа кореспонденција недвосмислено говори и за развиената илегална курирска служба на МРО ( од 1896. ТМОРО, од 1905. ВМОРО).

2) Сознанија за Гоце Делчев, за нас, како истражувачи исто така најизворно може да се осознаваат од програмските и статутарните и сите останати документи кои произлегуваат од самата МРО и за кои постојат јасни сознанија дека Делчев е автор или коавтор на истите како на пример: Уставот и Правилникот на ТМОРО, Правилникот за четите итн.

3)Покрај оваа достапна изворна граѓа, во случајот на Делчев голем дел на податоци се наоѓаат во спомените на неговите соборци и современици, значи во различната и обемна мемоарска граѓа, како и кај неговите први биографи П.К. Јаворов и К.Христов, а помалку и во тогашнот печат. Во тој контекст морам да напоменам еден многу важен факт. Ние, македонските историчари не сме оние кои го имаат создадено митот за Гоце Делчев. Тој едноставно извира од обемната изворна граѓа на неговите соборци и тоа веднаш, уште во првите денови по неговата погибја, тогаш кога за него започнува да пишува и странскиот печат. Како народен трибун кој пеш на неколкупати ја има поминато својата татковина тој останува запаметен и меѓу сите оние кои ја имале таа среќа да се сретнат со неговата харизматична личност, затоа што харизмата и човекољубието се навистина дел од негова личност.

Сосем на крајот да потенцирам дека во скоро сето изворно градиво кое се однесува на 19 и почетокот на 20 век се појавуваат различни термини на именување и самоименување на Македонците што не е нешто што не се појавува и кај други народи во периодот на формирањето на нивните први национални држави. Ова е многу големо историографско прашање, а за оваа прилика, еве накратко ќе објаснам само за нас – Македонците. Во случајот со Македонија заради функционирањето на османлискиот милет систем, покрај ендогеното именување со Македонец/ци неспорно е дека постои прифаќање на егзогени (надворешни) именувања (Бугари, Грци или Срби). Меѓутоа, се појавуваат и нивни преобликувани форми како ендогени (внатрешни) дефиниции како што е на пример терминот „Македонски Бугари“; или обележување на поимите врз основа на „филство“ (бугарофили, гркофили или србофили); или пак подетално разграничуање врз основа на милетската (црковната) припадност на „егзархисти“, „партијаршисти“, „протестанти“, „унијати“ и сл. За оваа проблематика кон именувањата и самоименувањата на македонското население во овој период, за сите заинтересирани може да упатам на мојата научна статија: Maria Pandevska, “The term Macedonian(s) in Ottoman Macedonia: on the map and in the mind”, Nationalities Papers, The Journal of Nationalism and Ethnicity, Volume 40, Issue 5, 747-766, 2012. Затоа што многу лесно е да се тераат „кафанските муабети“ за националната историја, многу покомплексно е македонскиот национален историски дискурс аргументирано да се презентира пред светската научна јавност!
Минатата и оваа година, ние одново се навраќаме кон одбележување на годишнините на Делчев, а јас решив да се обидам за неговата личност да се прозбори само низ неговите зборови запишани како во неговите писма, така и во спомените на некои негови соборци. Од тој мој обид, ете, произлезе и следново: Замислено интервју со Георги Делчев (1872-1903). Пошироката публика останува да оцени дали сум успеала да одговорам на сопствената зададена задача.

проф. д-р Марија Пандевска, историчар

                                                            Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

                                                            Институт за национална историја – Скопје


[i] Гоце Делчев, Писма и други материали, издирил и подготвил за печат Дино Кьосев, София, 1967, 274.
[ii] Гоце Делчев , Преписка, том II , редакција Христо Андонов – Полјански, Скопје, 1972, 265.
[iii] Истото, стр. 243.

Гоце Делчев
Гоце Делчев

Реализација на интервјуто со Гоце Делчев:
Авторка: проф. д-р Марија Пандевска, историчарка
Монтажа: Тања Рибарска, Никола Јакимов
Сниматели: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Актер: Мартин Мартиновски
Новинарка: Бјанка Станковиќ
AI визуелизации: Небојша Гелевски – Бане
Уредничка: Христина Ѓорѓиевска
Продуценти: Мите Кузевски, Горан Игиќ
Продукција: Види Вака, 2023

Facebook
Twitter
LinkedIn