Кањон Матка – бисер без системска заштита

Матка се соочува со загрозување на природните богатства, узурпација, диви депонии и опасност од одрони на карпи.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Во јануари годинава карпа се одрони долж пешачката патека на кањон Матка додека во близина имаше посетители. За среќа немаше повредени, но овој инцидент уште еднаш ја истакна опасноста од одрони на карпите на Матка како и итната потреба за заштита на овој споменик на природата.

Вода, карпи и шума – кањонот Матка е едно од највпечатливите природни богатства на Македонија, скопскиот и македонскиот бисер на туризмот. Видиковците, пештерите, уникатниот жив свет, големиот број на цркви и културното богатство го прават кањонот Матка едно од најпосетуваните мести како од локалците така и од странските туристи.

Сепак Матка повеќе од 15 години чека да се донесе Законот за прогласување на кањон Матка за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природа.

Според нацртот на Законот за прогласување на кањон Матка заштитено подрачје од 2022 година, се предлага категоријата на заштита, зонирањето на заштитеното подрачје, како и начинот на управување според што се предвидува со споменикот на природа кањон Матка да управува Град Скопје во соработка со општина Сарај.

Со прогласувањето на Споменик на природата кањон Матка за заштитено подрачје ќе се овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот кањон Матка преку заштита на природните и другите вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, ќе се создадат поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност како и одржливо користење на природните ресурси на начин на којшто не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите – стои во нацртот на Законот.

Откако во 2023 година Владата го усвои Предлогот на законот, постапката сѐ уште не е завршена, а во меѓувреме Матка се соочува со загрозување на природните богатства, узурпација, диви депонии и опасност од одрони на карпи.

Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во извештај од 2024 година известува дека води неколку постапки за прогласување на нови заштитени подрачја и/или повторно прогласување на постојни заштитени подрачја кои биле прогласени според старата категоризација, меѓу кои и за репрогласување на кањон Матка за заштитено подрачје во категорија Споменик на природа.
Дотогаш Матка станува опасна зона поради можноста од одрони од карпи како карпата од 20 тони и карпите долж пешачката патека кои претставуваат закана за посетителите на споменикот на природата.

На 26-ти февруари стапи во сила целосна забрана за движење по планинарската и пешачката патека кон кањонот Матка. Општина Сарај ги извести посетителите дека треба да се внимава поради ризик од одрон на камења, но и дека во случај на несреќа поради непочитување на правилата, одговорноста останува на оштетениот.

„Се замолуваат сите граѓани и посетители да ја почитуваат одлуката за сопствена безбедност. Во спротивно, во случај на несреќа поради непочитување на правилата, одговорноста останува на оштетениот“.

Општината Сарај ги информира жителите, локалните и странските туристи, како и сите здруженија кои планираат активности во оваа област, дека врз основа на одлуката на Дирекцијата за заштита и спасување (57-2071-1 од 19.02.2026 година), движењето по патеката Матка треба да се внимава поради ризик од одрон на камења – известување од Општина Сарај во врска со одрони на карпи во кањон Матка, со дополнување дека Дирекцијата за заштита и спасување постави и знаци што означуваат одрон на камења во опасни подрачја.

Со елаборати, знаци кои предупредуваат на опасност и мрежи се штитат посетителите од опасноста од овие карпи

Неофицијално според Центарот за управување со кризи (ЦУК), поради одрони од карпи во изминатите две децении има повреди кај неколку десетици граѓани.

Проблематиката е апсолвирана во 2022/23 година заради следното:
По добиените сознанија за опасности од паѓање на голема карпа која би можела да ја загрози браната Матка и можно поплавување на пошироката околина, Центарот за управување со кризи започна низа координирани активности кои резултираа со инвестиции на ЕВН Македонија и се заокружи следното:

  • -Градежниот факултет – Скопје, Катедра за виша геодезија како најстручен орган во државата, изработи Елаборат од геодетските мерења за определување на траекторија на одрон за десната страна на брана Матка
  • -Универзитетот „Кирил и Методиј“, Градежен факултет изработи Елаборат од геотехнички истражувања и испитувања за зона на потенцијални нестабилони карпести блокови во десен бок на брана Матка и анализа на траектории на потенцијални одрони
  • -Поставена е табла за предупредување  со текст „СТРОГО ЗАБРАНЕТ ПРИСТАП – МОЖЕН ОДРОН НА КАРПИ“ на македонски, англиски и албански јазик со што практично се забранува приод до десниот бок каде се наоѓа споменатата опасна карпа.
  • -Согласно наодите во  елаборатите ЕВН Македонија постапува попнатаму со редовно следење на состојбите со нестабилните карпи – стои во одговорот од ЦУК.

На прашањата дали постои редовен мониторинг на геолошката стабилност во кањон Матка, особено во зимски услови кога ризикот од одрони е зголемен, дали е направена поширока проценка на стабилноста на карпите долж патеките во кањонот, дали е направена официјална проценка на ризик за нестабилната карпа од 20 тони над браната и кога се очекуваат конкретни наоди од претходно најавеното дрон-набљудување, дали е изготвен акциски план во случај на лизгање на карпата, особено имајќи ја предвид можноста од лавина од други камења кои би можеле да го загрозат ѕидот на хидроелектраната, како и кои конкретни превентивни мерки се преземени за заштита на посетителите и операторите со чамци во близина на браната – од ЦУК велат дека Центарот за управување со кризи нема функција за организирање на сопствено набљудување, туку се потпира на набљудувањата на институциите кои ја имаат функцијата наљудување како предметна функиција.

-Кризниот менаџмент користи цела лепеза на набљудувања на институциите како основа за донесување на соодветни одлуки за превенција или за справување со одделни ризици и опасности. Заради наведеното во Центарот за управување со кризи не се планира организирање на сопствено набљудување на кањон Матка ниту визуелно ниту со помош на геотехнички инструменти за следење на стабилноста на карпите (како на приимер со акцелератори за да се открие дали карпата почнува да се движи или вибрира, што може да укажува на намалена стабилност) ниту пак со дрон набљудување. 

Сепак од ЦУК велат дека констатирана е потреба да се изведе сериозен градежен зафат со местење на специјална заштитна мрежа и други безбедносни мерки за стабилизација на ризичните карпи кои би можеле да го загрозат одводниот канал и ѕидот на браната Матка.

Оттаму дополнуваат дека дури по донесувањето на Законот за прогласување на кањон Матка за споменик на природата во кој задолжително би се определила институција која ќе управува со кањонот Матка како споменик на природата ќе можат системски да се затворат некои прашања. Во меѓувреме се преземаат и ќе се преземаат само ад хок мерки за заштита.

Македонија е мала земја со огромни природни богатства. Под нејзината површина и на нејзините ридови се кријат приказни стари милиони години. 
Бислимска Клисура е уште еден од примерите за недоволно ценето природно богатство што 30 години чека да биде прогласено за споменик на природата.

Facebook
Twitter
LinkedIn