Од година во година, сѐ потешко се дише во Скопје. Зелените чувари на градот секојдневно ја губат војната со пилата на општинските и градските пипала. Звукот на моторна пила и звукот на градежните активности во централното подрачје на градот се секојдневие. Последната надеж дека зеленилото ќе не спаси веќе не е светла точка како што ни изгледа.
Дрвјата нема да го спасат бетонираното Скопје, ниту пак дебелите сенки ако постојано се градaт нови објекти и дишеме штетни честички. Приоритетно е запирање и спречување на факторите кои ја уништуваат животната средина, а такви ги има многу. Почнувајќи од индустријата, сообраќајот, согорувањето на дрвја, наталожената прашина, огните на отворено…
„Ние како луѓе премногу гледаме на дрвјата како наши спасители за грешките што ние ги правиме“ – констатира професорот и раководител на секторот за ботаника и дендрологија, Јане Ацевски од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“.
„Скопскот сон“ е остварлив, но загушлив за живеење
Ретки се населбите во скопското подрачје каде соседите преку прозорецот не си гледаат од соба во соба. Маалата каде израснаа многу генерации се претворија во комплекс згради, а предвиденото зеленило е незабележителнo парче од партерното уредување.
„Идејата беше зеленилото од Водно да дојде во центарот. Ние центарот на градот го префрливме на Водно каде што се направија огромни блокови станови. Во летниот период оние ладни воздушни маси што се симнуваат не може да дојдат до центарот туку се креваат и сета прашина, сите честички, сета топлина останува во Скопје и Скопје станува особено тежок за живот во летните ноќни часови. Каде што сета топлина останува тука и сето загадување останува. Тука ни дрвјата не можат да не спасат.“ oбјаснува професорот Ацевски.
Тој вели дека становите не се гледаат од социјален аспект, како место за домување, туку како бизнис категорија каде луѓето прават профит.
„Таа борба на профит доведува да се се повеќе повеќе намали тој зелен појас од тоа зеленило во градовите. И сега ние со правење на некои дрвореди, правење така, правење онака. Сепак направени се грешките. Урабанистите особено последниве 30 години каде што се нарушени голем број фактори што колку толку го спречуваа загадувањето во Скопје, а тоа е правењето на големите блокови од згради го спречи движењето на воздушните маси по реката Вардар. Целосно се промени таа ружа на ветрови, многу значајна кога се прават урбанистичките планови,“ појаснува Ацевски.
И дрвјата како луѓето се подложни на штетни гасови
Кога станува збор за основни функции на дрвјата, секогаш на студентите им кажувам четири работи, вели професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет.
„Прва основна функција е фотосинтезата, односно создавањето на органска материја, храна, шеќери. Втората функција е транспирацијата каде што водата од почвата преку системот на листовите излегува во атмосферата. Третата е многу значајна за нас е врзувањето на CO2 и испуштањето на кислородот толку потребен за нас. И четвртата она што ни е најважна функција, тоа е правењето на сенка за потребите на луѓето.“
Види Вака изминативе години континуирано истражува и пишува за важноста на урбаното зеленило. Во 2021 година, тимот доби награда за серијалот „Заробените бели дробови на градот“.
Но дебелите сенки нема да ги спасат луѓето, ако тие дишат штетни честички. Ланското истражување на лабораторијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип покажа дека граѓаните на Скопје дишат јаглерод, арсен, олово, никел и кадмиум.
Со ваква градежна експанзија, неодржлив транспорт, еколошки начини на затоплување и несоодветно управување со отпад, како и согорување на биомаса, Скопје не им пркоси на климатските промени.
Периодот помеѓу 2022 и 2026 година ќе биде забележана рекордно најтоплата година велат истажувачите од Метеоролошката канцеларија на Обединетото Кралство. Студијата сугерира дека температурите во овој период ќе бидат помеѓу 1,1 и 1,7 степени Целзиусови повисоки од прединдустрискот период, односно од температурите забележани кон средината на 19-от век.
За свој удел во борбата против климатските промени, но и поздрава животна средина Македонија не само што ќе мора да го зголеми буџетот по однос на овие прашања, туку треба да преземе сериозни мерки кои позитивно ќе резултираат во насока на европските регулативи.
Кога активно ќе почнат да се казнуваат индустриските објекти за непоставување еколошки филтри, кога ќе се спречи неконтролираното издавање на градежни дозволи и градби на секој чекор, кога велосипедот и јавниот транспорт ќе биде прва опција на секој поединец, кога ќе се воспостави соодветен механизам за управување со отпадот, кога ќе се спречи нелегалната сеча на планините или барем дел од овие работи почнат да се применуваат, само тогаш поединецот ќе може да се надева дека враќањето на зелениото во градот е единствениот спас за подобар живот.