
Инвестирањето во македонското земјоделие може да биде еднакво на инвестирање во заштита од идни пандемии. Штетите од коронавирусот во многу сектори допрва ќе се утврдуваат, но она што е сигурно е дека пандемијата покажа дека синџирот на производство на храна е од национална важност за секоја земја. Оние земји кои произведуваат доволно храна ќе можат сериозно да се справат со ваквите предизвици, застојот на економијата, затворените граници и зависноста од домашното производство и од резервите. Оние земји пак, чие домашно производство е недоволно и кои зависат од увозот, ќе претрпат огромни загуби, но и ќе се соочат со недостиг на храна на подолг рок.
Професорот Саша Митрев од Земјоделскиот факултет во Штип вели дека условите за живот на сите нивоа кои се поставени во времето на корона пандемијата ќе направат нови животни навики и однесување во пост-корона времето.
„Светот повеќе нема да биде ист, вклучително и синџирот за производство на храна, почнувајќи од производните површини сѐ до супермаркетите и пазарите на отворено како последна алка во тој синџир. Колку побрзо и попаметно се прилагоди земјоделството на новите правила, толку поуспешно ќе се справи и со последиците од пандемијата“, вели тој.
“Колку побрзо се прилагоди земјоделството на новите правила, толку поуспешно ќе се справи и со последиците од пандемијата“, вели професорот Саша Митрев
Митрев обаснува дека земјоделското производство во иднина, независно од развојот на ситуацијата, мора да се прилагодува на новите услови на стопанисување односно да се локализира.
„Мора да се потпира на локалните ресурси (употреба на автохтони сорти, развој на производство на минерални и органски ѓубрива, средства за заштита и други репроматеријали потребни во земјоделското производство), агротехничките мерки да бидат базирани на локални научни и стручни истражувања и препораки и преземање на соодветни агротехнички активности врз основа на претходно направени лабораториски анализи“, објаснува тој.
Да не остане една педа земја необработена
Неговата колешка, професорката Фиданка Трајкова вели дека пандемијата покрај здравствените капацитети ширум светот, на тест ги стави сите други капацитети на секоја држава, без разлика на интензитетот на погоденост со заразени, болни и починати.
„Во време на пандемија повеќе научници ширум светот испратија јасна порака дека ниту една педа земја не смее да остане необработена и дека земјоделството и земјоделското производство треба да бидат на чело за стопанисување и приоритет на сите земји што имаат благопријатни природни услови за земјоделство. Производството и консумацијата на локално произведена храна, добива на значење во услови на пандемија заради ограничената комуникација и транспорт“, вели таа.
Додава дека во услови на пандемија консумирањето на локално произведена храна има уште поголемо значење-таквата храна стигнува на трпезите свежа, без дополнителни третмани и транспорт кои влијаат на содржината на хранливи материи, што се одразува директно на здравјето и имунитетот на луѓето.
„Еден ваков концепт на производство и консумација на локални производи долгорочно би водело кон еден одржлив систем на производство, поголема грижа за животната средина и одржлива локална економија“, смета професорката Трајкова.
И професорката Емилија Арсов од Земјоделскиот факултет во Штип се согласува дека на светско ниво неопходно е да функционираат здравствените системи и системите за производство на храна.
„Земјоделството е единствена стопанска гранка што обезбедува примарни продукти за свежа консумација и суровини за преработувачката индустрија. Оттука, единствената неопходност се земјоделските активности во „време на корона“. Во овие моменти очигледна е важноста на земјоделските производители, без разлика на нивната големина, и самостојноста на еден регион/земја да произведува доволно квалитетна храна за задоволување на потребите на своето населениe“, вели професорката Арсов.
Таа вели дека па почетокот на пандемијата, целата популација била исплашена за своето здравје, и секој посегна прво по обезбедување на доволно количина на храна, вклучувајќи витамини и зеленчук.
Бледа сенка на некогашното производство
Штетите од коронавирусот врз земјоделието допрва ќе се проценуваат. Владата им дозволи на земјоделците да ги извршуваат неопходните земјоделски активности обезбедувајќи им дозвола за излез и во време на полициски час. Голем дел од земјоделците ја искористија таа можност бидејќи, за разлика од државната администрација која и да не работи, многу веројатно дека ќе земе плата, кај земјоделците нема таков луксуз-без да работат односно без мотика нема да добијат леб.
Во меѓувреме додека се прават проценките на штетите едно е сигурно, а тоа е дека и пред коронавирусот македонското земјоделие беше сериозно исфрлено од колосек. И тоа не од пред неколку години туку многу одамна, а ниту една Влада не успеа да му даде доволно значење на земјоделието.
Ако се анализираат бројките од Државниот завод за статистика може да се утврди дека пред повеќе од 30 години односно кога државата била дел од СФРЈ имало значително поголемо производство на речиси сите земјоделски производи. Бројките покажуваат дека во последниве 30 години се намалило драстично производството на речиси сите поважни култури односно онои кои помасовно се произведувале-пченица, сончоглед, шеќерна репка, тутун.
Само за споредба, во 1989 година произведени биле 313.752 тони пченица, а во 2018 биле произведени 241.106 тони. Исто и со шеќерната репка-во 1989 година биле произведени 152.995 тони од оваа култура, а од 2009 година речиси и да нема производство. Кај сончогледот има повеќе од десет пати намалување и тоа од 46.345 тони произведени во 1989 година на 3 379 тони произведени во 2018 година. Во овие три децении останало исто или зголемено е производството на грозје и пченка.
„Македонија се до средината на 90-тите години на минатиот век, имаше производство кое во поедини сектори ги надминуваше денешните произведени количини, а за жал одредени култури веќе не може да се сретнат по македонските ниви. Исто така во тие години значително беа поголеми и производните капацитети, пред се од обработливо земјоделско земјиште, број на добиток, вкупен број на долгогодишни насади, вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделство и храна во Скопје.
“Македонија се до средината на 90-тите години на минатиот век, имаше производство кое во поедини сектори ги надминуваше денешните произведени количини, а за жал одредени култури веќе не може да се сретнат по македонските ниви“вели Драги Димитриевски
Додава дека во процесот на приватизација пропаднаа сите големи производни системи – земјоделските комбинати.
„До денес не се создаде нов систем кои ќе обезбеди нивна соодветна и поефикасна замена и економски порационално искористување на сите напуштени земјишни капацитети, или враќање на оние со капацитети со биолошки карактер (добиток и насади). За жал оние култури кои се напуштија тешко дека ќе може да се вратат“, објаснува Димитриевски.
Професорката Фиданка Трајкова вели дека за да можат да се направат анализи за земјоделското производство и неговиот раст или опаѓање по култури потребни се сериозни и точни статистички податоци и агро-индикатори.
„Сериозна анализа на земјоделскиот сектор може да се направи само со податоци од точен попис за целиот сектор, вклучувајќи го комплетниот увоз и извоз во земјоделството. За да се донесе соодветна стратегија за развој на земјоделството потребно е да се направи попис, опсежни теренски истражувања на целни групи (индивидуални земјоделци, земјоделски стопанства, преработувачки капацитети, откупувачи и извозници, домашни дистрибутери на примарни и преработени земјоделски производи) и да се вклучат сите одлучувачки, образовни и истражувачки институции во носењето на стратегијата“, вели таа.
Изгубени во стратегиите
Македонија од осамостојувањето до денес има изработено повеќе стратегии за развој на земјоделството и руралниот развој, последната е актуелна до крајот на оваа година (се однесува на периодот 2014 до 2020 година).
Оваа стратегија е втора која се изработува согласно стратешките периоди на ЕУ и ја следи логиката на стратегиите во земјите членки.
Димитриевски објаснува дека за тоа дали таа е соодветна треба да се оценува со т.н. ex-post анализа во која ќе бидат сумирани резултатите и ќе се споредат со целите кои биле во неа поставени и дали тие се исполнети.
„За остварување на целите на било која стратегија потребна е нејзина доследна примена и конзистентност на политиките согласно мерките што ги предвидува стратегијата. Стратегијата се донесува по експертски анализи, широки дебати со сите заинтересирани страни и со еден вид консензус на сите. За истата да биде успешна потребно е сите тие да ги спроведуваат и прифаќаат мерките предвидени со стратегијата. Доколку ова не е случај, стратегијата нема да ги оствари целите“, заклучува тој.
Според Димитриевски, и во стратегиите често се излегувало од рамките и целите, со промена на мерките со што во поедини делови и подцели не се постигнувале саканите резултати.
Навраќајки се на сегашниот проблем со пандемијата тој анализира дека различно ќе бидат погодени одредени подсектори.
„Земјоделството ќе биде погодено пред се од затворањето, или отежнатото одвивање на транспортот по коридорите, со што ќе биде отежнат пласманот на производите, особено оние кои се со краток рок на употреба и кои имаат сезонски карактер. Овде пред се мислам на подсекторите кои се извозно ориентирани (градинарството, овоштарството, овчарството, лозарството и винарството)“, анализира Димитриевски.
Додава дека раноградинарите и производителите на јагне веќе ги чувствуваат последиците на отежнатиот транспорт и затворањето на пазарите.
„Доаѓа периодот кога ќе стасува реколтата од овоштарството, па потоа и лозарството и секторот на вино кои ќе бидат погодени од очекуваната намалена побарувачка и потрошувачка на вино во кризни состојби. Земјоделството ќе биде погодено и од намалените можности за пристап до квалитетни репроматеријали (како заштитни средства, ѓубрива, семенски и саден материјал, квалитетни приплодни грла во сточарството), а како резултат на отежнатиот транспорт и намаленото производство во земјите од каде истите се увезуваат“, објаснува тој.
Повеќе гладни во светот
Земјоделството како стопанска област е од огромно значење од аспект на искористувањето на ограничените ресурси, одржувањето на руралните области, а за понеразвиените држави тоа претставува ублажувач на социјалните проблеми, како невработеноста, доходот на руралното население, како и неговото учество во БДП, вели професорот Димитриевски.
Неговото значење се согледува и од посебните земјоделски политики кои ги градат државите, и сериозните буџетски поддршки за земјоделците, со цел негова поддршка во остварување на целите кои ги поставува државата, а пред се обезбедување на доволни количини квалитетна храна за населението.
„Сведоци сме дека една од мерките кои ги преземаа дел од државите уште на почетокот, се однесуваа токму на разните ограничувања за извоз на дел од основните прехранбени производи, како нивна грижа за обезбедување на сопственото население со храна. Токму ова ја предизвика и загриженоста на организацијата за храна и земјоделство на ООН – ФАО, дека светот со оваа пандемија како негативен ефект се очекува да ја зголеми гладта во светот“, објаснува професорот Димитриевски.
Се потсеќа на состојбите во подалечното и поблиско минато, кај нас во регионот ,но и во светот каде во кризни состојби, земјоделството било клучна стопанска област која обезбедувало доход на населението, но и храна за жителите на државата.
„Затоа земјоделството е од извонредна важност и треба да се води сметка и истото да се поддржува за да обезбеди доход на населението кое опстојува од него, но и како стратешка област која единствено го снабдува населението со храна“, завршува тој.