Илинденките и Асномките важни за Македонија

Автор: Љубица Иванова
Продукција: Види Вака
Илинденки и Асномки

„МАКЕДОНСКИ МАЈКИ, ЖЕНИ И СЕСТРИ,

Во оваја величанствена борба вие го дадовте својот крвав дел. Во слободата на македонскиот народ вие ќе си ја спе челите и собствената слобода. Во утрешна слободна Македонија, вие ќе бидете нејзини слободни и равноправни строители. Учествувајте уште помасовно во народноослободителната борба! Мобилизирајте ги сите свои другарки за борба на фронт и работа во тилот. Борците на фронтот имат нужда од вашата поткрепа. Слободата на вашиот народ имат нужда од вашат помош. Изградувајнето на новата држава не може да се замисли без вашето равноправно участие. Прегнете ги сите за поскоро да ги оствариме принципите провозгласени од првото македонско Народно собрание.“

Ова се зборовите испишани во Манифестот на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), во овој Манифест се покажува за значењето на сите жени и мажи за градењето на историјата и рамноправноста во Македонија.

Македонската жена и големата улога во историјата

Македонија во исти ден празнува два големи настани 2 август 1903 година, Илинденското востание и 2 август 1944 година, Првото заседание на АСНОМ. Во овие историски настани биле вклучени многу луѓе, но многу голема и значајна улога играат и македонските жени, сопруги, мајки, ќерки и баби.

Изложеноста на војни, конфликти и економска криза секогаш делува девастирачки за жените, па така и во периодот на големите револуционерни настани. Илинденското востание било крваво задушено, а тоа значело голем број на запалени села, силувања и нарушено секојдневие. Во овој период голем број на деца останале сирачиња.

Според историчарката Ивана Хаџиевска, еден пример од секојдневието на жените каде што станува збор за чин на побуна е оној за јатрвите од с. Лера, Сребра Домазетова и Донка Ушлиновска, кои се спротиставиле на нивниот насилник.

„Во изворите најчесто ги среќаваме како тандем „јатрви-комитки од село Лера“. Сребра Домазетова била жена од Лера, „невеста“ (млада сопруга) на Апостол Илиев Ушлиновски – активен во револуционерната мрежа на МРО во Битолско. Донка Христова Ушлиновска била жена со потекло од Смилево, сопруга на братучедот на Апостол Ушлиновски – Ставре. Во 1902 година, овие две млади жени, со помош на сопрузите и семејството, го убиле месниот бег Џелеб Реџо Сулов, кој бил познат по развратните дејствија со кои ги демнел и ги напаствувал нив и останатите локални жени. По убиството, вклучените се одметнале како четници (во четата на битолскиот војвода Ѓорѓи Сугарев) и живееле во илегала, гонети од властите. По овие настани, жените носеле борбена облека и оружје, станале познати како „комитки“ и воделе семеен живот којшто се разликувал од нормата, а сепак бил гледан со почитување и воодушевување од страна на населението, како и од авторот на редовите за нив во печатот,“ истакна историчарката Ивана Хаџиевска.

Песна за Сирма Војвода

Каде се чуло, видело,
мома војвода да биде?
На седумдесет другари,
на тие гори зелени,
на тие гори зелени,
на тие води студени.

Песна за Сирма војвода, изведувач Васка Илиева

Таков е и примерот за легендарната македонска хероина Сирма (1776 – 1864) од селото Тресонче, Дебарско, облекувајќи се во машка облека, како војвода на чета, излегла в планина да се бори против турскиот поробувач. Момчињата од нејзината чета дознале дека е девојка дури кога еднаш се скинале петлиците од облеката на нејзините гради. Според Димитар Миладинов, Сирма во еден ден истрчала 18 часа одејќи од Крушево до Прилеп и се вратила назад, а потоа веднаш заминала за Кичево.

Позицијата на жената во рамките на Илинденското востание пред 121 година

На ден Свети Илија, 2 август 1903 година почнало востанието на македонскиот народ против османлиската власт – Илинденското востание.

„Жените оперирале во приватната сфера – сферата на историската анонимност и невидливост. Јавната, медиумската, политичката сфера, онаму каде што се одигрувала историјата, била сцена која патријархатот ја одредувал на мажите. Сепак, постоеле примери на жени кои низ своето образование или хуманитарна и социјална дејност влегувале и биле активни во јавната сфера. Во рамки на народното движење и во организираната револуционерна борба која во 1903 година кулминирала со Илинденското востание, се издвоиле три главни улоги на женско вклучување во народниот отпор: како учителки, хуманитарки и учеснички во специфичните форми на народен отпор поврзан со Македонската револуционерна организација (МРО), како на пример курирската служба,“ посочи историчарката и истражувачка Ивана Хаџиевска.

Хаџиевска вели дека станува збор за период кога македонското население живеело во рамки на  Османлиската империја, во услови на колонијални и полу-колонијални односи со империја која била во политичко разградување. Сè до 1950-те години, околу 80% од населението било неписмено, а овој процент особено се одразувал на жените и девојчињата. Улогите биле строго нормирани од традиционалниот патријархален живот, што се однесувало подеднакво и на урбаното и на руралното население. Образованието на девојчињата, онаму каде што постоело, се однесувало на описменување и знаења од областа на домаќинството (школи за шнајдерски занает и домаќинство). Во некои села се живеело во големи семејни задруги каде улогите на сите членови биле строго одредени.

Жените кои се издвојуваат во време на Илинденското востание

Според историчарката и истражувачка Ивана Хаџиевска има многу значајни жени кои се издвојувале во време на Илинденското востание.

Во изворите, честа е претставата на учителки кои везат востаничко знаме. Таму се споменати учителките од Битола и Битолско: Фотинка Петрова, Аспасија Јакимова Димева, Анета Спирова Олчева; како везилка се споменува учителката Василка поп Христова Стефанова. Сличен пример е и учителката Биљана Караиванова Трифунова, која се споменува не само како везилка на востаничко знаме, туку и како учесничка во борбени дејства. Во наведените текстови, за учителките-везилки се пишува со доза на свеченост и со истакнување на моралната важност на нивната работа или учество во настаните.

Особено интересен е примерот и со охридската учителка Аспасија Мишева Каневчева. Таа во „Илустрација Илинден“ се јавува како раскажувачка на две повести за активизмот на учителките од Охрид за време на илинденскиот период. Нејзините повести се објавени по авторство на Никола Киров Мајски, во форма на спомени.

Ивана Хаџиевска

историчарка и истражувачка

„Аспасија Мишева Каневчева била учителка и интелектуалка од Охрид, сопруга на револуционерот Анастас Каневчев. Во текстовите е опишана како „револуционерка за македонската кауза“. Била дел од тајната женска група предводена од струшката учителка Славка Чакарова Пушкарова. Аспасија со група учителки воспоставилe и менаџирале хуманитарна болница во Охрид (во колективот припаѓале: Еленка Кацкова, Поликсена Мосинова, Катја Самарџиева, Фанче Шулева, Флора Георгиева, Деспина Василчева). Во текстовите се упатува дека овие жени правеле и други хуманитарни акции и соработувале со извесна англиска мисионерка леди Брејсфорд. Во двата текста каде што Аспасија М. Каневчева се јавува како раскажувачка, жените се претставени како лица кои може да се движат и да делуваат полесно од мажите во рамките на вонредната состојба наметната од Илинденското востание.“

Пример за хуманитарната дејност на жените и нејзините културни и политички аспекти наоѓаме и кај хуманитарката и учителка Захарија Василева Шумљанска. По завршувањето на Илинденското востание во Битола и во Битолско особено се зголемил бројот на напуштени деца без дом и без родители. Во историските спомени, Шумљанска ги прибележува и ризиците што ги преземале жените со активноста во сиропиталиштето. Неговото водење барало од хуманитарките често да патуваат и да комуницираат со различни чинители во општеството со цел да собираат доброволни прилози. Така, при преземањето прилог од охридскиот владика Методи во вредност од 20 наполеони, таа и извесна г-ѓа Ракарова, која била дел од организацијата на сиропиталиштето, тргнале сами на коњ од Битола, низ Ресен до Охрид и патувале низ тешки временски услови. Во Ресен не биле добро прифатени, но во Крушево е опишана гостољубивоста и добронамерноста на жените кои донирале многу рачни изработки за сиропиталиштето. До Првата балканска војна, бројот на штитениците достигнал 130 деца, а во меѓувреме штитениците кои ќе достигнеле соодветна возраст биле праќани во Софија на школување за занаети. Пред почетокот на Балканските војни дошло до решение да се ликвидира сиропиталиштето во Битола.

Позицијата на жената пред 80 години во рамките на АСНОМ

Пред 80 години на 2 август 1944 година, се одржало Првото заседание на АСНОМ, кое е од клучна важност за историјата на Македонија.
Ова Собрание претставува значајно достигнување за народно ослободување и во него, македонските жени играле важна улога. Македонските жени активно учествувале во политичките и социјалните трансформации, тие не само што биле дел од борбата против фашизмот, туку исто така се вклучиле во организирањето на здруженија и активности кои ја поддржувале идејата за ослободување од окупаторот.

На заседанието на АСНОМ, во присуство на 60 делегати, присутни биле и првоборките: Веселинка Малинска, Вера Ацева, Мара Нацева, Маца Кабрева и Лилјана Чаловска.

Меѓу нив, историчарката Хаџиевска ја издвојува Веселинка Малинска како високо заслужна за организирањето на жените во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ), прва одговорна уредничка на списанието „Македонка“ и раководителка поважни институции во повоениот период.

Во времето на АСНОМ, жените се ангажирале во различни области како што се здравството, образованието и социјалната работа. Нивното учество било клучно за успешното спроведување на реформите и изградба на новата државна структура. Жените исто така се истакнувале како активистки, организаторки и лидери во локалните заедници, поддржувајќи ги вредностите на еднаквоста и правдата.

фотографија: Записи од АСНОМ, Скопје 2020

Социјалната и економската улога на жените во периодот на Илинденското востание и подоцна за време на АСНОМ 

Историчарката Хаџиевска посочува дека во социјалистичка Македонија, во периодот од 1945 до 1953 година, настанале радикални промени во положбата на жените во општеството и во семејството. Концептот за рамноправност на половите, еманципација на жените и новата иконографија што во медиумите ги прикажувала жените во различни социјални улоги, биле важен дел од создавањето на ново општество, градено врз комунистички принципи.

Во Уставот на државата, по првпат со специјални одредби биле гарантирани рамноправноста на жените со мажите, начелото – „еднаква плата за еднаква работа“ и заштитата на мајката и детето. Другите закони што биле релевантни за остварување на државната цел за „решавање на женското прашање“ биле Законот за симнување на фереџето (насочен кон жените од исламските заедници), Законот за абортус и политиките за социјализација на грижата. АФЖ била масовна женска организација која настанала во војната, со цел да ги мобилизира жените за вклучување во НОБ. Организацијата работела теренски со женското население, особено во селата, за да го поттикнува на иницијативност кон освојување на рамноправноста, т.е. заживување на законите во реалноста на жените.  

Антифашистичкиот фронт на жените

Четири месеци по создавањето на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ, кое се одржа на 2 август 1944 година, на 14 декември 1944 година во Скопје се одржа конститутивната конференција на Антифашистичкиот фронт на жените во Македонија.

„Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински” и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава…..”

Со овие зборови, најстариот делегат, велешкиот учител и илинденец, Панко Брашнаров го отвори Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија, кое се одржало на 2 август 1944 година, во манастирот „Св.Прохор Пчински“.

Споменик на Президиумот на АСНОМ, Скопје

АСНОМ бил кулминација на државотворните текови на Народноослободителната борба (НОБ) на македонскиот народ, водена низ организирање на населението во антифашистичкото движење и партизански одреди на борци. Заради комунистичкиот идеолошки предзнак на борбата, позицијата на жените била авангардна – т.е. се повикувало на еднаквост помеѓу мажите и жените како еднакви граѓани кои ќе треба да го поразат фашизмот и да ги изградат новите комунистички општества. Значајни се влијанијата од Октомвриската револуција за женското прашање и организирањето на жените во Советска Русија. Токму низ тие историски искуства и помеѓу македонските жени, на 14-15 декември 1944, бил формиран Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ). Низ дејствувањето на АФЖ, како прва македонска масовна женска организација дознаваме на каков начин учествувале жените во партизанското движење. Како партизански се регрутирале најчесто девојки и жени кои биле активни во комунистички кружоци поврзани со КПЈ и СКОЈ уште во периодот помеѓу двете светски војни. Но, и жените вон партизанските одреди кои ги подржувале антифашистите учестваувале на разни диверзанстки и илегални начини во помагањето на НОБ.

Во воениот период и непосредно по завршувањето на војната, главна цел на организацијата била да ги мобилизира жените да се вклучат во народноослободителната војна и да помагаат на партизанските одреди во ослободителните акции. По завршувањето на војната, целта на организацијата била да агитира помеѓу жените за нивно масовно приклучување во изградбата на државата и социјалистичкото општество, низ образование, описменување и учество во стопанството т.е. економско активирање на жените како работнички, со еднакви права како мажите. Во повоениот период, веднаш по создавањето на институциите на социјалистичка Југославија, се воспоставува и структурата на АФЖ и започнуваат да се формираат одборите. 

Според истражувањата и анкетирањата на сведоци, првиот одбор на АФЖ бил формиран во Кавадарци, во април 1943 година, а потоа следувале и одбори во Неготино и Велес. Велешкиот регион е важен, бидејќи тука се настаните околу селото Горно Врановци, на чија слободна територија биле воспоставени Президиумот на НОВ, ЦК на КПМ, главниот штаб на НОБ и партизанската печатница „Гоце Делчев“. Во септември 1944 година тука се состанале членки на Иницијативниот одбор, под раководство на Веселинка Малинска, за формирање на АФЖ чија надлежност била формирање на Привремен главен одбор на АФЖ за Македонија, а за претседателка била поставена Мара Нацева. На 15 септември 1944 година, во Кино „Уранија“ (денес Кино „Култура“) во Скопје била одржана Првата главна конференција на АФЖ за Македонија, на која учествувале околу 400 делегати и делегатки.

141 жена од Македонија го носат признанието „Партизанска споменица 1941“; 7  жени се прогласени за Народни херои на земјата: Мара Нацева, Оливера Јоциќ – Вера, Ибе Паликуќа, Естреја Овадија – Мара, Елпида Караманди, Вера Ацева,  Фана Кочовска.

Ставовите на жените за политичките промени што се случуваа во тоа време и нивната политичка ангажираност

За политичка ангажираност и нејзино мерење низ искуствата на жените може да зборуваме во контекст на социјалистичка Македонија. Процесот историографски може да се подели на три фази, вели историчарката Хаџиевска.

„Херојска фаза“ (1944-1946) – каде провладувала атмосферата од воениот период, и ентузијазмот за жените кои сами се избориле за своите права со пушка в рака, овенчани со победата на антифашизмот; потоа, ударничка фаза (1947-1951) која се однесува на интересниот случај на изедначување на улогата на жените во економијата и нивниот „ударнички труд“ со политичко учество. Оваа преобразба ги следи настаните околу Петгодишниот план, повикувањето на жените од селото кон вработување во фабриките во градовите или „ударничка фаза“ на изградба и обнова на државата низ учество на жените; третата фаза се однесува на кулминацијата на теренските и политичките предизвици на АФЖ од периодот од 1951 до 1952 година, т.е. реорганизацијата на АФЖ во Сојуз на женски друштва на Југославија (СЖД). Во последниот период, постојат архивски извори кои укажуваат на незадоволство на жените во селата заради укинувањето на одборите на АФЖ, бидејќи тие им нуделе нов вид на солидарност на жените.

Семејниот живот наспроти традиционалните општествени очекувања во контекстот на историските случувања

Во периодот помеѓу двете светски војни, родовите улоги на мажите и жените минувале низ бавни и постепени процеси на модернизација. Индустријализацијата придонела за излегувањето на жената од земјоделската економија и традиционалната средина кон градската економија и урбаната средина. Најсилни биле промените во работничкото семејство и промените во секојдневието на жените работнички кои во изворите често ги наоѓаме сами во градот, како потстанарки, во новите услови на фабриката, каде што се соочуваат со новите предизвици во односите со мажи и жени на позиции на моќ, различни од хиерархијата во патријархалното селско или градско семејство.

Новите опсежни истражувања на најмасовната македонска женска политичка организација Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија во периодот 1944-1953 година подетално ни ги укажува импликациите од оваа државничка одлука. Следувале масовни и робустни процеси поддржувани од државата за економска еманципација на жените, описменување и образование како и општо политичко издигнување. Овие процеси довеле до брз напредок на самата држава, рапидно зголемување на писменото население и зголемување на квалитетот на животот на новороденчињата и децата во селата и градовите. Прашањето за еманципацијата на жените всушност станало мерило за модернизацијата во нашето општество. Еден одличен пример за системската импликација, наоѓаме во текстот на Веселинка Малинска – политичарка и учесничка во државотворни процеси во доцните 1940те години, насловен: „За новиот лик на семејството кај нас“.

Првото женско списание „Македонка“ како историска пресвртница за македонската жена

Создавањето на списанието „Македонка – Орган на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија“ е руптура (историска пресвртница) за жените и тоа на повеќе нивоа, вели Хаџиевска.

Ова е прво македонско женско списание, а низ него се создавале и профилирале и првите медиумски авторки, но и македонските читателки. Има голема и слоевита историја, вели таа додавајќи дека всушност, патот до отпечатување на првиот број на „Македонка“ бил долг и буквално „ридест“: материјалите и техниката поминале пат од Горно Врановци, Велешко, до Прилеп и на крајот Битола, каде што, откако печатницата била донесена со камион (Стерјовски 1986), списанието конечно било отпечатено, чекајќи го својот ред, веднаш по печатењето на весникот „Нова Македонија“: „Првиот број, во мал формат на 24 страници и во 2.000 примероци, е излезен веднаш по ослободувањето на Битола во почетокот на ноември. Печатењето на списанието е започнато во Горно Врановци во печатницата „Гоце Делчев“, која располагаше со неколку сандуци (sic!) букви. Страниците се печатени една по една, а буквите од една страница откако се растури, се употребуваа за сложување на друга. По ослободувањето на Прилеп, печатницата се пренесува таму. Во овој град се допечатени другите страници на списанието. На крајот слогот оди во Битола каде што дефинитивно излезе списанието. Таму излегува и вториот декемвриски број“. [„Четиринаесет години од излегувањето на списанието „Македонка“ – „Просветена жена“, Просветена жена, год. 13, бр. 11-12, 1958, стр. 3]

Позицијата на списанието како „основен медиум на женските прашања во општеството“ останала тесно поврзана со државните потреби врз кои била втемелена, па така политичките и идеолошките промени во социјалистичката држава имале големо и клучно влијание врз целите и визијата на списанието, кое го надминувало влијанието на лидерките на АФЖ – организација што и самата доживеала политичка реорганизација во педесеттите години: така, списанието го носело името „Македонка“ до 1952 година; од 1953 година е преименувано во „Просветена жена“ – Орган на сојузот на женските друштва во Македонија; во 1990 година, продолжува да се издава под името „Жена“; од 1997 до 2005 година се издавало под името „Жена нова“ и од 2005 година кратко време излегува под името „Згодна“.

Видео за списанието „Македонка“ (Видео: CINIK Skopje)

Женското движење денес споредбено со минатото

„Сметам дека во 1990-те години, со смената на политичко-економскиот систем настана и репатриархализација на положбата на жените,“ вели историчарката Хаџиевска.

Според неа голема заслуга во процесот има токму и заборавот на историјата на жените и историските искуства на масовно организирање и учество на жените во изградбата на македонската држава.

На пример, последната публикација на оваа тема е објавена во 1995 година, по што темата се губи од радарот на официјалните академски и културни дискурси. Со рецентните истражувања во рамки на проектот Архиви на невидливите (Центар за истражување на национализмот и културата – Скопје 2020-2022), во соработка со цела заедница истражувачки, уметници, културни работници, претставнички на организациите на борци од НОБ и женски феминистички организации се направија исчекори за критичко читање делови од националната историја со интерпретација на наративите за минатото во однос на учеството на жените во нив.

Последен број на списанието „Македонка“

Македонските жени од времето на Илинден и АСНОМ претставуваат пример за храброст и решителност. Нивната борба за слобода и еднаквост ја обележала историјата на Македонија и поставила основи за идните генерации.
Улогата на жените во Илинден и АСНОМ не била само историски значајна, туку и претставува основа за иднината. По создавањето на новата држава, жените продолжиле да бидат важен фактор во изградбата на општеството и промовирањето на правата на жените. Тие се бореле за подобрување на социјалниот статус на жените и за унапредување на нивните права.
Денес, наследството на македонските жени од времето на Илинден и АСНОМ продолжува да биде инспирација. Нивната борба за еднаквост и праведност остава траен печат во современото македонско општество. Жените продолжуваат да играат клучна улога во сите аспекти на општественото живеење, од политика до култура, а нивните придонеси не се заборавени.

Користена литература:

Национална и универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски”, Скопје;

„Македонка – Орган на АФЖ“;

Архиви на невидливите;

Центар за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК);

(Ивановъ, Илиюа. Учебното дѣло въ Крушовска нахия (подоколия) презъ турското владичество. Илустрација Илинден, Год. 11, кн. 2 (102) (1939), стр. 10-13).

(Ивановъ, Илиюа. Учебното дѣло въ Крушовска нахия (подоколия) презъ турското владичество. Илустрација Илинден, Год. 11, кн. 2 (102) (1939), стр. 10-13).

(Ивановъ, Илиюа. Учебното дѣло въ Крушовска нахия (подоколия) презъ турското владичество. Илустрација Илинден, Год. 11, кн. 2 (102) (1939), стр. 10-13).

(Кировъ Майски, Никола. Прасето ни спаси: единъ епизодъ. Илустрација Илинден, Год. 8, кн. 2 (72) фев. (1936), стр. 7-9; Истиот. Мехди бей и охридската болница. Год. 8, бр./кн. 3-4 (73-74) (1936), стр. 13- 14).

(Ковилоски 2018б, 36).

„Какъ се основа, уреди и унищожи Битолското сиропиталище: (изъ споменитѣ на Захария Шумлянска)“ (Илустрација Илинден, Год. 9, кн 10 (90) (1937), стр. 8–13)


Facebook
Twitter
LinkedIn