„И да врне и да вее и бура да коси, поштар пошта носи“, но не и во Македонија

Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

„И да врне и да вее и бура да коси, поштар пошта носи“, но не и во Македонија.

Замислете ја ситуацијата: Очекувате важна испорака – можеби подарок за близок, важен документ или нешто што ќе ви го олесни секојдневието. Додека времето поминува, нервозата расте. Од Пошта не добивате одговори, а работниците, недоволно на број, се обидуваат да ја решат ситуацијата, но пред нив се бројни предизвици.

80% од вработените во Македонски пошти се со минимална плата, 60% од вработените се пред пензија, над 70% е намален бројот на работници во технолошкиот процес, лоши услови за работа и плати кои доцнат, се намалува бројот на поштари, а згора на сѐ, корисниците на Македонски пошти и по половина година чекаат пратки или пак никогаш не ги добиваат бидејќи нема кој да ги обработи.

Поим за лоша организација, недостиг на ресурси, корисници кои страдаат поради недомаќинското работење на Македонска пошта, вака некако се сумира состојбата на Македонски пошти.

Пошта на Македонија – институција која во минатото била столб на доверба и врска помеѓу луѓето, на која граѓаните секојдневно се потпирале за испорака на важни пакети, писма, во последните години е со нарушена доверба кај граѓаните. Со пратки кои доцнат, а често и не стигнуваат до адресите, корисниците се соочуваат со фрустрации, нервози и незадоволство.

Поради недомаќинско работење, Македонски пошти долги години се соочува со предизвици за опстанокот

Со години Македонската пошта генерира загуби во работењето, се соочува со проблемот за обезбедување на средства за редовна исплата на плата, за што и впрочем беа организирани и низа штрајкови, и протести.

Според Боро Велигденов, претседателот на Синдикатот на Пошти, Македонска пошта со години се соочува со состојба на опстанок на друштвото поради рефлексијата во изминатите години, во однос на лоша организација на работењето, лоши услови за работа и особено недостаток на вработени во технолошкиот процес.

Лоши услови за работа во Македонски пошти

Македонска пошта, како најстара поштенска служба долг период се соочуваше со нередовна исплата на плати, а Боро Велигденов, претседателот на Синдикатот на Пошти, посочува дека 80% од вработените примаат минимални плати.
„Сѐ уште над 80% од вработените, се на просек скоро на минимална плата, основната плата им е на минимален просек. Како Синдикат се бориме за таа состојба да се надмине, односно, едно од клучните барања како Синдикат и најприоритетно е отпочнуването на постапка за изготвување на нова систематизација,“ вели Велигденов додавајќи дека со систематизацијата, цврсто веруваат дека ќе се надминат тие состојби, односно, ќе се зголеми бројот на вработени во технолошкиот процес и со тоа ќе се зголеми продуктивноста, што ќе може да генерира поголеми приходи и со самото тоа зголемување на платите, особено на вработените во технолошкиот процес.

„Овие неколку месеци, два-три месеци имаме редовна исплата во законскиот рок, меѓутоа сѐ уште постои тој страв кај вработените за стабилизација на друштвото, односно редовна исплата на плата,“ истакна Велигденов за Види Вака.

Поштарите во Македонија непрепознатливи и малку на број, за една година дури 131 поштар помалку имаме во Македонски Пошти

Поштар станува сѐ понеатрактивна професија поради лошите услови за работа. Па така покрај тоа што поштарите се непрепознатливи поради немањето униформи, тие се оставени и сами да се снаоѓаат за начинот на испорака на пратки и писма.

Македонска пошта кубури со возен парк, нема велосипеди и мопеди за поштарите, па со сопствени возила се принудени поштарите да разнесуваат пратки. Поради оваа причина и не се во можност да носат поголеми пакети до адреса. Ова е решено така што на корисниците до адреса им се носат картончиња, а тие се должни сами да ги подигнат пратките од Пошта.

Видливо стар и дел уништен е возниот парк на Македонски пошти.

Галерија од возниот парк во Пошта на Македонија, 2024 година

„Возниот парк ни е до тој степен во алармантна состојба, возилата се истрошени, сепак ние во дејноста обавуваме сообраќај, секојдневно нашите возила се на терен, оперираат на цела територија на Македонија и имаме и тоа како огромна потреба, како главен приоритет да се обнови возниот парк, како и останатите технолошки работи кои треба да го подобрат работењето на Македонска Пошта“ – објаснува Велигденов.

За сметка на континуираниот пад на вработени поштари, расте бројот на договорни пошторазнесувачи

Додека бројот на поштари се намалил за 131, за 192 се зголемил бројот на договорени поштари од првото полугодие на 2022 година до 2023 година.

Велигденов потврдува дека има доста недостаток на пошторазнесувачи, а тоа ад хок го решаваат со склучување на договорен поштар за вршење на тие услуги.

„Тоа е една форма на договор за вршење на услуга, стриктно се склучува договорот за услуга како поштаразнесувач, да ги извршува работните задачи за достава на пратки. И сите оние реони кои ни се испразнуваат, како што кажав, дали по основ на заминување, пензиониране на претходен работник, или пак, испразнето место од други причини, ги пополнуваме со договорен поштар,“ објаснува тој, меѓутоа на договорните поштари не им е решен работниот статус

Договорните поштари немаат договор за вработување, со самото тоа немаат ни пензиско, немаат ни здравствено осигурување. Синдикатот и за таа категорија на работници се бори да се реши нивниот статус бидејќи како што потенцира Велигденов, со самото тоа и ќе се зголеми лојалноста на самиот работник и друштвото ќе има поголема грижа за тие работници.
„Бидејќи сепак ние сме државна институција и вработувањето треба да бидат со одобрување од Министерство за финансии, од Влада, а мораме на брз начин да најдеме решение да ги пополниме тие работни места. Долги години таа категорија на работници ги имаме, ние пред три години кога организиравме штрајк, едно од барањата беше и да се реши статусот на договорните поштари, бидејќи тие како договорни поштари работат, вршат услуга, не им е решен работниот статус.“

Трендот на намалување на работници во Пошта е најизразен во технолошкиот процес

Најголем проблем со намален број на вработени има во технолошкиот процес, кај што се поштари, шалтарските работници, работниците во оперативниот центар кајшто се обработуваат пратките, тие се клучните работни места кај што се опслужува работењето, односно се опслужуваат граѓаните.

„Затоа ја бараме таа систематизација бидејќи баш на клучните работни места кадешто треба да се опслужуват граѓаните ние имаме намален број на работници конкретно еве во оператива меѓународен и внатрешен сообраќај кај што се обработуваат пратките имаме над 70% намален број на извршители на работници кои треба да ги обработат тие пратки, а воедно, исто така и под другиот основ на заминување, имаме намален број на клучните работни места, како што се поштаразнесувачите, шалтерските работници и други работни места. И поради тоа се доведуваме до таква ситуација да имаме задоцнување на достава на пратките,“ истакна Велигденов.

Поради лошата организација во Македонска Пошта страдаат граѓаните кои не можат да си ги остварат своите кориснички права

„Македонски Пошти ми ја уништија мојата Јутјуб кариера“, пишува еден корисник на платформата РедИт.

„Ја чекам секоја пратка по минимум пет месеци“, „Ми загинаа препорачани документи и никој за ништо не одговара“, „Прекинав да нарачувам од странство – е такво е моето искуство со Пошта“, „Воопшто не добивам пошта повеќе од една година, откако стариот поштар отиде во пензија“, „Имаме пошта?“, „Книжарата од Англија што си нарачував книги од лани веќе не доставува во Македонија, премногу поплаки и барања за рефундации“ – ова пак се само дел од поплаките на граѓаните кои ги пишаа на прашањето на Види Вака – „Какво е вашето искуство со Пошта на Македонија?“.

Незадоволни од услугите на Пошта, многу често граѓаните се одлучуваат да изберат приватен оператор иако услугата би ги чинела повеќе пари.

Видеото е оригинално објавено на 02.10.2024 година

Низ годините се забележува и намалување на обемот на поштенски услуги на Пошта на Македонија, кој во последните осум године е речиси двојно намален. За сметка на тоа се зголемува обемот на поштенските услуги на слободниот пазар.

Континуирано се намалува бројот на вработени во Пошта

Со текот на годините се забележува пад на бројот на вработени во Македонски пошти.
Како главна причина за сѐ помалиот број на вработени се ниските плати, потоа лошите услови за работа, но и фактот што старостната структура на вработени, над 60% е неколку години пред заминување во пензија и секоја година по тој основ се намалува бројот на вработени.

„Трендот на намалување на работници особено во технолошкиот процес се должи на повеќе фактори. Прво, како што споменавме платата која сите тие работни места ги направи неатрактивни. Втора причина и фактор е лошите услови за работа кои со години не се подобруват. Трета причина е бидејќи ние во Македонска пошта, старостната структура на вработени, над 60% е неколку години пред заминување во пензија и секоја година по тој основ се намалува бројот на вработени и четвртиот однсоно сите овие фактори, односно ниската плата и лошите услови за работа, не доведе до последниве, да речеме, неколку, година дена и повеќе, тренд на заминување на работници на сопствено барање,“ посочува Боро Велигденов, претседателот на Синдикатот на Пошти и вели дека има и такви кои заминуваат во странство, во други фирми за подобри прилики и во некои од приватните поштенски оператори односно даватели на поштенски услуги на слободен пазар.

Во Македонија во 2022 година се регистрирани 44 даватели на поштенски услуги на слободен пазар, па додека опаѓа бројот на вработени во Македонски пошти, расте бројот на вработени кај овие оператори.

Вработувањата кои не се одобрувале, со надеж дека ќе се пополнат со систематизацијата

„Досега, последните барања кои беа, не беа одобрени од Министерството. Се надеваме наредната година,“ вели Велигденов и додава дека очекуваат систематизација бидејќи истата ќе даде добра информација колку работни места недостасуваат, ќе има прераспоредување на работници во технолошкиот процес и сите работни места кои не може да се пополнат со внатрешно прераспоредување, ќе биде неопходно да се распишат огласи.

„Затоа и со таа систематизација, како вработени, бараме тие работни места, кои се најклучни во тековното работење, да се зголемат и платите на тие работни места со самото тоа да ги направиме тие работни места атрактивни и да може да се пријават млади луѓе со енергични и со нова сила за да можеме да ги извршуваме нашите работни задачи,“ – истакнува Боро Велигденов.

Пошта на Македонија со години заостанува и со технолошкиот развој

Во делот на условите за работа е и опремата од технолошки аспек, истакнува претседателот на Синдикатот на Пошти кој вели дека со години Пошта наназадува во тој дел.
Тој вели дека новиот менаџерски состав и Министерството најавуваат технолошки развој, односно набавка на нова опрема, како набавка на нови технолошки возила, како и софтверски решенија и набавка на сортирка, која е неопходна за зголемување на обемот на работа и експедитивност во работењето.

„Плата нема, поштари нема ама на секој работник има по еден шеф“
Вработените и синдикатите за реформирање и опстојување на Македонска пошта и годинава протестираа и бараа изготвување нова систематизација, нов колективен договор, реонизација на поштенските реони, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

„Се доведовме до ситуација да имаме еден шеф на еден работник. Да не споменувам дека се соочуваме со крајно лоши услови за работа кои се супстандардни и немање доволно средства за работа. Доволен е да кажеме фактот дека после 15 години сега добивме униформи, само за поштарите и тоа зимска униформа, за летна не знаеме, сè уште чекаме,“ рече на протестот на почеткот на оваа година, Боро Велигденов.

Токму на овој протест вработените најавија штрајк но поради изборите кои веќе беа закажани, тој беше ставен во мирување. Сега поставен е нов Управен одбор во Пошта.

„Поради промените кои настанаа, кај нас во Македонска пошта сега имаме нов управен одбор, назначен нов управен одбор и сите оние барања кои беа процесирани за време на протестот и барања на штрајкот, ги проследивме до членовите на управен одбор и понатаму очекуваме со нив соработка за реализација на истите, доколку не се случат, штрајкот ќе продолжи,“ ни изјави Велигденов појаснувајќи дека сега е во мирување штрајкот, а со новиот менаџерски тим по пат на прегори има надеж да се надминат сите состојби, има позитивни сигнали.

Барања на Синдикатот на Пошти
Синдикатот на Пошти бара изготвување на нова систематизација и нов колективен договор, што би ги подобрило правата на работниците. Оттаму се убедени дека со овие реформи, продуктивноста и финансиската состојба на Македонска пошта ќе се подобрат. Велигденов вели дека во голема мера, до намалување на бројот на работници довела и кадровата политика која се спроведувала.
„Покрај барањето за изготвуње на нова систематизација, исто така, долгогодишно барање на вработените на синдикатот е изготвување на нов колективен договор, со кој ќе се доуредат поголеми права за работниците и односно, помеѓу работодавачот и работниците, согласно реалните потреби на друштвото. Исто така, имаме процесирано барање за целокупно реформирање на друштвото и реформа и реорганизација во работењето, а токму како темел на таа реформа е таа систематизација, бидеќи со години наназад, со таа кадрова политика која беше спроведувана, се доведевме до состојба на комплетно намалување на продуктивноста на работниците, односно намалување на бројот на работници во технолошкиот процес, а наспроти се зголемуваше бројот на работници во администрација, односно недостаток на работници, онаму кај што ни се најпотребни. Затоа, тие се едни од две клучни барања, меѓу другите се секако обезбедување на финансиски средства за редовна исплата на плата, бидејќи ние долг период се соочувавме со нередовна исплата на плата“.

На средба на Синдикатот со Министерството ресорно, се најавил сериозен пристап и интерес за стабилизација на друштвото. Велигденов вели дека биле разгледани барањата на вработените и синдикатот, начелно биле прифатени и се надеваат дека во таа насока ќе се движи реформирање на друштвото.
Врз основа на барања на Синдикатот, новиот Управен одбор донел одлука за формирање на работна група за изготвување на нова систематизација и нов колективен договор, а според Велигденов тоа е показател за сега дека стојбите има потенцијал да се подобрат.

Синдикатот верува дека со стабилизација на друштвото, Македонска пошта ќе се врати во својата улога како главен сервис за граѓаните.
„Македонска пошта согласно нашата структура, нашите капацитети кои оперираме на цела територија на Р. Македонија, Македонска пошта да биде главен оператор и сервис на граѓаните и да ја вратиме на граѓаните. Можеме сето тоа и имаме голема надеж со новата систематизација дека сето тоа ќе се надмине за брзо време. И граѓаните ќе ги почувствуваат тие промени кои се залагаме ние како синдикат и вработени,“ велат од Синдикатот.

Дополнително од Синдикатот истакнуваат дека потребно е внатрешно да се реорганизира Пошта, да се изготви нова реонизација на поштенските реони согласно правила, прописи и критериуми. Со тоа, вели Велигденов, ќе има рамноправна распределба на реоните и ќе има доволен број  на поштаразнесуавчи и цела територија на државата ќе биде покриена со поштари.

Приватизација на пошта или не?

Синдикатот и вработените цврсто стојат на ставот дека со спроведување на реформи и целосна реорганизација во работењето, Македонска пошта може да биде меѓу првите 10 компании, државни, кои ќе бидат меѓу подобро профитабилните компании и ќе бидат главна услуга на граѓаните. Оттука, Велигденов вели дека не би требало Пошта да се доведе до приватизација доколку се спроведат сите овие барања.

Доколку не дојде до тоа секако како вработени како Синдикат, цврсто стоиме таа приватизација да биде со некој странски оператор кој ќе знае да ја реформира компанијата. Иако, нагласувам, имаме капацитет, имаме стручни лица, имаме вработени кои си ја сакаме компанијата, кои веруваме во самите нас и веруваме дека со сите овие процеси кои ги бараме, нашите барања, Македонска Пошта може самостојно да функционира и да биде сервис на граѓаните,“ заклучува Велигденов.

Македонска пошта се соочува со многу предизвици, но Синдикатот и вработените остануваат посветени на борбата за подобри услови и повисоки плати. Со соработка и реформи, иднината на оваа важна институција може да биде светла, дотогаш граѓаните на Македонија да се наоружат со трпение.

Facebook
Twitter
LinkedIn