ЖЕДНИ ПОКРАЈ РЕКАТА КОЈНАРКА

Две семејства од Кумановско со години се без питка и проточна вода. Дали го заслужуваат тоа само затоа што живеат во нелегализиран објект?
Автор: Сунаи Ибраимовски
Камера и дрон: Крсте Шупев
Монтажа: Крсте Шупев
Продукција: Види Вака

Повеќе од дваесет години семејството Мемети живее на само десетина метри од кумановската река Kојнарка, блиску до вода, но далеку од вода за пиење. Ова семејството е едно од неколкуте илјади семејства кои немаат пристап до питка вода. Проблемот е апсурден – немаат пристап до вода бидејќи живеат во нелегализирано живеалиште.

Во услови на пандемија од ковид-19, заразните болести ги демнат овие луѓе. Чашата чиста вода им е заменета со вода од реката каде се слеваат фекалиите од сите страни. Свесни се за можните болести. Едногласни се дека кога немаат алтернатива и се прилагодуваат на условите кои им стојат на располагање.

Усаина Мемети има неполни пет години. Најсреќна е кога ќе влезе во реката да се излади на пеколните жештини. Насмевките на најмалите не оддаваат тага како кај нивните родители.  Училишните клупи овие деца ги заменија со пластичните шишиња. Жедни за чиста вода, во трка со времето, изложени на ризик – спасот за питката вода го барат таму каде што не згаснала човечноста. Комшиите им се единствениот извор за питка вода, раскажува Фадил Алимов, појаснувајќи дека со проблемот не може да се помири особено сега кога секој ден се зборува дека треба да се одржува хигиена за да се избегне „ невидливиот непријател “ КОВИД – 19.

Без можност да се следат препораките за хигиена

Во услови на пандемија од ковид-19, една од главните препораки на Министерот за здравство, Венко Филипче, до граѓаните беше редовно да ја одржуваат хигиената.

Но ваквата порака за семејството на Фадил Алимов е далеку од строго придржување до истата поради околностите во кои живеат, без пристап до здрава и чиста вода за пиење.

Владата со препорака до граѓаните – мијте ги рацете често

На почетокот на прогласувањето на пандемијата од страна на Светската здравствена организација Владата препорача да се одржува редовна хигиена.

Побаравме одговор од Владата како семејството Алимов од кумановско може да се заштити со оглед дека немаат пристап до питка вода?

Но, одговор и после неколку месеци не добивме од Владата.
За случајот стапивме во контакт и со надлежната општина на чија територија живее Фадил со семејството. Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски потенцираше дека нема можности семејството да добие пристап до питка вода.

За кумановски водовод проблем се нелегалните објекти

За одговор дали семејството на Фадил Алимов ќе добие пристап до питка вода, градоначалникот Димитриевски нè пренасочи до ЈП „Водовод“ – Куманово. Од таму во свој допис, повикувајќи се на законските прописи, го потврдија ставот на Општина Куманово, дека семејството на Фадил Алимов не може да добие пристап до питка вода. Причината ја лоцираат во бесправно изградените куќи.

Дополнително, од ЈП „Водовод“ – Куманово, како решение за наведениот проблем е на барање на Центарот за социјални работи односно РСМ како сопственик на наведените објекти во спроведената постапка согласно законите, да добијат статус на легални објекти и поднесат барање во име на нивните корисници, легален приклучок на водоводна мрежа од нас како даватели на комунални услуги.

Одговор побаравме и од Министерството за труд и социјална работа, но и од таму исто како од Влада не добивме одговор.

Судската пракса: Пристапот до питка вода не може да се врзува со тоа дали е легализиран имотот во кој живеат граѓаните

Од Македонското здружение на млади правници сметаат дека пристапот до вода е човеково право и дека семејството на Фадил Алимов треба да има пристап до вода. Прашани дали на овој начин тоа што не им се овозможува пристап до питка вода се нарушува нивното право за пристат до здрава и чиста вода за пиење од Здружението посочуваат дека им се кршат основните човекови права.

Посочуваат на можност за дискриминаторски однос кон ова семејство повикувајќи се на претходна постапка која ја воделе за сличен случај во Прилеп. Во тој случај Апелациониот суд во Битола утврдил дискриминација по основ на етничка припадност извршена со оневозможување на пристап до чиста и здрава вода за пиење.

Хелсиншки со претставка до Омбудсманот

За овој случај реагираше и Хелсиншкиот комитет кој поднесе претставка до Народниот правобранител за утврдување на дискриминација за кумановските семејства кои немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење.

ООН: Пристапот до вода е елементарно човеково право

Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право за обезбедување чиста и здрава вода за пиење. Концептот на обликување на правото на вода првично бил утврден во 1977 година на Конференцијата на Обединетите нации во Мар дел Плата, Аргентина. Усвоениот акциски план се однесувал на сите луѓе независно од нивната социјална и економска положба.

Правото на вода било предмет на расправа и на одржаните седниците на комитетите во состав на ОН, во 2002, 2006 и 2007 година, каде што правото на вода било проширено и надградено во смисла на развивање на капацитетите за вода и овозможување на еднакви услови за обесправените луѓе кои се лишени од тоа право.

Според препораките на Светската здравствена организација, изворот на вода не треба да биде оддалечен повеќе од 1 км, а времето на собирање и полнењето вода не треба да трае повеќе од 30 минути. Во најголем дел од Африка и Азија, жените мораат да пешачат во просек 6 км за да наполнат вода, а неправилното користење вода за хигиенски потреби придонесува за зголемување на болестите за 88 %.

Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Таков е и случајот со семејството на Фадил Алимов за кого властите го ограничиле правото за пристап до здрава и чиста вода за пиење бидејќи не живее во легализиран објект.

Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права имплицитно го признаваат правото на вода. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, донесен на 16 декември 1966 година, стапи во сила 23 март 1976 година.

Во меѓувреме, Алимови се свесни за потенцијалот на ширење на коронавирусот. Се обидуваат максимално да се заштитат одржувајќи хигиена која пак не е ветувачка за избегнување на речиси секоја можна болест. За чиста вода во својата куќа сонуваат секој ден. Пробале да си ја исполнат желбата но неуспешни биле сите нивни обиди. Причината лоцирана во дивоградбата. Институциите кренале раце бидејќи овие луѓе не поседувале документи за легализација.

Покрај реката „Којнарка“ се населиле пред 20 години. Решиле да изградат мали куќи со цел да се засолнат, а да не живеат под ведро небо. Од нивното вселување па се до денес, соседите им се единствениот извор до чиста вода. Разбирачка постоела откако се населиле на оваа локација, животот со соседите им е секојдневие. И тие се обиделе да им помогнат, побарале од надлежните институции да им се овозможи вода како услов за да живеат и функционираат без страв дека ќе прошират зарази во населбата, но и обидите на соседите биле безуспешни.

Се бањаат со помош на шишињата кои ги собираат за да преживеат. Одвојуваат по некое шише за да го загреат ако има добро сонце. Храната ја мијат во реката или со шишињата вода која ја земале од соседите.

Фадил Алимов  раскажува дека најтешкиот момент во време на прогласувањето на пандемијата од ковид-19 е токму водата. Во услови на сите полициски часови, крантини и ограничено движење пристап до вода им бил отежнат, особено во време на долгите карантини кога никој не смееше да го напушти домот, доколку за тоа не се поседува дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација. Во тие моменти, најчест извор на вода им била  реката бидејќи живеат покрај коритото на истата. Кога ќе дознаеле дека можат да дотрчаат до кај комшиите за да ги наполнат шишињата со вода ја земале  количката и се враќале со чиста – питка вода од чешма. За разликата на водата велат не може да се зборува, најубаво им е кога ќе се напијат ладна вода од чешма бидејќи тогаш биле сигурни дека не се изложуваат на ризик.

Сите се едногласни дека на овој начин ризикот да заболат од корона вирусот е многу поголем. Тоа што немаат документи за нивната куќа велат не е причина и да немаат вода. Најмногу ги погодува моментот кога нивните деца ќе се вратат од училиште и ќе ги забележат во солзи. Солзите на децата биле како резултат на погрдните зборови кои ги добивале од нивните соученици на сметка на нивната неможност за хигиена, па често биле избегнувани со изговор дека „смрдат“.

Но, болестите не ги заобиколија овие луѓе. Бахтија Алимова вели дека поради сериозните здравствени проблеми секојдневно е на апчиња како резултат на нехигиенските услови.  Таа мора да се оперира поради камен на желудникот за кој вели достигнал шест сантиметри, а причината ја гледа во загадената вода со која се среќава катадневно. Теписите и во зима и во лето ги пере во коритото на реката. Свесна е дека нема да ги исчисти, но вели барем низ вода ќе поминат, па ќе ги полее со миризливо средство за на кратко да им замириса на убаво.

Во меѓувреме, човечноста кај овие луѓе не застанала. Свесни за секоја капка вода дека не смее да се изгуби, ја штедат како свеќите за да не останат во целосен мрак бидејќи се и без струја.

Подготвени се да останат и без парче леб, да продадат се што имаат за да може да дојдат до чиста вода. Не се срамат од околината, велат чесно заработуваат па затоа и можат да тропнат на вратите од комшиите за да наполнат вода. Но, најчесто се бањаат во реката каде свесно се дават во фекалиите. Ги полнат тенџерињата од реката, ја загреват водата и ги подготвуваат макароните за целото семејство. Кога прв пат слушнале за ковид-19 биле преплашени, веднаш ги потрошиле сите пари што ги имале на заштитни маски и средства на дезинфекција, но се присетуваат на моментот дека залудно ги потрошиле парите кога единствената препорака која ја сервира Владата не можат да ја исполнат, а тоа е перманентната хигиена.

Се плашат дека пандемијата од ковид-19 ќе продолжи, а со тоа и нивната загрозена егзистенција. Живеат од ден за ден, за вода молат да им се излезе во пресрет, велат, подготвени се да ги продадат пластичните шишиња за да им се дозволи пристап до питка вода.

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn