Градот убав што никогаш не учи од катастрофите

Автор: Христина Ѓорѓиевска
Монтажа: Горан Бошковски
Продукција: Види Вака
Скопје поплава

Животното сивило од 6 август 2016 година, Емилија Цветковска од Куманово ќе го памети до крајот на својот живот. Мракот, ладната вода, градот, месечината и мртвите животни како пловат се дел од траумите кои ги носи со себе изминативе осум години.

Емилија Цветковска

сведок на поплавите во 2016 година

„Поплавите во Стајковци беа пред 8 години, секоја година една иста песна, тој ден ќе се прикаже сѐ на телевизија и толку, се заборава. Што со фамилиите и со семејствата коишто изгубија свои најмили во таква случка?“

Ова прашање 48-годишната Емилија го поставува последниве години. Таа три часа се бореше за својот живот на денот на катастрофалните поплави во селото Стајковци.

Осум години од поплавите во скопско Стајковци кои однесоа 22 животи, Цветковска сè уште ја вознемирува звукот на дожд.

Таа ноќ во 2016 година кога се соочила со најголемиот предизвик во својот живот, а Емилија денес се сеќава на секој шум, кога во мракот и хаосот била препуштена на суровата силина на природата борејќи се за својот живот.

Во текот на 24 часа на 6 август во Скопје наврнале 93 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето удриле над 800 молњи и громови. Водата со голем интензитет ја носел нејзината кола, а таа се борела за секој здив.

И покрај физичките повреди и траумите, Емилија ја пронашла надежта и поддршката во семејството Крстиќ кое ја спасува, а сега тие и се како второ семејство.

Со осум години поминати од таа ноќ, сеќавањето на ужасот и страдањето продолжуваат да ја следат. Во Германија, каде што денес живее, Емилија и понатаму ги носи траумите од поплавите, но и благодарност за спасителите кои ѝ ја дале шансата за нов живот.

Видеото оригинално е објавено на 6.8.2024 година.

Невремето што однесе многу жртви

Во оваа природна катастрофа животот го загубија 22 лица од реоните Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново. Најмладата жртва помеѓу загинатите е шеснаесетмесечното бебе Елиф Фејзула која се уште се води како исчезната. Елиф се наоѓала во автомобил со својот татко, кој го загубил својот живот, а осум години подоцна нема никаков траг од Елиф.

Извор: Исчезнати лица Министерство за внатрешни работи

Што научивме од поплавата во Стајковци и околните места?

Во  поплавите од 6 август штети претрпеа над 5000 домаќинства, а оштетени беа и над 600 хектари обработлива површина. Најзагрозени беа Ченто, Сингелиќ, Стајковци, Инџиково, Брњарци, Црешево и Смилковци.

Набргу по природната катастрофа во 2016 година се формираа комисии за процена на штетите од невремето, процената ја правеа меѓуресорски тимови на Општина Гази Баба и Комисија на Владата на Македонија.

Утврдување на висината на штетата според Уредбата на Владата се врши според Единствената методологија за процена на штети.

Но во јавноста никогаш не излезе точна бројка дали сите домаќинства и земјоделци беа обесштетени. На терен различни суми на пари кажуваат жителите, едни велат дека добиле минимално од 18 до 20.000 денари, а некои дека штетата им била и над 10 илјади евра, а тие помош добиле од 1000 до 2000 евра.

Но и по 8 години жителите на Стајковци и околните места стравуваат од секое невреме. Атмосферската канализација и каналите со обрасната вегетација и ѓубришта повторно не се чистат навремено.

Но и по 8 години и ден-денес има сè уште куќи што сведочат на поплавата, Види Вака беше во една куќа во општина Ченто. Луѓето оттаму ни рекоа дека Комисијата за процена на штети од невремето им проценила и дала околу 300 евра, што биле премалку пари за да ја реновираат куќата.

Куќа во Ченто поплавена во 2016 година (снимена јули 2024 година)

Властите не учат од грешките во минатото, тоа е една од главните причини што ја добивме како одговор на прашањето што го поставивме на Инстаграм профилот на Види Вака.

Главните причини се наведуваат кон човечкиот фактор, сечењето на дрвја, особено во нископланинските ридишта во Скопска Црна Гора, недоволна подземна инфраструктура, недоволно чистење и неодржување на каналите и така натаму.

Одговори од онлајн анкета спроведена на Инстаграм профилот на Види Вака

Како се постапува и каде се пријавува во случај на природна елементарна непогода?

Човек никогаш не е подготвен за природна елементарна непогода. Борбата за преживување кај секој еден се појавува во тој момент. Откако ќе се смири ситуацијата, започнува друга голгота. Каде да се пријави и дали ќе се добијат материјални средства за да се покрие штетата.

Во случај на природна непогода или друга слична несреќа, се пријавува во општините во кои се формирани посебни комисии за процена на штетите. Тогаш овие комисии прават процена на предизвикана материјална штета или изгубена заработувачка настанати како резултат на природната непогода.

Емилија Цветковска на 6 август се нашла на отворено, кај скопската обиколница, а после болничкото опоравување од несреќата решила да ја тужи државата, но во институционалните лавиринти и докажувања набргу се откажала.

„Се сеќавам кога направив операција и тие од клиникава, „8 Септември“, ми велат тужи ја државава затоа што патиштава не се добри. И јас, ајде со адвокат, велам што-како, поднесовме пријава, знаеш што ми одговорија? „Ние не сме одговорни за состојбата на Господ, кога ќе врне, кога не.“ И требаше да излезе комисија за патишта, за ова, за она, за да направат анализа дали јас сум возела правилно, дали не сум возела правилно и зашто ме има фатено поплава. Замисли, ти го даваш свој живот, значи се бориш за живот да останеш жива, луѓето умират од такви нивни грешки,“ истакна Емилија Цветковска.

Според правникот од Македонското здружение на млади правници Бојан Трпевски, потребни се неколку елементи со кои тужителот треба да докаже за да вроди со плод тужбата.

Бојан Трпевски

правник во Македонското здружение на млади правници

„Во судските постапки за надомест на штета, она што секој тужител треба да го докаже, освен ако не се работи за опасен предмет или дејност, се следните елементи: 1) кој е оној кој ја причинил штетата (штетник), 2) кое е лицето кое ја претрпило ваквата штета (оштетен), 3) каков тип на штета е настаната (материјална или нематеријална) чиј интензитет/висина ќе биде поддржана со соодветно вештачење, 4) противправноста на дејствието кое довело до штетата, на пример дали некоја дејност се врши без потребна дозвола или спротивно на издадената дозвола или дали некој иако бил правно обврзан, пропуштил да преземе некое дејствие и 5) причинско-последичната врска, односно дека токму тоа постапување или непостапување довело до конкретната штета. Доколку сите овие елементи можеме да ги докажеме, поголеми се изгледите за успех на нашата тужба.“

Исто во август, само во 2009 година беше пуштена во употреба северната обиколница околу Скопје, за која беа потрошени над 150 милиони евра, во тоа време за парите се пишуваше дека се обезбедени од буџетот на Македонија, но и од кредити. Обиколницата е со должина од 26,7 км и 22 надвозници, а се поврзува со 9 клучки на попатните населени места. Веднаш по пуштањето на обиколницата се појавија жалби од страна на жителите од околните места дека се поплавуваат, најгласни беа од селото Стајковци. Тие причинита за поплавување ја гледаа во обиколницата, а институциите одговорноста ја префрлаа кон граѓаните.

„Правото на животна средина е засновано меѓу другото и на начелото на „загадувачот плаќа“ па оттука секој оној кој сторил некоја штета по животната средина како резултат на вршење некоја дејност, треба ваквата штета да ја надомести. Надоместувањето на причинетата штета во ваквите случаи од аспект на квалитетот на животната средина опфаќа враќање на животната средина во првобитната состојба, а доколку тоа не е возможно тогаш „загадувачот“ треба да исплати паричен износ кој ќе биде досуден, а кој ќе одговара на причинетата штета. Доколку во ваквите случаи некое лице претрпи директна материјална или нематеријална штета, тоа може да бара надомест на штетата која ја претрпел преку судска постапка,“ истакна правникот Бојан Трпевски.

Правото предвидува тужба за предизвикана еколошка штета и право на здрава животна средина, но во Макеоднија ваквата пракса е многу ретка.

„Сметаме дека граѓаните сè уште не се доволно охрабрени да ја користат еколошката тужба како алатка за зголемена заштита на животната средина преку утврдување одговорност кај оние кои директно довеле до влошување на состојбата на почвата, воздухот, водите или слично. Иако за ваквата состојба придонесуваат повеќе фактори, сметаме дека зголеменото упатување на ваквите случаи во судовите. Воспоставувањето на судска практика преку која ќе се утврди одговорност кај конкретни субјекти, за конкретни поведенија кои причинуваат штета на животната средина и задолжувањето истата да се врати во првобитната состојба или да се надомести паричен износ за причинетата штета, ќе влијае истовремено на попретпазливо постапување на компаниите во вршењето на нивната дејност, а со самото тоа и поголема заштита на животната средина“, смета Бојан Трпевски од Македонско здружение на млади правници.

Во периодот по поплавите, Македонското здружение на млади правници излезе на терен и директно ги информираше граѓаните и даваше примарна правна помош околу нивните права и правото да поднесат барање за надомест на штета. Незадоволните граѓани од исходот на ваквите постапки имале право на правни лекови, вклучувајќи и судски постапки. МЗМП нема детални податоци и статистика околу поведени постапки или за исходот од истите. За поплавите што се случија во 2016 година немаше соодветна истрага, ниту постапка за утврдување одговорност и истите беа протолкувани само како природна непогода.

За тужба и Емилија Цветковска се откажала, поради големите процедури, но и да треба да докажува зошто се нашла во тој период на обиколницата, дали правилно возела и дали можела да ја избегне оваа голема непогода.

Елаборати, студии, анализи, вештачења, сведоштва се само мал дел од прибирањето на информации и податоци за тужба.

Според Бојана Божиновска Силјановска, правничка од Македонското здружение на млади правници, доказите од кривични и граѓански постапки претставуваат голем предизвик за луѓето.

Бојана Божиновска Силјановска

правничка во Македонското здружение на млади правници

„Кога се работи за правото на здрава животна средина и правната „одбрана“ на ова право, кое е уставно загарантирано, може да се каже дека не е секогаш едноставно и лесно достапно. На почеток доаѓа лавиринтот од правните прописи, закони, меѓународни договори, надлежности и обврски. Потоа следи знаењето на луѓето и свесноста за тоа што подразбираат нивните права и кои можности ги имаат. Капацитетите на институциите, општините, обвинителството и судовите во поглед на правото на здрава животна средина на граѓаните. Дополнително, најчесто како докази во кривичните и граѓански постапки се потребни: сведочење, инволвирање на  стручни лица, вештачења, анализи и така натаму, кои често се поврзани и со постоечки капацитети, интерес и финансии, што често претставуваат предизвик како за граѓаните, така и за здруженијата на граѓани.“

Македонија има ратификувано над 40 меѓународни мултилатерални договори за различни аспекти од животната средина. Според правничката Бојана Божиновска Силјановска државата нема доволно човечки ресурси кои се занимаваат со оваа проблематика.

„Нашата земја има генерално добро и зрело законодавство, но често праксата и нецелосната имплементација претставуваат причинител на дел од посериозните проблеми. Потпишаните меѓународни договори поврзани со животната средина се ратификувани и инкорпорирани во домашното законодавство. Сепак, државата нема доволно човечки ресурси кои ќе се бават со проблематиката, што е првиот проблем. Но, освен ова пред нас стои и рестриктивното и неправилно толкување на правото,“ кажа Божиновска Силјановска.

Токму од Македонското здружение на млади правници имаат случај поврзан со загадениот воздух од Скопје, нешто што правото предвидува тужба за предизвикана еколошка штета, но и право на здрава животна средина.

„Во решението на граѓанскиот суд во Скопје, за тужбата на МЗМП за загадениот воздух во Скопје, судот истакнува дека членот 9 од Архуската конвенција, се однесува само за пристап до правда за повреди на правото на пристап до информации и правото на учество на јавноста во донесување одлуки. Ова е ограничено толкување на меѓународниот документ кој има поширок опфат на пристапот до правда, а впрочем член 9, став 3 од истоимениот документ гласи: Покрај и без ограничување во однос на процедурите на разгледување, секоја Страна ќе се погрижи субјектите на јавноста (што ги задоволуваат критериумите поставени во националниот закон, доколку истите постојат) да имаат пристап до административните или судските процедури за оспорување на актите и пропустите од страна на физички лица и јавни власти, кои што се наоѓаат во спротивност со одредбите на национлниот закон на таа договорна страна во врска со животната средина,“ истакна Бојана Божиновска Силјановска од Македонското здружение на млади правници.

Според правничката Божиновска Силјановска во светот постои пракса за еколошката пракса, а Македонија треба да се угледа и стреми кон тоа.

„Она што може да се каже, без притоа да се толкува леснотијата или потешкотиите кои настануваат за докажување на еколошка правда е дека во светот веќе постои изградена пракса во поглед на одредени прашања кои ја засегаат и Македонија. Европскиот суд за човекови права, чии пресуди се дел од правото и на нашата земја, има донесено повеќе пресуди поврзани со заштита од загадување на животната средина, пред сè со правото на живот, правото на приватен и семеен живот, правото на имот, правото на ефективен правен лек, забраната за дискриминација и други поврзани права,“ закличи Бојана Божиновска Силјановска од МЗМП. 

Скопје: Градот Феникс склон кон природни катастрофи

Во 2016 година кога се случи страшната природна непогода во главниот град на Македонија, скопјани се присетија на поплавата во 1962 година, која како да беше предвесник на големиот и катастрофален земјотрес во 1963 година. Но, Скопје и претходно имал голем број на поплави. Во книгата „Вардар низ Скопје“ на поранешниот професор на Градежниот факултет во Скопје, Живко Школевски може да се пронајдат информации кои се архивирани од најмалку 11 поплави во Скопје.

Поплава 1778, архивирана во списи од старата скопска митрополија и податоците кога е изграден објектот, каде се посочува подобрата нова локација и начин на градба за да не настрада објектот како во следна поплава;

Поплава 1858 година, документирана од вакуфот кој управувал со Арифбеговиот јаз и водениците, кој пишувал за големите трошоци во санацијата. Документот е виден од страна на Сибиновиќ;

Поплава во 1876 година, најмногу погодено е селото Долно Лисиче кое е целосно разурнато, а жителите целосно се селат во Горно Лисиче;

Поплави во 1895 и 1897 година, во кои најмногу страда центарот на градот, што е и причина за првата регулација на коритото од страна на Хафус паша -скопски валија;

Поплава 1903;

Поплава 1916 година, во која регулацијата помогнала да се спречи излевањето на Вардар на левиот брег, но затоа Скопско Поле било целосно поплавено;

Поплави 1935 и 1937 година, со податоци од водомерни станици во Шишево на реката Треска;

Поплава 1962;

Подигнување на нивото на Вардар 1976 година;

Поплава 1979 година;

*Извор: „Вардар низ Скопје“, проф. д-р Живко Школевски

Фотографии: Државен архив

Скопје е градот со бурна историја, често страдал од природни катастрофи. Во текот на вековите, градот е разорен од земјотреси, поплави и пожари. Секојпат кога Скопје ќе се најде на работ на уништување, неговите жители покажуваат невидена сила и решителност. Секое ново разорување само го потврдува духот на градот кој упорно се обновува. Иако природните катастрофи оставаат траги, Скопје продолжува да се издигнува од пепелот, како феникс, градот секогаш наоѓа начин да се обнови и да се развива. Но колку учиме од минатото и грешките? До кога Скопје ќе треба да се издигнува одново и одново како Феникс, наместо да се грижиме постојано за него за да не доаѓа до сечење на природна вегетација, неодржување на одводни канали, пропусти на патишта, обиколници и така натаму. До кога градот убав пак ќе никне заборави?

Извор: Град Скопје, песна: „Скопје радост ти ќе бидеш“, Златно славејче

Користена литература и материјали:
Државен архив на Република Македонија;
Уредбата на Владата за начинот на работа на комисиите за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, епидемии, епизоотии, епифитотии и други несреќи; Закон за заштита од природата; Книга „Вардар низ Скопје“, проф. д-р Живко Школевски; МАРХ – Македонска АРХитектура;

Facebook
Twitter
LinkedIn