Македонија и ова лето се соочува со серија пожари на отворено, кои опфаќаат шуми, пасишта, земјоделски површини. За еден ден се регистрирани 14 пожари низ државата.
Најсериозна е состојбата на пет локации каде пожарите сè уште се активни. Во општините Студеничани и Зелениково, пожарот зафаќа мешана шума во близина на селата Моране, Вртекица, Рамни Габер со крак кон Палиград, како и над селото Вражале.
Серијата пожари низ државата повторно го отвора прашањето за подготвеноста на институциите да се справат со пожарите во летниот период, кога температурите се високи, а сушата и сувата вегетација создаваат услови за брзо ширење на пожарите.
Но, овогодишните пожари не се изолиран случај. Статистиката покажува дека пожарите во земјава во последните години стануваат почести, а последиците – сè поголеми.
Сериозeн проблем стануваат пожарите во Македонија секоја година
Според анализата на Центарот за управување со промени, проблемот со пожарите во земјава станува сè посериозен. Од 2005 година наваму, шумските пожари зафатиле 10,39 проценти од територијата на државата, а анализата укажува дека постојниот пристап кон пожарите е претежно реактивен, со фокус на интервенцијата, додека превенцијата, раното предупредување и подготвеноста сè уште не се доволно системски вградени.
Македонија е изложена на низа природни и од човек предизвикани опасности, меѓу кои најчести се поплавите, пожарите, екстремните температури и олујните невремиња. Како „жешка точка“ за климатските опасности, земјата сè повеќе се соочува со последиците од климатските промени, кои влијаат врз природата, економијата и животот на граѓаните, покажува анализата на ЦУП.
Проблемот, сепак, не се однесува само на шумските површини. Пожарите на отворено се најчести, но противпожарните единици секоја година интервенираат и во урбаните средини, што дополнително го оптоварува системот за заштита и спасување.
Шумските пожари и пожарите на отворено се зголемуваат по зачестеност и последици, а само во 2024 година 250 пожари зафатиле 97.660 хектари, односно 3,8% од вкупната територија на државата.
Во изминатите 20 години пожарите предизвикале штета од приближно 177 милиони долари и уништиле 18% од вкупната површина под шуми.
видеото е оригинално објавено на: 30.07.2022 г.
Во пораст се и пожарите во урбаните средини – во 2024 година противпожарните единици интервенирале на 2.261 пожар.
Најголем број на пожари во државата се случуваат на отворени површини и на шумски површини, додека помал е бројот на пожари во урбани средини. Така на пример, според податоците за 2024 година, територијалните противпожарни единици најмногу интервенирале при појава на пожари на отворен простор (4,561), на шумски пожари (1,467), а најмалку на урбани пожари (2,261) (Михајлов: 16-17, 2025). Со оглед на тематскиот фокус на истражувањето за овој документ на јавни политики подолу во текстот се дадени податоци за шумските и пожарите на отворен простор.
видеото е оригинално објавено на: 01.08.2024 г.
Со речиси 40% пошумена територија, Северна Македонија има натпросечен степен на пошуменост во европски рамки. Според податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година, шумите зафаќаат 1.027.065 хектари, при што околу 90% се во државна сопственост.
„Според Документ за јавни политики Справување со шумски и други пожари во Република Северна Македонија – правна, стратешка и институционална рамка 11 податоците на Државниот завод за статистика за 2024 година3 , вкупната површина под шуми изнесува 1,027,065 ха, од кои листопадни насади опфаќаат површина од 607,843 ха, иглолисни 62,934 ха, мешовити 315,426 ха и деградирана шума со површина од 41,062 ха. Во контекст на планските региони, најмногу површина под шума се наоѓа во Пелагонискиот регион (196,253 ха), потоа во Југозападниот(195,497 ха), Источниот(148,058 ха) и Југоисточниот(142,379 ха), а следуваат Скопскиот (93,155 ха), Вардарскиот (91,254 ха), Полошкиот (83,317 ха) и Североисточниот регион (76,992 ха). Што се однесува до видот на сопствената, шумите во државна сопственост доминираат, зафаќајќи приближно 90% од вкупната површина под шуми и 92% од вкупните дрвни резерви. Од друга страна, приватните шуми се со површина од приближно 10% се вкупната површина под шуми се екстремно фрагментирани, бидејќи се распоредени на над 200,000 парцели, во сопственост на околу 65,000 домаќинства и со просечна големина од само 0.6 хектари по домаќинство. Оваа висока фрагментација претставува клучен предизвик за одржливото управување со приватните шуми, значително отежнувајќи ја ефективната заштита од шумски пожар.“ – стои во анализата на ЦУП.
Во последните две децении шумските пожари во се карактеризираат со голема варијабилност, но и со сè поизразени екстремни години, во кои се бележат огромни опожарени површини и материјални штети. Податоците за периодот 2005–2025 година покажуваат дека, покрај бројот на пожарите, расте и нивниот интензитет, што го зголемува ризикот за природата, населението и економијата.
Дали може да се спречат пожарите?
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, уште во мај месец укажа дека треба да се премине во реактивно гаснење кон долгорочно управување со пределот, бидејќи голем дел од пожарите во регионов се поврзани со човечки активности. Министерството препорачува:
- Редовно чистење на сувата вегетација која е лесно запалив материјал околу шумите патиштат и населените места;
- Да се создава и одржува противпожарни појаси;
- Расчистување на шумските патишта;
- Рано откривање на пожарот преку камери, дронови, систем за автоматско детектирање час и топлински точки;
- набљудувачи на критични локации;
Но, една од најважните и клучни фактори е и построга контрола, како и гонење за сторено кривично дело. Лани, имало само 4 правосилно завршени судски постапски за кривичното дело „Пустошење шума“. Предметите често завршуваат како прекршоци, а ниски парични казни каде незаконската сеча останува профитабилна.
Секое лето ја гледаме истата слика, изгорени шуми, уништени домови и ангажирање на голем број на пожарникари на терен. Прашањето не треба секоја година само да го поставуваме како да го изгаснеме пожарот, туку што треба да направиме за да ја спречиме катастрофата?
Потребна е превенција, рано откривање, одржување на шумите, опрема, обучени луѓе и најважното е координација меѓу самите институции. Затоа што во борбата со пожарите, најважната интервенција е онаа што се случува пред да се појави првиот пламен.