Македонија се вжештува – последни 10 години за акција

Извесно е дека нè очекува пожешка клима, но што можеме да направиме ние? Колку земјава има капацитет да се справи со амбициозните агенди за климатска акција во новата мултимедијална сторија на Види Вика.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Ристе Миновски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска
climate road landscape people

Глобалното затоплување ја засега целата планета. Овој проблем скоро секоја година ги обединува светските лидери, но се чини дека последицте од климатските промени се неизбежни доколку не се преземат сериозни мерки. Зголемување на температурата, пад во врнежите, израмнување на просечните месечни температури при преодот зима и пролет, се дел од  предвидувањата за што ќе и се случува на Македонија до 2100-та година.

Но не треба да поминат уште 80 години за да се почувствуваат ефектите од глобалното затоплување. Тие веќе се случуваат. Годинава, на девет локации т.н. „урбани топлотни острови“ во Скопје се измерени температури до 55 степени целзиусови. Највисоката од 60,3 е измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар. Градот се обврза дека на деветте локации ќе постави заштитни стреи со цел да го намали ефектот на топлотните острови.

За промените предизвикани од климатските промени, потврдува и тоа дека во последните три децении, просечната годишна температура во земјава се зголемила за два степени. Податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), измерени од Управата за хидрометеоролошки работи, покажуваат дека просечната средногодишна температура на воздухот во Скопје за периодот 1981-1990 година изнесувала 12,6 степени. 

Во 2019 година, мерењата покажуваат рекордно отстапување од 2 целзиусови степени. Слична е ситуацијата и во најтоплиот град во земјава, Гевгелија, каде што просечната средногодишна температура бележи пораст од 2,5 степени.

Според Елена Николовска од граѓанската организација Еко Свест, државата мора да примени мерки коишто ќе бидат локално дизајнирани и прилагодени на новонастанатите климатски услови. 

Мерките треба да придонесат за спречување на поголеми штети и загуби на ресурсите во животната средина. Ова би значело ставање приоритет на заштита и мерки за унапредување на водните ресурси, здравството и земјоделието, како и системот за управување со кризи.

„Мора да разбереме дека отстапувањата на просечните температури во нашата земја се последица на зголемувањето на глобалните температури, потребни се засилени напори за ублажување од сите земји во светот. Кога станува збор за урбаните средини, ние едноставно мораме да ги зголемиме зелените површини и тоа да бидат повеќе функционални зелени површини, а не трева и ниски грмушки. Градот станува еден голем топлотен остров, а животот во него невозможен. На долг рок мора да се планира живеење и производство на храна во екстремни климатски услови“, вели Николовска.

Часовникот отчукува – светот има уште 8 години за акција

Месецов, повеќе од 100 светски лидери се обврзаа дека до 2030 година ќе стават крај на уништувањето на шумите, во првиот голем договор на 26-та Конференција на страните кон Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени (COP26) во Глазгов. Домаќини на самитот беа Велика Британија и Италија. Целта на самитот е да се покрене на повисоко ниво она што беше поставено како таргет во Парискиот договор.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, истакна дека отчукува последниот час за запирање на климатските промени.

„Или ние тоа ќе го запреме или тоа ќе не запре нас. И време е да се каже – доста. Доста беa самоубиства со јаглерод. Доста е да се однесуваме кон природата како кон тоалет. Доста беше согорувања, бушења, рударења, се подлабоко и подлабоко. Сами си копаме гробови“, потенцираше генералниот секретар на ОН Гутереш.

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски, беше дел од COP26 во Глазгов и пред светските лидери ја презентираше амбициозната агенда на Македонија за учество во климатската акција. Поддржувајќи го Европскиот зелен договор, подготвени сме со нашиот удел да придонесеме Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година, рече Пендаровски. 

„И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел, ги усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82% во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа“, рече претседателот Пендаровски во своето обраќање.

Самитот се одржуваше во период кога Обединетите нации (ОН) го објавија последниот извештај за емисиите на штетни гасови кој алармира дека на Земјата и се заканува пораст на температурата за 2,7 степени до крајот на векот.

„За да го ограничиме глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, имаме осум години за речиси да ги преполовиме емисиите на стакленички гасови: осум години да направиме планови, да воспоставиме политики, да ги спроведеме и на крајот да постигнеме намалување“, предупредија од ОН.

Парискиот договор нè обврзува на стратегии, но и нивна имплементација

Порастот на температурите го отвора прашањето дали земјата ги исполнува обврските за кои се залага преку потпишувањето на Парискиот договор за климатски промени. Со овој потпис, земјата пред шест години се обврза дека ќе го одржува зголемувањето на глобалната просечна температура под 2 целзиусови степени.

„Сметам дека ние сè уште не сме го сфатиле Парискиот договор сериозно бидејќи сè уште немаме климатска акција пренесена во конкретни закони и подзаконски акти. Иако годинава донесовме навистина амбициозни национални придонеси кон клима, сепак недостасува планирање и волја да се направи повеќе за да обезбеди навремена имплементација на овие амбициозни документи“.

Елена Николовска, Еко Свест

Од друга страна пак, претседателот Пендаровски на COP26 истакна дека земјава креирала 63 политики и мерки за ублажување на климатските промени кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој.

Во стратешката рамка за климатски промени на национално ниво спаѓаат стратешките документи, националните акциски планови и програми кои содржат аспекти поврзани со климатските промени. Ќе наведеме само дел од нив:

„МЖССП има направено доста квалитетни документи со добра стратегија, што значи имаме амбиции и има зелено сценарио. Но нема имплементација на тие стратегии, затоа што самата имплементација паѓа на локалната самоуправа, односно капацитетите на општините и јавните претпријатија. Но свеста, знаењето и капацитетите на вработените е многу мало“, смета Блаже Ковачевски oд еко организацијата Гоу Грин.

Ковачевски додава дека не само државата, чија обврска е да обезбеди одржлива животна средина, туку и секој поединец може да придонесе со своите одлуки, а со тоа и да ги креира и менува политиките. Според Ковачевски, најважна е правилната едукација која во нашиот формален образовен систем го нема доволно застапено образованието за климатски промени.

Ваквата состојба се менува, уверуваат од Министерството за образование и наука. Од таму, во одговор за Види Вака велат дека екологијата добива се поголемо значење во процесот на националниот образовен систем, кој започна оваа година во основното образование. 

„Новата Концепција за основно образование предвидува интегрирање на оваа и низа други теми кои во минатото биле запоставени, во сите предмети кадешто тоа е можно, како би се зголемила свеста за важноста на ова прашање и децата уште од најрана возраст да се едуцираат во оваа насока, а со тоа и би се зголемил интересот за понатамошна надградба во областа и на повисоко академско ниво“, велат од МОН. 

Ублажувањето на климатските промени ќе зависи од придонесот што ќе го даде целиот свет

Во последниот извештај на Меѓународниот панел за климатски промени објавен од Обединетите нации, научниците предупредија дека човечките активности ја менуваат климата на Земјата на начини какви што не се видени илјадници, ако не и стотици илјади години, при што некои од промените се неизбежни и неповратни. 

Според наодите на извештајот, температурите до 2040-та година според сите сценарија за емисија, ќе достигнат раст од 1,5 Целзиусови степени над нивото забележано во периодот од 1850-та до 1900-та година. Драматичните црни проценки на ИПЦЦ се дека Арктикот најверојатно ќе биде без мраз до 2050-та година.

Во таа насока Панелот за климатски промени на ОН препорача државите да подготват „буџети за јаглерод диоксид“, односно пресметки уште колку CO2 може да создаваат истовремено ограничувајќи го глобалното загревање на 1,5 степени Целзиусови. 

Во Македонија, најголем дел од емисиите на стакленички гасови ги предизвикува секторот енергетика. Ова е резултат на тоа што во секторот главно се користат фосилни горива, најмногу јаглен, со што се задоволува над 80% од вкупната побарувачка за енергија.

Пред шест години, во 2015 година земјата ги достави своите национални Придонеси за намалување на емисиите на стакленички гасови, како 23 земја во светот. Покрај тоа, државата се обврза дека до 2030 година, ќе ги намали емисиите на CO2 за 30%, односно за 36% со повисоко ниво на амбиција, во споредба со вообичаеното сценарио.

На Климатскиот самит во Глазгов беа најавени 27 нови членки на Алијансата за напуштање на јагленот со што вкупното членство се зголеми на 164 земји, градови, региони и бизниси кои преземаат решителни активности за да ги исполнат своите домашните обврски за постепено укинување и соработка цо цел забрзување на глобалната транзиција од јаглен кон чиста енергија.

Facebook
Twitter
LinkedIn