Росица К. од Велес беше избодена до смрт од нејзиниот поранешен партенр И.С кој истиот ден го уби нејзиниот татко и изврши самоубиство.
„Се случи уште еден фемицид и сите надлежни институции, кои со години игнорираат, минимизираат, релативизират, потикнуваат и дозволуваат континуирано насилство врз жените се виновни. И полицијата и Центрите за социјална работа и обвинителството, и судовите“ – порачаа граѓаните на протестот „Ниту една повеќе“ во Скопје, протестирајќи пред МВР и марширајќи до паркот „Жена борец“, по што следуваше блокада пред Собранието.

„Каде да се обратиме кога системот нѐ убива?“ – прашаа присутните на протестот посочувајќи на игнорантниот однос на институциите кон жртвите на насилство кои доведоа до уште еден фемицид.
Убиството на 31 годишната Росица поттикна протести во Скопје под мотото „Ниту една повеќе“
„Изборот да му се верува на насилникот наместо на жртвата, директно придонесува до ескалација на насилство. Сексизмот, мизогинијата, секоја наивна шега за силување, геслајтингот, вознемирувањето, објективизирањето и обезбреднувањето на женските тела и животи се дел од оваа култура која ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и дека имаат право и слобода да ги последуваат па дури и одземат нашите животи“ – се истакна на протестот.
На протестот граѓаните побараа одговорност од институциите, да престанат да се игнорираат пријавите од жените и да се преземат конкретни мерки за заштита на жртвите пред да биде предоцна. Овој случај повторно го отвора прашањето на системската неодговорност – како судовите и обвинителствата, така и од полицијата, во превенција на родово и партнерско насилство.
„Денес е Росица, утре може да биде и мојата ќерка. Но денес покрај тоа што жалиме дојдовме и да прашаме – до кога? До кога институциите ќе молчат кога жените повикуваат на помош? До кога пријавите ќе остануваат на хартија додека животите исчезнуваат? До кога жените ќе бидат оставени сами да се борат против „посилната страна“? Бараме одговорност, бараме итна заштита на жртвите, бараме систем кој ќе реагира веднаш, кој ќе гледа на секоја пријава како на човечки живот. Нека Росица не биде заборавена, нека нејзиниот живот не биде изгубен залудно, нека нејзината смрт биде искра што ќе го запали огнот на промена“ – апелираа граѓаните на протестот за уште еден фемицид кој можеше да биде спречен.
Институционална одговорност, санкции за службените лица кои не постапуваат, законска рамка и стратегии за превенција, имплементација на законите за фемицид, како и Национална стратегија за превенција и заштита од фемицид – се некои од барањата на граѓаните во насока да се превенираат фемициди во иднина.
„Бараме оставки на одговорните службени лица и покренување дисциплински постапки против полицајци, обвинители, судии и Центри за социјална работа кои не постаппиле за пријавите за насилство и закани по овој и слични случаи. Бараме формирање независна истрага за институционалните пропусти во случајот. Јавното обвинителство мора да открие кој дозволил кршење на издадени мерки за заштита и зошто не биле спроведени постоечките протоколи“ – побараа присутните.
И од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побараа низа мерки кои треба да се преземат:
Бројните пријави не ja заштитија Росица од насилникот
Основното јавно обвинителство Велес објави дека Росица во текот на оваа година неколку пати го пријавувала Илија, имал забрана за доближување до неа, но и покрај тоа не добила соодветна заштита од институциите.
Шест дена пред да ја убие поранешната партнерка, на осомничениот за овие дела му беше изречена условна казна, а добил само забрана за приближување и контакт со жртвата и нејзиниот партнер.
„Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството сè уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба“ – стои во соопштението на ОЈО Велес.
Основното јавно обвинителство Велес ги објави делата за кои Росица со години го пријавувала нејзниот поранешен партнер, сега убиец И.С.
Против убиецот биле покренати постапки за закани и насилство, потврди Основното јавно обвинителство Велес. Жртвата повеќепати го пријавувала поранешниот партнер за насилство и непочитување на судска забрана, како и за запален автомобил на нејзиниот татко – сепак институциите уште еднаш пропуштија да го заштитат животот на една жена.
„Згасна млад живот кој можеше да биде заштитен. Росица не е бројка, ниту статистика, таа беше жива душа. Оваа трагедија не е само нејзина, таа е општествена. Не е виновен само сторителот виновни се институциите, родителите, пријателите и секој кој ја знаел неговата состојба, а оставил се тоа да се нормализира“ – порачаа на протестот во Скопје.
За пет години најмалку 20 фемициди се случиле во Македонија
Фемицид беше воведено како посебно кривично дело во Македонија во 2023 година, а оттогаш до ден-денес се изречени само две доживотни казни затвор.
Заедничко за голем број од фемицидите е историјата на насилство кои жените го трпат со години, како и закани по животот, а од друга страна пак многу често пријавите на жртвите не се третираат со сериозност и итност, а пропустите на надлежните за проценка на ризикот за безбедноста доведува до фемициди.
Жените во Македонија игнорирани до смрт од институциите
Фемицидот на Росица е уште едно болно потсетување дека повиците за помош често остануваат игнорирани од институциите кои треба да ја заштитат жената. Уште еднаш се разоткри суровата реалност дека системските пропусти чинат животи во Македонија, додека институциите молчат жените остануваат незаштитени.
„Види Вака Раскажувачкото Студио“ во самостојна продукција го изработи видеото „Сам си го барал“ во кое испрати силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.
Затоа што ниту една жртва, сама не си го бара!