Ненавремено исплаќање и ниска парична вредност на алиментација, семејно насилство, несоодветни услови за живот, се дел од проблемите со кои се соочуваат еднородителските семејства и млади во Македонија. Но, за да ги остварат своите права, неопходно е да бидат дефинирани со закон.
Самохран родител е родител кога другиот родител е починат, исчезнат, во затвор или му е одземено родителството право. Еднородителско семејство е кога родителите се разведени или се невенчани партнери.
„Во ниту еден закон сè уште како деца и млади од еднородителски семејства не се наоѓаме по дефиниција, исто како што и еднородителските семејства сè уште не постојат по дефиниција, иако политичарите и воопшто во јавниот живот се користи овој термин, доколку пробате да побарате во законите нема никаде да го најдете“, вели Елена Божиновска, една од авторите на првата брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства.
Во македонското законодавство сè уште не е дефиниран терминот еднородителско семејство, постои само терминот самохрани родители.
„Законот за вметнување на еднородителското семејство во Законот за семејство е од итна потреба од 2016 година, понатаму отворена е дебата во 2018 година. Сега сме 2023 година без конкретен и завршен Закон. Со самиот закон ќе се покрие огромен број на проблеми, предизвици кои се соочуваат овие млади, со неплаќањето алиментација и многу други работи,“ изјави Станиша Станковиќ, автор на првата брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства..
26.000 семејства се самохрани мајки со најмалку едно дете под 25 години, а над 9.000 семејства се самохрани татковци со најмалку едно дете под 25 години, покажуваат податоците од Пописот на население во 2021 година.
Покрај тоа што еднородителските семејства и децата и млади од еднородителски семејства не се дефинирани во оваа држава, тоа не е единствениот проблем со кој се соочуваат овие граѓани.
„Губење на родител, тежок развод или семејно насилство може да имаат сериозни импликации врз понатамошниот раст и развој на децата. Младите често се чувствуваат отфрлено, несигурно во себе, но многу често се појавува и булингот од страна на врсниците токму поради овие причини,“ додава Божиновска.
Овие семејства најчесто се соочуваат со финансиски потешкотии, што значи дека децата обично имаат еден издржувач или пак многу често родител кој не плаќа алиментација доколку се работело за развод на брак или пак воопшто не фигурира во животот на тоа дете, што може да предизвика вистински тежини и потешкотии за родителот којшто го одгледува тоа дете да му ги обезбеди дури основните потреби за развој и раст.
Заштита на еднородителските семејства во другите земји
„Најблиска земја кајшто е дефинирано еднородителското семејство е Хрватска. Што се однесува до заштитата на овие семејства се разбира скандинавските земји, тоа се Шведска, Финска, Данска, каде што си имаат посебни закони, посебни фондови и посебна комуникација со родителите, со начинот на воспитување, начин на нивно растење, развивање, па потоа можностите за средно образование, факултет, но и нивна надоградба дали формално или неформално образование.“ појаснува Станковиќ.
Според податоците на Еуростат, во земјите од Европската Унија во 2020 година најмногу еднородителски семејства имало во Шведска (34%), Данска (29%), Естонија (28%), Латвија и Летонија (по 25%) и Франција (21%).
Со цел подобар живот и еднаквост во општеството, децата од еднородителските семејства бараат нивна дефиниција во законот, национален регистар за самохрани родители и еднородителки семејства, бенефиции и попусти од јавен карактер со цел елиминирање на дополнителни трошоци, формирање на дневни центри за овие деца и млади, со што родителите така ќе можат да одат на работа и да ги издржуваат своите семејства.
„Построги казни за оние коишто не плаќаат алиментација и ригорозни казни за оние коишто се сторители на семејно насилство. И како последно би го издвоила намалена партиципација или пак целосно укината партиципација во високо образовните институции без никакви услови и да биде за сите деца и млади од еднородителски семејства без разлика кој тип на семејство е или пак колку се примањата во тоа семејство, бидејќи сепак се работи за семејство каде што издржувач е еден родител,“ потенцира Божиновска.
За поддршка на децата и младите од самохрани и еднородителски семејства, Станиша Станковиќ заедно со Елена Божиновска ја направија првата брошура за деца и млади од самохрани и еднородителски семејства, која ги содржи сите права и можности на децата и младите од самохрани и еднородителски семејства кои се пропишани со закон, уредба и правилник. Достапна е онлајн на македонски, албански и англиски јазик.
Елена и Станиша веруваат дека промените се возможни, само потребен е поголем слух од институциите и што поскоро нивните права да бидат дефинирани со закон. Со дефинирањето животот на еднородителските семејства ќе стане полесен и ќе се намалат негативните трендови кај овие семејства како што е ненавремено исплаќање и ниска парична вредност на алиментација, семејно насилство и несоодветни услови за живот.