Државата убива селективно, но ефективно

Имињата на Мемет Камбер и Тони Сали ќе останат како симбол на неправда, симбол на неостварени сништа и симбол на изгубен млад живот. Државата и нејзиниот систем се одговорни за не пронаоѓањето на решенија и за изгубените млади животи.
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Тања Рибарска
Продукција: Види Вака
македонија

27 мај 2021 година, се расчу вест дека во Шуто Оризари почина 19-годишниот матурант Тони Сали. Две години подоцна, само неколку дена пред смртта на Сали, на 23 мај 2023 година почина 20-годишниот Мемет Камбер.

Истиот ден, нивните букви од името и презимето се најдоа во службената евиденција на МВР, но Тони никогаш не дочека до нeговото име да стојат 13 бројки од единствениот матичен број, а Мемет не ги дочека бројките од личната карта.

Тони Сали и Мемет Камбер освен што во исти месец починаа, делеа и иста судбина, немањето на здравствена книшка ги лиши од редовни прегледи. Тие беа во постојана борба со институциите да се стекнат со документи, но тие документи нив ги чинеше и живот.

Државата ги убива луѓето без документи

„Добар ден, дали би сакале да го купите новиот број на списанието „Лице в лице“?

Фото: Лице в лице

Вака Мемет Камер како продавач на списанието „Лице в лице“ уште од 2019 година во неговото омилено Дебар Маало, секојдневно ги прашуваше минувачите дали сакаат да го купат списанието. Сѐ до 20-ти мај, кога во саботата попладне во неговиот дом во Шуто Оризари му се слошува. Тогаш Мемет паѓа во бессознаение и веднаш е однесен и хоспитализиран во КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување).

Мемет Камбер или Пижо како што го викаа најблиските, уште од мали години започнал да оди во Дневниот Центар за деца на улица во Шуто Оризари. Како што велат од Центарот, таму заедно растеле и ги учеле позитивните и добрите вредности во животот. Но приказната на Пижо има тажен крај, неговата здравствена состојба се влошува и доаѓа до „висок неизмерлив шеќер за кој и самиот тој и неговите блиски не беа свесни и запознаени за неговата состојба,“ посочија од Дневниот Центар за деца на улица во Шуто Оризари.

Мемет Камер ги имаше 13 бројки од единствениот матичен број, првиот извод го доби на 29.11.2013 година. Но му недостасуваше еден друг значаен документ – лична карта. Причината што Мемeт не можеше да извади прва лична карта е поради честото менување на локацијата на живеење на неговата мајка, што за жал таа со години беше недостапна и за Мемет. Државата не можеше да ја лоцира неговата мајка, но затоа на Мемет му бараше имотен лист со кој ќе се утврди точната адреса на живеење. Но, Мемет немаше имотен лист бидејќи живееше во нелегализиран објект.

Мемет во продажба на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, беше вклучен од 2019 година. Од „Лице в лице велат дека тој бил комплетно работоспособен, но токму немањето на лична карта го оддалечуваше од пазарот на труд.

„Интересно беше, што и покрај тоа што е растен со низа предизвици кои доѓаат од контекстот во кој растел и живеел, сепак тој беше многу свесен дека единствен начин достојно да заработува е да се вработи. Имаше навистина голема желба да извади лична карта и покажуваше голема проактивност во однос на ова прашање. За жал, не го дочека тој ден, да конечно има личен документ со фотографија и системот да го запознае така. Ние одлучивме да не го оставиме така и да му дадеме соодветна поддршка, затоа два пати го вклуливме во процес на социјално менторство. Мемет низ процесот се стекна со работни навики и работни вештини, но за жал не и со документи за евентуалното вработување да биде и регуларно, односно регистрирано во АВРМ. Ниеден од условите кој нашиот закон ги налага при вадење на лична карта, за жал, Мемет не го исполнуваше,“ истакна Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјална менторка за работна интеграција во „Паблик“.

И додека Мемет во државните лавиринти беше заглавен и чекаше да добие лична карта, а со тоа во Фондот ќе се стекнеше со статус на осигурено лице, здравјето на Мемет не чекаше.

На 20-ти мај, тоа му беше прво, но и последно влегување во здравствена установа.

Шуто Оризари општина со голем број на лица без документи

Вкупно 135 лица од жителите во општина Шуто Оризари се без лични документи и државјанствo, овој податок го добивме од ГО ИРИЗ Скопје.

Овие граѓани секојдневно се соочуваат со голем број проблеми и предизвици (здравствени, материјални, работнички…) поради немањето на лични документи.

Дневниот Центар за деца на улица во Шуто Оризари, Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ и „Лице в лице“ се во постојана комуникација и соработка. Секојдневно во нивното опкружување им се лицата без документи и бездржавјанство.

Во моментов во Дневниот Центар за деца на улица работат со 24 деца кои имаат лична документација, бидејќи истите требаат да добијат Решение за користење на социјална услуга Дневен престој за деца во ризик / деца на улица. Но имаат и членови (деца) од семејства кои немаат лична документација, а со тоа не можат да ги остварат правата од областа на детска и социјална заштита.

Лица без документи има и помеѓу продавачите на списанието „Лице в лице“. Еден од нив е Сухамед Мемиши (23), тој има извод, но не може да извади лична карта поради починатиот татко и мајка му која живее во друга држава. А другиот продавач е помалиот брат на Мемет, Сунај Камбер роден 2005 година кој нема извод.

Административните лавиринти чинат живот

Лицата без документи и бездржавјанството е генерациски проблем. Државата со години не успеа да пронајде решенија за овие луѓе.

Во Македонија околу 700 лица се правно невидливи. Од Министерството за труд и социјална политика на прашањето како да се најде решение за овие лица и законски да се обезбедат нивните права, одговорија дека потребни се измени во Законот за матична евиденција, но тоа е во надлежност на Министерството за правда. 

Видеото оригинално е објавено 15.2.2018 година.

„Нема да обвинам никој, но работејќи со лица без документи, би кажала дека најмалку се виновни тие кои го немаат документот, а тие највеќе ги трпат последиците. Секогаш кај оваа целна група причините се исти или слични. Се родиле во домашни услови и не биле навремено заведени во матична книга на родени, или пак се работи за напуштени деца со навистина тешки животни околности, несоработливи или воопшто недостапни родители од една страна и нефлексибилен систем од друга страна“, кажа Магдалена Чадиноска Кузманоски, социјална менторка за работна интеграција во „Паблик“.

Според податоците за неевидентирани лица во матичните книги на родени од Управата за водење на матични книги, вкупниот број на лица за кои е пополнет прашалник за упис во посебна матична книга на родените изнесува 539. Вкупен број на лица запишани во посебна матична книга на родените, а воедно и издаден извод од посебна матична книга на родените е 317 лица. Додека бројката на лица запишани во матична книга на родените, а воедно и издаден извод од матична книга на родените изнесува 30 лица.

Извор: Управа за водење на матичните книги

Станување правно видлив е долг процес

Иста таква битка за стекнување на лични документи како Тони Сали и Мемет Камбер имаше и нивниот сограѓанин од Шуто Оризари, Валентин Ракип.

Случајот со Валентин имаше среќен крај, тој после 20 години успеа да стане правно видлив во државата.   

Македонското здружение на млади правници со случајот на Валентин се запознаа во 2011 година, кога започнаа да го спроведуваат проектот за бездржавјанство во партнерство со УНХЦР. Оттогаш почнаа да водат три постапки за Валентин.

„Првата беше за упис во матична книга на родени, се реши тој проблем меѓутоа се отвори проблемот со државјанство, кажав дека Валентин е дете од мешан брак. Поради несреќен сплет на околности мајката не беше тука за да ги запише децата во српско државјанство, се обидовме ние да ги запишеме во српската амбасада, не успеавме. Таткото веќе беше починат, не можеше да признае татковство, меѓутоа во целава оваа несреќна ситуација среќна околност беше што успеа таткото за време на животот да признае само едно од децата, значи да добие детето навремено извод од матична книга на родени и да биде утврдено македонско државјанство. Согласно нашите прописи ние можевме за Валентин, и тоа го сторивме, започнавме паралелно две постапки. Првата беше да регулира престој како странец тука, бидејќи во тој момент тој беше лице бездржавјанство, тој и неговите браќа и сестри. Започнавме постапка за регулирање на престој како странец, меѓутоа истовремено започнавме и судска постапка за утврдување на татковство. Постапката за регулирање престој сѐ уште трае, меѓутоа во меѓувреме тој си доби македонско државјство, се утврди судски татковството и сега треба да добие и македонска лична карта,“ посочи Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници.

Случајот со Валентин имаше премногу комплиции за тој да стане правно видлив пред светот.

„Валентин е еден од победниците кога зборуваме за лицата без документи, затоа што тој всушност ги имаше сите компликации кои можат да се појават и во однос на документите, но и во однос на контекстот, но на крајот сепак успеавме со здружени сили и со соработка и со други организации, за Валентин да извадиме матичен број и регуларен извод од матична книга на родени,“ истакна социјалната работничка во „Паблик“, Магдалена Чадиноска Кузманоски.


Сепак среќата на Валентин и ден-денес е нецелосна. Веќе девет месеци откако доби единствен матичен број и извод на родени, системот покажа колку е бавен.

„За жал, системот уште еднаш покажа колку до ситници се почитуваат сите правила кога незаштитените лица се во прашања, за разлика од оние другите кои се попривилегирани. Валентин сѐ уште чека лична карта. Нехумано е како општество што дозволуваме единствена желба на млад човек без документи е да извади документи. Ова треба да им биде овозможено на сите, па да оставиме да сонуваат за поголеми работи, а не за овие кои треба да им бидат загарантирани. Во случајот на Валентин, треба да се реши постапката за добивање на имотен лист и јас се согласувам дека треба да ги почитуваме регулативите, но не се согласувам дека тие треба толку долго да траат. Постапката е почната, па искрено се надевам дека што побрзо ќе има разврска и неговиот случај,“ посочи Магдалена Чадиноска Кузманоски од „Паблик“.

Видеото оригинално е објавено 8.4.2023 година.

 „Сите луѓе се еднакви, но некои луѓе се поеднакви од другите!“

Имињата на Мемет Камбер и Тони Сали ќе останат како симбол на неправда, симбол на неостварени сништа и симбол на изгубен млад живот.

Државата и нејзиниот систем се одговорни за не пронаоѓањето на решенија и за изгубените млади животи.

Но државата треба што поскоро да најде решение и за останатите лица без документи и бездржавјанство. Системот треба да стане пофлексибилен за овие лица. Активистите и невладиниот сектор посочуваат дека потребни се итни измени и дополнувања во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалишта. Но пред сѐ, потребна е меѓуинституционална и меѓусекторска соработка, за да им се олесни процесот на вадење на лична документација.

Македонија се покажува како орвеловска држава во која сите луѓе се еднакви, но некои луѓе се поеднакви од другите. Орвеловската придавка за изразување незадоволство стана секојдневие во многу сфери во Македонија, каде од ден на ден се покажува како животот на некои луѓе е далеку од еднаков со другите.

Facebook
Twitter
LinkedIn