Драгица Најческа – Жената што го внесе женскиот глас во македонскиот роман

Првиот роман напишан од жена на стандарден литературен јазик во Македонија, симболично го носи насловот „Пеперуга со натопени крилја“, со што го опиша патот на книгата како тешкиот лет на една пеперуга со натопени крилја. Но, тој тежок лет не беше невозможен и не можеше да ја запре Драгица Најческа.
Автор: Христина Ѓорѓиевска Илиевска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака
Драгица Најческа

„Пишувам само затоа што во мене постои глас што не може да замолчи!“

Вака американската писателка Силвија Плат напиша во писмата до својата мајка. Оваа епистоларна литература од Плат е дел од книгата „Letters Home“ која е напишана во период кога имала околу 18 години, па сè до зрелоста.

Во средношколските денови, исто како и Силвија Плат, не може да го замолчи гласот во неа и започнува да твори – Драгица Најческа. Првата жена која ги постави темелите на женското перо на современ македонски јазик преку својот роман „Пеперуга со натопени крилја“ кој го издава во 1969 година. Таа на свои 93 години сè уште неуморно твори и дава значаен белег во македонската литература.

Повлечи на десно за да прочиташ повеќе.

Во македонската, но и во светската книжевност, долго време доминирале машките поети и писатели. Жените постојано биле стигматизирани и нивната борба да бидат слушнати, не била лесна. Драгица, сепак, одлучува својот немирен глас да го преточи на хартија и да му противречи на тој поредок. 

Уште на своја 14-годишна возраст, Драгица Најческа го прави првиот обид да напише расказ и така, сосема случајно го открива талентот и големиот порив за пишување.

На 16 и 17 години во средношколските денови во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје ги пишува првите раскази. Нејзиниот прв расказ е објавен во првото списание за литература „Иднина“ во 1950 година. Ова списание го уредуваше поетот Ацо Шопов. Потоа расказ на Најческа беше застапен и во „Антологијата на македонска проза“ од проф. Харалампие Поленаковиќ. Како и во антологијата „Современа македонска проза“, на српски јазик, составена од писателот Сафет Бурина.

Драгица Најческа

„Уште во средношколските денови тие објави многу ме насочија и ме охрабрија да продолжам да пишувам. Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ имавме навистина добри професори, особено по македонски јазик. Професорот брзо забележа дека сум повеќе наклонета кон литературата и често ми даваше да анализирам класични дела од светската литература, да ги толкувам ликовите и да ги изнесувам своите мислења. Професорот дури ме „натера“ да учествувам на натпревар за млади писатели во средните училишта, што се одржуваше во музичката школа. Кога требаше да излезам и да читам пред публика, ме обзеде страв, затоа што во првиот ред ги видов големите имиња на македонската литература, како Ацо Шопов, Славко Јаневски, Димитар Митрев и други. Во прв момент не сакав да излезам, но професорот ме охрабри и ме извлече буквално пред сите. Во текот на читањето почувствував силна желба да се претставам најдобро што можам, па дури и додавав нешто од себе во текстот. И кога заврши целата таа церемонија, ме викнаа кај овие сите големи автори и почнаа да викаат: „Се роди надежта на македонската проза.“

Во 1952 и 1953 година, заедно со група млади писатели го создаваат списанието за литература „Млада литература“.

„Се зголеми бројот на младите писатели, нешто постари од мене, но сепак блиски по возраст. Некои од нив беа Матеја Матевски, Евтим Манев, Димитар Солев, Симон Дракул, Мето Јовановски, Љупчо Стојменски, значи една цела група автори коишто веќе беа познати. И, се дојде на идеја да се направи еден тим којшто ќе издава списание за младите,“ истакна Драгица Најческа.

Драгица Најческа со Матеја Матевски, Евтим Манев, Никола Крпач и млади писатели од Србија (1951 година) – приватна архива

Првиот роман напишан од жена заклучен во фиока

Доминацијата на мажите во литературата е вообичаена и во 20 век кога започнува да твори Драгица Најческа. Освен во Македонија и во светски рамки постојат податоци што го потврдуваат тоа. Нобеловата награда за литература од 1901 до 2000 година ја имаат добиено 104 мажи, а само 18 жени. Во првата половина на 20-тиот век, дури до 95% од објавените книги биле од страна на мажи. Жените морале да пишуваат под машки псевдоними, бидејќи книгите категоризирани како „женска литература“ се сметале за помалку вредни.  

Драгица решава на ваквиот тренд да му пркоси и храбро да твори. Како асистентка на Економскиот факултет во Скопје, заминува во Белград на постдипломски студии и тогаш добива слобода да твори, каде постојано чита класици и пишува. Идејата била тоа да биде расказ, не насетувајќи дека започнува да пишува историја, односно го пишува првиот македонски роман напишан од жена.

Драгица Најческа во Белград, 1963 година

„И јас кога го пишував романот, не знаев дека ќе биде роман, јас го почнав така со еден импулс, една идеја, расказ, поголем расказ, уште поголем, уште поголем. И преку сто и нешто страници, ги напишав, велам јас на алваџиски тефтер, буквално со рака. И имаше професор во Сојузниот суд на Југославија кој ми предаваше и во Скопје на факултет и беше запознаен со моите преокупации за литература, ми обезбеди дактилограф во судот, по работно време, да го диктирам текстов што го напишав големиот.“

На почетокот наидува на препреки за објава на романот „Пеперуга со натопени крилја“, од страна на директорот на издавачката куќа „Мисла“. Но, сепак „Пеперуга со натопени крилја“ летна во литературниот свет и си го најде својот пат, кој остави голема трага – роман напишан на стандарден литературен јазик од страна на жена.

Видеото оригинално е објавено на 29.4.2026 година

76 години творештво на македонски јазик

Дури 10 години подоцна од објавувањето на првиот роман, Најческа се решава да ја издаде и својата збирка раскази, насловена „Раскази“. Причината за тоа зошто и била потребна цела една деценија да ја објави збирката, ја посочува кон политичките проблеми што се случувале во Македонија.   

„Имаше еден период, многу брзо по ослободувањето, со разни превирања во светските релации на Југославија, некое несогласување на највисоко рамниште со Советскиот Сојуз и нашите функционери на ниво на Југославија, партиски. Така што, се создаде некоја атмосфера на обвинување на луѓе, невини и недолжни, кои се определуваат за линијата на Советскиот Сојуз, а не на Југославија. И нашето семејство неоправдано беше жигосано, дека и ние сме, оти ние знаевме руски јазик, преведувавме, читавме. Мислам, беше и нормално, брат ми беше партизан и беше со руска бригада во Косово. Руски војници од армијата заедно со него се бореа против фашизмот. А ние сме биле определени против фашизмот уште во време на бугарската окупација. Во тоа време беа затворени и брат ми и татко ми, затоа што беа против фашистите. Уредникот во весников во кој работев не можев ни да помислам, тој расказ не ми даваше да објавам, а не пак книга – раскази. Ама за среќа, директорот на издавачката „Наша книга“ отиде три месеци во странство, па уредникот рече: „Ајде сега, давај ги расказите, ќе направиме една збирка раскази, ќе објавиме, кога ќе дојде уредникот — пред свршен чин да биде. „За твојата книга нема да одиме дома да спиеме“, велеа работниците од печатницата на издавачката куќа. И така излезе, убава, со убав повез, бела книга, раскази,“ се сеќава Драгица Најческа. 

Меѓу двете љубови – книжевноста и новинарството

„Да се занимаваш со новинарство како писател е нож со две острици,“ укажува Драгица Најческа, која во животот долги години има работено во седмата сила, новинарството. Работеше во Новинско-издавачката куќа „Наша книга“, како како уредник во културната рубрика во весникот „Трибина“ и беше в.д. главна и одговорна уредничка на весникот „Стопански весник“. Како што решава да се тргне од универзитетскиот ангажман и да се посвети само на книжевноста, така и од професијата, новинарка, решава порано да влезе во пензија, за да може да продолжи да твори.

Нерамноправноста како главна тема на Светскиот меѓународен конгрес на поетеси

Драгица Најческа заедно со дваесет и две најпознати поетеси од сите републики на Југославија, во 1976 година учествува на Светскиот меѓународен конгрес на жени поетеси од целиот свет, во Париз, како и на следниот, кој по неколку години се одржа во Ница. Од тие конгреси, Драгица носи убави спомени.

Драгица Најческа со Весна Парун и Десанка Максимовиќ на Меѓународен конгрес на жени поетеси во Париз во 1976 година (приватна архива)

Но, проблемите околу рамноправноста и правата што ги засегале жените во Југославија, биле истите и во другиот дел од светот. 

„И тогаш и Олга Арбулјевска, помлада поетеса од мене, имаше покана. Матеја Матевски, како претседател на Комисијата за односи со странство ни обезбеди средства и ние со неа отидовме. Собирното место беше Белград. Оттаму заедно со Десанка Максимовиќ, Мира Алечковиќ, Флорика Штефан, Весна Парун, тие врвни поетеси, заедно отидовме во Париз на тој конгрес. На конгресот имаше 500 поетеси од цел свет. И како која земаше збор да кажува нешто, сите како напамет да научиле иста песна. Сите кажуваа дека се нерамноправни во бракот и во општествените афирмации на нивното творештво. И тогаш си реков, кај нас е така бидејќи 500 години сме биле под турско ропство, а зошто па и вака е и кај овие понапредни држави? Но, еманципацијата на мажите не оди така лесно,“ се сеќава Драгица Најческа.

Драгица Најческа со Олга Арбулјевска во Париз, на Меѓународен конгрес на жени поетеси (1976) – приватна архива

На убавите дружби на Меѓународниот конгрес на жени поетеси, во една прилика, Десанка Максимовиќ ѝ се обраќа на Драгица да изрецитира некоја своја песна. Драгица се решава тоа да биде песната „Црвено“. Потоа Десанка повеќепати ќе бара од неа да ја рецитира истата песна пред другите поетеси, со зборовите „Драгице, речи го тоа Црвеното“.

Драгица Најческа со Десанка Максимовиќ на Меѓународен конгрес на жени поетеси, 1976 година (приватна архива)

Македонскиот збор, преведен на светски јазици

Драгица Најческа освен што создава во книжевноста, таа придонесува и со преводи на книги. Има преведено книги на руски јазик, меѓу кои е делото „Азазел“ од познатиот светски популарен автор по детективски приказни, Борис Акунин.

Во нејзината преведувачка дејност се вбројуваат делата: „Тринаесетте лулиња“ од И. Еренбург во издание на Мисла (1967 година), „Раскази“ од М. Горки, во издание на Наша книга, Скопје (1980 година), „Хаџи Мурат“ од Л. Н. Толстој, Мисла, Македонска книга, (1989 година), „Кротка“ од Ф. М. Достоевски, Проартс (2003 година).

Од 2013 година Најческа почнува да преведува и драмска литература. Нејзини се преводите на „Да се заборави Херострат!“ (2007 година) и „Вистинскиот Минхаузен“ (2010 година) од Григориј Горин за потребите на театрите во Велес и Струмица.

Пред три години, во 2023 година излезе книгата од Антон Павлович Чехов, „Иванов – Две верзии (1887/1889)“, во издание на МНТ – Скопје, во која се застапени нејзините преводи на двете верзии на драмата, како и белешките кон двата текста.

Но, освен што преведува и нејзините дела се преведени на англиски и руски јазик. 

Драгица на својата 93-годишна возраст, секојдневно го користи својот компјутер и ги пишува своите нови дела на него, дополнително, дигиталниот свет го користи и за комуникација со светот. Сосема случајно на Интернет го среќава Македонецот кој живее во Канада, Ристо Стефов.

Ристо Стефов имал објавено роман со слична тематика како нејзиниот.
Во разговор со Стефов, Драгица му испраќа нејзино дело, тој воодушевен од напишаното, решава да го преведе и издаде во Канада. Така книгите нејзини „Омраза-длабоко“,„Доживотна јамка“, „Друга мајка“, „Пеперуга со натопени крилја“ и „Куќа на езеро“ се преведени на англиски.

На руски јазик, пак, од страна на познатата руска македонистка и преведувачка Олга Панкина, ѝ се преведени делата „Омраза-длабоко“ и „Друга мајка“. 

По објавувањето на „Омраза-длабоко“ на руски јазик во 2010 година, на покана на Панкина, Најческа заминува во Москва, каде присуствува на промоција на романот во свечената сала на Здружението на писателите на Русија. Панкина и Најческа имаат свое обраќање, а промоторка на романот е Ала Шешкен.

„Промоторката е професорка универзитетска, која на универзитетот во Москва предава македонски јазик и литература. Таа на промоцијата, меѓу другото, рече: „Најческа со овој роман отворила војна против сите војни. Во борбата меѓу злото и доброто, застанала на страната на доброто“, посочи Најческа.

Од промоцијата на „Омраза-длабоко“ во Москва, реч на Олга Панкина

„За буквите и зборовите македонски“

На 28.3.2023 година, во Друштвото на писатели на Македонија се одбележа 90-тиот роденден на Драгица Најческа и 73 години од нејзиното творештво. За нејзиното творештво се осврнаа писателите Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски. 

Драгица вели дека иако на почетокот се соочува со предизвици и препреки, сепак во моментов добива голема поддршка од средната генерација на писател(к)и и поет(ес)и. 

Драгица Најческа во Друштво на писатели на Македонија на чествувањето на нејзиното творештво по повод 90-тиот роденден (приватна архива)

Последното дело на Најческа излезе неодамна, тоа е романот „Солзите на Ана“, кој го носи поднасловот, „За буквите и зборовите македонски“. На темата македонски јазик, Најческа вели дека треба многу посериозно да се зафати раководниот тим на Македонија.

Во романот „Солзите на Ана“ авторката преку својата хероина се сеќава на своето детство за време на Втората светска војна и на тешките времиња за време на окупацијата на Бугарија. 

Преку раскажувањето на една ученичка, јас зборувам за почетоците на мојата генерација, од прво одделение, кога почнавме да учиме на српски јазик.
И тоа траеше само една година, бидејќи почна Втората светска војна, дојдоа Бугарите како „ослободители“ во наводници и ни забранија да учиме било што и речиси само дома да зборуваме можевме македонски. А немавме ни книги македонски, ни буквари, ништо. И сега јас, точно преку почетоците на таа моја, да ја наречам, хероина Ана, раскажувам како таа целото тоа го доживеала и паралелно раскажувам за збиднувањата од времето на бугарската окупација. Така што, дојде една книга којашто не очекував колку стана актуелна и колку стана значајна. Едноставно да се запамети што поминало пред децата и возрасните во борбата за опстанок на јазикот, затоа што без јазик си никој и ништо,“ истакнува Најческа.

„Солзите на Ана“

Роман за деца и млади „Солзите на Ана“ (2026), издаден од издавачката куќа Слово. Главен уредник на изданието е Филип Димевски, ликовното уредување и илустрациите ги потпишува Румена Најчевска, а поговорот е на Оливера Ќорвезироска. 

Првиот роман напишан од жена на стандарден литературен јазик во Македонија, симболично го носи насловот „Пеперуга со натопени крилја“, со што го опиша патот на книгата како тешкиот лет на една пеперуга со натопени крилја. Но, тој тежок лет не беше невозможен и не можеше да ја запре Драгица Најческа. Нејзиниот прв роман ја отвори вратата за многу гласови по неа, а нејзината инспирација и на 93-годишна возраст покажува дека ништо не е невозможно, сега пишувајќи на својот компјутер, страница по страница, со истата тивка, но непоколеблива сила продолжува да создава дела кои ќе останат како богатство и мотив за идните генерации, но и како траен белег на македонскиот јазик.

Извадок од поетската збирка „Чекор до амбисот“ од Драгица Најческа






Facebook
Twitter
LinkedIn