„Најстариот занает во светот“ – сексуалната работа сѐ уште не е правно регулирана во Македонија. Сексуалните работници со години го чекаат зеленото светло за декриминализација бидејќи, во земјава, вршењето дејност поврзано со сексуалната работа се смета за нарушување на јавниот ред и мир. Поради ова, сексуалните работници се приморани услугите да ги нудат далеку од очите и ушите на законот.
„Доколку некој те препознае дека си сексуален работник, постои опасност од стигма и дискриминација, но исто така постои опасност и од насилство од страна на општа популација, од страна на клиенти. Па некогаш доаѓа и во најголема мера имаме стигма и дискриминација од страна на институциитe“ – вели сексуална работничка од Скопје.
Првиот колектив на сексуални работници на Балкaнот – СТАР повеќе од една деценија се залага за правата на сексуалните работници. Оттаму посочуваат дека иако во медиумите се зголемува видливоста на сексуалните работници, сепак стигмата, дискриминацијата и насилството се сѐ уште присутни.
Од СТАР посочуваат дека инцијативата за декриминализација на сексуалната работа е веќе започната и заедно со Коалиција МАРГИНИ и ХОПС-Опции за здрав живот Скопје доставени се предлог измени до надлежните органи во насока на промена на овие закони кои ги таргетираат сексуалните работници.
„Од основањето на СТАР па се до ден-денес, овие 15 години се бориме за подобрување на правата на сексуалните работници. Пред сѐ, промена на законите коишто ги санкционираат активностите поврзани со доброволна сексуална работа. Тоа се член 19 од Законот за прекршување на јавниот ред и мир и член 191 член од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.“ – вели Ивана Ацеска, координатор за комуникации во СТАР.
„Ако во 2008 година немало политичка волја да се разговара за прашањата кои ги засегаат сексуалните работници, во 2021 година СТАР за првпат во историјата на Република Северна Македонија, ја организираше првата работна ПОП-АП вечера, на иста маса, помеѓу сексуални работници и високи претставници на државни институции, кои имаат надлежности на делување во областа на подобрување на состојбата на човековите права, третманот на сексуалните работници и декриминализација на сексуалната работа.“ додава Ацеска.
Повеќеслојна дискриминација
Без оглед на тоа дали работат на отворена или затворена сцена, сексуалните работници се соочуваат со навреди, закани по живот, насилство, дискриминација. Стравот и немањето доверба во државниот систем се причина зошто тие не ги пријавуваат овие настани во институциите, вели сексуална работничка од Скопје.
„На отворената сцена од информациите од моите колешки најчесто се соочуваат со дискриминација и стигма од страна на случајни минувачи, неплаќање и насилство од страна на клиенти и најчесто злоупотреба од страна на полициски службеници. Додека во затворениот круг каде што работам јас, најчесто се соочуваме со психички малтретирање од страна на клиентите и во однос на тоа неплаќање од страна на клиентите или после завршувањето на дадената услуга да клиентот сам побара да ги одземе парите.“ појаснува сексуална работничка.
Секоја година, на 17-ти декември, црвената боја на Маршот на црвените чадори го одбележува протестниот крик да запре насилството врз сексуалните работници. СТАР заедно со стотици сексуални работници и поддржувачи, маршираат низ Скопје за подобрување на правата, како и во рушењето на стереотипите поврзани со сексуалната работа, намалувањето на стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работници.
Првиот Марш на црвените чадори се одржа во Скопје на 17-ти декември 2008 година, во организација на здружението ХОПС и тогаш неформалната група на СТАР.
Оваа година по повод јубилејното одбележување на маршот на црвените чадори, СТАР повторно упати апел до институциите и општата јавност дека сексуалните работници би можеле да работат во побезбедни услови и да ги уживаат сите бенефиции како и сите други работници во Македонија, само доколку се декриминализира сексуалната работа.
Галерија од 15 години Марш на црвените чадори
За разлика од Македонија, во Грција и Турција, сексуалната работа е легална, но под строги услови. Сексуалната работа во Турција е дозволена, но сите жени што се вклучени во неа мора да работат во регистрирани бордели и редовно да одат на здравствени прегледи. Во Грција е дозволена сексуалната работа, но не на улиците или во хотелите, ниту преку интернет, туку само преку борделите што треба да исполнат одредени услови. Во соседна Србија покрај криминализацијата на сексуалните работници, криминализирани се и корисниците на сексуални услуги т.е клиентите.
Погледнете го документарното видео на Види Вака: „Црвените чадори без државна заштита“.