Македонските закони досега не ги штитеа бремените жени и идните мајки на работното место. На прсти се бројат оние што се охрабруваат да зборуваат јавно на оваа тема, а има бројни примери кога останувале без работа бремени жени или родилки.
Види Вака истражуваше колкава е заштитата од дискриминација на бремените жени во работен однос, која е регулирана во два закона – Законот за работните односи и Законот за спречување и заштита од дискриминација. Како ќе се спроведува Законот за за спречување и заштита од дискриминација ќе се оценува во иднина бидејќи новиот текст беше изгласан пред само еден месец.
Но, оцената за спроведувањето на Законот за работните односи е дека е тој недоречен и затоа се подготвуваат негови измени.
Имено, иако се забранува откажување на договорот за вработување поради бременост, раѓање и родителство, работодавачот може да ѝ го прекине договорот за вработување на бремена жена ако тој е склучен на определено време, со истек на времето за кое бил склучен.
„Имав патолошка бременост. Регуларно доставував боледување секој месец, до декември. Во декември ми се јавија да дојдам да си го земам отказното решение. Кога го подигнав, сфатив дека е со датум од октомври. Нема правда во оваа држава.“
Ова е ситуација во која се нашла текстилна работничка, вработена со договор на определено време, којшто не ѝ бил продолжен поради тоа што останала бремена.
Слична судбина имале уште неколку жени кои по објавувањето на сторијата на Види Вака за случајот на Искра Мијалковска-Ефтимова се јавија во нашата редакција.
Причината за тоа е фактoт дека Законот за работните односи овозможува газдите да даваат откази на бремени жени доколку тие се вработени со договор на определено време, иако истовремено друг член од законот ги заштитува од дискриминација.

Здружението на млади правници, Хелсиншкиот комитет, но и други организации кои застапуваат работнички права веќе неколку години, посочуваат на ваквата злоупотреба и на потребата од измени во законот.
МТСП: Измените на законот се одраз на проблемите со кои се соочуваат бремените жени во пракса
Ресорното Министерство за труд и социјална политика вели дека работна група подготвува нов текст на законот и допрецизирање на спорните одредби.
„Текстот е во фаза на работна верзија, во која се усогласуваат ставови по повеќе прашања кои се регулираат со овој закон, меѓу кои и усогласувањето на ставовите во насока на подобро регулирање на договорите за вработување на определено време и користењето на родителското отсуство. Поконкретни информации ќе бидат достапни кога ќе биде изготвен усогласен текст на новиот Закон за работните односи“, велат од труд и социјала.

Во согласност со проблемите со кои се соочуваат бремените жени во пракса, ќе се унапредува и членот кој се однесува на дискриминацијата, уверуваат од МТСП.
Недоволна и неуедначена судска пракса
Проблемот со докажување на дискриминација поради бременост е видлив и во судската пракса.
При утврдување на дискриминација на бремени жени има две ситуации: првата, лесна за докажување, кога станува збор за договори на неопределено време и во кои има класичен отказ, и втората, потешка за докажување, кога има договори на определено време, кои не се продолжуваат кога работодавачот ќе дознае за бременоста на работничката.

Судовите мора да имаат поголем сензибилитет за да препознаат кога оваа одредба се злоупотребува, вели адвокатката Софија Бојковска, која досега застапувала неколку вакви случаи.
Судовите многу тесно ги толкуваат одредбите од ЗРО кои се однесуваат на престанок на договорот за вработување склучен на определено време, сметаат и од Хелсиншкиот комитет.
„Судовите констатираат дека договорот за вработување склучен на определено време престанува да важи по изминувањето на времето за кое е склучен, а воопшто не се впуштаат во расправа зошто работодавачот не им нуди нов договор на бремените работнички, а на нивните места вработува нови работници со истата стручна подготовка и работно искуство, кои од бремените работнички се разликуваат само по тоа што не се бремени“, вели Игор Јадровски од Хелсиншки
.

Токму ваквите случаи ја акцентираат потребата за усогласување на домашното трудово законодавство со она на Европската Унија и со стандардите на Меѓународната организација на трудот со цел подобра превенција и заштита од дискриминација на жените во областа на вработувањето и работните односи, додаваат од Хелсиншки.
„Уредначената судска пракса е онаа којашто ќе им дозволи на граѓаните да имаат поголема сигурност и поголема надеж дека судовите ќе донесат одлуки како што тие заслужуваат“, вели адвокатката.

„Законот мора да биде прецизен и јасен доколку сакаме да имаме уедначена судска пракса. Тоа е прво. А второ, уедначената судска пракса се создава на начин што судиите ќе се едуцираат повеќе на оваа тема, ќе се уедначи праксата на различни апелациони судови бидејќи се случува многу чесно основните судови да донесуваат различни одлуки за ист или сличен предмет, апелационите судови да имаат дијаметрално спротивни ставови по одредено прашање и тука правната сигурност на граѓаните се загрозува“, додава адвокатката.
А што говори судската пракса на најголемиот граѓански суд во земјава Основниот граѓански суд Скопје.
Во периодот од 2015 година до сега, заведени се десет предмети, врз основа на дискриминација поради бременост, родителство и мајчинство, или по основ од член 101 став 1 од ЗРО.
Сите одлуки се сите правосилно завршени, велат од судот.
Новиот Закон за работните односи мора да предвиди многу подобра заштита за бремените работнички и генерално на работниците и работничките кои склучиле договори на определено време.
„Нашите предлози одат во насока на точно дефинирање на ситуациите и можностите кога работодавачите и работниците може да склучат договори на определено време и скратување на максималниот рок за кој може да се склучат договорите на определено време од 5 на 3 години. Дополнително, предлагаме прецизирање и дополнување на членовите кои се однесуваат за заштита од дискриминација, со воведување на посебен член за заштита од дискриминација врз основа на бременост, раѓање и родителство, кој треба да обезбеди подобра превенција и заштита од дискриминација во работен однос“, смета Јадровски.

Подготовката на новиот закон е започната уште од 2018 година, но интензитет доби оваа есен, велат од Хелсиншки, кои се вклучени во работната група.
Тој треба да гарантира посигурни механизми за заштита од дискриминација, што, според Јадровски, ќе охрабри и ќе мотивира поголем број работнички да ги пријават злоупотребите.
Очекувањата на Министерството се новиот закон да влезе во собраниска процедура во јануари 2021 година и да биде донесен во првиот квартал на годината.
Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, пак, по втор пат беше изгласан пред еден месец. Усогласувањето на другите закони со овој закон треба да се спроведе во рок од две години.