Дискриминација – Најтешката борба

Пред Граѓанскиот суд во Скопје се водат две постапки за дискриминација на женските борачки во однос на машките. Судењата се сè уште на почеток. Постапките се иницирани по издавање на општа препорака од Комисијата за заштита од дискриминација дека Боречката федерација не ги усогласила своите акти на работење со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Бојана Лазаревска морала да се соочи со дискриминација по основа на пол и род уште во нејзините средношколски години. Наместо целосно да ужива во успесите и победите коишто ги нижи на домашните и на меѓународните натпреварувања во борење, таа научила што е претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КЗД), што значи општа препорака на Комисијата, но и што е тоа судска тужба за дискриминација.

Бојана се заљубила во борењето уште додека била во основно училиште. Започнува да тренира во 2015 година, а веќе една година подоцна ја има и својата прва победа.

„Јас редовно тренирав, ги развивав моите моторички способности. Тренерот го гледаше тоа и во 2016 година на 13 ноември беше мојот прв настап на турнир. Тоа беше турнир по повод ослободувањето на Скопје. Таму го освоив третото место и по тој турнир почнав сè повеќе да тренирам и да се заљубувам во борењето“, вели Бојана.

Списокот на победи на Бојана е долг, а освоените места се секогаш на врвот – прво и второ место на бројни меѓународни турнири во Србија, Косово, Бугарија, Хрватска, второ место на Балканското првенство за кадетки и 11 место на Европско првенство за кадетки во 2018 година.

„Победите ми значат многу и ме поттикнуваат да тренирам сè повеќе и повеќе“, вели Бојана.

Она што малку ја демотивира и се чувствува дека и прави незадоволство е третманот кој женското борење го има во земјава.

Федерацијата на боречки спортови на Македонија, подолг временски период врши директна дискриминација врз основа на пол и род, тврди тренерот на Бојана, Страшо Глигоров од полицискиот боречки клуб „Безбедност“.

Жртва на дискриминаторските дејствија со кои нееднакво се постапува, се женските борачки. Женските членови на боречките клубови се дискриминирани на повеќе начини, вели тренерот.

„Првично нивните активности не се во целост регулирани со подзаконски акти на ниво на Федерацијата, во одредени категории не се формирани женски репрезентации, по завршување на натпреварите, на машките учесници им се доделуваат медали и сертификати, додека, пак, на женските учеснички само сертификати“, појаснува Глигоров.

Поради ваквото постапување, клубовите „Безбедност“ и „7-ми мај – Тигар“ преку Македонското здружение на млади правници (МЗМП) поднеле претставка до Комисијата за заштита од дискриминација во 2019 година.

Комисијата утврдила дискриминација и донела општа препорака (pdf) во која се наведува дека Федерацијата треба да ги усогласи внатрешните акти со Законот за спречување и заштита од дискриминација на начин на кој нема да прави разлика помеѓу мажите и жените во организирање натпревари во целост.

Тимот од Здружението на млади правници кој работел на подготовка на претставката до Комисијата се одлучил на ваков чекор со цел да се постигне ефектот на опфаќање на поширок општествен проблем, а со помалку трошоци за странките.

Она што е интересно, вели Бојан Трпевски правник во МЗМП, е тоа што општата препорака на Комисијата се однесува за сите спортски федерации, не само конкретно за Боречката федерација, со што проблемот е уште посериозен и издигнат на повисоко ниво.

Боречката федерација имала рок од 30 дена да го усогласи своето работење согласно со општата препорака или да се соочи со судски процес, што и се случило. Пред Основниот граѓански суд во Скопје се водат две постапки за дискриминација, од кои во едната тужба како тужители се јавуваат Бојана, уште една борачка и клубот „Безбедност“.

Мали, но не доволни промени по општата препорака

Во однос на женското борење во сите сегменти постои нееднаква распределба на ресурси, програми и моќ на одлучување со родова дискриминација, а може да се констатира дека во сите сегменти постои континуирана дискриминација, тврди тренерот Глигоров.

Во 2020 година за прв пат била избрана жена во Управниот одбор на Федерацијата, кој брои девет членови. Истата година започнало да се врши и рангирање на борачките, иако тоа не е доволно, смета тренерот.

Причината зошто овој проблем завршил на суд од една страна е непостапувањето на Боречката федерација по насоките на Комисијата, но и времето на носењето на општата препорака, од друга страна. Имено, непосредно по донесувањето на општата препорака беше донесен новиот закон за спречување и заштита од дискриминација кој предвидуваше постапка за избор на нова комисија.

„Тука ние како држава се најдовме во еден институционален вакуум во кој долг период не беше избрана новата комисија и немаше кој да постапува и по новите претставки, меѓутоа немаше ни кој да ги следи сите оние препораки, мислења кои претходната Комисија ги дала. Токму тоа беше причината поради која се решивме да поднесеме тужба како можеби еден од најефикасните механизми за заштита од дискриминција во државата“, вели Трпевски од Здружението на млади правници.

Тужбите за дискриминација се поднесени пред речиси две години, но и покрај тоа што ваквите предмети имаат назнака итно, тие сè уште се во фаза на судење.

„Иако едната тужба е поднесена на крајот на 2019 година, а другата е поднесена на почетокот на 2020 година, предметите сè уште се наоѓаат во почетна фаза. Сè уште нема донесено првостепена одлука и дотолку повеќе во делот на првостепената постапка истите се наоѓаат во фаза на подготвително рочиште. Од тогаш се поминати речиси две години и сè уште немаме институционален начин на решавање на оваа заштита од дискриминација“, вели адвокатот Благоја Пандовски кој го застапува клубот и борачката Бојана пред судот.

Пандовски смета дека имаат доволен број на докази и очекува дека ќе резултираат со позитивна пресуда, односно дека и судот ќе утврди дискриминација.

Боречка федерација: Максимално сме посветени на популаризација на женското борење

Види Вака разговараше и со претставник на Боречката федерација. Најпрво што од таму забележаа е дека воопшто не биле консултирани од страна на Комисијата за заштита од дискриминација кога се разгледувала претставката.

„Комисијата не ја сослуша втората страна, односно Федерацијата, не нè повика да ги кажеме нашите аргументи и поради тоа ние не се согласуваме со препораките изнесени во неа“, велат од Боречката федерација.

Од таму наведуваат дека исто така не се согласуваат ниту со тврдењата и искажувањата на тренерот Страшо Глигоров и неговите клубови „Безбедност“ и „7-ми мај Тигар“ бидејќи никогаш не постоело ниту постои дискриминација во женското борење.

Според Федерацијата, преку едностраните тврдења на поединци се врши нарушување на угледот на Федерацијата и на најтрофејниот спорт во Македонија, борењето. Тие повикуваат дека има место за сите кои сакаат да се вклучат во Федерацијата и да придонесат за унапредување на овој спорт, согласно нивните квалификации.

Нашиот соговорник вели дека е изненаден од начинот на којшто се пласираат работи надвор од Федерацијата. Нејзиното работење е уредено со статут, правилници, а собранието како највисок орган проценува дали Федерацијата ги почитува овие акти.

Конкретно, во одговор на прашањето дали Федерацијата ја дискриминирала Бојана во однос на нејзини учества на натпревари, од таму велат дека постои стручна тренерска комисија и тренер кој оценува кој ќе настапува за репрезентацијата согласно постигнатите резултати во категориите.

Според тренерот Глигоров, одредена вина во игнорантскиот однос на Федерацијата кон женските борачки има и Агенцијата за млади и спорт.

„Тука морам да спомнам дека одредена слабост покажа и Агенцијата за млади и спорт. Нашата држава преку Владата има програма преку која Агенцијата добива средства. Јас сум зборувал и со одговорните лица во Агенцијата и сметам дека во овој сегмент не посветија доволно внимание и сметам дека проблемот е и институционален“, вели Глигоров.

Во телефонски разговор, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски, за Види Вака вели дека Агенцијата започнала да врши проверка на работата на Федерацијата и од правен и од финансиски аспект. По завршување на сите проверки ќе се знаат повеќе детали за дали има пропусти во нејзиното работење.

Иако побаравме став на Агенцијата во однос на постапките за дискриминација коишто се водат против Боречката федерација, од Агенцијата не добивме одговор.

Од Федерацијата, пак, додаваат дека досега се направени неколку контроли од страна на Агенцијата за млади и спорт и во нив е констатирано дека Боречката федерација работи согласно Законот за спорт и не се утврдени никакви неправилности. Исто така, за финансиското работење извршена е и надворешна ревизија која констатира дека Федерацијата работи согласно потпишаните договори.   

Од новоформираната Комисија за спречување и заштита од дискриминација велат дека се во процес на пишување на стратешките документи како што се стратегија, правилници и деловник за работа.

„Во процесот на изготвување на овие документи ќе се изготви и правилник и методологија за следење на општите препораки. Минатите комисии немале ваква методологија, па не би можел во нивно име да говорам како ги следеле општите препораки“, вели Игор Јадровски член на КЗД.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација член 27 став 4:

„Доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката согласно со ставот (3) на овој член, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.“

Одмерувањето на висината на глобата се врши во согласност со Законот за прекршоците и се движат од  3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност за прекршокот на правното лице за кое е утврдено од надлежен орган дека извршило дискриминација до глоба во износ од 100 до 250 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице, појаснуваат од Министерството.

Дискриминацијата предизвикува сериозни ефекти врз граѓаните и општеството

Дискриминацијата претставува проблем со којшто се соочуваат скоро сите општества, некои повеќе, некои помалку. Степенот на којшто постои дискриминација во едно општетсво претставува директен показател за цивилизацискиот и демократскиот напредок на едно општество, смета адвокатот Пандовски.

„Притоа дискриминацијата генерално е детерминирана на два начина. Првиот е односот на самите луѓе кон различностите, кон различните од нив и тоа е најчесто проткаено со предрасуди и вториот начин, односно справувањето со дискрминацијата, е на кој начин институционално, односно државата преку своите институции, се справува со нееднаквиот третман“, појаснува Пандовски.

Во конкретниот случај, постапувањето на Фередацијата, но и на институциите, влијае негативно во развојот на женското борење во Македонија, но и врз борачките кои се сè уште млади за да ја сфатат дискриминацијата и зошто таа нив им се случува.

„Јас сум горда најпрво што го претставувам мојот клуб. Горда сум исто така кога ќе освојам и меѓународен турнир за мојата држава. Тренерот исто така нè мотивира дека сè ќе се среди, дека оди на подобро, дека ќе биде добро“, вели Бојана на ваквите случувања.

Иако се млади, борачките се свесни дека постои проблемот и прашуваат и сакаат да знаат кога ќе се реши прашањето, вели тренерот Глигоров. Тој постојано е во комуникација и со родителите на борачките со цел сите позитивно да влијаат и да се одржи високото ниво на тренинг процесот и понатаму да постигнуваат добри резултати.

Имајќи ја превид општата препорака на Комисијата и фактот дека таа утврдува слична состојба во сите спортски федерации овој проблем добива на уште поголема важност за потребата од поголема општествена промена во Македонија, смета и правникот Трпевски.

„Дискриминацијата може да предизвика сериозни ефекти како по емоционалната состојба и здравје на луѓето, особено го гледаме тоа во овој случај. Се работи за борачки кои постигнуваат успеси, се трудат да се унапредат себе си и своите спортски вештини меѓутоа од друга страна не гледаат дека некој ги вреднува и дека се изедначени како и борачите“, вели Трпевски.

Додека да се средат состојбите во Федерацијата, младата шампионка во женско борење, Бојана Лазаревска, вели дека ќе продолжи напорно да работи, да нижи нови победи кои ја поттикнуваат да тренира сè повеќе и повеќе.

Facebook
Twitter
LinkedIn