Дигитална ера во земјоделството

Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Зад идиличната фотографија од оризово поле стои стар проблем – напади од штетници кои предизвикуваат страв и загуби кај земјоделците.

Денес сѐ поретко, но во минатото земјоделците со овој предизвик се справуваа употребувајќи широк спектар на хемиски пестициди, а многу од нив, не само што ги уништуваат штетниците, туку и го загрозуваат здравјето на работниците како и животната средина.

Во денешно време, благодарение на дигиталното земјоделство, со употреба на сензори и дронови, земјоделците можат да следат и превенираат штетници без потреба од големи количини хемикалии.
Технологијата не само што им дава можност да реагираат навреме, туку и да споделуваат информации и искуства меѓусебе, создавајќи мрежа на знаење.

Ова, не е само приказна за иновација, туку и за трансформација, односно како традиционалните методи на земјоделство се заменуваат со современи решенија, кои не само што ја подобруваат продуктивноста, туку и ја заштитуваат животната средина.

Дигиталното земјоделство всушност ја менува иднината на производството ширум светот.

Дигитално земјоделство како поттик за младите генерации да се занимаваат со земјоделство

Миграцијата го прави своето, па необработени, празни, пресушени и недопрени земјоделски површини е сликата која е сѐ повидлива и позастапена доколку патуваме на било која дестинација низ Македонија.

Земјоделските поседи кои не толку одамна, во времето на Југославија хранеле цела една поранешна Социјалистичка Федеративна Република, денес пусто сведочат за непостоењето желба кај младите да се занимаваат со земјоделство.

Оттука и идејата на дигитално земјоделство подразбира користење на технологии и податоци за оптимизација на земјоделските практики, овие технологии помагаат да се зголеми ефикасноста, да се намалат трошоците и да се подобрат приносите, што е особено важно за одржливото земјоделство. А со тоа и да се поттикнат младите да се занимаваат со земјоделие бидејќи големи се бенефитите кои ги носи дигитализацијата во земјоделието.

Благодарение на современите алатки може да се прави мониторинг на посеви односно користење на сензори и дронови за следење на здравјето на растенијата и условите на почвата, примена на IoT уреди за оптимизација на наводнување и употреба на ѓубрива, потоа прогноза на жетва преку анализа на податоци за предвидување на приноси и планирање на производството. Алатки за следење на временските услови и идентификација на потенцијални закани, како што се штетници и болести, како и користење на роботи за работа во полето, како што е бербата и садењето. Ова пак ќе придонесе за зголемена продуктивност, оптимизација на ресурси, намалување на трошоци, подобрување на квалитетот и сл.

Дигиталното земјоделство не само што го подобрува производството, туку и придонесува за одржлив развој во земјоделството.

Дигиталното земјоделство ја менува сликата за земјоделците

Во минатото, работата во полето за земјоделецот била физички напорна и временски исцрпувачка. Многу земјоделци се потпирале на интуиција и искуство за одредување на времето за садење, жетва и примена на пестициди. Врз основа на локалните временски услови и искуства од минатото, често се користеле хемикалии без точна анализа, што доведувало до проблеми со штетници и квалитетот на производството.

Во денешно време, дигиталниот агроном изгледа сосема поинаку. Со себе носи важен додаток – технологија: паметен телефон или таблет, опремен со специјализирани апликации за мониторинг на земјоделските култури. Околу него може да се видат сензори и дронови, кои ги следат условите во полето и пренесуваат податоци во реално време.

Дигиталниот агроном користи аналитички алатки за обработка на податоци, што му овозможува да донесе поткрепени одлуки за управување со ресурсите. Тој е способен да предвиди проблеми со штетници, да оптимизира наводнување и да планира жетви на базата на точни информации. Ова не само што го зголемува приносот, туку и ја намалува потребата за хемикалии и ја подобрува одржливоста на производството.

За првпат „дигитално земјоделство“ како студиска програма во Македонија

Препознавајќи ја потребата и недостатокот од образован земјоделски инженер во Македонија, на Факултетот за Земјоделски науки и храна се формираше програмата „дигитално земјоделство“.

Целта на студиската програма е да произлезат дипломирани земјоделски инженери кои ќе можат да одговорат на потребите, а ќе се во тек со новите технологии.

Видеото е оригинално објавено на 24.09.2024

Околу десетина студенти за првпат годинава се запишаа на новата студиска програма на УКИМ. Интересот не е многу голем, но е разбирливо за нова студиска програма смета деканот на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Миле Маркоски.

Носител на програмата е Земјоделскиот факултет, кој се здружи со техничките факултети ФЕИТ, ФИНКИ и Машинскиот факултет – за креирање и реализација на новата програма. Техничките факултети ќе учествуваат со предмети во новата акредитирана програма која официјално започнува од 1-ви октомври годинава.

Професори и деканите на сите четири факултети кои се воедно и креатори на мултидисциплинарната студиска програма – дигитално земјоделство, за Види Вака објаснуваат дека оваа програма ќе одговори на сите нови трендови, на сите побарувања на пазарот, во којашто ќе се образуваат земјоделски инженери коишто ќе одговорат на модерните предизвици, на модерното земјоделие, а професорите од техничките факултети ќе придонесат да ги прошират знаењата на земјоделецот во различни сфери кои се сѐ позастапени во време кога дигитализацијата зема голем замав.

„Тоа нема да бидат инженери коишто ќе зборуваат за нештата, тоа ќе бидат инженери кои ќе бидат директно вклучени. Зборуваме за обработка на податоци, за собирање на податоци, одредени параметри што се потребни во земјеоделието, преку сензори, преку системи за мерење, преку користење на дронови, современи технологии, користење на камери во пратење на развојот на растенијата, животните. Зборуваме за начин на собирање на енергија, за хранење. Меѓутоа, сега тоа го зборуваме, а тие ќе треба да добро го познаваат, тие нема да бидат тие инженери коишто тоа ќе го прават, како технологија, како систем, но мора да го познаваат во суштина за да можат да го користат вешто во интерес на нивното работа и продуктивноста, да бидат компетитивни,“ истакна проф. д-р Златко Петрески – декан на Машински факултет – Скопје при УКИМ, зборувајќи за новата студиска програма.

Иднината лежи во дигитализацијата кај сите професии, посочуваат овие професори од Земјоделскиот факултет и техничките факултети ФЕИТ, ФИНКИ и Машински. Тие додаваат дека тоа е така со оглед на тоа што во денешно време сѐ повеќе и повеќе проблемите ги решаваме со софтерски решенија, многу често врз база на податоци, врз база на информации коишто понатаму сакаме да ги обработиме, наспроти како во минатото кога работите се решавале умствено, базирано на претходни искуства.

„Со помош на алатките коишто ќе ги изучат, тоа нема да биде на ниво да можат да изградат цел еден систем, меѓутоа да можат соодветно да обработуваат податоци, да можат соодветно да искористат алатки за анализа, носење на заклучоци, па дури автоматизација на одредени процеси. Секако може и да не го работат тоа понатаму, меѓутоа нешто што е важно кога се студира е дека ние се запознаваме со малку поширока област на соодветното поле на професионално усовршување и таа ширина ни дава широки видици да знаеме како даден проблем да го решиме или каде да побараме помош на крајот на денот, појаснува деканот на ФИНКИ проф. д-р Боро Јакимовски.

Кога станува збор за вештачката интелигенција пак, професорите од УКИМ истакнуваат дека исто така ќе биде корисна за идните агрономи.

Бројот на студенти кои се запишуваат на Земјоделскиот факултет е сѐ помал, но оваа нова студиска програма е една од првите којашто претставува чекор напред кон формирање на такви интердисциплинарни студиски програми, а професорите сметаат дека вакви здружени студиски програми во иднина ќе придонесат за зголемување на бројот на студенти на факултети како Земјоделскиот кои имаат континуиран пад.

Но, може ли Македонија да одговори на потребите на модерно земјоделство?

Во Македонија праксата покажува дека дигиталното земјоделство е процес во развој. Постојат компании за земјоделско производство кои во голема мера го имаат дигитализирано процесот за производство. Преку програми како оваа на Земјоделскиот факултет постепено се зголемува и свесноста за користење на дигитални алатки меѓу земјоделците и иновации во земјоделството. Сепак постојат предизвици, како што се финансиски средства и пристап до напредни технологии.

Од друга страна дигиталното земјоделство веќе се применува во многу држави ширум светот.

САД се водечки во користење на технологии како дронови и сензори во земјоделството, во Канада се инвестира во иновации и аналитика за подобрување на производство, во Германија активно се применуваат дигитални решенија за одржливо земјоделство. Холандија се познати по напредните агрономски практики и автоматизација, Австралија користи IoT технологии за следење на условите на почвата. Кина интегрира дигитални решенија за подобрување на производството.

Дигиталното земјоделство продолжува да расте и да се развива и во многу други земји, каде што технологијата може да помогне во решавањето на предизвиците во производството и достапноста на храна.

И додека земјоделецот во минатото се потпирал на традиција и интуиција, денешниот дигитален агроном комбинира знаење со технологија, создавајќи нова парадигма во земјоделството. Оваа трансформација не само што ја подобрува продуктивноста, туку и ги чува ресурсите и животната средина за идните генерации што за земја како Македонија би било и повеќе од значајно и потребно.

Facebook
Twitter
LinkedIn