Дигитализација – врска помеѓу минатото и сегашноста

Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами, Горан Бошковски
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Блаже Конески, Ацо Шопов, па сѐ до автори кои твореле од 14 век во моментов може да се најдат во дигиталниот свет. Македонската читателска публика се радува на дигитализацијата, бидејќи не се чести делата на македонските творци во дигитална верзија. Ваквата дигитализација поттикната е и од приватните поголеми компании.

Во последно време постои развиена свест за дигитализација помеѓу јавниот сектор и компаниите кои ја вршат дигитализацијата, но многу се важни приоритетите во работењето.“
Ваков е заклучокот на Јорданчо Митровски, финансиски директор и управител на компанијата „Инбокс“.

Компанијата „Инбокс“ се занимава со иновативен модел на архивирање и управување со физички и електронски документи. Таа учествуваше во процесот на дигитализација на македонски зборови, дијалекти и записи стари седум века од Институот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.

Сето творештво дигитализирано од 14 век сè до современите автори, основоположниците, генерации лингвисти и вработени во Институтот го прибирале и складирале седумдесет години. Ова литературно богатство сега е заштитено од пожари, поплави, елементарни непогоди и живее во виртуелниот свет.

Елена Јованова Грујовска

директорката на Институтот за македонски јазик, „Крсте Мисирков“

Картотеката е нашата душа, тие ливчиња. Затоа што сме се вградиле по десетина, дваесет, триесет години секој од нас работел на собирање на тие картотеки. И по десет и по дваесет, и по педесет години научниците ќе можат да ѕирнат во картотеките на Институтот преку дигиталната форма,“ гордо истакнува директорката на Институтот за македонски јазик, „Крсте Мисирков“.

Дигитализирани се 12 картотеки со 5 милиони записи македонско творештво кое идните генерации ќе може да го користат во следните 500 години.

Нашите картотеки во Институот се доказ за постоењето на македонскиот јазик, на македонскиот народ, за неговиот развој и за неговиот идентитет,“ истакна Јованова Грујовска.

Секој запис има рачно напишан збор, потоа следи контекст од најмалку една реченица. Потоа е извадок од дело во кое е искористен зборот, заедно со авторот на делото и во која година е објавено истото.

Дигитален свет на македонското творештво за идните генерации

Процесот на дигитализација на материјалите траеше една година и во него работеа дваесетина луѓе. Предизвикот во преоектот биле фазите добро да се распоредат, но и следствено да бидат набавени материјалите и ресурсите потребни за нивна обработка. Односно, да се усогласат човечките капацитети и динамиката да тече на такво ниво што следната фаза нема да има прекин поради недостатоци на претходната фаза.

„Мораше прво да се преземе материјалот, тој соодветно да се обработи, во меѓувреме тече враќање на тој материјал, ние не ги задржувавме хартиените документи кај нас, туку ги враќавме. Дигитализацијата опфаќаше неколку фази од преземање, манипулација на материјал, конверзијата од хартиен во дигитален примерок па подоцна негова дополнителна обработка за потребите на два спектри на работење. Односно едниот е за претворање на материјалот во друг конвенционален материјал т.е микрофилмови, а друга обработка за претворање на дигитални примероци во соодветен формат, тоа е пдф-а архив формат,“ појаснува Митровски.

Она што е карактеристично за дигиталните примероци е тоа што на нив има печат и временски жиг кои даваат заштита. Со ова, можно е копирање на самиот материјал во неограничени примероци, но едитирање и претворање во друг формат ги крши тие одбележја, односно оттаму новонастанатиот примерок не е тој примерок што произлегол како резултат на дигитализацијата на овој проект.

Со дигиталните копии зачуван е целиот дијалектолошки и ономастички материјал на македонскиот јазик. Со оваа дигитализација се остава можност на идните генерации побрзо и поефикасно да стигнат до литературните ракописи на македонските автори.

Повеќе за процесот на дигитализација на македонските записи од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, погледнете од видеото што го подготви тимот на Види Вака.

Facebook
Twitter
LinkedIn