Денационализацијата заглавена во институционалниот затворен круг

Околу 6 илјади предмети за денационализација сè уште немаат завршница. Таков е случајот и на Валентина Трпевска, којашто 14 години си го бара земјиштето што ѝ го оставил во наследство нејзиниот дедо.
Автор: Марија Севриева
Камера и фотографии: Борис Кајески
Монтажа: Горјан Атанасов
Продукција: Види Вака

Шума, обрасната со грмушки и висока трева. Над неа се простираат ниви. Пејсажот во село Таор, Скопско, го променил местото кое Валентина Трпевска од Скопје го памети според кажувањата на нејзиниот дедо дека таму се наоѓал неговиот имот кој му бил одземен од претходниот систем. 

„Тоа ми е раскажувано од дедо дека тука биле плодни земјишта, бил овоштарник“, вели Трпевска за имотот кој дедо ѝ и го оставил во наследство, а кој таа, нејзината сестра и чичко не можат да го добијат поради тоа што државата им го одбива барањето за денационализација.

Законот за денационализација е донесен во 1998 година.

„Кога се донесе законот, првиот впечаток на јавноста беше дека со законот државата сака да ја исправи историската неправда која им беше нанесена на граѓаните после ослободувањето, кога спротивно на волјата на граѓаните, државата од нив го одземала нивниот имот“, вели адвокатот Диме Ѓорчевски кој води повеќе постапки за денационализација, меѓу кои и постапката на Трпевска. 

Но, во реалноста неправдата сè уште постои, бидејќи законот не се применува доследно, а постапките траат со години, период во кој граѓаните не можат да располагаат со имотот за кој имаат документи дека е нивен, вели Ѓорчевски.

Многу луѓе во селово Таор ги имаат вратено земјиштата, ама тие си живееле тука и го прателе процесот, раскажува Трпевска.

Парцелите од дедото на Валентина биле одземени со Решение на Народен одбор на Скопска околија од 1960 година поради ископ на земја – глина за изградба на насип на главниот одводен канал на „Скопско поле“. Според решението, тие требало да бидат времено одземени, а по истекот на временскиот период корисникот на експропријацијта бил задолжен да го врати земјиштето на сопствениците. Но, земјиштето никогаш не било вратено.

„Наши роднини ни кажаа зошто да ја пропуштите можноста и да си го повратите земјиштето. И тогаш ние го запазивме последниот рок, дванаесетти месец 2007 година, го поднесовме барањето. Со сите документи до општина Кисела Вода“, вели Трпевска.

Од поднесување на барањето пред 14 години до денеска, за предметот два пати одлучувале сите органи – Комисијата за одлучување за барања за денационализација за подрачје на Кисела Вода, владината Комисија за решавање на управни работи во втор степен во областа на денационализацијата и Управниот суд којшто има донесено две пресуди. 

Со решенијата на двете комисии се одбива барањето на Трпевска. Во решенијата е наведено дека за предметните катастарски парцели се извршени промени по разни правни основи со утврдени сопственички права, на лица кои не се ниту поранешни сопственици, ниту подносители на барањето за денационализација. Според Трпевска, ваквите решенија се неразбирливи бидејќи од документите со кои таа располага не е точно дека има промена на сопственоста на земјиштето и затоа таа поднесува и тужба до Управниот суд.  

Последната пресуда на Управен од април 2020 година го поништува негативното решение на првостепената комисија и ѝ наложува детално да ја утврди фактичката состојба. 

Но хронологијата на настани и институции инволвирани во решавањето на предметот на Трпевска не завршува тука. За предметот е поднесено и барање за утврдување на повреда на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд. Ниту овој суд сè уште нема донесено конечна одлука.

Долги постапки и префрлување на вина

Законот за денационализација предвидува дека постапката за денационализација е итна, при што органот за денационализација е должен барањата за денационализација да ги земе вo работа според редот како што ги примил, освен ако сложеноста на случајот или посебни околности не налагаат да се постапи поинаку. Сепак, практиката посочува дека овие постапки се водат повеќе години. 

Во периодот од поднесување на барањето за денационализација до последната пресуда на Управниот суд, Трпевска повеќе пати упатувала и ургенции до институциите да си ја завршат работата. 

„Бев советувана да се покрене и барање за молчење на администрација, меѓутоа немав доволно ни упатеност ни поддршка како тоа да го направам и не го направивме“, вели Трпевска која сега е решена да оди до крај.

Талкањето на предметот низ институциите го потврдува и адвокатот Ѓорчевски, кој за постапувањето на институциите вели дека се вртат во круг. 

Во Државното правобранителство на Република Македонија, кое ги застапува интересите на државата во постапките за денационализација пред судовите, прашавме која е причината зошто овие предмети се водат со години. Добивме одговор дека таа лежи во ажурноста на судовите. 

„Правобранителството е странка во спорот. Најголем број од решенијата за денационализација се утужуваат од незадоволните граѓани, а многу помал број од нив од правобранителството. Според мене, причината зошто овие предмети се развлекуваат со години, а некои и цела деценија, е поради постапувањето на Управниот и на Вишиот управен суд“, вели во изјава за Види Вака правобранителот Саша Станчевски. 

Тој појаснува дека двата административни суда мора да почнат да носат мериторни одлуки и пресуди, а не постојано да ги враќаат предметите на повторно одлучување во пониските органи. 

Најстариот предмет кој се наоѓа во Државното правобранителство датира од 2000 година и сè уште не е завршен со конечна одлука.   

Неодамна во Владата беше формирана комисија која требаше да го испита работењето на првостепената Комисија за денационализација и на Државното правобранителство. Но од Владата добивме одговор дека комисијата за којашто прашуваме не работи и збирен извештај за проверки не е направен.

На дополнителните прашања зошто била формирана кога не ги оправдала целите за кои била формирана, но и зошто престанала да работи, одговор не добивме. 

Одговор не добивме ниту од Министерството за финансии, каде што се слеваат сите податоци за постапките за денационализација на ниво на цела држава. 

Согласно Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација, државата, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците за денационализација коишто се издаваат.  

Обрзниците ги издава Министерството за финансии. За тоа колку до сега средства во форма на обврзници се исплатени на граѓаните на кои имотот не можел да им биде повратен исто така не добивме одговор од ресорното министерство.     

Досега, издадени се деветнаесет емисии на обврзници. Последната, деветнаесета емисија обврзници за денационализација е издадена во февруари 2021 година. 

Според адвокатот Ѓорчевски, обврзниците се добар начин за надомест на имотот кој граѓаните не можат да си го повратат. Но износот кој им бил определуван согласно одземениот имот, додава тој, е несразмерен затоа што во некои случаи се одземале имоти од подрачја што имаат голема вредност, а досудениот надомест бил од многу помала вредност.  

Управен суд решил повеќе од 1.000 предмети во рок од една година

Вкупно 584 активни – нерешени судски предмети по основ денационализација се наоѓаат пред управните судии. По нив се постапува, според датумот на прием на тужбите, во смисла тужбите се доставуваат на одговор на тужба на тужениот орган со барање за достава на списи, па откако предметите се комплетирани за постапување, се закажуваат јавни расправи, велат во одговор за Види Вака од Управниот суд. 

Причините за долгото траење на постапките, како и не донесувањето на конечна одлука од страна на судот, повторно враќање на предметот кај другите органи и се така во круг се должат на разни околности, велат од Управен. 

„Недоставување на списи од страна на тужениот орган или недоставување на комплетни списи за да може судот мериторно да одлучува. Во случај на оценување на законитоста на актот, кога истиот е поништен и предметот вратен на повторно одлучување пред тужениот орган, непостапување на органите по напатствијата дадени со судска пресуда,  неможноста за санкционирање на органите од страна на судот согласно одредбите од Законот за управните спорови од 2006 година во случај на недоставување на списите или нивно недоставување во целост, како и во случај на непочитување на судските пресуди“, велат од Управниот суд. 

Можноста за казнување на органите кои не постапуваат по барањата на Управниот суд е предвидена со новиот Закон за управните спорови, но од судот не наведуваат дали е искористена оваа можност. 

Од таму додаваат дека не може точно да се утврди бројката на исти предмети кои по неколку пати завршуваат пред Управен, но имајќи ја предвид праксата, информираат дека поголем процент од вкупниот број на предмети за денационализација по неколку пати завршуваат пред Управниот суд.

Од Управен не можат да одговорат за колку вкупно спорови донесена е конечна одлука бидејќи АКМИС системот не дава такви податоци, но наведуваат дека во периодот од една година, 25.05.2020 – 30.06.2021 година, донесени се одлуки за вкупно 1.005 предмети со основ денационализација, од кои по 11 тужби постапката е запрена, 44 тужби се отфрлени, по една тужба постапката е прекината, за 285 тужби донесена е одбивателна одлука, а 664 тужби се уважени.

Пештанци си го бараат имотот во Градиште

Последниот, помасовен случај барања за конечно решавање на постапките за денационализација е оној на 35 семејства од Пештани, коишто од државата бараат да им биде вратен имот кој им бил одземен во 1957 година, а на кој сега се наоѓа автокампот Градиште. 

Револтот од постапувањето на државата во однос на нивните барања за денационализација, стари речиси две децении, пештанци го искажаа и преку неколку протести пред автокампот Градиште. 

„Со овој мирен протест се бара да се вратат имотите на барателите кои имаат неколку пресуди во нивна корист. Пресудите на Управен суд мора да се спроведат бидејќи се задолжителни и извршни!“, информираа од Здружението на граѓани на одземени имоти во процес на денационализација „Оревче” – Пештани.

Пештанци тврдат дека правдата е на нивна страна и бараат од државата да им го врати земјиштето во вредност од 30 милиони евра, а за кое, како што тврдат тие, државата им нудела од 240 до 270 денари за метар квадратен. Затоа бараат реална оштета или враќање на имотите.

И додека постапките за денационализација на голем број на граѓани траат со децении, секоја власт изјавува дека процесот на денационализација е успешен.

„Законот е донесен во 1998 година и ние и после 23 години имаме нерешени предмети и не е точно дека процесот на денационализација е завршен, има многу активни предмети“, вели адвокатот Ѓорчевски.

Постапката не е завршена ниту за Валентина Трпевска којашто вели дека нема да се откаже од земјиштето за коешто има докази дека постоело, дека било на име на дедо ѝ и коешто го добила како наследство. 

А додека граѓаните чекаат поврат на нивните имоти, државата распродава имот што е предмет на денационализација и ги доведува барателите во неповолна ситуација – и без имот и без соодветен и правичен надоместок за вредноста на имотот кој не го повратиле во долгиот процес на денационализација. 

Facebook
Twitter
LinkedIn