Човекот што ја озелени Македонија, по него таа се одзелени

Драган Шојлевски ја наслика и ја замисли Македонија зелена, чиста и уредена, но колку државата успева да ги зачува неговите визии и неговиот труд. Дали вредеше целото озеленување на Шојлевски во Македонија за на крај да го исечат (срушат) поради цврсти градби?
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Тања Рибарска
Продукција: Види Вака
Шојлевски Драган

„Македонија сè уште не е загадена. Но, имаме сериозни жаришта на загадена околина. Тоа се градовите Скопје, Битола, Титов Велес, рударските центри, реките Треска, Брегалница, преспанскиот регион каде што од прекумерната употреба на пестициди зголемен е и бројот на заболени од рак.“

Вакви биле размислувањата и предвидувањата во 1987 година на првиот министер за животна средина во Македонија – Драган Шојлевски во неделниот магазин „Млад Борец“.

Интервју Драган Шојлевски во магазинот „Млад Борец“ (1987)

За многу работи пред името на овој човек стои придавката „прв“. Шојлевски бил првиот пејзажен архитект во Македонија, прв инженер кој ја донесе оваа дејност како професија и како занимање во Македонија. Тој бил и првиот, но и последен претседател на Републичкиот комитет за заштита на човековата околина од 1978 до 1982 година.

Драган Шојлевски целата своја педесетгодишна професионална дејност ја посветил на просторното, урбанистичкото и пејзажното планирање. Има подготвено над 500 елаборати од пејзажната архитектура и неговата главна цел била да ја озелени цела Македонија.

ПРОЕКТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН ПАРК „ГОРИЦА“ СО ВИЛАТА БИЛЈАНА (1953 година)

Објава за Драган Шојлевски во весникот „Политика“ (5.11.1987 година)

„Станува збор за навистина импресивен проект за кој се рушеле карпи и далекуводи, а пошумено е тогашното голо брдо. Беше тоа подарок за Македонија, во време кога републиките се натпреваруваа во изградба на подобра резиденција.“

Вака професорот по пејзажна архитектура Стеван Милинковиќ од Белград, изјавува за весникот „Политика“ на 5 ноември 1987 година во Србија. Освен кај Милинковиќ, делата на Шојлевски со воодушевувања биле прифатени од голем број експерти и надвор од границите на Македонија.

Од бројните пејзажни дела што ги остави Драган Шојлевски, импозантно е тоа за репрезентативниот парк „Горица“ заедно со вилата Билјана во македонскиот бисер – Охрид.

Паркот „Горица“ до почетокот на 50-тите години на минатиот век било брдо полно со камења. Кога Шојлевски го раскажал својот план таму да се засадат борови, ретко кој му поверувал дека тоа може да биде успешен проект.

Фотографии од репрезентативен парк „Горица“, 1953 – 1956 (приватни фотографии)

Меѓу 1953 и 1956 година се гради „Горица“, каде се засадиле 2.700 борови. Според кажувањата на неговата ќерка Камелија и сопругата Иванка, ниту едно засадено стебло на тоа каменито место не се исушило.

„Таа работа беше тешка и доста ризична, меѓутоа тој имаше големо знаење и метод како тоа да го прави, бидејќи коренот на дрвјата требаше да се заштити. Се сеќавам дека тој ги обликуваше со некои вреќи и ги ставаше во големи сандаци и потоа дрво по дрво се носеше на „Горица“, каде работници правеле големи дупки во кои дрвјата се саделе.“ Иванка Шојлевска (сопруга на Драган Шојлевски)

Планови за пренесување и садење на стеблата (приватна архива)

За проектот „Горица“, Стефанка Хаџи Пецова, професор доктор на пејзажна архитектура, воедно и соработник на професорот Шојлевски, кој на нејзината докторска дисертација се појавил и во улогата на ментор, за овој проект ќе каже дека Рекреативниот парк „Горица“ во Охрид претставува подвиг кој е на исто рамниште како изработката на пирамидите во Египет.

Вила Билјана, Охрид (приватна фотографија)

Освен за репрезентативниот парк „Горица“ и вилата Билјана, Драган Шојлевски е заслужен и за тоа што Охридскиот регион се најде на листата светски богатства на УНЕСКО. Тој како прв министер во тогашното новоосновано Министерство за животна средина од 1981 година, заедно со екипа од оваа институција, ќе изготват документ со кој се конкурира за прогласување на Охрид и охридскиот регион во листата на УНЕСКО.

Охрид, 1953 година (приватна фотографија)

ГРАДОТ УБАВ ПАК ЌЕ НИКНЕ (1963 година)

По катастрофалниот земјотрес што му се случува на главниот град Скопје, започнува да се подготвува план на чело со Кензо Танге. Освен овој јапонски архитект, во изработка на планот биле вклучени уште четириесетина професионалци, меѓу нив и Драган Шојлевски. Со овој план се предвидувало да има 23 метри квадратни зелена површина за еден човек.
За жал, денес Скопје и неговите граѓани, оваа зелена површина предвидена за еден човек, не ја уживаат.

Изјава Камелија Шојлевска (ќерка на Драган Шојлевски)

Професор Шојлевски како дел од тимот за „Урбан развој на Скопје“, во 1963 година кога работел во Градскиот завод за урбанизам, бил креатор на системот на зелени површини за Скопје. Во подготовката на документацијата учествувала фирмата „Доксиадис“ од Атина и фирмата на урбанистот Ќиборовски од Варшава. Токму овој систем на зелени површини за Скопје беше и сѐ уште е (или треба да е) основа на која се градат концептите за развој на урбаниот живот во градот.

Изјава на Стефанка Хаџи Пецова – доктор на пејзажна архитектура (пејзажен архитект) и професор

ГРАДСКИ ПАРК – новиот дел (1965)

Историски Градскиот парк е основан кон крајот на 19 и почеток на 20 век, наречен како Ислахане. До 1920 година се проширува кон бреговите на реката Вардар и 1923 кон денешната Зоолошка градина која се основа во 1926 година. До 1941 вкупната територија на паркот (односно првиот дел) и зелениот комплекс покрај река Вардар (вториот дел) со Зоолошката градина и фудбалскиот терен, зазема околу 93 хa. Со ГУП-от од 1965 за Градскиот парк е резервирано подрачје од  60 ха.

Во 1966 година е изготвена и усвоена техничката документација односно пејзажен план за обликување и уредување на Градскиот парк на чело со Драган Шојлевски.

Драган Шојлевски освен што постземјотресно го испланира Скопје, тој на Скопјани им го подари едно од најубавите места во градот, третиот дел од Градскиот парк или како што го нарекуваат новиот дел. Тој изработи обемна студија и детален проект за Градски парк во 1965 година, а го реализираше во текот на седумдесеттите години од дваесеттиот век.

Зеленило, дрвја, клупи, езерце… Во Македонија првпат се внесува концептот на уредување на јавен простор, со што Градскиот парк во Скопје станува една од напрепознатливите обележја на градот.

Мапа на Градски парк

Целта на Шојлевски и неговиот тим што работеле на овој проект им била рекреативно – забавни и спортски активности за сите возрасти на граѓаните и можности за мирен одмор и прошетки. Но, освен за граѓаните на Скопје, Шојлевски размислувал и за опстанокот на вегетацијата во паркот, па затоа одлучил водата да се црпи и повторно да се влива во реката Вардар.

Иванка и Драган Шојлевски (приватна фотографија)

Неговата визија била Македонија да биде зелена оаза. За тоа се залагал и надвор од границите на државата како експерт на ООН. Шојлевски како професор и доктор по биотехнички науки на подрачјето на пејзажна архитектура, бил и професор на постдипломски студии за планирање на заштита на човековата околина во просторот.

Името на Драган Шојлевски ги поврзува Градскиот парк во Скопје и паркот Максимир во Загреб. Мостот во Градскиот парк и мостот во паркот Максимир го покажува белегот што го остави Шојлевски во светот.

Драган како мост на поврзување со своето пејсажно уредување направи не само Македонија, туку неговиот талент да биде простран и надвор од границите на државата. Градскиот парк „Максимир во Загреб, забавно-рекреативниот парк „Младен Стојановиќ“ во Бања Лука, паркот во болницата „Јордрановац“ во Загреб се дел од делата оставени од Драган Шојлевски.

ПЕРУ (1970)

Благодарница за за урбанистичко и просторно планирање на градот Чимботе и неговата околина

Седум години по катастрофалниот земјотрес во Скопје, на светот му се случи уште еден, Големиот перуански земјотрес.
Како експерт на Обединетите нации, а по покана од Владата на Република Перу, Шојлевски во 1972 година работи со тимот за урбанистичко и просторно планирање на градот Чимботе и неговата околина.

План за Чимботе (приватна архива)

„За името на Драган Шојлевски длабоко е врзан сиот досегашен развиток на нашата пејзажна уметност. Пионерската улога во неа го прави нејзин најзначаен претставник. Низ сета наша Република многу паркови, градини и одморалишта се дело на неговата инспирација и неговите замисли,“ вака Ацо Шопов ќе истакне за делата на Драган Шојлевски.

Овој пејсажен уметник ја наслика и ја замисли Македонија зелена, чиста и уредена, но колку државата успева да ги зачува неговите визии и неговиот труд?

Во својата книга „Македонската домашна градина“ Шојлевски ќе истакне дека „Природните стихии, пред сè катастрофалните земјотреси, уништиле голем број на трошни куќи од народната архитектура, а со нив замрел и животот во градините“. Со човечките стихии во 2023 година поради големиот број на градби, сечи, свлечишта, звучното загадување, аерозагадување… се уништува и замира животната средина во државава.

Дали вредеше целото озеленување на Шојлевски во Македонија за на крај да го исечат (срушат) поради цврсти градби? Одговорите најверојатно сите ќе ги добиеме од природата.

Погледнете го краткиот документарен филм „Визионерот за зелена држава“
Facebook
Twitter
LinkedIn