„Ми почина кучето лани на 13 години. Во целата бура на емоции дознав дека нема одредено место каде што може легално и достоинствено да се закопа. Среќа имам куќа со двор, па не требаше да се кријам по планини како што прават други луѓе или пак да треба да го фрлам во контејнер. Ветеринарот не знаеше каде да ме упати, иако кучето си имаше прописно пријавен сопственик и имаше вграден чип,“ сподели анонимно читател на Види Вака.
Како најголеми криминалци граѓаните во Македонија се принудени да бараат начини и кришум, за колку што е возможно достоинствено да ги закопат своите домашни миленичиња, бидејќи во земјава, законски одредени места за гробишта за миленици, не постојат.
Угинатите домашни миленици и уличните животни завршуваат на гробни јами, на депонијата Дрисла, во контејнери, покрај реки, на диви депонии.
Од друга страна, некои од сопствениците во тајност ги закопуваат своите миленици по диви територии, планини, ниви, дворишта, изложувајќи се на опасноста да бидат видени, фатени, казнети.
ИМПРОВИЗИРАНИ ТАЈНИ ПОГРЕБИ – ГРАЃАНИТЕ КАКО ЗНААТ И УМЕАТ ГИ ЗАКОПУВААТ СВОИТЕ МИЛЕНИЦИ
Наташа од Скопје го сподели нејзиното трауматично искуство, низ што се морала да помине за да го закопа нејзиното куче кое било нејзин верен пријател 12 години.
Драгана Томиќ цел живот чува миленици и е голем љубител на животни. И таа раскажува како се снаоѓала достојно да ги испрати од овој свет своите миленици.
Всушност, непостоењето на гробишта за миленици во Македонија е проблем кој се провлекува со децении, а иницијатива не покажуваат ниту локалните самоуправи, ниту државата.
Проблемот како топка се префрла од една на друга институција и никој нема конкретен одговор – зошто нема гробишта, ниту пак е прецизирано кој и како е надлежен.
Во меѓувреме сопствениците на животни живеат во страв – што кога нивниот миленик ќе почине?!
Твитер коментари
СКОПСКИОТ ЧИЧКО ГРОБАР
Меѓу скопјани кружат муабети за „чичко гробар“ – човек кој закопува миленици на Водно за одредена сума на пари, а го ангажираат луѓе кои немаат земјиште или не сакаат да ризикуваат да бидат видени, казнети.
За такво искуство раскажува Драгана која откако наишла на осуда од сограѓаните кога сама се обидела да го закопа својот миленик, ангажирала човек за пари со надеж дека навистина нејзиното милениче ќе биде достојно закопано.
ДРЖАВАТА НУДИ НЕХУМАНО РЕШЕНИЕ – МИЛЕНИЦИТЕ ЗАЕДНО СО УЛИЧНИ И СИТЕ ДРУГИ ЖИВОТНИ ЗАВРШУВААТ НА ДЕПОНИЈА
„За жал кај нас регулативата е многу бесчувствителна каде што со Закон тебе ти наложува својот миленик којшто си го чувал дома како член од семејството и дел од себе да го фрлиш на депонија,“ вели дваесет и шест годишниот Виктор Мазнев, активист за права на животните „Викорс Арк“ од Велес кој во текот на својот живот има вдомено и згрижено околу 1000 кучиња.
Мазнев појаснува дека според Закон треба миленикот да го пријавиме на ветеринарот каде што ни е чипирано кучето, да пријавиме дека нашето куче починало, ветеринарот да повика јавно градско претпријатие коешто би го отстраниле како леш, а подоцна би го предале на Дрисла каде што би завршило на голема гробница каде што би завршиле и сите животни, дали се бездомни, дали се од фарма или било каде.
„Малку е нехумано и нема тука никаква емпатија да твојот миленик го фрлиш на таква групна гробница,“ додава Виктор Мазнев.
Активистот истакнува дека и тој бил во ситуација кога бил принуден да закопа свој миленик на земјиште поради немањето други опции.
Но, сепак апелира дека доколку кучето угинало од некоја заразна болест, граѓаните не смеат да го закопат некаде во природна средина каде што може да се шири зараза.
„Тука би советувал секој што чува миленик, па така и ветеринарите би го советувале да изврши целата процедура да не се развие таа заразна болест или тој вирус“, посочи Виктор Мазнев.
ШТО ТРЕБА ДА ПРЕЗЕМЕ ДРЖАВАТА?
Според активистот Мазнев и државата би имала бенефиции доколку во секоја општина одреди локации кои би биле наменети за вечно почивалиште на миленици со тоа што секој од засегнатите би плаќал одреден надомест да го користи тоа место и тоа би се влевало во буџетот на државата за одржување на самото тоа место. Тој ја посочува Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежна да покрене постапка.
Виктор Мазнев:
,,Пред се, тука мислам дека Агенцијата за храна и ветеринарство треба да ја разгледа таа тема односно да разгледа начин како на оние коишто навистина си ги сакаат милениците кои се дел од семејството да обезбеди гробници за миленици поради тоа што самата таа Агенција е таа што всушност треба да ја покрене работата до Град Скопје, до самата држава Македонија и до државните институции и да се покрене целата работа и да потера во една постапка каде што тоа би било возможно поради тоа што тоа би било само еден дел на бенефит којшто би го добивала државата ако се развие нешто такво, зашто секој кој го користи тоа сигурно би требало да плаќа одреден надомест за одржување на тие места за да го присвоиш тоа, дел од тоа место и такви некои работи на пример тоа би можело да биде гробница каде што ти би можел да ја користиш, го закопуваш својот миленик и би можел да ја користиш одреден период со цел да ја задржиш за следниот миленик или пак после неколку години тоа е место каде што ќе може да го искористи друг сопственик да го закопа својот миленик.“ |
ШТО ВЕЛАТ НАДЛЕЖНИТЕ?
Според Агенцијата за храна и ветеринарство изградба на кафилерија би го решило овој проблем. Меѓутоа кафилеријата беше проект кој се најави пред четири години и никогаш не се реализираше.
Кафилерија претставува завод или фабрика каде се уништуваат мршите и пцовисаните животни, односно се преработуваат нуспроизводите од животинско потекло.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство – Сектор за ветеринарно јавно здравство ни одговорија дека врз основа на Законот за нуспроизводи од животинско потекло („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.129/2023) има покренато иницијатива за изградба на Кафилерија со што ќе се реши проблемот со угинатите домашни миленици односно отстранување на нивните трупови.
Всушност ова не е ништо ново.
Кафилерија се најави во 2019 година како проект на Владата на Македонија и АХВ, за фабриката беа обезбедени 9,5 милиони денари, а требаше да се гради во Општина Лозово.
Меѓутоа овој капацитет беше оспорен пред речиси две години со одлука од страна на Советот на општината Лозово со образложение дека уништувањето на мрши ќе влијае на здравјето на граѓаните кои живеат во близина на локацијата посочена за изградба на Кафилерија, иако од Агенцијата посочуваа дека станува збор за современа, незагадувачка индустрија, која нема да претставува опасност за луѓето.
Но, според некои од сопствениците на миленици, Кафилеријата исто така не претставува хуман и достоинствен начин на кои би се согласиле.
ЗАСЕГА ДРИСЛА И ДЕПОНИИТЕ ОСТАНУВААТ ЕДИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ КОЕ ГО НУДИ МАКЕДОНИЈА
Град Скопје и за оваа тема не одговори на прашањата на Види Вака.
Додека од Јавно претпријатие Лајка пак велат дека низ годините се поднесувани безброј иницијативи за гробишта за миленици претежно од здруженијата за заштита на животни, но е повеќе од очигледно дека досега ниедна институција нема пројавено интерес за истото да се оствари.
„Сметаме дека тоа би решило реален проблем кој го имаат граѓаните во моментот кога ќе им угине миленикот со што ќе имаат можност достоинствено да го испратат наместо да го одлагаат на депонија“, велат оттаму појаснувајќи дека и тие како јавно претпријатие имаат склучено договор со депонијата Дрисла, каде што завршуваат животните кои ќе угинат во Лајка.
ЈП ЛАЈКА има склучено договор со ЈП ДРИСЛА СКОПЈЕ за одлагање на лешовите од угинатите кучиња. ЈП Дрисла располага со посебна гробна јама за угинати животни и моментално е единствената опција за одлагање на лешеви од животни. Животните кои ќе угинат во ЈП Лајка се носат во ЈП ДРИСЛА СКОПЈЕ, додека угинатите бездомни животни на јавна површина на територијата на градот Скопје се пријавуваат во Комунална Хигиена и истата е надлежна да ги преземе и лешот од угинатото животно го одлага во ЈП Дрисла.
Дневно во просек Комунална хигиена подигнувала околу 1,5 згазени или умрени животни во Град Скопје (податоци од 2016 до 2020 година).
Дека сè уште ниту државата, а уште помалку локалните самоуправи не најавиле или направиле некаква иницијатива за хуман и цивилизиран начин на третман на домашните миленици после нивната смрт, истакнува и претседателот на Ветеринарна комора на Македонија, д-р Жарко Михајлоски додавајќи дека најчесто, за третманот на домашните миленици после нивната смрт, се грижи сопственикот, наоѓајќи одредено место (нива, државно земјиште, двор и така натаму) каде истото ќе го закопа.
„Многу поголем проблем се домашните миленици без сопственик за чие отстранување е задолжено комуналното претпријатие од секоја општина или во јама гробница, „ако истото ја има, или треба да го закопаат, претпоставуваме во кругот на депонијата,“ вели Жарко Михајловски од Ветеринарната комора и посочува дека гробиштата за миленици би имале повеќекратно значење:
-Пред сè го покажува цивилизациското ниво на државата, хуманиот, организиран, регулиран однос на општеството кон секое живо суштество зборува за стабилна, развиена, цивилизирана држава, која ги почитува сите норми на едно современо општество. Многу знајчајно е и задоволувањето на емоционалниот момент кај сопствениците, кои секако нивните миленици ги сметаат за членови од нивните семејства. Имањето на соодветно, комунално уредено, санитарно место за закопување на домашните миленици ќе има големо значење за сопствениците и ќе остави чувство на достоен однос кон нивните миленици.
Секако, овој начин на третман на закопување на домашните миленици придонесува и за отстранување на многу комунални проблеми кои би настанале ако нема соодветен третман, па дури и ширење на одредени болести и загадување на околината ако истите се закопуваат на несоодветни места.
ГРОБИШТА ЗА ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ НЕ СЕ НОВОСТ ВО РАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ
Хрватска е меѓу првите европски држави, заедно со Париз и Лондон кои имале гробишта за миленици уште од почетокот на 20-ти век.
Во Хрватска има и крематориуми за миленици, а од пред три години во Загреб е изграден и нов модерен комплекс гробишта за миленици наречен „Споменагај“.
Од неодамна потребата за гробишта за миленици ја препозна и Белград, па така од почетокот на годинава покрај веќе постоечкиот крематориум, направени се и гробишта како вечни почивалишта за милениците.
извор: beograd.rs
„Овде има 839 гробни места на околу 1.000 квадратни метри. Делот од гробиштата сместен во шума е со капацитет од 730 места на 1.800 квадратни метри. Исто така, тука е и градината на спомените, односно градината со рози, која се простира на 200 метри квадратни и на крајот простор за заеднички погребувања на 1.300 метри квадратни,“ изјави на отворањето тогаш градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ.
Во Италија пак постојат понапредни примери кои го истакнуваат значењето за сопствениците од постоење гробишта за миленици, каде во одредени делови од државата е дозволено сопственикот и миленикот да се закопуваат на исто место.
И во Скандинавските држави постојат гробишта за миленици со векови.
Според граѓаните проблемот со немање гробишта за миленици и во Македонија би бил лесно решлив доколку надлежните покажат волја.
„За почеток доколку не може да се одреди физички простор – сервис за кремирање исто така може да биде достојно решение“, вели Наташа.
И д-р Жарко Михајлоски од Ветеринарна комора на Македонија истакнува дека за решавање на овај проблем може да се земе примерот од високо развиените земји каде тоа е соодветно решено и да се изготви соодветно законско решение со одредување и уредување на место каде сопствениците на домашни миленици на цивилизиран, комунално и санитарно уреден начин ќе ги закопуваат своите домашни миленици.
А сè додека Македонија не ја препознае потребата од гробишта за миленици, сопствениците на домашни миленичиња се оставени сами да бараат начини за достоинствено да се испратат со своите миленици.