„Очекуваме пристапни тротоари, пристапни јавни површини, пристапни институции за целосно остварување на нашите права“ – Гере Трипков, лице со попречност.
Граѓаните со попреченост во Македонија со години се борат за еднакви права и пристапно општество.
Физичка непристапност, образовни бариери, вработување и економска зависност, социјалната стигма и пристапот до здравствени услуги се дел од најголемите секојдневни потешкотии со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Физичка непристапност
Физичката пристапност е најголемата пречка за самостојно функционирање на лицата со попреченост во Македонија.
Од непристапни и узурпирани тротоари со високи рабници, непостоење на тактилни патеки, неприлагодени тоалети и јавен превоз, бројни се предизвиците за непречено функционирање на граѓаните кои се зависни од инвалидски колички и помагала за движење.
„Почнувајќи од тоа кога ќе излезете од дома, каде одите, дали имате паркинг место, доколку сте сами, доколку не, оној што оди со вас, што ве асистира, треба да ја провери целата рута, а ако одите во институција, дополнително треба да се информирате од некоја од тие вработени дали има рампа и дали таа рампа е во функција, потоа доколку одите во некој јавен простор, секогаш мапирате паркинг место. Од кога ќе се паркирате, потоа ќе гледате само од нозете надолу, доколку сте лице со физичка попреченост, доколку сте лице со неуродивергентни некои попречености, тогаш гледате и други работи.“ – вели Гере Трипков.
Марш за пристапност
Минатата недела граѓани повторно излегоа да маршираат за поинклузивно општество барајќи слободни тротоари, патеки и јавни површини. Тие маршираа за поголема пристапност за лицата со попреченост и еднакви права и посочија дека недостигот од соодветна инфраструктура често ги ограничува во секојдневното функционирање.
Мапирање на непристапни места преку мапата на Види Вака
Види Вака изминатиов период спроведе прашалник со цел да ја мапира непристапноста во Македонија и да се добие директен увид од граѓаните за бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Преку собирање лични искуства, перцепции и конкретни локации, истражувањето резултираше со креирање мапа на непристапни институции и јавни простори низ државата. Прашалникот овозможи да се идентификуваат системските пропусти, но и најчестите инфраструктурни и административни проблеми што го ограничуваат секојдневното функционирање на лицата со попреченост.
Вкупниот број на испитаници ни покажа дека покрај директно засегнатите односно лицата со попреченост, во истражувањето учествуваа и граѓани кои сведочат или забележуваат непристапност во својата околина или се родители, роднини, пријатели на лица со попречност.
Во врска со нивната перцепција за пристапноста на институциите, ниту еден испитаник не одговорил дека институциите се целосно пристапни.
Најголемиот дел сметаат дека институциите не се пристапни и дел сметаат дека институциите се делумно пристапни. Ова укажува на сериозен системски проблем во обезбедувањето еднаков пристап до јавни услуги.
*Податоците се добиени од фотографии, описи и локации кои граѓаните ги испраќаат до Види Вака со цел мапирање на непристапноста ширум Македонија.
Како е да се живее како лице со попреченост во едно непристапно општество, за Види Вака зборуваше Игор Николовски кој секојдневно се соочува со бројните инфраструктурни и административни пречки.
Вработување и економска зависност
Лицата со попреченост сè уште чекаат да бидат рамноправно вклучени во пазарот на трудот, тие често наидуваат на тешкотии при наоѓање работа. Неретко се потпираат на државни надоместоци, што придонесува за поголем ризик од сиромаштија.
Според истражувањата нивната слаба вклученост на пазарот на трудот креира високи трошоци за општеството, како што се трошоци за социјална заштита, потреба за грижа од други лица што и нив ги става надвор од пазарот на трудот. Оттука компаниите имаат важна улога во обезбедувањето на достапност до работа за лицата со попреченост.
Во годишен извештај за 2024 година на Агенција за вработување на Македонија, само 102 лица со попреченост побарале вработување, а 73 работодавци испратиле барање за вработување на инвалидни лица во рамки на доделување на средствата од Посебниот фонд за обезбедување на услови за вработување и работење на инвалидните лица.
Оттука гледаме дека иако компаниите имаат голем број на придобивки за вработување лица со попреченост, интересот за оваа мерка не е значително голем.
Минатата година Министерството за социјална политика, демографија и млади го актуелизираше новиот предлог на Закон за вработување и професионална рехабилитација на лица со попреченост преку кој треба да се воведе нов систем за вработување на овие лица.
Со овој закон би се подобриле можностите за вработување како и воведување на моделот на поддржано вработување.
„Воведување на современ пристап кон вработувањето на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот, дизајниран на начин кој ќе биде достапен за сите, воведување на професионална и стручна рехабилитација во системот и обезбедување на систематски, доследен и структурен начин на финансирање на сите стимулации од државниот буџет, треба да претставува приоритет особено во услови кога недостигот на работна сила во економијата значително влијае на нејзиниот развој“ – стои во описот на Предлог законот поставен на ЕНЕР кој сè уште е со отворен статус.
Анита, Влатко и Беира се лица со оштетен вид кои секојдневно масираат голем број пациенти, тие се позитивен пример како доколку им се даде можност, лицата со попреченост можат успешно да бидат вклучени во пазарот на трудот.
Образовни бариери
Додека беше средношколец, младиот Никола Стојановски од Скопје, наставата ја следеше со неговата мајка, наместо со образовен асистент. Учениците со попреченост во основното училиште имаат образовни асистенти, но не и во средните училишта.
Инклузивното образование во пракса се соочува со недоволно обучен кадар, недостаток на асистенти во наставата и несоодветна инфраструктура за учениците.
Образовните бариери вклучуваат и немање материјали на Брајово писмо, но и физички непристапни образовни институции. Поради овие предизвици, многу ученици со попреченост не добиваат еднакви можности за учење и активно учество во наставниот процес.
Социјална стигма и дискриминација
Стереотипите и недоволното разбирање во општеството предизвикуваат маргинализација и изолација за лицата со попреченост.
Реалноста е дека во секојдневието сè уште постојат примери кога овие лица се дискриминирани врз осносва на нивниот физичка или ментална попреченост, па оттука се гледа потребата од кревање на свеста и учење од мали нозе за инлузивност и еднаквост.
Еден поинаков и позитивен пример за недискриминирање е инклузивниот концерт на деца со типичен и атипичен развој од музичкото училиште „Inclusive Music“ кои настапија заедно и покажаа дека музиката ги обединува сите. Под менторство на нивниот професорт Дамјан Даневски заедно покажуваат на општеството што значи инклузија во вистинска смисла на зборот, уште од најмала возраст. Дамјан им помага да го откријат и развијат својот музички талент без разлика на нивните различности, а заедно пееја песни од The Beatles, Pink Floyd, Queen и многу други на инклузивниот концерт „Со помош од нашите пријатели“.
Здравствена и социјална заштита
Административните процедури за добивање на одредени права и медицински помагала се сложени и бавни, додека финансиската поддршка не ги покрива сите реални потреби.
Пристапот до здравствени и социјални услуги останува сериозен предизвик за многу лица со попреченост. Иако законски се гарантирани одредени права и услуги, нивното остварување често е отежнато поради сложени административни процедури, долгото чекање и недоволната достапност на услугите. Дополнителен проблем претставува недостигот на пристапна здравствена инфраструктура и услуги, особено надвор од поголемите градови.
Поддршката за ментално здравје од државата исто така изостанува, не постојат системи и стратегии за бесплатно психолошко советување за оваа ранлива група на граѓани.

Лицата со попреченост во Македонија сè уште се соочуваат со бројни пречки кои ги ограничуваат нивните права и можности за рамноправно учество во општеството.
Непристапната инфраструктура, ограничените можности за образование и вработување, социјалната стигма и предизвиците во пристапот до здравствени и социјални услуги покажуваат дека инклузијата сѐ уште не е целосно остварена.
Пораките од Маршот на видливост се јасни, лицата со попреченост не бараат посебен третман, туку си ги бараат своите основни човекови права.