Кога граѓаните најмногу го чувствуваат аерозагадувањето, пред Скопскиот граѓански суд беше изгубена првата правна битка за почист воздух. Судот ја отфрли тужбата против Владата, Министерството и Град Скопје за непреземање мерки за спречување на загадувањето на воздухот, па сега на ред да одлучува е Апелацискиот суд
Бев принуден да го ограничам моето движење и почесто да седам дома. Не отворав прозорци за да спречам загадениот воздух да влезе. Ги намалив и моите излегувања и други социјални активности надвор од домот. Купив прочистувач за воздух и редовно го користам. Ваквиот начин на живот се интензивира во зимскиот период и особено откако се роди мојата ќерка во 2017 година.
Ова е сведочењето на скопјанец за тоа како аерозагадувањето влијае на неговиот живот во метрополата, за ризиците и за опасностите од живеењето во еден од најзагадените градови во Европа, па и во светот. Неговиот идентитет, на негово барање, нема да го откриваме.
Иако е засега анонимен, ќе остане запаметен во судската историја во земјава како еден од ретките што се охрабриле проблемот со аерозагадувањето да го стават на агендата на судовите. Заедно со Македонското здружение на млади правници тој поведе судска постапка против македонската Влада, Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје поради енормното загадување на воздухот.
Оваа тужба не наликува на холивудските филмови каде што се бара мултимилионска отштета. Тужителите бараат одговорност од државата и почитување на минималните стандарди за заштита на животната средина пропишани во законите во земјава, нешто што постои на хартија, но не се спроведува во реалноста.
Скопје не е единствениот град во земјава кој, поради големото загадување на воздухот од кое се трујат граѓаните, е даден на суд. Тужба за аерозагадувањето Здружението на млади правници, истовремено, поднесе и пред битолскиот суд. А пред јавното обвинителство поднесена е и кривична пријава.
Загадувањето е проблем на сите граѓани, па и на оние што работат во институциите кои се соочуваат со тужбата. Иако сите го чувствуваат загадувањето, не сите институции еднакво реагираат, коментираат од здруженијата.
„Како Здружение кое долги години работи на заштита на човековите права, констатиравме дека ништо не се менува на полето на здрава животна средина и дека не постои ниту една постапка иницирана пред кој било суд во државата каде што се бара утврдување на повреда на правото на животна средина или повреда на правото на здравје на кој било граѓанин како последица од енормното загадување“, вели Јасна Аранѓеловиќ-Оровчанец, проектен менаџер во Македонското здружение на млади правници.
Пред Основниот граѓански суд во Скопје биле одржани три подготвителни рочишта. На рочиштата своите аргументи и докази ги изнеле тужителите и тужените преку застапниците на Владата, на Министерството и на Град Скопје
Аргументите на тужената страна се дека надлежните институции презеле сè во согласност со нивните ингеренции за да го намалат аерозагадувањето.
„Министерството соработува со едниците на локалната самоуправа и како резултат на активна проектна документација досега се подготвени планови за подобрување на квалитетот на воздухот на Град Скопје, и тоа во декември 2016 година, Општина Битола во април 2012 година и Општина Тетово во април 2017 година. Исто така подготвен е и план за чист воздух и програма за подобрување на квалитетот на воздухот за 2019 година, а кој се однесува на нееколошките системи за греење во административните капацитети, подигнување на јавната свест, обезбедување на прочистувачи за воздух за образовните институции и подготовка на законски решенија“, стои во одговорот на тужбата.
Тужените, исто така, наведуваат дека законската регулатива и легислатива е заокружена и до 90% усогласена со европската директива за чист воздух Европа 2008/50/ЕК.
„Тие како тужена страна во одреден спор секако го аргументираат поставеното тужбено барање“, вели Аранѓеловиќ-Оровчанец. Сепак, додава дека Правото на чист воздух не е право само на тужителите.
Според екоактивистката Ана Чоловиќ-Лешоска, покренувањето на прашањето за правото на чист воздух пред судовите во земјава е логичен тек на работите по долги години апелирање да се преземат мерки. Кога мерките изостануваат, на ред е правната битка.
„Мислам дека и институциите ќе станат посензибилизирани за прашањето бидејќи ако веќе стигнува до суд, значи, навистина е сериозна работата. А сите знаеме дека е сериозна“, вели Чоловиќ-Лешоска од ЕКО Свест.
Она што за многумина е поразително е фактот дека тужбата пред Скопскиот граѓански суд е отфрлена. За втората тужба, пред Битолскиот суд, нема одржано ниту подготвително рочиште.
На прашањето до каде е постапката, од Основниот суд во Битола го добивме следниот одговор:
„Ве известуваме дека по проверка на АКМИС-системот, се утврди дека во Основниот суд Битола не е оформен предмет во врска со поведена прекршочна, кривична ниту парнична постапка против Општина Битола, а во врска со аерозагадувањето.“
За кривичната пријава, пак, не успеавме да лоцираме во кое обвинителство е распоредена ниту дали се преземени некакви дејствија, иако побаравме одговор од Основното јавно обвинителство.
Што наведува судот во одлуката?
Во решението на Скопскиот граѓански суд, испишано на 27 страници, се изнесени наводите на тужителите, како и одговорите на Владата, Министерството за животна средина и Град Скопје дадени преку нивните правни застапници.
Тужбата е отфрлена со следното објаснување: во делот на првото тужбено барање тужбата е недопуштена, а за второто – судот се прогласил за ненадлежен.
Во продолжение наведуваме само делови од одлуката:
„Тужителите бараат утврдување факти, односно да се утврди дека тужените во соодветен период со непреземање на дејствија повредиле соодветни права на тужителот. Со други зборови, со тужбата не се бара да се утврди постоење на соодветно право или соодветен правен однос помеѓу тужителот и тужениот, па Судот во согласност со општите начела на Законот за парничната постапка нема правна можност да постапува по ваква тужба“, стои во образложението на одлуката.
Во овој случај Судот го спори правото на тужителите да се повикуваат на пресудите на Европскиот суд на правдата бидејќи тој се однесува само на земјите членки на Европската Унија, а не и на нашата држава.
За пресудите на Европскиот суд за човекови права, пак, судот се повикува на одредба од Законот за судовите од 2018 година, според која домашните судови треба да ја применуваат праксата на Стразбур, но само од пресуди каде што била тужена Македонија, а досега немало таква пресуда во врска со правото на здравје и здрава животна средина поврзано со квалитетот на амбиентниот воздух.
Во однос на вториот дел од тужбеното барање, задолжување на Владата да ги ажурира законските и подзаконските акти и целосно да го хармонизира законодавството со Директивата 2008/20/ЕК за квалитет на амбиентниот воздух, како и други цели за подобрување на квалитетот на воздухот, Судот навел:
„Основниот граѓански суд нема надлежност да ја задолжи Владата да ажурира општи акти, како што се законските и подзаконските акти, односно не постои судска надлежност за постапување по ова тужбено барање.“
Македонското здружение на млади правници веќе има поднесено жалба на ваквата одлука до Апелациониот суд во Скопје.
Според Чоловиќ-Лешоска, пак, битката не е загубена со тоа што тужбата е одбиена.
„Едноставно, мора да се работи постојано на свесноста и кај граѓаните и кај институциите и да се продолжи и понатаму со притисоци, ако не кај Владата кај Собранието“, вели таа додавајќи дека Собранието како контролор на спроведувањето на политиките на Владата, меѓу кои и онаа за квалитет на воздухот, треба да одржи и Надзорна расправа.
Нуредини: Тужбите не ме изненадуваат, здравата животна средина е и моја борба
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, кој стапи на функцијата министер во овој ресор по поднесувањето на тужбите, поради што не е опфатен ниту со тужбите ниту со кривичната пријава, за Види Вака вели дека не е изненаден од нив.
„Ваквата тужба не ме изненади, со оглед на фактот што веќе некое време појавата на стратешко застапување во оваа област се забележува во развиените земји, каде што граѓаните на тој начин вршат притисок врз власта за позасилена акција и подоследно исполнување на обврските“, вели Нуредини.
Тој се надева дека ваквите тужби ќе придонесат за покренување на граѓанската свест за прашањата од животната средина кај граѓаните, а кај институциите на професионалната свест.
Нивниот неуспех пред судовите, додава тој, не треба да разочарува бидејќи правото од сферата на животна средина е нова област која допрва се пробива и пресудите на меѓународно ниво сè уште може лесно да се избројат.
„Тие, пак, кои се донесени, не се однесуваат толку на казнувањето на државата, ниту на исплаќањето на штети туку идејата е да се наметне исполнувањето на позитивните обврски на државата, промена на легислативата, подобрување на имплементацијата, посериозни амбиции и слично“, вели Нуредини во својот одговор за Види Вака и додава дека и државава ги следи овие одлуки, а посебно толкувањата на Европскиот суд за правдата за доследно транспонирање на ЕУ-законодавството при креирањето на политиките.
А за да не доаѓаат прашањата од животната средина до суд, Нуредини вели дека Министерството презема и координирани акции со сите надлежни институции.
„Министерството за транспорт и врски работи на воспоставување на гасоводна мрежа, Министерството за економија на мапирање и субвенционирање на домаќинствата за промена на начинот на греење, Министерството за финансии има заем од 25 милиони евра за инвестиции во обновливи извори на енергија. Сите овие активности постепено ќе придонесат за намалување на аерозагадувањето“, изјави Нуредини на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.
Загадувачите во иднина ќе бидат казнувани дваесет пати повеќе преку измените на девет закони од животната средина, а со новиот Закон за прекршоците, покрај казната, ќе бидат обврзани и да ја надоместат предизвиканата штета.
Министерот најави формирање и на фонд на животна средина, нешто на што еколошките здруженија постојано апелираа.
„Многу од средствата, еколошките такси кои ние како граѓани ги плаќаме завршуваат во централниот буџет, а не во Министерството за животна средина, што е нормално до некој степен, знаејќи дека Министерството нема капацитет сите тие средства да ги стави во функција на проекти“, вели Чоловиќ-Лешоска.
Постоењето на фонд ќе овозможи овие средства да се користат исклучиво за еколошки проекти.
Според претседателката на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, тужбите се издржани. Таа очекува институциите да покажат зрелост кон решавањето на овој проблем исто толку колку што Здружението на млади правници покажало зрелост при подготовката на тужбите.
„Овие тужби имав прилика да ги погледнам уште кога бев во Министерството, и на некој начин потајно и да се радувам, верувајте, што младите правници се охрабрија да подготват, да документираат една толку издржана тужба, којашто во институциите ќе видиме како ќе заврши“, вели Петровска, која во Инспекторатот дојде од местото државен секретар во Министерството за животна средина.
Ова се само почетоци на решавање на овие прашања, кои Петровска се надева дека ќе станат приоритет.
Богата европска пракса
И додека македонските судови сè уште немаат донесено ниту една пресуда за повреди од страна на државата поради аерозагадувањето, Европа има богата пракса.
Долгогодишната судската пракса на Европскиот суд за човекови права брои повеќе од 300 пресуди кои се однесуваат на случаи поврзани со животната средина. Европскиот суд на правдата (ЕСП), исто така, има постапувано по тужби против државите кои не ги почитувале стандардите за чист воздух и здрава животна средина.
Иако правата од животна средина не се изречно наведени во Европската конвенција за заштита на човековите права, сепак Судот во Стразбур има донесено бројни пресуди за предмети иницирани поради загадување на животната средина.
Во пресуда на Судот од јануари 2019 година Корделија и други против Италија, во која 180 апликанти се жалат поради токсичните емисии од челичарница во Таранто, Судот оценува дека може да се примени членот 8 – право на почитување на приватниот и на семејниот живот.
Имено, Судот оценил дека кога еколошките ризици достигнуваат одредено ниво со кое значително се ограничуваат способноста на апликантот да ги ужива овие права, тогаш може да се поведе спор според оваа одредба.
Претседателот на Судот, Роберто Спано (pdf), во октомври јавно ги изнесе своите ставови ‘за’ и ‘против’ Европскиот суд за човекови права да стане и суд за животна средина и климатски промени.
Во ноември, пак, Европскиот суд на правдата пресуди дека Италија систематски и континуирано ги прекршувала европските правила за чист воздух. Според податоците доставени до Судот, дневните и годишните гранични вредности континуирано биле надминувани.
„Италија не успеала систематски и континуирано да ги исполни обврските од ЕУ-директивата за аерозагадување и не обезбедила навремени и соодветни мерки дека надминувањето на дневните и на годишните вредности на ПМ-10 честиците ќе трае кусо и само во зафатените зони“, стои во одлуката.
Тужбите пред ЕСП ги покренува Европската комисија. Пред Италија, за аерозагадување беше казнета Полска, а тужба беше поведена и против Франција.