Барањата за чист воздух остануваат без одговор

Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака

Жолт картон им доделија граѓаните на цементарницата „Усје“ и Министерството за животна средина и просторно планирање на протест против аерозагадувањето, одржан пред фабриката во Скопје.

На протестот организиран од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ уште еднаш се побара поставување на 24/7 сензори за следење на квалитетот на воздухот околу фабриката и внатре во неа, како и прекин на работата во периоди кога се надминуваат дозволените граници на загадување. Деветте барања на „Стоп за Усје“ доставени до надлежните институции кои беа доставени кон крајот на декември, сè уште остануваат без одговор, велат од иницијативата.

На протестот пред цементарницата „Усје“ граѓаните истакнаа дека проблемот со загадувањето не е само „магла“, туку резултат на алчноста која го загрозува основното право на чист воздух. Тие побараа конкретни мерки и целосна одговорност од институциите без изговори со кои се загрозува здравјето на населението.

По протестот во декември, Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата на граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“ за дислокација на цементарницата „Усје“. Во иднина, Владата треба да донесе конечна одлука по ова барање.

„По 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја усвои нашата иницијатива со следните заклучоци чиешто спроведување многу посветено ќе го следиме!“, соопштија од Зелен Хуман Град.

Претходно, во декември, „Стоп за Усје“ протестираа пред цементарницата „Усје“ и побараа итни мерки против долгогодишното загадување. И тогаш беа искажани истите барања за дислокација на фабриката и зголемена контрола на емисиите.

Скопје повеќе од 30 години се бори со сериозно аерозагадување, кое го загрозува здравјето на граѓаните, особено на децата и новороденчињата. Животот во градот често значи дишење на опасни честички кои оставаат трајни последици врз најранливите.

Facebook
Twitter
LinkedIn