АВТОМОБИЛСКА ДЕПОНИЈА

Автор: Ивана Настеска
Камера и фотографии: Иван Алушевски, Драган Котовски
Монтажа: Анета Цветковска, Синиша Илијески
Продукција: Види Вака

Од 361.000 увезени возила, само 61.000 се нови, ова покажува дека возниот парк во земјава е исклучително стар

„Се продава „Голф 5“ произведен во 2004 година со поминати 250.000 километри, на нафта. Возилото е како ново, во одлична состојба, со нови гуми, регистрирано до септември 2020, цена 4.300 евра, може и замена со ваша доплата“.

„Продавам „Ауди А4“ во топ состојба произведен во 2001 година, дизел, каросериски има гребаници, но, моторот е сервисиран целосно. Сменети сет каиши, ребраст, затегач, водна пумpа, антифриз. Со нови предни и задни дискови и плочки, а направен е и сервис на менувачот. Оди во комплет со нови зимски и летни гуми. Има поминато 336.000 километри и не е враќана досега. Има зелен картон и регистрација до мај. Цена по договор.“

Ова се дел од илјадниците огласи кои може да се најдат на интернет страниците за продажба на половни автомобили. Во последниве десетина години, македонскиот автомобилски пазар е преплавен од половни автомобили. Анализата на ВидиВака покажува дека од 361.000 увезени возила, само 61.000 се нови, што потврдува дека возниот парк во земјава е исклучително стар. Граѓаните се поделени околу ова, дел велат дека е добро што има половни автомобили по прифатлива цена, дел пак велат дека се претвораме во автомобилска депонија.

Решивме да посетиме еден од автоплацовите. За да стигнеме до него мора да го поминеме сообраќајниот метеж во центарот на Скопје во правец кон западниот излез на градот. Заглавуваме на една од најпрометните улици „Св. Кирил и Методиј“. Иако од едниот до другиот семафор, оваа улица е долга околу 700 метри, потребни ни беа 30 минути да ја поминеме. Додека чекаме, забележуваме црн чад од ауспухот на еден од автомобилите пред нас.

Во редот од нашата лева страна стои такси-возило, иако не можеме добро да ја забележиме марката на возилото, гледаме дека е прилично истрошено и му фали бравата од совозачката врата и ретровизорот од истата страна. Во гужвата, има и нови модели на автомобили, но се значително помали на број. Метежот полека се расчистува, ние се движиме и тогаш вниманието ни го одзема „паркиран“ автомобил со вклучени четири трепкачи. Возачот излегува од автомобил и бара помош да му се помогне да го стартува возилото. Доаѓаат двајца мажи и со сета своја снага успеваат да го истуркаат да „запали“ белото „Југо 45“.Полека се приближуваме кон нашата дестинација.

Влегуваме на простор што личи на игралиште, но наместо спортски реквизити просторот е исполнет со автомобили. Од левата страна гледаме неколку возила кои се видливо оштетени, на некои им фали шофершајбна, тој до него е изгребан, а третиот е на трупчиња. Од десната страна  пак, поставени се подобри автомобили, на прв поглед, таков впечаток ни оставија.

Подоцна разбравме дека оштетените автомобили се носат во отпад или се распродаваат по делови. Причините за нивното оштетување се различни и секојдневни, некои се веќе дотраени и го завшриле својот век на служење, а останатите се оштетени од сообраќајни несреќи.

Нашиот интерес се задржа на оние кои изгледаат подобро, бидејќи тие возила ќе бидат на нашите патишта откако ќе се продадат. Сопственикот на плацот ни откри дека повеќето од нив што се таму веќе се „капарисани“.

„Најчесто се бараат автомобили со средна големина, ем фамилијарни, ем практични. Најпривлечни во цената за нашите сограѓани се дизел возилата“, ни откри тој.

Во последниве десетина години во земјава, поточно од 2009 заклучно со 2018 година, според статистиката на Царинската управа, увезени се вкупно 361.856 возила. Тука се вклучени автомобили, товарни возила, автобуси и минибуси, во бројката се и новите и употребуваните возила. Од оваа вкупна бројка, само 63, 901 возила се нови, останатите се половни употребувани патнички моторни и товарни возила и автобуси и минибуси.

Помошникот директор на Секторот за акцизи при Царинската управа, Анастас Маженковски, вели дека во изминатите години најчесто се увезувани патнички возила со просечна старост од над 15 години, што согласно староста, одговара на еколошкиот стандард Еуро 4.

Според него, само во 2018 година увезени се околу 37.000, од кои над 20.000 возила или околу 60% од вкупно увезените возила спаѓаат во категоријата на возила со вредност до 4.000 евра.

„Возилата со старост од над 15 години се технолошки доста истрошени, што подразбира возила со просечно поминати над 300.000 – 400.000 километри. Во 2019 година состојбата е вкупно увезени околу 45.000 патнички возила, од кои 86% се половни, а само 14% се нови“, појаснува Маженковски.

Согласно статистиката на Царинска управа, државата има многу стар возен парк од патнички возила. На пример,  во 2013 година, 90% од возилата со прва регистрација биле половни возила, од кои 74% биле постари од 11 години, споредено со 2008 година, кога 70% биле нови возила.

„Просечната старост на целиот национален возен парк постепено се зголемува од 15,8 години во 2005 година, 17,2 години во 2013 година и 18,7 години во 2017 година“, додава Маженковски.

Дарко Јаконов: Целиот регион го увезува автомобилскиот крш од Западна Европа

Новинарот на Аутомедиа.мк, Дарко Јаконов, кој е и добар познавач на бизнисот со увезување на автомобили се согласува дека на македонските патишта најчесто се возат стари и дотраени автомобили.

„Кршот го увезуваме, не само ние, туку целиот регион. Тоа што се случува кај нас е феномен со евтиниот увоз, со достапните возила од ЕУ, првенствено од Германија како најголем пазар на користени возила и општо како земја која има моќна економија и може да произведе соодветно висока динамика на продажба на возила и на нови и на користени“, вели Јаконов.

Старите возила придонесуваат за аерозагадувањето

Имајќи ја предвид просечната старост на увезените возила и еколошкиот стандард, особено имајќи ја предвид технолошката истрошеност на возилата кои се увезувани чија просечна вредност е околу 3.000 до 4.000 евра, Маженковски вели дека, се работи за возила кои значително влијаат на загадувањето.

Според него, структурата на возилата според видот на погонско гориво, кај дизел возилата процентот на употребувани возила изнесува 90% од сите дизел возила, односно 64% од вкупните возила увезени во 2018. Додека пак, само 10% од дизел возилата се нови возила.

„Во државата според статистичките показатели износот на емисија на СО2 на возниот парк изнесува во просек најмалку 170 гр/км, а споредбено во ЕУ во 2020 година согласно директивите на ЕУ, производителите треба да произведуваат возила со емисија од 95 гр/км“, додава Маженковски.

Тој вели дека неофицијални податоци даваат индиции дека просекот на емисија на СО2 во земјите од ЕУ е околу 140 гр./км, при што голем број земји во ЕУ применуваат драстични мерки за намалување на емисијата на СО2 што се гледа преку воведување на забрани и ограничување на движењето на дизел возилата во одделни градови во ЕУ.

„Кај нас, стариот возен парк на патнички возила е концентриран во поголемите градови на државата и предизвикува зголемено локално загадување на воздухот, особено во зимските периоди“, појаснува Маженковски.

Министерствто за животна средина и просторно планирање заедно со Финскиот метеоролшки институт, објави извештај за квалитетот на воздухот од 2005 до 2015 година. Меѓу другите извори на аерозагадувањето, во извештајот се вели дека во секторот транспорт најголемо влијание врз загадувањето на воздухот имаат емисиите од патниот сообраќај.

„Влијанието на емисиите од патниот сообраќај е најголемо во урбаните области со збиена патна мрежа и голема фрекфенција на возила. Емисиите од патниот сообраќај зависат од типот и староста на возилата, изминатиот број километри на секоја група возила, како и квалитетот на горивата кои ги користат возилата“, стои во Извештајот.

Јаконов пак, вели дека потребно е да се направи студија која нема да се базира фабрички податоци за потрошувачката на автомобилите.

„Поразително е што во земја каде што постигнуваме загаденост рекордна во светски стандарди и не е направено истражување коешто ќе укаже вистински на изворот. Автомобилите не трошат три или четири литри, потребно е да се направи реално истражување, со реални вредности“, вели Јаконов.

Според него, двојно зголемената потрошувачка на гориво дава индиции дека автомобилите учествувват повеќе во аерозагадувањето, отколку што се прифаќа.

„Од друга страна, постои една програмирана инертност од страна на државата на којашто и е од интерес да се зголемува потрошувачката на нафта, затоа што акцизата влегува во буџетот и тоа прави една комоција и тоа е нешто што треба да се земе в предвид“, додава тој.

Се воведува еко-компонента

Во почетокот на година стапи на сила и новиот Закон за данок на моторни возила во кој за првпат се воведува еколошка компонента при пресметката на цената за увоз на возила.

„Основната цел на законот е еколошките возила кои се и технолошки понови и фактички да добијат бенефит во рамки на оданочувањето наспроти возилата со иста вредност а кои се технолошки постари и се со повисоки износи на емисија на јаглерод диоксид – CO2“, вели Маженковски.

Тој појаснува дека на овој начин, еколошките возила со понизок износ на емисија на CO2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисок износ на загадување со CO2. Државата очекува дека овој закон ќе донесе големи придобивки за целото општество со намалување на загадување на амбиентниот воздух и обнова на возниот парк со поттикнување на купување на возила со голема економичност на гориво, како и хибридни и електрични возила.

„Ова е прв закон кој нема само фискален аспект. Законот, има еколошка компонента која има за цел да го преструктуира пазарот на возила во државата во наредниот период, ставајќи акцент на стимулирана набавка на еколошки возила со понизок износ на емисија на издувни гасови СО2“, вели Маженковски.

Според него, рекомпонирање на оданочувањето на патничките возила со висок процент на емисија на издувни гасови СО2 (пример: над 180-200 гр./км) да плаќаат повисок данок, а оние со пониска емисија на СО2 (пример: 100-130гр/км) да плаќаат понизок данок. Со тоа купувачите, додава Маженковски, треба да бидат стимулирани за набавка на поеколошки возила.

Увозниците на половни моторни возила првично го поздравија новото законско решение, но изразија незадоволство и сметаат дека давачките се тројно покачени кај одредени возила. Побараа да се намали акцизата за постарите возила со еуро 5 и еуро 6 стандард и да се укине CО2 данокот за нив.

„Ние не можеме да увезуваме возила по овие цени затоа што царините излегуваат колку што го купувате возилото во Италија. Во Италија може да има возило во вредност од 3.000 евра, таму имаат плата од 2.000 евра, а кај нас имате давачки од 3.000 евра и возилото станува 6.000 евра. Сите увозници стопираа, веќе не увезуваат“, реагираа уште во јануари од Националното здружение на граѓани увозници на половни автомобили „Регулатив“.

Увозниците сметаат дека ќе најдат заеднички јазик со државата и дека ќе се направат одредени измени во законот за да не им бидат загрозени бизнисите.

„Тие автомобили го преплавија целиот регион. Имаме проблем во Белград, има проблем во Софија, во Будимпешта, секаде се бележи значи нагло зголемена емисија“, вели Јаконов.

Новинарот Јаконов објаснува дека новото законско решение нема да го попречи увозот на автомобили, туку треба да стимулира увоз на понови автомобили, за коишто нема потреба да се плаќаат толку високи давачки.

„Јавноста не е таа којашто реагира, реагира бизнисот. Реагира бизнисот затоа што профитот е поголем. Автомобилите коишто имаат низок квалитет на издувни гасови се девалвирани на пазарот во Германија на користени автомобили. Тоа е фантастична ниска вредност, меѓутоа, не постои интерес на германскиот пазар за тие автомобили“, вели Јаконов.

Резултати од новиот закон кон средината на годинава

Анализите на законските одредби и резултатите од истиот најдобро ќе може да се оценат во втората половина од годината.

Според Маженковски, тогаш ќе можат да се разгледаат и сумираат податоците за предвидените фискални импликации и реализацијата на зацртаните планови во делот на политиката за увоз на поеколошки возила.

„Тогаш ќе може да се разгледува можноста и потребата од одредени измени или корекции“, додава Маженковски и додава дека според првите показатели „се чувствува намалување во делот на увоз на половните возила, што е и целта на законот“.

ПРЕСМЕТАЈ ГО ДАНОКОТ

Царинскапа управа изготви и Информативен калкулатор на кој секој може да направи пресметка колку би го чинело возилото кое сака да го увезе.

Според информативната пресметка, ако сакате да купите старo патничко возило кое чини 2.000 евра, кое има емисии на СО2 од 170 грама, за него калкулаторот покажува дека ќе треба да платите 360 евра данок. А доколку е со дизел мотор – данокот е над 500 евра. 

Facebook
Twitter
LinkedIn