Аерозагадувањето ја влошува состојбата со алергиите

Климатските промени влијаат врз сезоните на полен, а со тоа се пролонгира траењето на сезонските алергии. Дополнително, аерозагадувањето е ризик фактор за алергиска астма.
Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

Кон крајот на месец декември во 2022-ра година, геодетите на Националната мрежа за аеробиолошки надзор (РНСА) открија зрна полен од леска, додека вообичаено тие се забележуваат повеќе во февруари.

Кивање, кашлање, болка во грло, тежина во гради, печење и чешање на очите…Ако порано овие симптоми се појавуваа само на пролет или наесен поради алергија, сега граѓаните ги имаат во текот на целата година. Специјалистите велат дека тоа се должи на глобалното затоплување кое ги изместува природните процеси во текот на годината.

„Ние имаме многу кратки, благи, топли зими. А имаме долг пролетен период, долг есенски период. И кај нас, ако сте приметиле, дрвата цветат уште на крајот на февруари и почетокот на март. Значи тој полен може да се јави уште на почетокот на март. И да трае сето тоа до ноември. Значи, ние не можеме веќе да збориме за сезонски алергии, за пролетни алергии. Кога имаме еден период од февруари до ноември. Тоа е цела година, речиси, децата коишто имаат проблем со токму полените, тревите, дрвата, коровот којшто се јава во втората половина, таму некаде август, септември, октомври. Тоа е една целогодишна изложеност“, вели д-р Мирјана Поповска, специјалист-педијатар во Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Козле.

Студија на Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ by Bjanka Stankovic

Порастот на температурите влијае на должината на сезоните на полен. Светските научници се согласуваат дека дел од дрвата цветаат прилично рано во година, а со тоа ја започнуваат сезоната на полен сè порано и порано. Општо гледано, поленовите зрна не само што стануваат побројни, туку и поалергени. Нивното количество се зголемува така како што се зголемува и температурата.

Аерозагадувањето го отежнува справувањето со респираторните алергии

Зголеменото присуство на хемиски загадувачи во атмосферата, особено во градовите, исто така ја влошува состојбата. Загадувањето на воздухот го надразнува респираторниот тракт, го ослабува и ги влошува симптомите.

„Аерозагадувањето е еден голем ризик фактор, на пример, како што зборуваме за алергиите. Исто така е голем ризик фактор за еден асматски напад, кај дете коешто е со алергиска астма. Докажано е дека тие ПМ честички, тие токсини коишто ги има во загадениот воздух ја разоруваат респираторната слузница кај детето. Било тоа е да е во горните дишни патиште или во долните дишни патишта. Таа респираторна слузница којашто е разорена и е постојано подложна на вакви токсини, таа е добра подлога за сè што ни вирее во тој период во односи на вируси, инфекции, да детето ги накалеми и да развие болест,“ додава д-р Поповска.

Најмладите меѓу најзасегнатите во општеството

Носната секреција и чешање, отежнато дишење, кивање, сува кашлица, солзење и црвенило во очите, се најчестите симптоми на алергиски ринитис. Зaгадениот воздух не само што им ги влошува симптомите на најмладите, тие претставуваат закана за нивниот понатамошен когнитивен развој.

„Многу е важно кај децата, новороденчињата, особено доенчињата, малите деца во претшколска возраст, тие сè уште немаат изграден имунолошки одговор. Нивниот организам е незрел организам, сè уште е во развој. Кога ги инхалираат тие токсини коишто се јавуваат, нели коишто ги имаме во загадениот воздух, тие не можат во детскиот организам, во тој незрел организам да се метаболират, да се детоксицираат, што значи дека тие многу време остануваат во организмот на детето и прават нормално штетни ефекти по неговото здравје,“ појаснува д-р Поповска.

Алергиите да не се занемаруваат, туку да се третираат соодветно

Алергиите се меѓу најчестите хронични незаразни болести во Европа. Околу 150 милиони луѓе во Европа живеат со некаква алергија, како што се алергиски ринитис, астма, атопична егзема или алергија на храна. Сезонскиот ринитис и астмата, се речиси двојно зголемени во последните 20 години во индустријализираните земји.

Но алергиите може да бидат контролирани, под услов, луѓето особено родителите правилно и долготрајно да ја спроведуваат терапијата кај најмладите. Препораките од специјалистите се да се внимава на предизвикувачкиот фактор на алергија, да се следи и соодветно да се третира, со цел да се спречат хронични болести.

„И она што е најбитно, доколку ги знаеме причинителите за алергиската манифестација на детето. На пример, полен, трева, домашна прашина, мувла, домашните миленици, како и исто така еден тригер фактор за алергиска манифестација. Колку што можат родителите да го избегнуваат алергенот. Ја знам дека е тоа тешко, меѓутоа, ако се има домашната прашина, ако е причинител, тогаш ние како педијатри советуваме апсолутно контрола на домашна средина. Што значи тоа? За детето да се има анти-алергена постела. Затоа што таа домашна прашина, тие микрокрлежи, ги има во душеци, во перници, во теписи, во завеси. И тогаш велиме дека треба, таму каде што престојува детето, да му се возможи една апсолутно средина за да може детето да не е манифестира симптоми од тој алерген којшто му е тригер фактор. Исто така, во однос на полените, тревите, кога има тие сезонски, кога е концентрација на поленот, тревата, да се избегнува шетање, нели каде што има многу трева, каде што има многу полени, кога е концентрацијата на поленот е, на пример, во утринските до пладневните часови повисок, тогаш, да се избегнува прошетки, да не е со децата. Вечерните прошетки ги препорачуваме,“ потенцира докторката.

Имајќи го предвид аерозагадувањето и климатските промени, стручните лица исто така препорачуваат да се избегнува сушење алишта на отворено, луѓето да ги проветруваат просториите многу рано наутро или доцна навечер и за било какви алергиски симптоми кои траат подолго да се консултираат со стручните медицински лица.

„Значи, отсуството на инфективните причинители, отсуството на паразитите, чувањето на децата во „стаклено ѕвоно“, прекумерната хигиена на децата, лошата исхрана, значи внесување уште од најмала возраст, многу конзерванси, многу адитиви. Малку омега масни киселини, коишто се исто така многу важни во развојот на детето, сите овие фактори придонесуваат за зголемен број на алергиска манифестација уште од рана возраст,“ појаснува Поповска.

Според проценките на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), загадувањето на воздухот предизвикува смрт на повеќе од 1.200 малолетници во Европа годишно. Загадувањето да се решава од изворот, односно емисиите од сообраќајот, индустријата и греењето побрзо да се намалат, порачуваат експертите од агенцијата. Една од практичните мерки е подобрување на квалитетот на воздухот во близина на училиштата и градинките, преку создавање повеќе зелени површини.

Facebook
Twitter
LinkedIn