Млади го напуштаат новинарството за работа во странство

Од известување за јавниот интерес до подготовка на брза храна во странство – ваков е професионалниот пат на сè поголем број македонски новинари. Разочарани од условите во медиумите и привлечени од повисоките примања во странство, тие ја напуштаат професијата за која се школувале и која со години ја граделе.
Автор: Ангела Петровска, Љубица Анѓелкоска
Продукција: Види Вака

„Го пакуваш куферот и заминуваш во земја каде што не го зборуваш јазикот, почнуваш да работиш работа која кога си ја добил универзитетската диплома не си ни помислувал дека ќе ја работиш, а воедно ја оставаш работата од соништата – новинарството“ – вака поранешна новинарка, позната на редакцијата на Види Вака, го започнува нејзиното сведоштво за напуштање на професијата и заминување од Македонија.

До пред неколку години пишувала вести, известувала од настани, поставувала прашања во име на јавноста, денес наместо на редакциски состанок, нејзиниот ден започнува позади пултот на ресторан за брза храна во Германија.

Нејзиниот избор не е исклучок, напротив, е сè почест избор на млади новинари кои ја напуштаат професијата за која се образувале, во потрага за подобро платена и посигурна работа, а нејзината судбина ја дели и млад новинар од внатрешноста на Македонија со повеќе од десетгодишно новинарско искуство, кој решава да замине да живее и работи во западноевропска земја.

Љубовта кон новинарството, предизвиците и причините поради кои ја напуштаат професијата

„Како новинар работам повеќе од десет години. Професија која ме изгради како човек и ме оформи како личност. Новинарството го засакав уште како тинејџер. Наместо кифла на училишен одмор, јас купував спортски весници. Тоа ме интересираше. Завршив Правен факултет во Скопје, на отсекот за новинарски студии. Верував дека ја избрав мојата животна професија, го работев тоа што го сакав повеќе од една деценија“, вели поранешниот новинар, а на тоа се надоврзува и поранешната новинарка која исто така завршила новинарски студии на Правниот факултет во Скопје, со очекувања дека новинарството ќе ѝ овозможи слободно да го искаже својот став, својата мисла, а воедно на читателите или гледачите ќе им ја доближи вистината. Сепак во нејзиното осумгодишно искуство како новинарка се соочила со бројни предизвици.

Двајцата се согласни дека новинарството во Македонија се соочува со низа предизвици и дека медиумските работници заслужуваат подобри услови за работа и повисоки плати.

Оваа професија носи низа предизвици. Од работа на терен и соочување со секакви ситуации (некои и опасни по живот, кога ќе бевме истепани од навивачи во еден град), работа со скромни ресурси, сето било во интерес на јавноста, читателите и гледачите навреме да ја добијат информацијата“ – раскажува за предизвиците низ кои поминал сега веќе поранешниот новинар.

„Не секогаш можев да го изберам соговорникот од најразлични причини – дали сопственикот на медиумот каде што сум работела не бил во добри односи со таа личност, дали тоа немало да донесе гледаност или читаност, некогаш дури имаше и ситуации во кои политиката ги замешуваше своите прсти (нешто што е апсолутна спротивност на моите принципи), потоа имало ситуации каде што не ми било дозволена објективност (моето име и презиме требало да стои на текст, во кој буквално ниту сврзниците не биле напишани од мене), за на крајот да дојдат финансиите. Секое ново работно место беше какво да се почнува од 0“ – дополнува поранешната новинарка.

Ниските плати – главен проблем во новинарството

„На секое ново работно место, без разлика на искуството, сметаа дека сум почетник. Работев за смешна сума на пари“ – вели во нејзиното сведоштво поранешната новинарка истакнувајќи дека на почетокот, како една 20-годишна етузијастка финансиите не ѝ претставувале некој голем проблем.

„На крајот на денот си велев, ова е работата од моите соништа. Но, како поминуваа годините и те како станаа еден од главните проблеми“ – додава таа потенцирајќи дека работењето во приватен медиум ѝ давал чувство дека работното место секогаш ѝ виси на конец, покрај тоа не бил доволно вреднуван нејзиниот труд, знаење, вложување и посветеност на работата, додека денес, после три години работа во странство, унапредена е како асистент менаџер во ланецот за брза храна „Бургер Кинг“. Тоа според неа е показател за тоа колку се вреднува работникот во странство.

„Општо во Македонија сметам дека работникот е секогаш во лоша положба и дека работодавниците се оние кои секогаш изнаоѓаат дупки во Законите, преку кои секоја ситуација можат да ја свртат во сопствена корист“ – сметајќи дека не може да ја промени оваа реалност, таа додава дека секогаш кога ќе почувстувала дека таа работна средина не е за неа, или дека ја надраснала истата, без многу размислување си давала отказ и преминувала на друго работно место.

Младите го менуваат новинарството за работа во ланци ресторани за брза исхрана

Професијата што некогаш важеше за столб на демократијата сè почесто останува без луѓето што ја создаваат. Поради ниските плати, несигурните договори и ограничените можности за напредок, дел од новинарите ги заменуваат редакциите со работни места во странство, меѓу кои и во ланци за брза храна, каде заработката е неколкупати повисока. Така, луѓето кои стојат во првите редови на секој протест, рамо до рамо со работниците кои се борат за правата, истите тие луѓе не ги уживаат работничките права ниту пак се доволно платени за трудот.

„Пред три години за првпат посакав да заминам од Македонија. Не ми се допадна како се движи државата, но заминувањето се пролонгираше. Ниските плати влијаат многу врз квалитетот на новинарството. За жал, поради тоа се помалку луѓе сакаат да студираат тоа. И не ме изненадува тоа. Сега дел од младите својата слобода ја изразуваат на социјалните медиуми и создаваат содржини кои се поинтересни за нивните генерации. Главни причини беа лошото функционирање на државата“ – вели поранешниот новинар кој пред неколку години донел одлука дека треба да ја напушти Македонија, а како главни причини за тоа ги наведува ниските плати и лошото функционирање на системот во земјата.

„Донесувањето на ова одлука не беше тешко, но тешко беше соочувањето со реалноста. Покрај условите во новинарството, причина за моето заминување беше и системот во нашата државата – ми недостасуваше ред во животот и сигурност“ – дополнува тој.

Според истражувањата на Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и директни контакти во рамките на медиумската заедница, бројот на младите новинари е во опаѓање и се помалку млади се решаваат да влезат во оваа професија, оттаму додаваат дека најважниот, а со тоа и најчестиот фактор за откажување од професијата се ниските плати, а потоа следуваат и стресот што го носи професијата, неизвесноста, разните притисоци и од работодавачи и од групи на интерес и слично.

Од ССНМ велат дека генерално според нивните истражувања, речиси три четвртини од новинарите и медиумските работници примаат плати пониски од просечната плата во државата.

„Тоа кажува доволно, особено ако се земе предвид дека најчесто младите новинари при почетокот на кариерата почнуваат со минимална плата која многу ретко се зголемува со текот на годините“ – истакнаа од ССНМ за Види Вака.

Желбата за подобар живот, поголема од желбата за новинарство

„Сега, три години подоцна знае да ми се појави онаа желба да направам некое интервју, да напишам некоја вест или кога ќе прочитам нешто што моите колеги го напишале, знам да си кажам, можеби јас ќе го направев подобро, но сето тоа кратко трае. Си имам свои механизми како си ја надополнувам носталгијата го новинаството и засега добро ми оди. Знаете како викаат: Не е важно што работите, важно е парите што ги заработувате да ги заработите чесно и да имате мирен сон“ – вели таа додавајќи дека за три години работа во странство, унапредена е како асистент менаџер во ланецот за брза храна „Бургер Кинг“. Тоа според неа е показател за тоа колку се вреднува работникот во странство.

Младите во Македонија немаат интерес за новинарство

Од година во година сè помал е бројот на студенти кои се запишуваат на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје. Само во учебната 2024/2025 година беа запишани само шест студенти, број кој дополнително опаѓа во последните десет години. Како најчести причини за недоволниот интерес се ниските плати во професијата, неможноста да се напредува и недостигот од практична работа на самиот факултет.

Не би сакала да звучам лошо, но попрво би рекла дека младите новинари во Македонија се искористени, отколку ценети. Бидејќи истите тие по завршувањето на студиите секаде каде што ќе аплицираат за работа се практиканти и ја работат истата работа како веќе искусните новинари, а земаат смешна сума на пари. Немаат буквално никаква мотивација за работа, освен доколку немаат среќа некој од искусните колеги, кој го нема кренато своето его, па да им даде ветар в грб и им помогне со совети како полесно да се снајдат во тој свет. Јас ја имав среќата да работам со неколку такви колеги, кои навистина ми помогнаа и на некој начин ме натераа и толку години да се занимавам со оваа професија.

Новинарството станува сè потешка професија за опстанок

Новинарството во Македонија се соочува со сериозни предизвици кои влијаат врз квалитетот и одржливоста на професијата. Според Здружението на новинари на Македонија ниските плати, несигурните работни услови и ограничените можности за професионален развој сè почесто ги одвраќаат младите луѓе од новинарството.

„Во последните години се гледа јасен тренд, новинарството станува сè потешка професија за живеење, не само за работење. Истражувањето на ССНМ и РЕСИС покажа дека 55% од новинарите имаат примања под просечната плата во државата, а кај медиумските работници тој процент е дури 77%. Тоа не е само бројка, тоа значи дека луѓето од кои очекуваме да ја штитат јавноста, често самите немаат основна економска сигурност.
Податоците од последните истражувања покажуваат дека платите се една од најслабите точки на медиумскиот сектор. Според Индексот за безбедност на новинарите на ЗНМ, 70% од новинарите пријавиле месечна плата под 650 евра, додека една третина се поблиску до минимална отколку до просечна плата. Со други зборови, професијата е високо одговорна, но ниско вреднувана. Тоа е како да бараме од пожарникар да биде ефикасен но му даваме полу празна боца за гасење на пожар“,
велат од ЗНМ за Види Вака.

Според нив, сè повеќе млади луѓе се откажуваат од новинарството, во услови кога трошоците за живот растат, а новинарските плати често не обезбедуваат економска стабилност, многумина ја бараат својата иднина во други професии или надвор од државата.

„Да, се забележува таков тренд, иако не секогаш е видлив преку официјални статистики. Го гледаме преку реалноста во редакциите, преку разговорите со млади колеги и преку фактот дека дел од младите новинари брзо преминуваат во ПР, маркетинг, граѓанскиот сектор или целосно ја напуштаат професијата. Младите не бегаат од новинарството затоа што не го сакаат, туку затоа што системот често им покажува дека ентузијазмот не плаќа кирија. Како и во секоја друга професија, ако млад човек живее во Скопје или во друг поголем град, плаќа кирија, сметки, превоз и основни животни трошоци, а притоа нема пристојни примања и се соочува со дополнителни ризици на работното место, тогаш достоинствениот живот станува многу достижен. Новинарството не смее да биде професија што можат да си ја дозволат само оние кои имаат семејна поддршка или дополнителен приход. Ако сакаме слободни и храбри новинари, мора да имаме и достоинствени плати“ изјавуваат од ЗНМ.

„Новинарството како професија во Македонија сметам дека би било совршено, доколку сопствениците на медиумите новинарската работа би им ја препуштиле на новинарите, кога истите би престанеле да се борат за кликови и посети, туку за квалитет и кога би вработувале новинари кои својата диплома ја добиле со напорна работа. Се додека како новинари работат луѓе кои имаат друга професија и за пониска цена ја работат работата на новинарите, новинарството како професија во нашата држава би можело и да изумре“ – истакнува поранешната новинарка.

Ниските примања, потоа лошите услови за работа, неможноста да се напредува, притисоци од работодавачите, непочитувањето на основните работнички права почнувајќи од правото на одмор, непочитување на работното време и ред други права – ова се поплаките кои Синдикатот најчесто ги добива од медиумските работници, а дополнително речиси постојано присутна е прекувремената работа.

„Дури и самите новинари и медиумски работници тоа го прифаќаат како дел од нивните задачи, што не е добро. Она што недостасува е дека таа работа е ретко, преретко платена. Има низа на случаи каде што трудот на новинарите и медиумските работници не бил платен, но тоа во последните години се помалку се забележува. Сепак, најголем проблем се несигурните договори, односно тоа се договори на определено време, кои не нудат речиси никаква заштита и сигурност, како и хонорарните договори кои за жал се уште се присутни во професијата“ – велат од ССНМ.

„Ако не сакаш ти, има кој друг да работи“

Младите новинари немаат доволно можности за професионален развој, велат од ССНМ посочувајќи дека во најголем дел од медиумите тие немаат никаква можност не само за развој туку и медиуите со исклучок на неколку не нудат можности за нивна доедукација или дообучување. Оттаму забележуваат дури и примери каде што не им даваат слободни денови дури и кога тие бараат да одат на обука која ја организирал и платил некој друг, нешто што е од корист за медиумот бидејќи не троши свои ресурси за обука на своите вработени.

Најголем проблем е несолидарноста на колегите, поврзана и со малата желба за знаење и борба за сопствените права. Тоа најдобро се објаснува со фактот дека најчесто од синдикатот се бара помош дури откако е веќе доцна, како на пример кога некој ќе биде отпуштен. Додека пак сопствениците, особено оние на поголемите медиуми сè уште се водат по начелото ако не сакаш ти, има кој друг да работи, иако тоа денес не важи бидејќи сè потешко се наоѓаат образовани млади кои сакаат да се занимаваат со новинарство.

Во време кога јавноста има потреба од квалитетно, независно и одговорно новинарство, редакциите во македонските медиуми остануваат без кадар кој е подготвен да ја гради својата иднина во оваа професија. Приказните на поранешните новинари не се изолирани случаи, туку дел од тренд кој сè појасно ја отсликува состојба во македонското новинарство. Ниските плати, несигурните работни услови, ограничените можности за напредок и чувството на недоволна професионална вреднуваност ги оттурнуваат младите од професијата, а дел од нив ги насочуваат кон работа во други сектори или кон заминување во странство.

„Кога млад новинар ја напушта професијата или оди во странство, тоа не е негов личен неуспех, туку порака до целиот систем. Тогаш не губиме само еден вработен во медиум, туку губиме потенцијален истражувач, критички глас и човек кој можел да поставува важни прашања во име на граѓаните. Демократијата не се брани само со закони, туку и со луѓе кои можат достоинствено да живеат од тоа што ја кажуваат вистината“ – ЗНМ.

Facebook
Twitter
LinkedIn