Машкото здравје во Македонија често останува во сенка поради стигмата, недоволното информирање и ненавремено јавување кај лекар. Иако мажите се соочуваат со сериозни ризици како карцином на простата, срцеви заболувања, проблеми со ментално здравје – превентивните прегледи и отворените разговори за овие теми сѐ уште се недоволни иако се забележува постепен напредок.
Сѐ помалку се „шепоти“ за уролошките проблеми, а сѐ повеќе се гледа на нив како на составен дел од целокупното здравје на човекот – истакнува д-р Викторија Атанасова – специјализант по уролошка хирургија во Универзитетска Клиника за Хируршки болести “Св. Наум Охридски” – Скопје. Сепак додавајќи дека во секојдневна практика, сѐ уште може да се забележи генерациска разлика.
Кај повозрасната популација, особено кај мажи над 70 години, кога ќе го поставам прашањето: „Дали некој член од вашето потесно семејство – татко, брат, чичко, дедо – имал уролошки проблеми?“, чест одговор е: „Не знам, мислам дека нешто имаше со простатата, ама не се зборуваше за тоа.“ Ова е доволно да сфатиме дека здравјето на мажот до неодамна беше табу тема – посочува д-р Атанасова додавајќи дека денес кога некому треба да му се соопшти дека има малигна болест од уролошка природа, бараат да е присутен член на фамилијата за да заедно со пациентот детално ја продискутираат болеста и опциите за терапија.
Стигма постои и во врска со менталното здравје кај момчињата и мажите особено кај повозрасните генерации – ова го потврдува и психологот Кирил Тројачанец кој вели дека младите повеќе се охрабруваат да побараат психолошка поддршка, за разлика од повозрасните.
„Кај постарите генерации се испраќала пораката „Ти си маж, можеш сам, треба сам“ – тоа се многу силни пораки коишто си ги врежуваме во нас, и е тешко да направиме поинаку“ – појаснува Тројачанец.
Во ноември – месецот на машкото здравје, загрижувачка е статистиката за менталното здравје и други здравствени проблеми кај мажите во Македонија. Иако самото движење „Мовембер“ е поттик и потсетник за мажите да се грижат за своето здравје, за менталната благосостојба, ракот на простата и тестисите, и превенцијата од самоубиства.
68 мажи се самоубиле во 2024 година
Загрижува бројот на самоубиства во Македонија каде во најглемиот број на случаи мажите се тие кои си го одземаат животот.
Минатата, 2024 година, од вкупно 89 случаи на самоубиства, дури 68 биле мажи. Во 2023 година пак дури 78 мажи си го одзеле животот – покажува статистиката на Државниот завод за статистика.
Во просек во последните пет години по 75 мажи годишно си го одземаат животот односно за пет години 375 мажи се самоубиле.
Мажите се посклони и кон душевните растројства и бихејвиорални нарушувања, а за десет години над 55% од пациентите со овие дијагнози биле мажи покажа Извештај за ментални растројства (2013-2022) на Институт за јавно здравје.
Во општеството сè уште длабоко вкоренети се стереотипи за тоа што значи да се биде „вистински маж“, почнувајќи од учење на потиснување на емоции кај мажите и очекувања за одредени улоги проследено со „Мажите не плачат“, „Ти си маж, треба да си силен“.
Кај мене лично, затоа што беше пратена таа порака, нели си слабак, лигуш или што и да е, нели ако плачеш, ако покажеш некоја емоција од тој спектар, кај мене се засилуваше онаа порака дека јас морам да бидам силен, дека не треба да покажувам, тоа создаде кај мене јас во еден период да се чувствам многу празно и осамено – раскажува Тројачанец објаснувајќи дека често, момчињата особено додека се сѐ уште мали, имаат одредена општествена, директна или индиректна забрана за одредени емоции.
Во Македонија секоја година се евидентираат околу 70 нови случаи на рак на простата кај мажите
Во 2024 година од рак на простата починале 204 мажи и 9 мажи починале од рак на тестиси – информираше Институтот за јавно здравје укажувајќи дека тоа се состојби кои може да се превенираат со редовни уролошки прегледи.
Мој впечаток е дека во јавноста сѐ уште постои аверзија кон нашиот здравствен систем и одењето по доктори која е потполно неоправдана. Јас како и повеќето мои колеги се трудиме да бидеме што подостапни за пациентите и да им ја пружиме соодветната здравствена заштита. Мило ми е што се повеќе се среќаваме со ситуација кога пациент доаѓа на прв уролошки преглед поттикнат од своите другари кои споделиле дека редовно посетуваат уролог – д-р Викторија Атанасова – специјализант по уролошка хирургија во Универзитетска Клиника за Хируршки болести “Св. Наум Охридски” – Скопје.
Д-р Атанасова објаснува дека мажите на различна возраст се оптеретени од различна патологија, а како клучни чекори кои таа ги посочува се самопреглед на тестиси и алармирање при секоја промена.
Пред сѐ, за сите е најважно познавањето на сопственото тело и своето нормално. Кај мажите на возраст од 15 до 35 години прв и најважен чекор е самопреглед на тестисите и алармирање при најмала промена. Она што често младите мажи знаат да го игнорираат се симптомите на уринарна инфекција која доколку се остави нетретирана може да резултира со неплодност. При појава дури и на најмала нелагодност особено по незаштитен сексуален однос мажот треба да се обрати на уролог со цел навремен третман и заздравување без секвели.
За популацијата над 50 години најважно е да се почне со годишен уролошки преглед пред да се појави било каков симптом со што се овозможува рано препознавање дури и на суптилни отстапувања од нормалата – објаснува д-р Атанасова.
За жал, кај нас нешто што сѐ уште се занемарува, особено од машката популација, е присуство на крв во урината и тоа во реалноста подразбира години на игнорирање на повремена крвава мокрача. Присуство на крв во урината кај секој човек постар од 35 години претставува аларм кој бара детални испитувања се до докажување на конкретната причина за оваа состојба. Уште еден проблем за кој воопшто не се зборува а го има во нашата популација е карциномот на пенис. Состојбата во која доаѓаат пациентите со оваа дијагноза најчесто е инфаустна бидејќи сѐ уште за многу луѓе е поприфатливо да живеат со тумор кој постојано расте отколку да побараат лекарска помош – истакна д-р Атанасова.
Докторката посочува и дека кај добар дел од туморите, рана радикална хируршка интервенција значи излекување, а тоа пак е главната причина зошто вреди да се зборува на овие теми и да се вложуваат ресурси и време во вакви кампањи.
Мојот заклучок е дека свесноста расте, но и дека ние лекарите заедно со вас медиумите имаме уште многу работа пред нас. Социјалните медиуми и медиумите како вашиот имаат огромно влијание врз подигнувањето на свесноста за машкото здравје. Благодарение на тоа што сè почесто се споделуваат лични искуства и искрени разговори на оваа тема, одењето на уролог постепено се нормализира – изјави д-р Атанасова за Види Вака.
И Тројачанец е согласен дека јавноста и медиумите играат голема улога во рушење на табуата околу машкото ментално здравје, поради што потребни се системски промени, учење од најмали години и работење на кревање на свеста за менталното здравје кај момчињата и мажите и услугите ориентирани кон машката популација и грижата за машкото ментално здравје.
Машкото ментално и физичко здравје во Македонија често е запоставено, бидејќи мажите поретко зборуваат за здравствени проблеми и уште поретко бараат превентивна медицинска помош. Навиката да се „трпи“ наместо да се реагира навреме доведува до доцна дијагноза на многу заболувања, од физички до ментални. Затоа е клучно мажите да бидат охрабрени да прават редовни прегледи, да разговараат за своето здравје и да го третираат барањето помош како сила, а не слабост.