Жените и девојчињата во Македонија избегнуваат небезбедни јавни простори

Автор: Ангела Петровска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака
Небезбедни јавни простори

Безбедноста на јавните простори за жените и девојчињата во Скопје продолжува да биде сериозен проблем, за тоа говори и фактот што секојдневно читаме вести за сексуално вознемирување или напад врз жени во јавни простории. Според анализата „Родово базирано насилство на јавни места во Скопје“ на „Реактор – истражување во акција“ неосветлените или слабо осветлените простори, подземни премини, паркинзи, Градски парк, градилишта или заградени простории, јавен превоз, автобуска станица, такси превоз, катни гаражи, казина и кладилници, сајбер простор – жените и девојчињата на сите овие јавни простори се чувствуваат небезбедно. „Реактор“ сега има за цел да ги мапираат точките низ Скопје, но понатаму и во другите градови на територија на Македонија кои се небезбедни за жените и девојчињата.

Родовото базирано насилство е широко распространето искуство во Скопје и останатите градови низ Македонија. Според резултатите од анкетата на „Реактор – истражување во акција“ секоја петта жена во Скопје познава жена која била сексуално нападната или силувана, а 4,9% изјавиле дека самите имале такво искуство.

Прошетките за оценка на безбедноста на јавните простори

Прошетките за оценка на безбедноста на јавните простори се дел од истражувањето на „Реактор – истражување во акција“, каде имаат за цел да се обезбеди инклузивни и безбедни јавни простори за сите. Се организираат во соработка со локалните власти и активисти, со кои се идентификуваат небезбедни места кои влијаат на користењето на јавниот простор од страна на жените, а нивната платформа „Реагирај, Биди безбедна“ служи како дигитален простор за анонимно пријавување насилство и вознемирување на јавни места.

Тања Иванова

претседателка на „Реактор – истражување во акција“

„Една таква улица и локација е рутата што ја одевме за безбедносната прошетка сега во Скопје во декември, а тоа е рута којашто вклучува неколку различни подрути. Една од нив е просторот кај Младенски културен центар, покрај кејот на реката Вардар, телевизијата и кружно некаде од другата страна, па сè до Бит-пазар, каде што, за жал, иако се работи за централно подрачје, недостасува улична осветленост, недостасува воопшто било какво присуство на безбедностни служби, а исто така и недостасуваат и основни работи како контејнери или клупи или било што, што може да му олеснат на еден граѓанин да се движи по нив, особено ако тој граѓанин или граѓанка има други предизвици и не може лесно и брзо да се движи“.

Жените избегнуваат места каде сметаат дека ќе бидат небезбедни, постојано гледаат околу себе и се вртат, избегнуваат контакт со очи со мажи со кои се разминуваат, гледаат во телефон, избираат подолг пат само да избегнат одредени места, не излегуваат сами навечер, се преправаат дека зборуваат на мобилен телефон, внимаваат како се облекуваат, носат предмети за самоодбрана сè со цел да се заштитат кога се надвор од својот дом.

Изјава од Тања Иванова, претседателка на „Реактор“

Истражувањата покажуваат дека многу од случаите на насилство во јавните простори остануваат непријавени, што дополнително го зголемува чувството на небезбедност. Насилството врз жените и девојчињата многу често останува непријавено поради недовербата во институциите, полицијата, двојната виктимизација и предрасудите со кои се соочуваат жртвите.

Најчесто, жртвите на насилство не сакаат да го минуваат трнливиот институционален пат каде можат повторно да се најдат во истата улога. Дел од насилството со кое се соочуваат жените и девојките не е ниту законски препознаено како што се свиркањето, вулгарните коментари и навреди, допирање, следење итн.

Изјава од Тања Иванова, претседателка на „Реактор“

Недостатокот на адекватна сигнализација и осветлување во Скопје се јавува и во јавните институции, каде што понекогаш не е доволно обезбедена безбедност, вели Иванова, а проблемот е особено изразен во области како подвозниците и улиците кои не се доволно осветлени и не се на периферијата на градот, но сепак се запуштени и небезбедни за граѓаните.

„Урбани планови и урбанистичко планирање, кое ги вклучува мислењата и потребите на жените и девојчињата, секако тука ги вклучувам и мажите и момчињата, меѓутоа бидејќи жените и девојчињата се перцепираат како поранливи, општо во еден стереотип општествен контекст, мислам дека пред се им е потребно како прво да имаат чисти тротоари за движење, безбеден јавен превоз и навремен и доволен за да може да ги собере сите. Така што, би рекла дека од тој агол буквално секоја една инфраструктура во градот што треба да функционира, треба да земе предвид дека различните делови од градот се користат од различен тип на луѓе и дека треба да ги земе предвид сите нивни потреби за да може да им го исполни и задоволи чувствата на безбедност и да им дозволи мобилност на некој начин и на жените и на девојчињата,“ истакнува Тања Иванова, претседателка на „Реактор – истражување во акција“

Прошетките за оценка на безбедноста на јавните простори

*Вашето искуство можете анонимно да го пријавите на овој формулар или на „Реагирај“, на веб-страницата за пријавување различни форми на насилство врз жени во јавните простори. Доколку преферирате телефонски контакт, можете да се јавите на бројот 071 389 196.

Facebook
Twitter
LinkedIn