Дигиталните фонтови чувари на македонското писмо

Автор: Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Никола Јакимов
Продукција: Види Вака
Глаголица

„Глаголицата е првото словенско писмо составено од Св. Константин – Кирил Филозоф пред заминување на познатата Моравска мисија во 863 година.“

Со мисија за заштита и промоција на македонското писмо, графичкиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски со години неуморно креира дигитални фонтови. Овој пат, тој креираше фонт по глаголицата со која Кирил и Методиј ја ширеле словенската писменост.

„Сакав глаголицата да ја ставам во функција, меѓутоа да не изгуби ништо од она што го имала тогаш“ вели графичкиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски кој креираше дигитален фонт за глаголицата, сега насловен Глаголица Нова.

Глаголица Нова во себе интегрира два стила на пишување – првиот стил, регулар, содржи графеми (букви) кои ги поддржуваат формите на старата обла глаголица, а вториот (Stylistic style 1) содржи стилизирани форми на истите графеми кои повеќе се приклонуваат кон конструкцијата на аглестата (шилеста) глаголица.

Оваа иницијатива Џуровски ја започнал од љубов и желба, имајќи предвид дека предизвикот е специфичен.

„Се работи за една материја која скоро 1.000 години не е допрена. Со неа се пишувани книги, со неа се преведувани евангелија, со неа се пропагирала словенската писменост. а. Таа функционира толку време, мислам функционира на хартија во документите, меѓутоа не функционира во животот. Сакам да кажам после напуштањето на тој систем на пишување, глаголицата веќе е заборавена. Затоа што, еве, другите писма го преземаат приматот. Над неа и она останува како нешто изворно, како инспирација за сите, меѓутоа не е во функција,“ раскажува типографот Ласко Џуровски.

Ласко Џуровски

графички дизајнер и типограф

„Многу често, во различни кругови кога се дискутира за употребата на македонскиот јазик, повеќе акцент се става на јазикот. Во смисла, треба да го зачуваме јазикот, треба да зборуваме на нашиот македонски јазик и така натаму. Много ретко се спомнува дека ние треба да го зачуваме и писмото. Би рекол, јазикот има неразделна врска со писмото. Што би бил јазикот, ако вие тоа што го кажувате, не можете да го напишете. Ако го кажеме тоа, можеби некој ќе го заборави после одредено време. Меѓутоа, ако го напишеме, тоа станува запишано. Значи, писмото во себе го содржи јазикот. И обратно, јазикот во себе мора да го содржи писмото. Така што, тие две работи се нераздвојни и не можат да функционират едно без друго.“

Facebook
Twitter
LinkedIn