Вакцината против ХПВ вирусот е најнепосакувана меѓу календарот за имунизација во Македонија. Во 2022 година само 52,5% од младите биле вакцинирани против овој вирус, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје, со што ја прави вакцината со најнизок опфат од сите вакцини кои се задолжителни во Македонија.
ХПВ вакцината се користи повеќе од 18 години, а во Македонија ја има 15 години, од 2008 година, а една година подоцна е воведена во редовната имунизација. Според надлежните, повеќето ХПВ инфекции не предизвикуваат симптоми или болест. Но, инфекција со одредени типови на ХПВ може да доведе до претканцерозни лезии. Оваа вакцина спречува 70% од случаите на рак на грло на матка, 80% анален карцином, 40% од вулваларен карцином, но и покрај тоа не е привлечна за родителите за да ги вакцинираат своите деца. Сепак, во 2022 година процентот за разлика од претходните години е малку повисок.
„Меѓутоа оправданоста за една вакцина за која што Зурхаузен има добиено и Нобелова награда, сметам дека е доволен податок. А и самото тоа што ДНК на ХПВ вирусот е пронајден скоро во над 99% од сите овие карциноми, уште повеќе убедува дека нашата популација сега за сега има право до 18, не знам дали ќе се продолжи возрастната граница за бесплатна вакцинација, но понекогаш и подоцна може да се земе вакцината доколку се смета дека пациентката се уште е во категорија во која што треба да ја земе вакцината, а испуштила одредени фактори во тој период“. Ана Данева Маркова, гинеколог
Министерството за здравство донесе одлука за воведување на нова деветвалентна ХПВ вакцина во календарот за редовна имунизација, а со новата одлука од сега, покрај девојчињата, ќе може да се вакцинираат и момчиња, сè со цел да се спречи и тие да бидат преносители на вирусот, но и самите да бидат заштитени.
Како и за останатите задолжителни вакцини, така и за оваа се предвидени санкции.
Од Министерство за здравство за Види Вака велат дека на оние родители кои нема да ги вакцинираат своите деца согласно задолжителниот календар за имунизација ќе им следува казна.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат на својата веб-страница објавува месечни извештаи каде покрај останатото има податоци за поведени постапки за порамнување (казнување) на родители, кои не ги вакцинирале своите деца согласно задолжителниот календар за имунизација. Таа постапка подразбира повикување на физичкото лице (родител) да се јави во наведен рок кај инспекторот кој ја спроведува постапката и да се произнесе дали во рок од 8 дена ќе ја плати казната предвидена во Законот за заштита на населението од разни болести која изнесува од 350 до-600 евра во денарска противвредост. Доколку не се согласи, се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд.“ – Министерство за здравство
Фејсбук групи и коментари влеваат страв кај родителите
Снешка Илиќ од Скопје ја вакцинираше својата 14-годишна ќерка со ХПВ вакцината, истата вакцина ја има примено и таа пред 20 години во Австралија.
Снешка е мајка на млада тинејџерка која одлучила да ја вакцинира својата ќерка сè со цел да ја заштити од инфекции и болести. Според Снешка, разговарањето на овие теми се од клучна улога за здравјето на младите.
Според неа, ниската свест и стравот кај родителите за вакцинирањето на своите деца со оваа вакцина, произлегува од дезинформациите и теориите на заговор коишто често се среќаваат на социјалните мрежи.
„За оние родители коишто имаат двоумици јас би рекла, најдете информации, не групи, не Фејсбук групи, мислам дека тие не се добри, туку овластени информации. Во Австралија имаат многу добри ресурси за читање, коишто доаѓаат директно од Владата на Австралија, каде што можат вистински да се информираат за тоа што прави, кои се бенефитите на ХПВ вакцината. Затоа што ние како родители имаме одговорност да ги заштитиме нашите деца, исто така како што имаме одговорност да ги вакцинираме против црната кашлица или против сите оние превентивни болести како мали и бебенца, имаме и одговорност да ги вакцинираме кога постои таква вакцина којашто нема лоши ефекти, веќе е докажано и научно и со многу истражување и со многу примероци, дека наша одговорност како родители е вистински да ги заштитиме нашите деца,“ вели Снешка Илиќ.
Македонија годишно има нови 150 нови случаи на рак на грло на матка и по 60 смртни случаи од оваа болест. Овој карцином е шести најчест карцином кај жените во земјава во последниве 10 години. Министерството за здравство го укина бесплатниот ПАП тест кој им следуваше на жените секоја година и ќе се прави на три години.
И додека во Македонија сè уште е ниска свесноста за ХПВ вакцинацијата, во земји како Австралија се очекува искоренување на ракот на грлото на матка до 2035 година поради високиот опфат со вакцини. Програмата за бесплатна вакцинација во училиштата, која започна во 2007 година, ја намали стапката на ХПВ инфекција во Австралија за 92%, со што се намалија и случаите на рак на грло на матка кај жените. Истражувањата покажуваат дека во Шкотска нема откриено случаи на рак на грло на матка кај жени родени помеѓу 1988 до 1996 година кои биле целосно вакцинирани против ХПВ на возраст помеѓу 12 и 13 години.
Иако многу земји бележат голем тренд на вакцинација против ХПВ вирусот, во Македонија сè уште се работи на дебата за тоа дали младите од 12 до 15 години треба да се вакцинираат со оваа вакцина. Во меѓувреме, Министерство за здравство го укина годишниот бесплатен ПАП тест кој превентивно го прават жените и наместо на секоја година ќе се прави на три години бесплатно, освен во случај кога гинекологот ќе препорача да се направи ПАП тест поради некакви сомнежи. Оттаму велат дека доколку пациентката има направено ХПВ типизација и истата е негативна, кај истата ќе треба да се повтори ПАП тестот за три години во отсуство на било какви промени на грлото на матката, кој ги утврдува матичниот гинеколог. Ако тој постави индикација дека треба да се земе почесто ПАП тест заради евентуално сомневање на некои неправилности на грлото на матката (ранички на грлото на матката) кај истата пациентка во договор со ПЗУ е назначено дека и тој ПАП тест ке биде земен бесплатно (со партиципација) во тригодишниот период.