Важноста на документите по принципот „Пу-пу неважи“!

Автор: Љубица Иванова, Бјанка Станковиќ
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Монтажа: Горан Бошковски
Продукција: Види Вака

Oдредени нејзини институции постапиле спротивно на Уставот и ги прекршиле правата на граѓаните со тоа што издавале нови службени документи со старото име на државата, по влегувањето во сила на Амандманот XXXIII. Државата не смеела да издава нови службени документи со поранешното име. Поседувањето односно непоседувањето на соодветни обрасци не може и не смее да биде изговор за противуставно постапување, велат правниците во земјава.

Со Амандманот XXXIII на Уставот од јануари 2019 името на државата се промени. Амандманите влегоа во сила со влегувањето во сила на т.н. Преспански договор на 12 февруари 2019. Со Уставниот закон од 2019, државата презеде обврска постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна употреба и документите за внатрешна употреба кои може да се користат надвор од државата, да се усогласат со новото име на државата најдоцна во рок од пет години од нeговото влегување во сила, односно 12 февруари 2024 година. При толкувањето на обврската од Уставниот закон треба да се обрати внимание на одредницата „постоечките“. Оваа одредница ја ограничува обврската за усогласување на документите и материјалите кои постоеле и кои биле важечки во моментот на уставните измени, а не и документите и материјалите кои се издаваат по влегувањето во сила на уставните амандмани. Од стапување на сила на Амандманот XXXIII на Уставот (12.02.2019), државата не смеела да издава документи со поранешното име.

Дел од правниците им порачуваат на граѓаните правдата да ја бараат во Стразбур, на тоа им се придружи и тeхничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски.

„Заштита на правото на слободата на движење може да се бара само доколку ограничувањето е сторено од домашни органи, а не и од странски гранични служби. Во тој случај, засегнатите лица имаат право да бараат заштита пред надлежните служби там,“ велат од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Флагрантно кршење на човековите права е ова коешто се случува поради промената на личните документи, додава министерот Тошковски.

Еден тон меѓународни акти, спротивно на Устав, спротивно на огромен број на пресуди на судот во Стразбур и спротивно на одлуки на нашиот Уставен суд, коишто сите во слични ситуации утврдиле дека повреда на право на слобода на движење е повреда на основно човеково право. Веќе има востановена судска пракса, не знам со кој памет, не ми е јасно, врз основа на која процена се тера овој процес, вака насила како што се тера,“ изјави Панче Тошковски за редакцијата на Види Вака.

Дали има повреда на слободата на движење може да дојде преку следниве две прашања:

1. Дали ограничувањето на ова право се спроведува врз основа на закон?

2. Дали ограничувањето на ова право е потребно заради:

а) заштита на безбедноста на РМ,

б) водење на кривична постапка или

в) заштита на здравјето на луѓето?

Правниците појаснуваат дека согласно измените на Законот за патните исправи од 2021 се уреди дека патните исправи кои го содржат натписот „Република Македонија“ издадени до денот на започнувањето на примената на овој закон, ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во возачката дозвола, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Според ова, во потесна смисла на зборот, постои законски основ за невалидност на патна исправа. Сепак важно е да бидат исполнети двата услови кумулативно. Во однос на второто прашање, одговорот е исто така јасен и неспорен. Ограничувањето на ова право ниту е потребно заради: заштита на безбедноста, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Кој ќе плати и надокнади за трошоците и здравјето на граѓаните кои во нехумани и стресни услови чекаа да дојдат на ред за фотографирање, сè уште не се знае. Предизборно, партиите си ја префрлаат одговорноста. Но правниците стојат на ставот дека неопходно е Јавното обвинителство по допрен глас да ги прибере потребните документи и да утврди дали постојат основи за сомневање за сторено кривично дело.

„Издавањето документи на обрасци со поранешното име на државата кое се спроведувало според одредени изводи до средината на 2021 година, односно две и пол години по 12 февруари 2019 година, треба да биде предмет на соодветни предистражни дејствија од страна на надлежните органи. Користењето на обрасци кои не требало да се користат, можната набавка на стари обрасци по февруари 2019, како и доцнењето со набавка на соодветни обрасци ги содржи елементите на кривичните дела злоупотреба на службена положба како и несовесно работење во службата,“ појаснуваат од МЗМП.

Важноста на документите по принципот „Пу-пу не важи“!

Додека институциите се одлучат дали документите ќе важат или нема да важат во внатрешна или надворешна употреба и до кога, граѓаните веќе од свој џеб ги платија трошоците за промена на документите. Но за дел од нив промената за документите ќе биде бесплатна.

Нееднаков третман на граѓаните утврди Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, по одлуката на Владата промената на возачките и сообраќајните дозволи да биде бесплатно за граѓаните до крајот на годинава. Нееднаквиот третман е на сметка на граѓаните кои веќе направле промена на важечките лични документи и за истите платиле.

Граѓаните во нехумани услови се изнамачија да извадат документи

Паника, стрес, страв и нервози вака изгледа секојдневието на граѓаните од Македонија кои веќе неколку месеци, чекаат ред со денови за промена на документи. Иако наметната обврска, некои од нив успеаја да ја завршат, дел од граѓаните сè уште чекаат повик од Министерството за внатрешни работи, а дел се обидуваат да добијат оператор на телефонскиот број за закажување термин за промена на документите.

„Во пунктот Пролет една госпоѓа којашто беше помеѓу првите за да се фотографираат, ми кажа дека пристигнала во пунктот некаде отприлика околу еден и пол, два часот по полноќ. Имаше со нејзе едно кебе, еден јорган и уште едно јамболличе беше. И истата, за да не замрзне, морала да се стопли нели со овие реквизити дополнително коишто ги носела, само заради тоа што имала одредени проблеми, морала да патува во странство, од здраствени причини и така натаму. Тогаш ѝ се извинив на госпоѓата во име на Република Македонија заради тоа што почувствував огромна болка од сликата која што ја видов и тоа веше евидентна, дека таа е болна слика, заради тоа што државата не го прави тоа што треба да го прави, а е должна да го прави во интерес на граѓаните. И зошто се извинив? Се извинив заради тоа што на тој пункт таму работеа четворица, имаше 10 позиции, базни станици коишто требало да бидат ставени во функција, работеа само четворица,“ објаснува министерот Тошковски.

Документи и натаму се вадат, работата никако да се заврши

Престана да важи сликањето без термин во полициската станица „Пролет“. Граѓаните кои без термин чекаа пред „Пролет“ периодов добиваат телефонски повици за побрзо да ги заменат документите, наместо да чекаат до термините коишто ги имаат кон средината или крајот на годината.

Од 1.256 граѓани, 75% сè уште не успеале да ги извадат сите потреби документи со новото име. Ова го покажа Инстаграм анкетата на Види Вака.

Одговори на прашањето на „Дали успеавте да ги извадите сите потребни документи со новото име?“

Денес не се ниту 60% од личните документи на граѓаните извадени, вели техничкиот министер за внатрешни работи, а тоа според него е последица на нереалните рокови утврдени за испорака.

Видеото е оригинално објавено на 12.01.2024

Предизвици и за иселениците

Соопштенијата од надлежните предизвикаа низа забуни кај граѓаните и во делот со иселениците кои се во странство, а немаат нови документи. Односно, овие луѓе веќе од 13-ти февруари навака, можат да си дојдат во земјава само со патен лист од МНР кој е замена за неважечките пасоши и важи еднократно и само за влез во Македонија, односно е наменет за граѓаните да си дојдат во земјава за да можат да ги обноват нивните веќе неважечи документи.

Овие патни пропусници граѓаните можат да ги обезбедат во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странските земји.

Грција сè уште не го исполни нејзиниот дел од Преспанскиот договор

И додека граѓаните мака мачат со македонскиот систем и издавањето документи, имплементацијата на договорот од Преспа, другата страна (Грција) ги игнорира своите обврски.

Додека меѓу првите чекори на властите во Македонија беа да ги променат таблите, дел од патиштата во Грција сè уште не се сменети со новото име. Иако во членот 7 од Преспанскиот договор се вели дека по влегување во сила на оваа спогодба ќе бидат променети старите термини.

„Страните ќе се обидат да ги унапредат и да ги модернизираат постојните гранични премини според потребите на протекот на сообраќај и ќе изградат нови гранични премини со цел да се зголемат туристичките и комерцијалните текови меѓу нив.“ (член 14 од Преспанскиот договор)

И додека државата продолжува да менува одлуки од ден во ден, 650.000 граѓани водат Сизифовска битка за своите права со личните документи. На граѓаните не им преостанува ништо друго освен да „бркаат“ врски за побрзо да дојдат до термини за лични документи или да ја бараат правдата пред Европските судови, за која искуствата досега покажуваат дека иако е бавна, сепак доаѓа.

Техничкиот министер Тошковски вети дека за 3 недели ќе се нормализира состојбата со документите и голготата на граѓаните. Дали тоа ќе се случи и ветувањето ќе се исполни, ќе видиме во наредните три недели. Но после оваа 2024 година, Македонија за точно една деценија најверојатно ќе ја очекува истиот хаос, кога во ист временски период, повторно граѓаните ќе треба да вадат нови документи.

Видеото е оригинално објавено на 14.02.2024
Facebook
Twitter
LinkedIn