
„Втората половина од животот ја минувам како особа со попреченост, добро знам колку состојбата жестоко ја афектира како самата индивидуа, така и нејзината микро-средина. Мачното и монотоно секојдневие создаваат маѓепсан круг од кој тешко се излегува и со кој стресно се справува“ раскажува Ирена Поповска, магистер по општествена теорија, основачка и директорка на ПРКОС и воедно, лице со попреченост.
Пркосејќи му на бавниот и неажурен државен систем, ПРКОС ја слушна потребата за бесплатна психолошка поддршка на лицата со попреченост и обезбеди психолошки работилници за деца, млади, возрасни и родители на лицата со попреченост.
„Атмосферата во домот често е напната, избиваат кавги и комуникацијата страда заедно со домашните. Зборувањето за вашите чувства со стручњак е еден од најдобрите лекови за стресот, изолацијата, заморот, па дури и за болката и траумата. Досега ова не беше можно ради физички и финансиски непристапности. Затоа, сметав дека на оваа популација треба да ѝ се овозможи бесплатна психо-социјална поткрепа,“ децидна е Поповска.
„Се фокусираме на тоа што можат лицата со попреченост, а не што не можат“
Како што велат психолозите, на сите им е неопходна психолошка поддршка, а таа е чувство на заедништво – „не си сам во ова“, особено имајќи го предвид изминатиот корона период каде луѓето беа лишени од многу социјални активности.
Во ПРКОС во моментов функционира специјализирано психолошко советувалиште фокусирано на лицата со попреченост и на нивните семејства. Формирани се три групи: група за деца, група за млади и група за родители. Во тек е отворање на група за возрасни со попреченост. Со нив, работат двaтa психолози Димитринка Јорданова Пешевска и Драгана Батиќ. Тие се согласни дека државата мора да им обезбеди психолошка поддршка на овие лица.
Токму затоа во овие групни разговори и работилници фокусот е ставен на отпорност и резилентност на овие лица.
„Она што се водиме, се фокусираме на она што тие можат, а не на тоа што не можат. Односно, се придржуваме до некои принципи на позитивна психологија, којашто се занимава со процеси кои водат кон благосостојба, добросостојба на луѓето, а се опфаќаат теми како пријателство, самопочитување, работа на емоција, како се релаксираме, како да ни биде добро. Што не значи дека не се фокусираме само на позитивни работи, се работи и на пречките и потешкотиите коишто ги имаат,“ појаснува Батиќ.
Психолозите ги охрабруваат лицата, но и семејствата на лица со попреченост да не ја одбиваат психолошката помош по дифолт бидејќи како што велат, тоа од нивна огромна помош.
Државата нема систем за психолошка поддршка за лицата со попреченост
„Колку што мене ми е познато, не постојат такви групни работилници, групи коишто би го третирале овој проблем и воопшто менталното здравје, специфично на лица со попреченост, бидејќи, тие спаѓаат во ранлива категорија и се среќаваат со предизвици со кои можеби не се среќаваат лица коишто немаат попреченост, така да, би требало да им се даде дополнителна помош и поддршка која нашата држава не ја обезбедува специјално. И многу ни беше важно да тоа го добијат бесплатно.“ додава Батиќ.
Со ова се согласува и Поповска, којашто вели дека потребно е луѓето да се свртат едни кон други.
„Македонија како држава не се грижи доволно за најнемоќните свои граѓани. Живееме во сурово општество, но и човештво. Системот еродира во сите можни сегменти и секој се снаоѓа како умее. Во услови каде општото добро е мислена именка нема фајде од чекање и молење, туку од дејствување,“ додава Поповска.
Како што појаснуваат психолозите, целта е ваква грижа за ментално здравје на лицата со попреченост е да влезе во систем, односно да се обезбедат средства, да биде бесплатно и да тоа го добиваат исто како што добиваат и здравствената заштита.
Тие сметаат дека е добро што постојат иницијативи, програми и проекти кои нудат психолошка поддршка, но неопходна е системска грижа на долг рок и тоа со фокус на најранливите групи на граѓани во заедницата.
Едни од посочените решенија се вметнување на образованието за менталното здравје уште во најрана возраст, почнувајќи во градинките, па потоа училиштата и повисокото образование. Отворање на бесплатни советувалишта за децата, младите и особено лицата со попреченост.
„Што се однесува за системот за ментално здравје, би сакала да кажам дека е мошне важно да тој се прошири. Бидејќи, она што сега во моментот се нуди како систем за ментално здравје во нашата земја е многу скучен и многу ограничен, би рекла. Бидејќи, услугите коишто се даваат, се пред се кога луѓето ке дојдат до крајната фаза, кога треба да бидат хоспитализирани. И токму затоа е потребно да се направат не само психијатриски институции во кои што лицата ке бидат хоспитализирани и ќе имаат можност, да кажам, за достоинствен третмен, туку и да се формираат по голем број на центри за ментално здравје во заедницата коишто ке овозможат поадекватен пристап на лицата во тој еден третмен и поблискост во заедницата, значи, каде што ќе можат да го остварат своето право за ментално здравје.“ потенцира Димитринка Јорданова Пешевска.
Шведски модел – „училиште по мерка на секое дете“
Во голем дел земји во светот инклузијата на овие лица им е примарна, односно активностите ги приспособуваат според потребите на лицата со попреченост. Па така во Шведска претшколското воспитување е инклузивно во таа смисла што децата со попреченост и децата без попреченост заедно одат во градинка. Децата со попреченост задолжително добиваат соодветна професионална поддршка, а пред сè поддршка од дефектолози. Шведскиот систем функционира на начин така што ја нагласува одговорноста на училиштата да ги земат предвид потребите на секое дете.
Во оваа држава, за децата со пречки во интелектуалниот развој, како и за децата со други попречности, постои посебна наставна програма наречена ЦССИД – Задолжително основно училиште за ученици со интелектуална попреченост и ЦСССД – Задолжително специјално училиште за ученици со специфичен инвалидитет. Децата што не ги исполнуваат националните барања за редовно училиште поради интелектуална попреченост се примаат во посебни училишта (ЦССИД). Пред да се запише во вакво училиште, детето поминува процени од педагошки, психолошки, медицински и социјален аспект. Во овој процес е вклучен и старателот. Системот е флексибилен, така што учениците се запишани во училишта каде што можат да посетуваат поединечни часови или да бидат вклучени во редовни часови.
Децата што посетуваат ЦССИД-училиште имаат умерени до тешки интелектуални нарушувања, потешки форми на нарушување на аутистичкиот спектар или повеќе нарушувања. Училиштето не нуди академски предмети, туку има сопствена наставна програма која се фокусира на аспектите на секојдневниот живот, односно стекнување животни вештини. Експертите за специјална едукација и образование во Шведска сметаат дека е поважно детето секој ден да ги вежба вештините што ќе му бидат потребни во животот на кој било начин. Поточно, во овие училишта нема предмети како во училиштата и како во „посебните“ училишта, но постојат области како што се естетика (цртање, слушање музика, облекување, уредување и одгледување цвеќиња), комуникација (зборување, комуникација со помош на слики, знаковен јазик), моторика (пливање, прошетка, масажа, престојување во сензорна соба), самопослужување (купување, приготвување храна, местење на креветот, облекување, капење, пеглање, користење машина за миење садови) и реалност (светот околу мене, кој ден е денес, ориентација во просторот). Во училиштата за обука децата почнуваат од 6 и 7 години, а завршуваат на 20 години.
Часот трае од 40 до 60 минути, а активностите се планираат и се менуваат според потребите на децата. Не постои строга структура на часот и долго седење во училишните клупи. Овие деца имаат потреба од високо ниво на поддршка – покрај дефектолозите постојат и голем број асистенти кои се соодветно едуцирани. Има доволно стручен кадар, за секое дете има по еден наставник. Постојат и луѓе што специјализирале во областа на организирање на слободното време, бидејќи слободното време е доста важно за нив. Секое училиште од ваков вид има и лице кое му помага на детето да се снајде во животот надвор од училиштето во однос на реализирање контакти и барање работа.
Во Македонија голем дел од лицата со попреченост се оставени сами со своето семејство, сами да се снаоѓаат во општеството, сами да бараат психолошка поддршка, но и сами да се вклучуваат во примарното и терцијалното образование.
Ако државата сака да создаде ефективни политики, неопходно е во донесувањето на тие политики и одлуки да ги вклучи лицата со попреченост покрај донесувачите на одлуки. Тоа може да се постигне преку блиски партнерства помеѓу државните институции и организациите кои работат со лицата со попреченост.