Антибиотици „за секој случај“ и диазепам како волшебна таблетка

Семејните лекари се изложени на секојдневни притисоци од нивните пациенти за препишување на антибиотици и анксиолитици бидејќи стравуваат да не ги изгубат своите пациенти.
Автор: Љубица Иванова
Камера и фотографии: Лоран Бајрами
Продукција: Види Вака

„Во пракса барем најмалку еднаш секој семеен лекар потклекнал на инсистирањето на свој пациент да препише антибиотик и во ситуации каде нема индикации за негова употреба поради многу фактори – упорен пациент, превентивно да не се спушти на гради, да се има дома, за на одмор, да не го изгубиме како пациент, самоиницијативно го подигнал од аптека… “ – вели д-р Валентина Митрова – семеен лекар во Општина Штип и секретар на Здружение на лекари по општа и семејна медицина.

Семејните лекари во секојдневната пракса наидуваат на притисоци од страна на своите пациенти за препишување лекови, како антибиотици така и анксиолитици, a причините се многубројни.
Во последниве три години се забележува тренд на зголемување на потрошувачката на антибиотици, а како што посочува доктор Валентина тоа е резултат и последица на пандемијата со Ковид-19.

извор: ФЗОРСМ – потрошувачка на антибиотици

Амоксиклав (Amoxicillin +clavulanic acid) е најиздаваниот антибиотик од сите антибиотици во последниве три години покажуваат податоците на Фондот за здравствено осигурување. Во 2022 година се издале рекордни 608.508 рецепти за овој лек од вкупно издадени 1.730.171 рецепти за антибиотици.

извор: ФЗОРСМ – потрошувачка на антибиотици

ПРИТИСОК ЗА ПРЕПИШУВАЊЕ АНТИБИОТИЦИ

Бенефит од употреба на антибиотиците има тогаш кога има индикации и препорака од лекар, но не секогаш е прифатено ова од страна на пациентите. Од друга страна, лекарите стравуваат да не ги изгубат своите пациенти доколку одбијат да им препишат рецепта за одреден лек.
Така, притисокот за препишување на антибиотици е уште поизразен во летниот период кога пациентите инсистираат да го имат во „куферот за прва помош“ и „за секој случај“, посочува доктор Митрова.

За една година издадени 168.460 повеќе розови рецепти за антибиотици.

Зголемениот број на препишани лекови како антибиотици, антивирали и абтимикотици во 2022 година споредбено со 2021 година се должи како резултат на нивната употреба во третманот на инфекциите со вирусот на Ковид-19 и неговите компликации, вели доктор Митрова, но посочува и дека честата и понекогаш зголемена употреба или поточно злоупотреба на антибиотиците може да доведе до резистенција на бактериите што понекогаш води кон други компликации по здравјето, кон подолга хоспитализација и лекување.
Каде, кога и колку треба да се ординирана антибиотска терапија одлучува лекар според претходна проценка и испитувања, но притисокот од пациентите го прави своето, а повторно за сметка на сопственото здравје.

ОПАСНОСТ ОД АНТИБИОТСКА РЕЗИСТЕНЦИЈА

Неправилната и честа употреба на антибиотици може да доведе до антибиотска резистенција која понатаму може да има големи негативни ефекти врз здравјето на секој поединец.

Отпорноста на бактериите на антибиотици преставува сериозен здравствен проблем не само за лицето кое неправилно ги користело, туку и за било кој што е под потенцијален ризик да се зарази со тој тип на резистентана бактерија. Како пример понекогаш и мала контаминирана рана може да доведе до сериозни компликации дури и леталитет. Вирусните инфекции не се лекуваат со антибиотици – посочува доктор Митрова и вели дека не постои антибиотик кој ќе ги излечи сите болести. Така, при неправилна, честа и долга употреба на антибиотиците се уништуваат и добрите бактерии во нашиот организам кој имаат своја фукција во нашиот организам, поради што стануваме уште поизложени на ризик со посериозни инфекции.

ПРЕД 36 ГОДИНИ Е ПРОНАЈДЕН ПОСЛЕДНИОТ АНТИБИОТИК

Последиците од антибиотска резистенција сè уште поголеми ако се земе предвид фактот дека последното откритие на нова класа на антибиотици што се одобрени на пазарот беше во далечната 1987 година.

Оттогаш има недостиг од иновации на ова поле, а резистентноста на антибиотици може да доведе да снема антибиотици кои ќе може да третираат одредени бактериски инфекции. Од друга страна, откривањето на нови антибиотици нема да го „реши“ проблемот со резистентност, но ќе го забави процесот на истата.

РАЦИОНАЛНА УПОТРЕБА И НЕДОСТИГ НА СВЕСТ ВО МАКЕДОНИЈА

Доктор Валентина потврдува дека рационалната употреба на антибиотици е потребно максимум да биде аплицирана во својата пракса на секој матичен лекар и не само нему, но тие се првата алка и тие ги ординираат.
Таа посочува дека секако е потребно да се работи на подигањето на свеста на целото население преку медиумите, социјалните мрежи и друго, но и потребно е добро да се размисли од страна на секој поедеинец кога ќе започне терпија со антибиотик на своја рака или пак ординираната терпија ќе ја прекине предвреме поради подобрување на здравствената состојба.

ДИАЗЕПАМ КАКО ВОЛШЕБНА ТАБЛЕТА

Покрај зголемената употреба на антибиотици, голем е и бројот на анксиолитици кои се препишуваат. Најпопуларен меѓу нив е диазепамот.
1.352.369 кутии од диазепам се препишани само минатата година. Посегнувањето по овој лек е најчесто со цел да се намали секојдневниот стрес.

Покрај диазепам се препишуваат и хелекс и бромазепам, а од вкупно препишани 2.426.586 анксиолитици во 2021 година, речиси половина односно 1.380.405 биле рецепти за диазепам.
За споредба, две години порано, во 2019 година биле издадени 2.022.140 анксиолитици односно 404.446 помалку розови рецепти за анксиолитици.

ДОСТАПНА ЦЕНА И РЕЖИМ НА ПРЕПИШУВАЊЕ

Една кутија диазепам во аптека чини околу 30 денари, во зависност од грамажата и производителот. А вкупно 450.434 евра е износот кој лани паднал на товар на Фондот за здравство за лекот диазепам. Според бројот на реализирани рецепти, диазепамот е трет најиздаван рецепт од сите лекови за 2022 година. А овој тренд се забележува години наназад.

Видеото е оригинално објавено на 31.07.2023

Податокот од ФЗОРСМ дека 1.352.369 кутии од диазепам се препишани во рок од една година е фрапантен што донекаде одава и слика на менталното здравје на населението во нашата земја, како резултат на целокупното социо-екомонско опкружување, големо влијание имаше и пандемијата со Ковид-19, стравот, неизвесноста, енигмата на болеста за сите нас,“ вели доктор Митрова и посочува дека овој податок доволно говори сам за себе дека овој лек е премногу препишуван во последниов период можеби поради достапната цена и режимот на препишување.
Според д-р Валентина Митрова, точно е дека употребата на анксиолитици е во пораст, а во реалноста бројката е уште поголема и не е релевантна поради нецелосната евиденција на розеви рецепти што се издадени.

СÈ ПОВЕЌЕ МЛАДИ ПОСЕГНУВААТ ПО ЛЕКОВИ ЗА СМИРУВАЊЕ

Праксата покажува дека границата е поместена и сè повеќе помлади лица посегнуваат по лековите за смирување, а дневно се препишуваат над 6.000 кутии диазепам според податоците во живо на е-здравство.

„Причините поради кои се препишуваат анксиолитици се многубројни и мултифакторијални – стрес, мобинг, незадоволство од работно место, семејни проблеми, семејно насилство,“ вели доктор Митрова и истакнува дека пациентите на диазепамот гледаат како на волшебна таблетка што за кратко време ќе нè ослободи или ќе заборавиме на проблемот што нè мачи, ќе нè отпушти, релаксира или ќе поспиеме некоја минута повеќе без кошмарни сништа.

Помладите лица се повулнерабилни и почувствителни со што почесто посегнуваат по анксиолитик како брзо решение за даден проблем, секако и податокот од пракса дека посетата на психијатар е сè уште табу тема за жал,“ потенцира докторката.

Дека младите сè почесто користат легални и нелегални психоактивни супстанци потврдија и од Институт за јавно здравје на Светскиот ден на млади 2023 година во извештајот за Здравствена состојба и здравствена заштита на училишни деца и младина во Р. Северна Македонија, 2022.

Состојбата  со  пандемијата  сериозно  се  одразува  врз  младите  во  смисла  на  почесто конзумирање на психоактивни супстанци, како легални (алкохол, лекарства, тутун) така и  нелегални  (хероин,  марихуана,  амфетамини).  Зголемена е и  ризичната  употреба на психоактивни супстанци вклучително и употреба на  комбинација на лекарства и алкохол.

Стресот е причина број еден поради која се користи диазепамот во Македонија покажа и спроведената анкета на Инстаграм профилот на Види Вака. На анкетата гласаа 2.190 луѓе, а од нив 89% сметаат дека диазепам се употребува прекумерно.

*одговори на граѓаните на прашањето од кои причини се користи диазепам во Македонија

ПОСЛЕДИЦИ ОД НЕРАЦОНАЛНА УПОТРЕБА НА ДИЗАЕПАМ И ПСИХИЈАТРИТЕ КАКО ТАБУ ТЕМА

Секој еден лек дава несакани ефекти ако се употребува предолго или неправилно од она што е ординирано од страна на лекар. Доктор Валентина Митрова посочува дека прекумерната употреба на диазепам може да доведе до многу несакани ефекти врз здравјето: поспаност, вртоглавица, замор или општа слабост, сува уста, мачнина, проблеми со сексуалната функција, тремор, отежнато дишење, намалена срцева акција, забавени рефлекси, а големи дози можат да предизвикат и смрт.

Од овие причини не се препорачува управување со моторни возила и работни машини, посебно внимание е потребно кај професионални возачи поради ризик од сообраќајни незгоди. Не смее да се консумираат алкохолни пијалици кога се зема терапија со бензодиазепини. Докторката истакнува и дека прекумерна употреба на овие медикаменти може да предизвика зависност, а препорака е за четири недели максимум употреба на овие лекови, секако во консултација со вашиот семеен лекар кој најдобро е упатен за вашата здравствена состојба.

Сепак не е тајна дека семејните лекари наидуваат во секојдневната пракса на притисоци од страна на своите пациенти за препишување како на антибиотици така и на анксиолитици. Според доктор Валентина Митрова ова е така можеби поради мислењето на пациентите дека се во „безбедна зона“ и нема да има потреба од посета кај специјалист психијатар, како и фобијата дека ќе бидат видени и препознаени од некој – ова посебно е изразено во помалите градски средини.

Потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот преку аптеките бележи континуиран раст во изминатите години. Во 2022 година на товар на ФЗОРСМ во ПЗУ аптеките биле реализирани вкупно 25.013.389 рецепти во износ од 2.826.232.596 денари.

Брзиот начин на живот и стресното секојдневие влијаат на менталното и физичкото здравје на секој поединец, но важно е да се разбере дека не секогаш лековите како антибиотици и анксиолитици се вистинското решение, освен во случаи кога лекарот ќе процени така. Затоа потребно е да се развие и примени механизам по примерот на западните држави каде што пациентите ќе имаат поголема доверба во нивните семејни лекари.

Facebook
Twitter
LinkedIn