
4:20 попладне било времето кога средношколската групата „Валдос“ од Калифорнија во 70-тите години се собирала за рекреативно да употребува марихуана. Овој код „420“ стана популарен во цел свет. И младите во Македонија употребуваат марихуана и овој код е актуелен и кај нас. Најавите за легализација и декриминализација на марихуаната во државава беа активни за време на мандатот на Владата на Зоран Заев, беа дел и од ветувањата во програмата на неговиот следбеник, сегашниот премиер, Димитар Ковачевски.
„Во рамки на своите развојни зелени политики, Владата ќе ги интензивира политиките и активностите за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки од канабисот“ – стои во предлог-програмата за 2022-2024 на Ковачевски, но реалноста е дека ништо од тоа не се реализираше.
Во недостаток на регулација и закони, секој може лесно да пристапи на црниот пазар и како корисник и како продавач, а според Филип Достовски – основач и претседател на „Зелена алтернатива“ – граѓанско здружение за регулација на канабис во Македонија, цените се креираат така што корисниците го плаќаат ризикот на дилерот.
„Вие кога плаќате баснословни цени за канабис, вие не ја плаќате вредноста на канабиот, канабисот лесно се одгледува, како патлиџан, туку го плаќате ризикот на дилерот, затоа е скапа“ – вели Достовски Филип – основач и претседател на „Зелена алтернатива“ – граѓанско здружение за регулација на канабис во Македонија.

Цената на марихуанaта во последните пет години е во постојан пораст
Во 2021 година двојно „поскапела“ марихуаната на црниот пазар, во споредба со цената за килограм марихуана во 2017 година, покажува извештајот за Македонија за 2022 година на Европскиот центар за мониторинг на дрога и зависности од дрога.
„Додека стоиме во место со регулација на канабис, многу млади користат канабис и многу пациенти користат канабис и масло од канабис кое се наоѓа на црниот пазар. Тоа не е регулирано и никој не знае што купува од дилерот. Самиот дилер не произведува канабис туку купува канабис за да направи масло и ни самиот дилер не знае каков канабис купил. Со тоа што повеќе одлага Владата да го реши овој проблем ги носи во ризик пациентите затоа што не знаат што користат. Тоа е прва работа, втора работа, заради тоа што дилерите гледаат само пари да направат, не гледаат на кого продаваат, за него секој муштерија е муштерија, дури и малолетници. Ако ова се регулира, канабис да се продава на одредени места, бидејќи тој што сака да користи канабис, користи, не може државата да му забрани, тој ќе го купи или на некое легално место кај што може да го купи, ако не може, ќе си го купи на нелегално место,“ посочува Филип Достовски – основач и претседател на „Зелена алтернатива“ – граѓанско здружение за регулација на канабис во Македонија.

Законот за опојни дроги и психотропни супстанции во Македонија
Во 2016 година Македонија го измени Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции и го легализираше одгледувањето канабис за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели.
Оваа прашање повторно се актуелизираше кон крајот на 2020 година, преку владиниот план „Акција 21 – за европски стандарди дома“, за во јуни 2021 година да се формира Работна група за подготовка на измени и дополнувања на законодавството за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобивки на канабисот.
Со Работната група се одржаа три состаноци, а беше составена од претставници од Министерството за здравство, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Кабинетот на премиерот, здруженијата на токсиколози, на педијатри, на онколози, Факултетско студентско собрание при Фармацевтски факултет, од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ и претставници од невладиниот сектор.
Во 2021 во подготовка беше и нацрт-закон со измени на Законот за контрола на опојни дроги, за легализација на канабисот:
„Нема да се казни тој што поседува наркотични дроги и психотропни супстанции за лична употреба“ – гласеше законска одредба која беше предложена во измените на Кривичниот законик, во врска со кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Измените во Кривичниот законик не беа направени, а активистите велат дека збунувачка е сегашната пракса на судовите во однос на пресудите бидејќи рекреативната употреба на канабис не е регулирана како кривично дело, а сепак корисници се казнуваат.
Здруженијата за регулација на канабис во Македонија апелираат дека доколку се легализира и декриминализира марихуаната, покрај тоа што ќе се намали можноста за нејзина злоупотреба, би донело и многу бенефити како за корисниците, така и за државата.

Ако државата ова го регулира и ако канабис се продава на места одредени за таа намена, малолетници нема да имаат пристап. Автоматски ако е цената добра, приступачна за корисниците, никој не би купил канабис од некого на улица кога може да го купи од сигурно место кај што знае точно што содржи канабисот, која сорта е, дека е сигурно чист од пестициди, тешки метали, затоа што кога се сади илегално канбис, не е проблемот во канабисот, проблемот е во пестицидите, затоа што тој што го сади гледа да израсне здрава билка и го прска со многу пестициди за да го заштити од бубачки, штетници кои го напаѓаат канабисот. Тие пестициди во прехранбена индустрија како за јаболки, патлиџани, итн,. се користат по некој закон и се регулирани да нема поголема количина, кој го регулира тоа?! Ако се регулира проблемот, луѓето ќе имаат безбеден продукт и медицинските и рекреативните корисници. Државата ќе си го наплаќа данокот, знаеме колку многу се користи, по некои статистики од Обединети Нации, илегалниот пазар на дрога, само 10% министерство за внатрешни работи успеваат да фатат, значи другите 90% пак стигаат до корисниците.
Филип Достовски, основач и претседател на „Зелена алтернатива“
Мапа на светот каде е легализирана и декриминализирана марихуаната (Cannabis Legality Map)
Copyright © 2023 Cannabis Legality Map
На мапата на светот која покажува каде марихуаната е легализирана и декриминализирана за рекреативна и медицинска употреба, делот со Балканот сѐ уште е обоен во црвено.
Се издвојуваат Хрватска и Словенија кои ја имаат декриминализирано за рекреативна упореба и легализирано за медицинска намена, заедно со Австрија, Чешка, Украина, Молдавија и други европски земји.
Во Албанија марихуаната е нелегална, но често неказнива, исто како и во Полска и во Германија која пак веќе е во процес на легализирање на марихуаната, со што ќе биде дозволено поседување 25 грама канабис за лична употреба, а како што најави германската влада, целта е да го сузбие црниот пазар и да ги заштити младите.
Сепак, активистите за декриминализација и легализација на марихуаната во Македонија не губат надеж дека недоречените закони и ставови ќе се искристализираат, дека ветувањата конечно ќе се реализираат, а со тоа ќе се намали и можноста од злоупотреба на канабисот.