
Во сообраќајни незгоди во Македонија секоја година животот го губат околу 120 луѓе, а над 6.000 се повредени. Тоа значи дека, во просек, секој трет ден некој го губи животот на патиштата, а речиси секој ден десетици лица завршуваат со тешки последици. Зад овие бројки стојат човечки трагедии, уништени семејства и огромни општествени трошоци. И покрај оваа алармантна состојба, системот за управување со сообраќајната безбедност останува нефункционален и недоволно стратешки поставен, покажуваат и најновите ревизорски извештаи.
Вкупно 457 луѓе починале во последните три години како последица на сообраќајни несреќи на македонските улици и патишта. Во овој период се случиле вкупно 31 176 сообраќајни несреќи, од кои 15 724 се со потешки последици, покажуваат јавните податоци на Министерството за внатрешни работи.
Според статистиките на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во 2020 година 130 луѓе починале во сообраќајни несреќи, во 2021 година 116, во 2022 година 124, во 2023 година 127, а во 2024 година вкупно 142 луѓе починале во сообраќајни несреќи.
Како најчест фактор за сообраќајните несреќи во податоците на МВР се наведува брзото возење, како и непочитување на правилата за првенство на минување, недржење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и управување под дејство на алкохол.
Сообраќајната култура е главна причина за сообраќајните несреќи според извештајот на Државниот завод за ревизија, но оттаму велат дека мерките и активностите кои се преземаат од надлежните институции за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните несреќи до посакуваната состојна на национално ниво и Европско ниво. Државниот завод за статистика констатира дека целите во Втората Национална стратегија за безбедност за 2015 – 2022 година не се постигнати.
- бројот на жртви во сообраќајни незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ
- целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30% не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категорија „млад возач“
- бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40% во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица
- бројот на деца – жртви на сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува осум лица. – Државен завод за ревизија
И покрај зголемениот број сообраќајни незгоди и жртви Македонија се соочува со сериозен институционален и стратешки вакуум кога станува збор за безбедноста на патиштата. Според наодите на Државниот завод за ревизија, по истекот на втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот (2015–2020), државата сè уште нема донесено трета, нова стратегија што би овозможила систематски пристап и координирано управување со предизвиците во оваа област. Наместо тоа, политиките за сообраќајна безбедност се водат преку други плански и стратешки документи, во координација со различни институции, што доведува до недоволна усогласеност и нецелосна примена на неопходните мерки.
Дополнително, во извештајот се нотира дека земјата се соочува со недостаток на квалификувани стручни кадри, што сериозно го отежнува спроведувањето на планираните активности. Иако постојат современи системи како „Безбеден град“, кои нудат значителен потенцијал за следење и унапредување на безбедноста во урбаните средини, тие сè уште не се ставени во функција.
Системот „Безбеден град“ почна да се поставува минатата година, каде за еднодневно тестирање беа уловени 5 000 сообраќајни прекршоци.
Македонија во просек секоја година губи над 120 човечки животи, на дневна основа се санкционираат околу 200 возачи, а невнимателни се и пешаците.
Од Државниот завод за ревизија произлегоа препораки до институциите за подобрување на состојбите и поефикасно управување со безбедноста во сообраќајот насочени кон Владата, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Јавното претпријатие за државни патишта.
Овој комплексен сплет на институционални, кадровски и стратешки слабости ја става земјата во ризична позиција во однос на исполнување на меѓународните стандарди и очекувањата за значително намалување на бројот на сообраќајни несреќи и последици од нив. И покрај технолошкиот напредок, зголемената свест кај граѓаните и постојаните апели за внимателно учество во сообраќајот, на македонските патишта сè уште се губат човечки животи.