40 години скршени ритми со Скопје џез фестивал

Скопје џез фестивал во изминативе четириесет години успеа да им одолее на сите препреки и да ја стави Македонија на листата на културни случувања, а со тоа светот да го донесе во главниот град. Погледнете ја новата мултимедијална приказна на Види Вака „40 години скршени ритми со Скопје џез фестивал“.
Автор: Христина Ѓорѓиевска
Камера и фотографии: Лоран Бајрами и Мите Кузевски
Монтажа: Мајда Бошњак Атанасовска и Горјан Атанасов
Продукција: Види Вака

Слушни ја приказната.   

На само 17-годишна возраст Драган во стил на блуз дванаестерец ја компонира песната „На игранка“. На прво слушање, имате чувство дека песната е создадена од рацете на возрасен и зрел музичар со големо професионално искуство, а не од млад човек кој сета музика на светот во 40-тите години на минатиот век ја слушаше преку својот мал радио приемник и така се инспирира џезот да го донесе и во границите на Македонија. Тоа седумнаесетгодишно момче, со оваа песна започна да ги гради темелите на современата македонска евергрин и џез музика. Изминативе години, па и децении, многу малку се зборува за големиот опус што и го остави на нашата земја музичкиот генијалец со апсолутен слух, Драган Ѓаконовски Шпато. 

Шпато целиот свој професионален живот го посвети во творењето на „Традиција на џез и убава евергрин забавна музика во Македонија“ (како што тој милуваше да ја нарече музиката што ја твореше!). Во 80-тите години, Македонија го изгуби овој столб на забавната и џез музика, но неговата  традиција во 1982 година ја продолжи Скопскиот џез фестивал. Токму овој фестивал, уште во својот зародиш (за време на второто издание) песната „На игранка“ ја прогласува за прва македонска џез-композиција. 

Директорот на Скопски џез фестивал, Костадин Шурбановски – Шурбе, Шпато и Скопски џез фестивал ги поврзува преку градењето и мотивацијата на млади луѓе да се занимаваат со џез музика во нашата земја. 


„Шпато е легенда неприкосновена. Иако во времето на комунизмот беше ставен малку настрана, подоцна доживеа свој „revival“ што би се рекло. А денес, можеме комплетно да зборуваме за една од најзначајните личности во македонската музика воопшто, кого го опеваат не само џез музичарите, туку и музичарите од естрадата. Инаку, македонската џез сцена, македонските џез музичари многу му должат на Шпато, но би рекол дека тука, исто така, влијанието на Џез фестивал е големо, затоа што, истите редовно го посетуваат Џез фестивалот и тој учествува во градењето и мотивацијата на младите луѓе да се занимаваат со џез музика,“   

посочи Костадин Шурбановски.

40 години џез имиња од светот, гости на Скопје џез фестивал

Би Би Кинг, Том Зе, Џемс Браун, Реј Чарлс, Орнет Колман, Џон Зорн, Касандра Вилсон, Грегори Портер и уште неколку десетици имиња се на листата музичари кои на македонската публика низ годините и претставија парче од својот џез талент и харизма.  

Но како започна приказната наречена Скопје џез фестивал пред 40 години? 

Во 1982 година, неколку ентузијасти на чело со организаторот Младински културен центар, поранешен Дом на млади „25 Мај“, ја продолжуваат мисијата на Шпато, ширење на џезот во Македонија. Оливер Белопета од самиот старт е во првите „борбени“ редови во организацијата.  
„Имаше поширока екипа вклучена, тука беше вклучена дури и Музичката младина на Македонија. Јас бев само еден мал сегмент првите 2-3 години од таа екипа, па после тоа имаше еден развој каков што имаше“, истакна Оливер Белопета, програмски директор на Скопје џез фестивал.

40 години Скопје џез фестивал

Скопје џез фестивал – мегафон на пораки кон светот

Скопски џез фестивал не значи само слушање, ширење, запознавање, едуцирање на публиката за џезот. Овој фестивал има и друга мисија, да посочи кон многу битни прашања во општеството, да биде мегафон на пораки кои светот некогаш како да ги заборава. Во своето четиридецениско работење, на пиедестал ги става и ги отвора прашањата околу женските права и жените музичарки, ги поттикнува младите музичари да творат џез, ги поддржува македонските музичари преку својата дискографска продуцентска куќа, а последниве три години се вклучи и во поддршката на бегалците.„Ние покрај онаа порака којашто ја носи сама по себе џезот, се трудиме да пратиме и некоја поинаква порака, како што последниве три години го правиме тоа во соработка со Високиот комесаријат за бегалци, УНХЦР, ја подигнуваме свеста и даваме рака на бегалците. Затоа што, тоа е наша ако ништо друго, човечка обврска. Мислам дека тоа допира до оние луѓе коишто се наша публика и се надевам дека малку пошироко,“ кажа Костадин Шурбановски Шурбе.

Прилогот оригинално е објавен 24.10.2018

Прилогот оригинално е објавен 24.10.2019

Во својата архива, Скопски џез фестивал изминативе децении може да се пофали и со плодната продуцентска куќа. СЏФ Рекордс брои вкупно 47 музички изданија претежно на македонски џез и етно исполнители. Главната цел на оваа дискографска продуцентска куќа СЏФ Рекордс е да ја поттикне и стимулира локалната музичка сцена, а со тоа да ја промовира македонската музика во светот.

Хронолошки 47 дискографски изданија на СЏФ Рекордс

Промоцијата на македонските музичари веќе пет години ја вклучија и наградата „Златен орикс“ за најдобар македонски џез-музичар. На листата на наградени млади музичари кои творат во овој правец на музика се: тапанарот Виктор Филиповски (2017), пијанистот Филип Димишковски (2018), басистката Андреа Мирческа (2019), гитаристот Иван Петровски (2020) и гитаристот Филип Букршлиев (2021). Според Костадин Шурбановски, оваа награда за младите музичари е признание за нивната работа.


„Целта на наградата најдобар македонски џез музичар е да се стимулира, да се поттикне творештвото кај младите музичари во насока на џез музицирање. И мислам дека таа порака којашто ја испраќаме веќе 5 години допира до музичарите и има влијание, не дека ќе им донесе тоа светска слава, репутација или којзнае колкаво богатство. Меѓутоа е сепак некое признание за она што тие го изработиле изминатата година“,

кажа Шурбановски.

Погледнете ја во VR 360° изложбата „Компликувај едноставно“

„Компликувај едноставно“ со Џез фестивал

„Компликувај едноставно“ е слоган кој го користел дизајнерот Славомир Стојановиќ – Футро, еден од авторите на плакатите на Скопје џез фестивал, кои визуелно ги раскажуваат скршените ритми и импровизации на џез уметноста. Токму на ова јубилејно 40. издание, Скопскиот џез фестивал преку изложбата од 24 плакати, нѐ потсети и на другото визуелно богатство кое низ годините го создава и остава овој фестивал од светски калибар. За тоа говорат и многубројните награди (повеќе од четириесет) кои Скопје џез фестивал ги има добиено од Порторож до „Гранд при“ во Кан. Токму 24-те плакати кои во Младинскиот културен центар беа поставени без хронолошки редослед, визуелно го прикажаа џезот низ години. А кураторот на изложбата Небојша Гелевски – Бане, ги подели во три периоди: 

I период: од 1982 до 1993 година, каде се застапени ретро дизајн техники. Тоа се дела на авторите Глигор Чемерски, Митко Хаџи Пуља, Љубомир Фрчковски и Роман Чешлевич од Полска. 

II период: од 1994 до 1999 година каде се застапени фотографии на инсталации на музички инструменти. Тука се делата на авторите: Славимир Стојановиќ – Футро и Милчо Серафимовски. Во овие пет години плакатите ги добиваат најзначајните награди за дизајн. 

III период: од 2000 до денес, во овој период е вклучен минимализмот, чистотата и едноставноста во дизајнот. И во овој период, дизајните на плакатите продолжуваат да собираат награди. Во третиот период на џезерски плакати се наоѓа авторството на: Славимир Стојановиќ – Футро, словенечката група: Карло Меѓугорац, Митја Миклавчич, Рок Крегељ и македонските претставници: Гордана Вренцовска, Јана Мишева, Неда Фирвова, Ивица Спасовски, Таби Азири и Зоран Кардула.

Скопје џез плакати – визуелно раскажување на скршените ритми и импровизации на џез уметноста

Џезот низ објективот

Освен визуелното богатство од дизајнот на плакатите низ годините, Скопје џез фестивал во својата архива ги има и моментите од сите концерти доловени преку фотографиите. Токму со овие отсликувања на реалноста, во текот на годината секој месец нѐ потсеќаат календарите кои се дел од фестивалот. 

Еден од хроничарите на фестивалот е словенечкиот фотограф Жига Коритник, кој последниве 25 години, секоја година (освен пандемиската 2020) е сместен со својот фотоапарат пред бината. Жига кој патува на многу џез фестивали низ светот, вели дека Скопскиот има посебна магија.

„Фестивал ко фестивал, разликата е во тоа што овој фестивал е најдобар на светот. Имам видено нешто од фестивали, нема никаде или на ретки места има ваква атмосфера каква што има тука“, кажа фотографот Жига Коритник.

Од сите досегашни изданија и многубројните фотографии кои ги направил на овој фестивал, посебен спомен има од тоа како настанала фотографијата со Реј Чарлс.  

„Можеби првата година ми останува секогаш во меморија фотографијата на Реј Чарлс, кога заминува на концерт од тогашниот хотел „Интерконтинентал“, мислам дека таму спиевме. Тогаш имав идеја да го фотографирам кога тој ќе дојде во Скопје, со некој хелихоптер дојден од Охрид, рано наутро. Но го промашив, на жал. Тогаш цел ден го чекав, како папарацо, но никогаш повеќе немам така работено. Мислам кога и да се каже, види како папарацо, се откажувам од работење зашто тоа не е мој начин на работа. Тоа време го чекав цел ден додека вечерта пред концертот дојде од својата соба и го однесоа со мерцедес тогаш во Универзалната сала на концерт“, се потсети Жига Коритник.  

Прилогот оригинално е објавен 19.10.2019

Последните десетина години, Мите Кузевски со своите фотографии ги отсликува настапите на изведувачите и на публиката и ја пренесува енергијата која секој музичар ја носи со себе. Како фотограф вели дека му е привилегија што може да овековечи барем еден момент од овој фестивал. 


„Како фотограф којшто го следи Скопскиот џез фестивал повеќе од деценија ми е привилегија да овековечам барем еден момент, една нота од таа музичка порака којашто ја носи секој од бендовите коишто настапува на Скопскиот џез фестивал,“

истакна Мите Кузевски

Од своите многубројни фотографии направени на овој фестивал, Кузевски ја издвојува како најдрага фотографија од Чарлс Лојд, во рамки на 30-годишнината на Скопје џез фестивал. За Скопје џез фестивал вели дека е чувство кое прави да мислиме дека живееме во едно нормално општество и држава. 

„Скопски џез фестивал за мене е  неколку дена чувство дека живееме во нормално општество и држава, на фестивалот си гостин и домаќин во едно. Обично се збогатуваш музичко и културно, откриваш нова музика која најчесто ти го штима музичкиот вкус се до  следниот Џез фестивал. Покрај тоа учиш за, меѓутоа учиш и од музиката, зашто џез музиката обично со себе носи порака, порака за слобода, ослободување,  вклучување и грижа за другиот,“ посочи фотографот Мите Кузевски

Фотографии во чест на 40 години Скопје џез (Фото: Мите Кузевски)

Фестивалот секоја година го одбележува листата на музичари кои настапуваат, но за да се создаде тој фестивал потреба е организација која е секогаш „зад сцената“, но е моторот кој го движи фестивалот. Според програмскиот директор на Скопски џез фестивал, Оливер Белопета, проблеми има, ама публиката не ја интересираат проблемите, туку програмата на фестивалот. 


„Така што, не се изнесуваат јавно тие проблеми, затоа што публиката ја интересира програмата, а не проблемите што ги има организаторот.  И програмата треба да биде презентирана во јавноста, за жал, со нашите медиуми денешни, пред сѐ, телевизиски, тука и баш нема некој простор за презентирање во програмата. Повеќе простор имало на пример на крајот на 90-тите години кога имаше само една телевизија и тогаш повеќе можеше да се види, да се претстави програмата и така натаму“,  

рече Белопета

Културата во медиумите станува сѐ помалку присутна, во експанзијата на вести поврзани со политика, економија, здравство… како медиумите да подзабораат да известат за некој културен настан. Социјалните мрежи станаа единствената алатка од која публиката може да собере информации за некој културен настан.

„Затоа што џезот треба да е многу повеќе присустен, го нема на телевизиите, го нема на радијата, дури и Џез фестивалот кога се одржува не може ни на едни вести да чуете дека почнал или дека се одржува. Дури ни за јубилејот, ниедна телевизија не кажа еве почнува Џез фестивалот. Тоа е генералниот однос спрема културата на нашите медиуми, не е тука виновна културата, се знае кој е, лоцирав кој е виновен,“ го искажа својот став Оливер Белопета, програмскиот директор на фестивалот.  

Незаинтересираноста од страна на медиумите, се гледа и кај политичарите. Од Скопскиот џез фестивал велат дека последниве години има комплетна незаинтересираност од страна на било кој политичар за да го посети фестивалот.  

 


„Има една споредба ако направиме со Џез фестивалот во минатото кога политичарите се тепаа, кој ќе седне на подобро место, кој ќе дојде на повеќе концерти на Џез фестивалот. Денес, сликата е обратна, една комплетна незаинтересиранот и индолентност кон фестивалот од страна на политичарите“,  

посочи Костадин Шурбановски

Ако џезот изминатиов еден век успеа да им одолее на обидите околу неговото дефинирање и ставање во некакви рамки, Скопје џез фестивал во изминативе четириесет години дефинитивно успеа да им одолее на сите препреки и да ја стави Македонија на листата на културни случувања, а со тоа светот да го донесе во главниот град. Четириесет години џезерска традиција значат години исполнети со квалитетна музика. Џезот и во Скопје изминативе децении со своите ритми продолжи да ја шири еднаквоста која во овој капиталистички свет му е најпотребна. 

Последните две пандемиски години нѐ научија дека многу работи се минливи, дека општественото делување знае многу брзо да се промени, а со тоа се менува и животот кај сите луѓе. Но само уметноста како да нѐ потсетува дека можеме да имаме светла иднина и барем за миг да нѐ оттргне од суровата реалност.

Четириесеттото издание на Скопје џез фестивал ни ја прикажа реална слика на светската џез музичка сцена преку звуците на Матс Густафсон, Линда Меј Хан О, Јакоб Бро, Л.У.М.Е., Тања Џанули, Шејк Сту, Ну Мјузик 4, проширениот ансамбл на нашиот композитор и мулти-инструменталист Јордан Костов, а крајот на ова јубилејно издание го означи кубанскиот пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

До следното четириесет и прво издание, Скопје и Македонија треба да бидат горди што една културна традиција како што е Скопскиот џез фестивал живее во нејзините граници и неколку денови во годината потсетува дека „време е за џез“.  

Facebook
Twitter
LinkedIn