Како се калеше македонската држава

Пред три децении, Македонија стана независна држава. На референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година 96,46 отсто од граѓаните се изјаснија ЗА суверена и самостојна Македонија.
Автор: Андријана Андова, Марија Севриева, Христина Ѓорѓиевска
Монтажа: Мајда Бошњак
Продукција: Види Вака

„Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва да ви честитам на вас сите и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, слободна, суверена и самостојна Македонија.“

Илјадници луѓе собрани на плоштадот во Скопје ја слушнаа ова легендарна изјава по која најмногу се памети овој ден. Одекнувале извици на радост и воодушевување, но воедно владеел и страв од неизвесното, од тоа што следува. Тој 8 септември, далечната 1991 година, нашата држава застана на сопствени нозе и почна независна приказна која сè уште ја гради.  

Тогашниот главен уредник на Радио Скопје, Зоран Иванов, се присетува на легендарниот 8 септември:

„Радио Скопје со својата техника се пресели на плоштадот, до бината, меѓу граѓаните. Со директен пренос од минута во минута јавуваше за резултатите од референдумското изјаснување. Од минута во минута ги соопштуваше бројките и процентите на референдумската излезност и на потврдените гласови кои ја оформуваа македонската самостојност.“

Во тек на целиот ден преку разгласот од техничката опрема на Радио Скопје, ечеле референдумските одгласи за излезеноста.

„Но се сеќавам на севкупниот амбиент на денот на гласањето. Посебно по 19 часот на тој 8 септември 1991 година кога се затвораа референдумските кутии. Кога во еден неверојатен амбиент, прво на невообичаена тивкост на исчекување, потоа до се побучната и се побројната маса од луѓе. Од народ кој од сите страни како роеви пчели кон матицата, се собираа на скопскиот плоштад“, раскажува Иванов. 

Тој бил прв новинар кој ја објавил информацијата дека Македонија е самостојна држава. Илјадници граѓани се туркале да бидат што поблиску до бината.

„Ја имав честа да бидам првиот кој, врз основа на податоците што моите неуморни и полетни колешки и колеги, репортерки и репортери од минута во минута ми ги доставуваа во репортерската кабина, да соопштам дека референдумот е успешен.“

Зоран Иванов, новинар

Потоа од бината на плоштадот, подигната на самиот ден на референдумот на иницијатива и како дело на тогашното Македонско радио Радио-Скопје, службено информацијата ја соопштил и претседателот на Државната референдумска комисија.

Веднаш по него, следувало обраќањето на претседателот на државата, Киро Глигоров, обраќање од кое се раѓа една од најпрепознатливите и најважните реченици изговорени во историјата на Македонија – Ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија

Иванов вели дека на денот имало странски новинари и екипи, но не во тој број и обем како што заслужува еден ваков настан.

Но, во тие времиња на распадот на Титова Југославија, не само странски новинари, туку, веројатно и кој се не, со каква цел и за чии интереси се „мувал“ по тие југословенски па и македонски простори, додава Иванов.

При формирањето на македонската држава се чувствувал ентузијазам, но и страв од непознатата иднина. 

„Македонскиот пат и во овие изминати три децении, како тоа некако да ни е судбински, беше послат главно со трње, а ние боси. Ете така некако, по таков пат, чекориме сè уште. Најмногу поради нас самите. Но и поради низата надворешни фактори кои нè не љубат баш многу“, смета Иванов и по тридецениската македонска независност.

Грчев: Македонското знаме е со „фалинка“, но еве ја носиме

По создавањето на независната македонска држава, потребно било таа да го добие својот нов визуелен идентитет, односно симболите по коишто најмногу ќе се препознава државата, најмногу ќе се веат, ќе бидат највидливи. Тоа се државните инсигнии – знамето, грбот и химната.   

Архитектот и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев е автор на дизајнот на македонското знаме кое е усвоено на 5 октомври 1995 година. Неговиот ангажман на проектот дошол директно од тогашниот министер за внатрешни работи, Љубомир Фрчкоски, кој во одреден дел бил уметнички директор на целиот проект. Сепак, како што вели, неговиот финален предлог е изменет и тој не со согласува со сегашниот изглед. Смета дека има „фалинки“ со кои не може да се помири.

„Не може човек со еден збор да каже дали е тоа гордост или е разочарување или е помирување. Демек „Ај се роди бебето, наше е па“ … Јас на одреден начин, до ден денес, не сум помирен со таа тешка ‘фалинка’ затоа што не е само неприродно туку и против логиката на одржувањето на државните инсигни и државните дизајни. Сите знамиња еволуираат, грбовите се дотеруваат“

Мирослав Грчев, автор на знамето

„Иронично, кај нас и луѓето и политичарите и институциите грешките што ги прават, ‘фалинките’, макар се и перверзни потоа ги чуваат и се фаќаат за нив како да се тие носител на идентитетот, а не она на што тие фалинки му штетат.

Пропустите се однесуваат на дизајнерскиот дел, но и на одредени политички игри. При стеснувањето на дизајнот не е направена корекција којашто е неопходна за зраците на знамето динамично и рамномерно да се шират од дискот. Токму затоа многумина граѓани велат дека знамето е „раскаљавено“. 

Присетувајќи се на времето кога се реализирал проектот, вели дека владеел голем ентузијазам да се искористи моментот да се претстави едно повторно раѓање. Но и покрај тоа што активно учествувал во процесите за создавање на визуелниот идентитет на државата, Грчев имал и сè уште има понаков став. 

„Ние не смеевме и не требавме да го менуваме знамето со коешто излеговме како победници од Втората светска војна и со коешто е направена македонската државност, знамето под коешто е кодифициран македонскиот јазик, воспоставена македонската културна посебност како рамноправна членка на таа голема, човечка заедница на народи, нации, култури, јазици. Тоа знаме по мене не смеевме да го напуштиме“, посочува тој.

Покрај критика на денешниот изглед на државното знаме, Грчев вели дека и првото знаме избрано во самостојна и независна Македонија, познато како сонцето од Кутлеш, било плод на политичка инфантилност. 

„Ѕвездата од Вергина беше класичен испад на државотворна незрелост којашто потоа моравме да ја платиме како да сме во некое класично школо, не удираа по прсти и моравме да го менуваме и тоа остана еве гледате, се влечка до ден денес“, вели Грчев за знамето од Вергина за коешто, кога е донесено, тој ги дизајнирал сите негови апликации. 

„Едно е да се одреди мотивот, а друго е после тоа да ги најдете сите негови внатрешни пропорции, односи на краци, помали-поголеми растојанија, диск, формат итн“, ја појаснува Грчев својата улога во „дотерувањето“ и на тоа знаме. 

Грчев исто така дал свој предлог и за грбот на Македонија којшто бил отфрлен уште на самиот почеток.

Грбот на полнолетството

И дебатата за грбот на Републиката тлееше и се менуваше низ годините од нејзиното осамостојување. Како по непишано правило, на секои десетина години, но и почесто, ова прашање стануваше главна тема во македонската политика.

За разлика од усвојувањето на другите државни симболи, знамето и химната, коишто беа усвоени една година по прогласувањето на независноста на Републиката, државниот грб со закон е изгласан дури 18 години подоцна, односно на нејзиното полнолетство во 2009 година.

Според пишувања на македонските историчари и хералдичари, грбот на Република Македонија, како што изгледа денеска е резултат на неможноста да се постигне консензус за негова посуштинска промена. Консензус кој сè уште е недостижен и по 30 години од отворањето на ова прашање во независна Македонија.

„Грбот е жртва на ниска политичка култура“, смета и професорот Грчев. Но, да одиме хронолошки. Постапката за избор на химната, знамето и грбот како државни симболи е започната пролетта 1992 година преку јавен конкурс.

За сите симболи пристигнати се вкупно 275 предлози од кои:

239

предлози за знамето

36

предлози за химната

Во текот на летото потесниот избор од предлозите се јавно претставени. И тогаш се отвора дебатата кај јавноста, кај хералдичарите и кај политичарите.  

Карактеристично за сите предлози за грб е што како елементи ги имаат сонцето и историскиот земски грб со лав во различни варијанти. Нивните крактеристики, обележја па дури и репродукции, бидејќи оригиналите не се зачувани, во детали ги објаснува хералдичарот и историчар, Јован Јоновски во текстот „Грбовите и другите форми на државни симболи предложени за Република Македонија и процесот на нивно усвојување 1992–2014“.

На 41-та седница на Собранието, 11 август 1992 година, изгласани се само „Денес над Македонија“ и знамето. Договорот за грбот, не бил постигнат бидејќи ВМРО-ДПМНЕ на маса го вратил предлогот за грбот со лав, пишува хералдичарот и историчар, Јоновски. 

Погледнете го прилогот за создавањето на „Денес над Македонија“

Потоа, прашањето на грбот е тргнато настрана. Повторно се отвора во 1995 година кога под притисок на Грција се менува знамето. Предлогот за знамето ја поминува парламентарната процедура, но не и предлогот за грбот. 

Професорот Грчев, покрај предлогот за знамето изготвува и соодветни дизајни за грбот, кои се штитови во црвена боја, со златна општа форма и круната на врвот. Но за нив воопшто не се дискутира.

Некои од предлозите на Грчев за нов грб на Македонија

„Грбот имаше логика да се осовремени. Затоа што грбот е класичен грб од таканареченото цело семејство на грбови на социјалистичките земји, земјите коишто беа наклонети кон левицата, кон социјализмот, коишто се создадени после Втора светска војна и во тоа време единствен модел беше грбот на Советскиот Сојуз. Потоа се направени голем број на грбови, со поголема или помала успешност, за разлика од југословенскиот којшто практично нема потреба да се менува затоа што е концептуален, тоа се факели, идеја на политички ентитети, вечни симболи итн. Овој нашиот, многу убав инаку е баш таков соцреалистички, пејсажен, композитен, со нашите тогаш во предвоеното време традиционални култури коишто се одгледувале и се извезувале, а тоа е тутунот и афионот“, вели Грчев.  

Обид за официјализирање на грбот на државата е направен и во 1998 година, но и тој е неуспешен.

Единаесет години подоцна, на 16 ноември без собраниска расправа, но со поддршка на 80 пратенички гласови, се усвојува новиот грб на Република Македонија. Новиот грб е всушност стариот грб кој се користи од 1946 година во Народна Република Македонија. Разликата е во тоа што се трга ѕвездата петокрака и класјето се спојува на врвот. 

Промената во грбот по осамостојувањето – отстранување на петокраката и продолжување на класјето

1. Грбот на Република Македонија претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. 

2. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.

Член 2 од Закон за грбот на Република Македонија (СВ 138/2009)

Осакатување на грбот, вака Грчев ја опишува промената на државниот симбол во 2009 година. 

„Донесувањето на измената и дополната на Законот за државен грб и да се црта грб во којшто се корне ѕвездата петокрака со којашто оваа држава, оваа Република, оваа култура е родена. Значи вон памет. Единственото објаснување за тој вандализам всушност е дека коалиционите партнери успеаа да се сложат единствено за тоа, тоа беше објаснување. Се сложиле за вандализам, за корнење. Не можеа да се сложат за ништо друго затоа што очигледно грбот им бил само монета за поткусурување“, вели Грчев. 

Но усвојувањето на староновиот грб без расправа, не значи и крај на дебата за промена на грбот. Таа паралено продолжува да се одвива. Голем број од предлозите во меѓувреме доаѓаат од партиите, но и од Грчев, а се карактеризираат со употребата на лавот како симбол на државниот грб. 

Грбот со симбол лав, станува официјален владин предлог во 2014 година. Црвен разгневен лав во златно – жолт штит со мурална круна во форма на тврдина во горниот дел. Во неговата подготовка учествува и хералдичарот Јоновски. 

Но и покрај отворањето и на јавната и на политичката дебата, предлогот не стигнува до Собранието. И денеска, по три децениска независност, не стивнуваат реакциите на што е пропуштено да се направи за заокружување на процесот за избор на државниот грб.

Денар по денар до монетарно осамостојување 

Со слободна, суверена и самостојна Македонија, започнуваат и процесите за воведување на првата македонска валута. Тогашната Комисија за монетарен систем ги разгледувала предлозите како да се именува валутата, во потесниот круг влегле: македонски динар, лав и денар. Одлуката паѓа на предлогот кој го дал академикот Петар Илиевски, „денар“.

Терминот денар во минатото се користел за употреба на пари од римската антика до средновековниот период на територијата на Македонија. Денарот, на латински „денариј“ е сребрена монета која првпат влегла во оптек околу 211 година пред нашата ера.

Академик Петар Илиевски, кумот на паричната единица „денар“

Денарот официјално беше прогласен за национална валута следната година по осамостојувањето, на 26 април 1992 година. За почетоците на монетарното осамостојување од Народната банка велат дека сè се одвивало во најстрога тајност.

„Заради тогашната чувствителна политичка реалност, дома и во поширокиот балкански регион, како и заради специфичната природа на овој сегмент од државното устројување, сите преземени активности биле спроведувани во најстрога тајност и далеку од сетилата на јавноста,“ посочија од НБРМ во одговорите за Види Вака.

На големиот христијански празник Велигден, од говорницата на Собранието, првиот претседател на Владата на современата македонска држава, Никола Кљусев, ги претстави испечатените транзициски пари.

Никола Кљусев ги претставува првите печатени парични единици.

 „Од денеска, 26 април 1992 година, со предложениот Закон за парична единица, Република Македонија воведува сопствена парична едицица, што ќе го носи името „денар“. Еве, задоволство е да видите, како се овие парични единици печатени.“

Никола Кљусев (прв претседател на Влада на РМ)

Истиот ден, бил изгласен Законот за Народна банка на Република Македонија и Законот за парична единица и за нејзина употреба. На 27 април, по претставувањето на паричната единица, започнала и замената на југословенските динари со домашната валута. Југословенските динари на 29 април 1992 година дефинитивно престанале да важат како номинално платежно средство, но југословенските кованите пари од 1, 2 и 5 динари, заради технички причини, продолжиле да се употребуваат уште 12 месеци.

Транзициски бонови (Споменик Македониум и Жени при жнеење жито)

Во градот под Марковите Кули – Прилеп, во печатницата „11 октомври“ биле дизајнирани и печатени банкнотите. Првото стандардизирано парично издание по осамостојувањето на Македонија е од 1993 година.

„Народната банка ги започнала подготовките за издавање непосредно по воведувањето на транзициското издание на вредносни бонови, а целата постапка завршила една година подоцна, со неговото пуштање во оптек. Со тоа, тогашниот монетарен систем на земјата го сочинуваа книжни пари со деноминациска структура од 10, 20, 50, 100 и 500 денари, заедно со металните ковани пари со вредност од 50 дени и 1, 2 и 5 денари, коишто исто така, беа пуштени во оптек во мај 1993 година,“ истакнаа од Народната банка на Република Македонија.

Педесет дени имаа за цел да ги задоволат најмалите разменски трансакции. Но, нивното постоење во готовински оптек го усложнувало извршувањето и пресметувањето на трансакциите. Па од оваа причина, во 2012 година Народната банка донесе одлука за нејзино демонетизирање, при што беше наложено одлуката истовремено да се спроведе во готовинскиот и безготовинскиот платен промет.

Кованица од 50 дени.

Споменикот Македониум, мотив од Крушево, Даут Пашин Амам, саат-кулата, НБРМ и Свети Пантелејмон од Скопје, Света Софија, Самоилова тврдина, Свети Јован – Канео и Народниот музеј од Охрид го претставуваа лицето и опачината на новите банкноти од 1993 година. Во оваа група, специјални заштитни елементи беше вклучен и приказ на географската карта на државата, видлива само под ултравиолетово светло. Кованиците содржеа стилизирана претстава на сонце, додека реверсите вклучуваа карактеристични репрезенти на македонскиот биодиверзитет.

За визуелните претстави на сите банкноти, за тоа што ќе се најде на предната и задната страна на македонските пари одлучува Советот на Народната банка.

„Дизајнот на книжните и кованите пари, односно, нивните основни белези и визуелни претстави се определуваат со Одлука на Советот на Народната банка, a на предлог на независна жири комисија составена од респектирани професионалци од областите на ликовната уметност, архитектурата, историјата, археологијата и нумизматиката, а по потреба и од други хуманистички науки, и којашто одделно се формира од страна на раководството на Народната банка при секое воведување ново парично издание или нов одделен апоен во оптек,“ кажаа од НБРМ.

И парите, како и останатите државни симболи од почетокот на монетарната историја на Македонија, претрпуваат измени три пати. 

Во 2016 година беа воведени две нови банкноти, 200 и 2000 денари. На нив се отсликани средновековната бронзена фибула (пронајдена близу Прилеп) и релјеф на Псалм 41 од Стариот завет (теракотна икона од Виница). Од другата страна се уметнички елементи од фасадата на Шарената џамија во Тетово и цветните дизајни на Исак-беговата џамија во Битола. Додека на 2000 денарите, на лицето се бронзениот артефакт во облик на афионова чашка (откриен во Сува Река, Гевгелија),  македонската невестинска носија од Прилеп, а на опочината е декорацијата на внатрешноста на позлатен сад (од XVI век) со два пауна покрај „изворот на животот”.

Две години подоцна, во 2018 година беа пуштени полимерните пари, книжните апоени од 10 и 50 денари. На овие полимерни десет и педесет денари, животниот циклус е подолг 3 до 4 пати, за разлика од хартиените банкноти.

Годинава, од 8 април стапи на сила Одлуката за издавање и печатење банкноти во апоени од 500 и 1000 денари со изменети белези, Република Северна Македонија.

„Од обврските коишто нашата држава ги презеде со потпишувањето на билатералниот договор со јужнососедна Грција, произлегуваат правно-формални и реални импликации коишто се однесуваат на преземање последователни активности за измени на обележјата на македонската национална валута, во делот на белезите со кои зборовно се означува името на нашата држава, а со тоа и на нашата институција. Оттаму, ваквите измени треба да бидат спроведени и на сите банкноти и сите ковани пари кои ги издава Народната банка, како на оние коишто се тековно во оптек, така и на сите оние што во иднина ќе бидат составен дел од монетарниот систем на современата македонска држава. Но, ваквите измени ќе се одвиваат постепено, при редовното надополнување на залихите на готовина и замена на банкнотите коишто ги имаат изгубено карактеристиките за соодветност за оптек. Дополнително, заради целосна информираност на јавноста, би појасниле дека и сите важечки претходно издадени банкноти остануваат во употреба сѐ дури ги поседуваат карактеристиките за соодветност за оптек,“ истакнаа од НБРМ.

Повлечи на лево или десно за споредба на првичната и променетата банкнота.

Како што се калеше македонската држава, така три децении се челичеше македонскиот народ преку неочекувани заплети, предизвици, успеси, но и промени во секојдневното делување. Во овие триесет години независна, суверена и самостојна Македонија, знамето, грбот, химната и монетарното осамостојување беа затекнати од тие заплети и предизвици.

Големите пера во македонската литература оставија аманет кој во секојдневното делување полека го забораваме и како од рака да ја испуштаме пораката на простата и строга македонската песна. Песната „Фуснота без повод“ на Гане Тодоровски, може го носи клучното прашање што три децении не успеваме да го одговориме:

„Ој, Македонијо,
колку ли уште ни треба
за да те домакедончиме?“

Facebook
Twitter
LinkedIn